Ќе работиме на зајакнување на домашните производни капацитети со сериозни повеќегодишни и долгорочни инвестиции

Планираме реализација на капитални инвестиции со вистинска додадена вредност, така што одржливата, базна и домашна енергија ќе биде приоритет на новата Влада.

Сања Божиновска, министерка за енергетика, рударство и минерални суровини

Во следниот период ќе треба да се дооформи министерството, а со оглед на тоа дека буџетот го очекуваме во првата половина на август, ќе можеме да почнеме да функционираме по овој период. Приоритет ќе биде да остварам средби со учесници во енергетскиот сектор, со претставници на ЕСМ, МЕПСО, МЕМО, на рудниците кои имаат концесии. 

Има проекти кои се во застој на реализација и кои треба да се забрзаат. Ќе се работи и на донесување на законите за кои сме критикувани од ЕУ, ќе се зголеми соработката со интернационалните компании и секако ќе се настојува да се изградат нови капацитети кои ќе гарантираат енергетска стабилност и независност на државата, вели во интервју за Магазинот за туризам и менаџмент Сања Божиновска, која е на чело на новото Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини.

Македонија да биде енергетски независна – ова е вашата главна амбиција како министерка за енергетика. Ветивте дека во фокус во наредните години ќе бидат инвестициите, а не потрошувачката. Колку ќе  добие овој сектор на значење со новото министерство?

Енергетската сфера е една од клучните области важни за стабилен економски напредок на една земја. Токму затоа сите развиени земји вложуваат многу во енергетиката бидејќи од степенот на развој на оваа област, зависи развојот на целата економија. Колку е важна енергетиката како сектор најдобар доказ е неодамнешната економска криза до која дојде пред сѐ поради кризата во енергетиката. 

Енергетската сфера е една од клучните области за стабилен економски напредок на Македонија и токму затоа е формирана сосема нова институција – Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини. Дека конечно беше потребно формирање на вакво министерство е порака и од сите амбасадори, од странски институции и дури и од неодамнешниот министерски совет што се одржа во Босна и Херцеговина.

Во Македонија долго време овој сектор беше запоставен, а за оваа Влада енергетиката ќе има посебно место. Ќе се работи темелно за да можеме да дојдеме до енергетска независност на државата, што е од суштинско значење.

Бидејќи ова министерство ќе биде одговорно за целокупното работење во енергетиката, минерални суровините и во рударството, ќе работиме на зајакнување на домашните производни капацитети со сериозни повеќегодишни и долгорочни инвестиции во енергетска инфраструктура и капацитети кои ќе гарантираат енергетска стабилност и независност на државата, но и домашно производство на енергија како гарант за конкурентност на македонската економија. Планираме реализација на капитални инвестиции со вистинска додадена вредност, така што одржливата, базна и домашна енергија ќе биде приоритет на новата Влада. На овој начин најпрво ќе се намали увозот, а долгорочно, можеме да дојдеме до енергетска независност.

Имате амбициозни планови и стратегии, но и исто толку предизвици. Ќе се обидете ли да го постигне она во што ниедна претходна Влада не успеа – енергетска независност на државата? 

Најпрво секако треба да се дооформи министерството, да се подготви систематизација, да се изврши кадровско екипирање со стручни луѓе, на што работиме сега. Буџетот го очекуваме во првата половина на август, по што ќе можеме да почнеме да функционираме. 

Досега стотици милиони беа потрошени за набавки на гас, јаглен, енергија, а немаме сериозен енергетски капацитет. Токму затоа крајно време е да направиме државен план за изградба на енергетски капацитети, капацитети кои мора да вклучуваат производство на базна енергија, и сите да ја сфатиме енергетиката крајно сериозно.

Наша заложба ќе биде изградба на две когенеративни централи за гас и гасификација. Исто така, имаме план за изградба на ветерни паркови во Богданци и во Миравци и уште еден проект од 200 МВ. Со овие сопствени капацитети, земјата ќе има квалитетен енергетски систем. 

Еден од нашите приоритети ќе биде  доведување на „РЕК Битола“ во добра  кондиција. Свесни сме дека РЕК Битола за нас како држава е капацитет кој е од суштинско значење, но истовремено е многу стар производствен капацитет. Наша цел е и технички и технолошки да го модернизираме, да ги подобриме перформансите на производство, меѓутоа и да го намалиме загадувањето. Секако многу важно ќе биде уште поголемо искористување на обновливите извори на енергија со изградба на капацитети кои ќе ги гради државата, но и да се воспостави систем државата да ја откупува струјата од приватните фотонапонски централи и ветерните паркови. 

Покрај изградбата на нови производни енергетски капацитети, треба да се заокружи процесот на енергетско поврзување со соседите, односно да се заврши гасното поврзување со Грција, но и да се изградат реконектори со Србија и Косово, со што  ќе се обезбеди можност земјата да стане „енергетски хаб“ и да ги ужива придобивките од извозот на природен гас кон соседните земји.

Очекувам да се соочам со многу предизвици, но со добра организација и многу работа, се надевам дека ќе ги надминеме и дека сето она што го ветуваме ќе го реализираме. Енергетиката е област која се планира и се реализира долгорочно и реално е да кажеме дека децениските проблеми нема да можат да се решат веднаш и дека нема да дојдеме до енергетска независност преку ноќ. Но, многу е важно да се постават темелите.

Божиновска: „Планираме реализација на капитални инвестиции со вистинска додадена вредност, така што одржливата, базна и домашна енергија ќе биде приоритет на новата Влада.“

Божиновска: „Планираме реализација на капитални инвестиции со вистинска додадена вредност, така што одржливата, базна и домашна енергија ќе биде приоритет на новата Влада.“

Најавивте детална ревизија во работата на ЕСМ и МЕПСО. Ќе се стават ли под лупа сите сомнителни договори кои биле направени во четири очи? 

Детална ревизија е неопходна бидејќи двете компании се од суштинско значење за стабилно функционирање на електроенергетскиот систем. Но, исто така, од нивното работење зависи и цената на струјата која се испорачува до домаќинствата и малите потрошувачи. 

Во последните неколку години  и двете компании се соочуваат со превработеност, а исто така на јавноста Ѝ се познати и сите коруптивни зделки кои се правени во двете компании, посебно во време на енергетската криза која беше „оправдување“ за увоз на дополнителна енергија. 

Сведоци сме и на милионските долгови направени од неколку фирми кон МЕПСО. Повеќе од 12 милиони евра не се наплатени, а не постои ни изглед да се наплати барем едно евро, и никој не сноси последици за оваа штета, која на крај ќе ја плаќаат граѓаните. Затоа мора да се преземе одговорност и да се воспостави постриктна легислатива во однос на трговијата со електрична енергија. Во многу држави едноставно не постои можност да се има долг кон систем-операторот (државата) бидејќи постојат технички служби кои на дневна база ги следат трансакциите на сите фирми-трговци, и секогаш мора нивното работење да е покриено со банкарски гаранции. Реалноста е дека основани се нови фирми (со иста адреса, слично име на фирма, случаи каде што истите вработени се јавуваат како дел од новите фирми) и повторно работат. 

Нашата цел е од корен да направиме промени, да се обезбеди можност ЕСМ сам да тргува со струја без посредници и да се воведе ред во трошењето, да се намалат загубите на енергија, да се воспостави механизам да не постои можност за постоење ненаплатлив долг од трговците со струја кон државните енергетски компании со обезбедување соодветни банкарски гаранции и друго.

Јас веќе остварив средба со државниот ревизор, а кога ќе се изврши промена на раководствата, веднаш ќе се ангажира независна ревизија за да се утврдат реалната состојба и сите пропусти направени во изминатиот период.

Летово имавме незначителна промена на цената на струјата. Кои се очекувањата за следниот период? 

Цената на струјата минимално се зголеми. За домаќинствата во прв блок остана иста, во вториот блок се зголеми за 0,85%, во третит блок од 1,92 % и во четвртиот блок за 1,88%, додека евтината струја се зголеми за 0,65%. Ваквото минимално зголемување е направено затоа што како Влада реагиравме на информациите кои се појавија во јавноста дека цената на струјата ќе биде драстично зголемена од 1 јули, кога секоја година се утврдува нова цена на струјата, што инаку е во надлежност на Регулаторната комисија за енергетика. Иако не сакаме да се мешаме во работата на независните регулаторни тела, имаме одговорност да се грижиме за стандардот на граѓаните. Токму затоа група пратеници од Коалицијата „Твоја Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ достави Предлог-закон за дополнување на Законот за енергетика по скратена постапка кој гарантира дека нема да има ценовен шок и дека стандардот на граѓаните ќе биде заштитен.

Во наредните месеци, односно до 1 јануари од кога во иднина ќе почнува регулативниот период, ќе работиме интензивно да го реорганизираме енергетскиот сектор во Македонија. Но, за да се дадат поконкретни предвидувања, потребно е да се испитаат работењето на ЕСМ и состојбата на сите енергетски капацитети во земјата. Планот за следната година секако ќе зависи и од хидропотенцијалот и од потрошувачката на струја.

Божиновска со Н.Е. Метју Лосон, амбасадор на Велика Британија во Македонија.

Божиновска со Н.Е. Метју Лосон, амбасадор на Велика Британија во Македонија.

Неодамна присуствувате на самитот на шефови на држави и на влади на членките на Европската политичка заедница што се одржа во Лондон. Какви пораки беа испратени и за што разговаравте со вашите колеги од енергетиката?

На самитот на шефови на држави и влади на членките на Европската политичка заедница што се одржа во Лондон, учествував на тркалезната маса на тема енергетиката и регионалната поврзаност, на која зборуваше и премиерот Мицкоски.

Пред присутните беа изложени приоритетите на новата Влада во доменот на енергетиката и на енергетската безбедност, потребата од модернизација на постојните енергетски капацитети, намерите за понатамошно поврзување со соседните земји. Исто така, беше промовирано и новото Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини, преку кое нашата држава ќе настојува да се промовира како значаен енергетски партнер и потенцијална дестинација за инвестиции во обновливи извори.

На тркалезната маса инаку се зборуваше за постојните предизвици во делот на енергетиката со кои се соочува европскиот континент, пред сѐ, поради руската воена агресија врз Украина, нестабилноста на енергетските пазари и снабдувањето со енергенси како нафта и природен гас, а се дискутираше и за понатамошните чекори и соработката, преку кои би се намалиле штетните влијанија за стопанствата на европските држави.

Основна порака од самитот беше потребата од целосна енергетска поврзаност на земјите. Затоа е неопходна диверзификација, за што е потребно донесување стратегија со која ќе се обезбеди можност за добивање енергенси од различни патишта и извори како услов за енергетска независност.

Кои се Вашите следни чекори во поглед на Вашата нова функција? Дали треба многу да се менуваат работите?

Во следниот период, секако прво ќе остварам средби со учесници во енергетскиот сектор, со претставници на ЕСМ, МЕПСО, МЕМО, на рудниците кои имаат концесии. Има проекти кои се во застој на реализација, како што е гасниот интерконектор со Грција, електроенергетскиот со Албанија, гасификацијата на земјата. Приоритет ќе биде нивно интензивирање. Ќе се работи и на законската регулатива, односно да се донесат законите за кои сме критикувани од ЕУ, како Законот за енергетика и Законот за обновливи извори на енергија, како и формирање регистар за гаранции за потекло на електричната енергија.

Меѓу приоритетите ќе биде и зголемување на соработката со интернационалните компании за де се зголеми можноста за поголеми инвестиции во енергетиката, но притоа да се води сметка државата да има вистинска корист од тоа, без давање огромни повластици кои се на наша штета.

И секако, да се изградат нови капацитети кои ќе гарантираат енергетска стабилност и независност на државата, но и домашно производство на енергија како гарант за конкурентност на македонската економија.

Божиновска: „Имаме одговорност да се грижиме за стандардот на граѓаните.“

Божиновска: „Имаме одговорност да се грижиме за стандардот на граѓаните.“

Имате работно искуство во најголемите компании од пазарот на енергетиката и економските системи – каква е застапеноста на жените во тие компании? 

Кога во 2004 година почнав да работам, бевме само две жени во регионот. Посетував многу конференции каде што над 90%  од учесниците беа мажи. Во мојата работа имаше и многу патувања и негде до 2015 само во Грција и во Република Српска имаше жени на менаџерските позиции во енергетиката. 

По 20 години, процентот е зголемен. Еве, можам да кажам дека во Романија има повеќе жени во енергетскиот сектор, а во Србија и претходната и сегашната министерка се жени. Секако има уште многу за да се зголеми застапеноста на жените во компаниите, меѓутоа промените се започнати. Во Македонија, за жал, на раководните позиции во енергетскиот сектор нема ниту една жена, па се надевам дека ова ќе се промени.

Како експерт во енергетиката, имавте можност да живеете во Прага. Какви се вашите искуства од тој град? 

Прага е град во кој се преселив на мои 18 години. За овој период таа е трансформирана во сериозна метропола која може да се носи со сите европски метрополи. Градот сам по себе има вековна традиција и е еден од најдобро зачуваните големи градови во Европа и поради своето богатство, градот е познат и по прекарот „Златна Прага“. Градот е дом на многу познати атракции кои преживеале уништување во Европа во текот на 20 век, полна е со историски споменици и знаменитости кои ја сместија на самиот врв на европското и на светското наследство. 

Но, не се само историјата и традицијата тоа што ја прави Прага посебна. Таа во последните децении се претвори и во индустриски центар кој нуди многу можности за работа и професионално напредување. Според моето искуство, она што се цени е поседувањето квалитет. Воопшто не е важно од каде доаѓаш, секој добива шанса и на тебе е да се докажеш. Можеш да ги добиеш раководните позиции со многу труд и знаење, а политиката не е инволвирана во секојдневниот живот.

Денес стандардот во Прага е на завидно ниво, а и градот постојано се проширува. Се случуваат многу инфраструктурни проекти, многу настани од областа на културата. Едноставно, градот ги следи светските трендови. Исто така, образованието игра голема улога во развојот на населението и, секако, меѓународните искуства.

Божиновска: „Меѓу приоритетите ќе биде и зголемување на соработката со интернационлните компании

Божиновска: „Меѓу приоритетите ќе биде и зголемување на соработката со интернационлните компании"

Сте живееле на многу места надвор од Македонија. Кои земји би ги издвоиле како Ваш фаворит за шетање, па и за живот?

Патувањата се моја пасија бидејќи запознавањето различни култури, традиции, обичаи и навики ми внесува нова енергија. Навистина низ годините имав можност да престојувам на сите континенти и одблиску да го видам животот на другата страна на светот. Секоја земја е приказна за себе и секаде може да се најдат позитивни примери.

Сепак, ако ме прашувате кои се моите фаворити за шетање и живот, би рекла Шпанија и Португалија. И двете земји имаат мешавина од култура, богата историја и природна убавина. Според мене, без разлика дали сакате плажи, историја, интересна кујна или едноставно место за одмор од секојдневниот живот, овие две земји се идеален избор.

Image
Newsletter