Учебна година без учебници, осиромашени граѓани, препродавање на скапи лекови на грбот на најтешко болните – каде оди Македонија?
Ако училиштето е продуцент на идниот човечки капитал на едно општество, тогаш учебникот е еден од најнеопходните ресурси во процесот преку кој ќе се создава и ќе се развива тој капитал. Сведоци сме на парцијални решенија, главно на ниво на експерименти и на пилоти, на избрзано внесување наставни програми осудени на неуспех во нашето општество.
Овој третман на образованието говори многу за тоа какви приоритети во работењето има власта. Во фокус на државата се високата политика и партиските интереси, наместо двата клучни столба – образованието и здравството.
Скандалот со препродавање скапи лекови на грбот на најтешко болните, ги исфрли на површина малверзациите кои со години се случувале низ болничките ходници. Повиците за одговорност одекнуваат со сѐ поголема загриженост. Но, додека во фокусот се тековните истраги, голем број претходни афери во здравството остануваат нерешени.
Одговорност нема, ниту оставки, ниту грижа за народот. Просечниот Македонец сѐ повеќе осиромашува, притиснат од екстремно високите цени што удираат врз испразнетите џебови. Има ли пилот во авионот наречен Македонија? Ќе се промени ли некогаш урнисаниот систем или повторно ќе биде „кучињата си лаат, карванот си врви“!