Во Македонија лошо се живее. Според индексот на мизерија што ги мери невработеноста и растот на инфлацијата, граѓаните во нашата земја живеат помизерно од луѓето во Албанија, Бугарија, Србија, Хрватска и Босна и Херцеговина. Висока инфлација има и во балтичките земји, но таму стапката на невработеност е помала, што значи дека овие земји се помалку економско-социјално ранливи во споредба со Македонија.
Податоците дека сме на врвот по мизерија не се изненадување со оглед на тоа дека имаме највисока стапка на инфлација во целиот регион.
Индексот на мизерија покажува дека во Македонија луѓето едвај врзуваат крај со крај, ако се земе предвид податокот дека две минимални плати не ја покриваат потрошувачката кошничка.
Живејачката дополнително ќе поскапи и по Нова Година, кога се очекува нов раст на цената на електричната енергија и на парното.
Регулаторот сѐ уште калкулира за колку ќе поскапи струјата, но извесно е дека поскапување ќе има, најмалку за 10 проценти. Ова дополнително ќе удри по џебот на граѓаните на и онака тешките времиња и енормните поскапувања со кои се соочуваат.
За една година само храната поскапе над 30 проценти. Тоа што граѓаните го купувале пред 2 години за 500 денари, сега не можат да го купат ниту со 1.000 денари.