Менаџерската економија и можностите за влијанието врз националната мезоекономија во Македонија

Проф. д-р Сашо Кожухаров

Националната економија во Македонија е базирана на основните ресурсно и увознички ориентирани стопанства со високо зависно мезоекономско влијание. Мезоекономските интерконекции се дотолку условени што постојат четиринаесет мезоекономии: индустрија, рударство, енергетика, земјоделство, фармацевтика, банкарство, осигурување, здравство, образование и други, кои со своите меѓусебни специфични карактеристики силно се испреплетуваат. Многу е интересен фактот што во современите услови на стопанисување, особено во развиените економии, правдата како елемент на успешно раководење во голема мера придонесува компаниите да добијат позитивна слика во очите на опсерваторот односно комуникаторот. Непосредните негативни реперкусии кои би се појавиле, независно дали во однос на дистрибутивната правда или на дискриминацијата, влијаат недоволно ефикасно врз соодветниот развој или на комуникативниот спој со потенцијалните комуникатори, кои би имале намера на создавање на позитивната соработка со компанијата.

Начелото на дистрибутивна (мезоекономска) правда е условено со покачување на платата, унапредувањата, називите на работните места, работниот простор, задачите на самите работни места, како и со останатите ресурсни организациски можности меѓу членовите на организацијата на коректен и на праведен бизнис-начин. 

Распоредувањето на овие ресурси треба да се заснова врз реалните придонеси кои поединците ги оствариле или ги остваруваат, како што се времето, напорите, образованието, вештините и компетенциите, способноста, трудољубивоста, а не на ирелевантните лични карактеристики врз кои е неможно да се има контрола, како што се полот, расата или возраста. Менаџерите имаат обврска да обезбедат дистрибутивна менаџерска правда во соодветната организациона поставеност. 

Дали дистрибутивната менаџерската правда е вообичаена во организациите во нашата држава? Пред повеќе години, за разлика од денес, организациите сѐ повеќе се доближуваат до идеалниот начин на дистрибуирање на правдата. Статистиката која го споредува третирањето на жените и другите групи со третирањето на мажите покажува дека повеќето менаџери го заземаат приодот на проактивност за да постигнат дистрибутивна менаџерска правда во организацијата. Дефинитивно, ефективното справување со разновидноста е вистинскиот пат за остварување на организационо-профитабилен бизнис. Менаџерската економија е целосна и сеопфатна научна дисциплина, која не изискува некои особени претходни познавања од микроекономијата. Менаџерската економија не се задржува единствено на поткрепувањето на својата иманентност и супериорност над класичната економика на претпријатието, која е само нејзин дел, туку таа мора да го конципира најсложениот когнитивен сегмент на менаџерот: согледување на идниот, поблизок или подалечен амбиент во кој ќе се одвива донесената одлука во функција и со цел остварување профит.

Во современите услови на стопанисување, улогата на менаџерите во фирмите, непрофитните институции и во државните установи, станува сѐ позначајна, а барањата за унапредување на искористувањето на расположливите ресурси во сите видови организации станаа сѐ потранспарентни. Информациската ера на средината на деведесеттите години од минатиот век им создаде на менаџерите преоптоварување со информации, што доведе до парализирање на интуитивните анализи во донесувањето на одлуките. Динамичните  промени  во економското  опкружување  доведоа до отежнување  на процените  на понудата и на побарувачката  на пазарот, со што се потенцираше уште повеќе навременото и ефикасното подготвување, донесување и реализација на круцијалните извршни решенија на менаџментот. Во нашиот концепт, менаџерот е поставен за да ја овозможи интеграцијата на сметководствената, финансиската, маркетиншката, кадровската и производната  функција  преку  детерминирање на организационата структура на фирмата. Со оглед дека процесот на донесување менаџерски одлуки бара комплетно разбирање на економските и на статистичките односи, базичен e делот на економските релации, статистички концепции, како и техниките на оптимизација на одлуките. Анализата на трошоците и на производството се потенцирани со цел дефинитивно разбирање на менаџерските аспекти на економичната употреба, трансформација и алокација на факторите на работењето и степените на вработеност на фирмата. Планирањето на инвестициите и вложувањата во нови индустриски претпријатија е искористено како реален метод за примена на маргиналистичките анализи во долгорочното и стратешкото планирање и контрола не само за фирмата, туку и за потенцирање на виталната улога за општеството  како  целина,  со  оглед  дека  менаџерските  одлуки  за  инвестиционите вложувања придонесуваат кон алокација на функционалната употреба на изворите на финансирање и на приватниот и на државниот капитал. Микроекономијата се состои од студирање и анализирање на однесувањето на поединечните сегменти на економијата, како што се: индивидуалните потрошувачи, работниците и сопствениците на капиталот, индивидуалните фирми и пазари за стоки и услуги, како фирмите вршат утврдување на продажните цени, обемот на производството, пропагандните активности, истражувањето и развојот и како се донесуваат инвестициони одлуки. Иако економската теорија не е единствениот инструмент кој се користи од страна на успешните менаџери, таа е сепак многу битна и има силно влијание врз донесувањето и реализирањето на нивните одлуки, со кои ги постигнуваат целите на постоењето на фирмата, најчесто максимизирање на профитот. Профитабилните решенија бараат од луѓето да разберат како функционира реалниот свет, што често е премногу комплицирано за поимање без да се врши  упростување  и  генерализација  од  теоријата, која  им  овозможува да навлезат во комплицираните проблеми употребувајќи симплифицирани претпоставки со цел намалување на конфузијата. Апстрахирајќи го неважното, менаџерите, употребувајќи го економскиот начин на размислување за деловните промени, вршат предвидувања и објаснувања, кои се валидни во реалното деловно опкружување. Употребната вредност на менаџерската економија лежи во креирањето економски модели и анализи за создавање логистичка рамка која ќе се употреби при карактеризирањето и предвидувањето на менаџерското искуство во практиката. Менаџерската економија е, исто така, и мезоекономска наука, бидејќи нејзиниот дострел се огледа и во поврзаноста на претпријатието со стопанската гранка, областа, односно индустријата во која ја одвива својата активност, и тоа со компарација и надминување на своите евентуални неекономични и непрофитабилни состојби и движења во рамките на создадените економски структурни и организациони односи.

Планирањето на инвестициите и вложувањата во нови индустриски претпријатија е искористено како реален метод за примена на маргиналистичките анализи во долгорочното и стратешкото планирање и контрола не само за фирмата, туку и за потенцирање на виталната улога за општеството  како  целина, со  оглед  дека  менаџерските  одлуки  за  инвестиционите вложувања придонесуваат кон алокација на функционалната употреба на изворите на финансирање и на приватниот и на државниот капитал.

Природата и карактерот на менаџерската етика

Менаџерската етика се претставува во односот на менаџментот кон фирмата што ја води, како и кон сопствениците (акционерите). Во рамките на менаџерската етика, пред сè, лежи лојалноста и реалноста на вреднувањето на учеството на вештините на менаџерот во однос на остварувањето на профитот на фирмата. Многу често менаџерите се однесуваат неумерено и нелојално, трошејќи големи обем на неодобрени средства на сопствениците, или злоупотребувајќи ја својата позиција на врвно одлучување во функција на задоволување на своите потреби, кои не биле дефинирани со договорите за водење на фирмите.

Анализата на употребата на една едноставна, а сепак моќна метода за пронаоѓање оптимално ниво на бизнис-активности или кој било вид активност всушност претставува аналитичка техника која економистите ја нарекуваат „маргинална анализа“. Таа ја формира основата на теориите за максимален профит, производство, набавката на факторите за производство, асортиманот на продажбата, вклучувајќи го дури и однесувањето на потрошувачите. Зад  употребувањето  на  маргиналните  анализи  во  бизнис-одлуките стои идејата дека менаџерот при разгледувањето на одредена деловна активност треба повеќе или помалку да ја приспособи активноста кон реалните можности за да постигне најдобар резултат.

Менаџерот треба да процени како ќе влијае промената на бизнис-активноста врз добивката, но и врз трошоците на фирмата што произлегуваат од реализирањето на активноста. Ако промената на нивото на бизнис-активноста предизвика поголемо зголемување на добивката во споредба со зголемувањето на трошоците или алтернативно, поголемо опаѓање на трошоците од опаѓањето на добивката, тогаш нето добивката што фирмата ја добива од активноста ќе се зголеми. Под вакви околности менаџерите ќе продолжат со приспособување на нивото на активноста сѐ додека нето-добивката е остварлива, што значи активноста ја достигнала оптималната вредност или ниво.

Ова резонирање ја формира фундаменталната логика за донесување оптимални одлуки. Разбирањето на оваа логика, на менаџерите им овозможува да донесат добри одлуки, а во исто време да избегнат некои вообичаени типови на грешки при донесување бизнис-одлуки.

Image
Newsletter