Инфлацијата се намалува со бавно темпо, а џебовите на граѓаните забрзано се празнат. Цените на основните прехранбени производи ќе останат „замрзнати“ до Нова година, но дали ова ќе го подобри и онака опаднатиот животен стандард на просечниот граѓанин на државата? Бројките покажуваат дека Македонците од ден на ден сѐ повеќе осиромашуваат. Да се наполни фрижидерот и да остане така до крајот на месецот се чини стана невозможна мисија.
Оние со најниски примања, меѓу кои се и пензионерите, со месеци се веќе на улиците барајќи повеќе пари. Не само што не ги добија, туку Владата дури и се пофали дека се грижи за економските потреби на граѓаните, иако скрои буџет за сопствени желби. Во време на криза, промени се прават и во даночната политика. Граѓаните и фирмите кои и тоа како беа удрени по џебот во време на епидемиолошката и на економската криза, високата инфлација ги дотолчи. Секое ново наредно најавување на нови давачки, такси и обврски за нив значеше нова главоболка и „тенчење“ на трансакциските сметки. Компаниите ги дочека „студен туш“, дека треба и тоа како да го одврзат ќесето и да ѝ го вратат на државата она што го заработија во изминатите неколку години како екстра профит.
И додека црвениот аларм е вклучен, власта скрои буџет од 5,5 милијарди евра. Со досега најголемиот буџет, дали ќе се купуваат социјалниот мир и избирачи? Економистите и стопанствениците предупредуваат дека инфлацијата сè уште е висока, задолжувањето расте, а инвестициите тешко се реализираат. Дали се гледа некое светло кога тоне македонската економија во проблеми? Дали е тоа светло што доаѓа од крајот на тунелот или, пак, е светло што доаѓа од процеп во тунелот?