„Јазикот е единствената наша татковина. Сѐ додека го чуваме, го негуваме, го вардиме, го гледаме јазикот наш македонски, ќе може да сметаме дека ја имаме и татковината. Како куќа, како дом, како огниште“.
Оваа порака на македонскиот великан Блаже Конески силно одекнува меѓу Македонците, кои со сите сили се борат да си ги заштитат идентитетот и јазикот. Јазикот има стратешка важност за опстанокот на еден народ, за востановување на една нација и на една држава. Македонскиот јазик е македонски национален интерес, а не национален интерес на соседите.
Токму францускиот предлог ја вжешти атмосферата во Македонија. Илјадници Македонци секојдневно се на улиците искажувајќи револт против францускиот предлог. Главната порака е дека за македонскиот јазик не се преговара.
Како ќе го прошверцува власта францускиот предлог? Свесна ли е дека никој не го победил народот и никој не може против народот? Во ваков амбиент расте револтот кај граѓаните, кои се категорични дека не може со еден лист хартија да се дискутира за најважната работа во државата во наредните десетина години.
Граѓаните, експертите, невладиниот сектор и сите други засегнати страни побараа власта да организира дебата и да се даде време за транспарентност на целиот процес. Во спротивно, брзањето може да доведе до слепа улица од која нема враќање назад.
Додека јавноста сака да го види документот, надлежните велат протоколот ќе се објави откако ќе биде потпишан. Тоа би значело исто како кога студентите полагаат испит, прво да ги напишат одговорите, па професорот потоа да им ги објави прашањата.
Довербата е дефинитивно изгубена, а поделбата во општеството по овој бугарски диктат допрва ќе се продлабочува.