Избори? Тема интересна за сите, а деталите малку познати во пошироката јавност. Постојано се зборува за тоа, сите знаат по нешто, но генерално никој не ги познава изборните правила. Во текот на секој изборен процес, информациите се пренесуваат на начин што некој кажал едно, па ако е тој некаков авторитет, тоа се прифаќа како точно и мора така да се постапува, без воопшто да се анализира суштината.
За да се направи разлика што е важно да се знае, треба да се разграничат домашната законска регулатива и светската изборна регулатива. Бидејќи често од неправење разлика помеѓу нив, се мешаат работите и стануваат уште понејасни. На пример, ние зборуваме дали да остане пропорционален систем или да се смени за мешовит евентуално пропорционален. Постарите граѓани, особено оние што се занимавале со тоа, знаат дека сме ги пробале сите и дека пропорционалниот дал најдобри резултати кај нас. Понатаму се зборува често за отворени листи и за една изборна единица/цела држава. Лично сметам дека отворени листи не се добри за Македонија бидејќи ние од самиот почеток на плурализмот резултатите ги дознаваме истата вечер, или евентуално следниот ден, а во овој процес со отворени листи броењето трае подолго. Ние реагираме ако резултатите не се објавени истата вечер туку наредниот ден, па се бараат причини зошто е тоа така, иако причини постојат, на пример, ако се работи за локални избори во прв круг каде што има повеќе кандидати за градоначалници и повеќе листи за советници, потребно е повеќе време да се пресметаат. Замислете да им кажете на граѓаните дека ако се воведат отворени листи, рокот за објавување на резултатите ќе биде една недела. Според мене, реакцијата би била многу лоша, а во јавноста би се создало мислење дека има некаков заговор. Од друга страна, не знам што би се добило со тоа, затоа што на онаа партија, партии или коалиција која победила на изборите, треба да ѝ биде доделен мандатот од страна на Претседателот на државата и таа да предложи состав на влада. Или, со други зборови, кој и да влезе во парламентот, врз основа на т.н. отворени листи, може да остане само пратеник. Тоа се прашања кои се решаваат со политичка волја односно договор на сите политички партии. Во текот на решавањето на тие прашања може да се земат примери како е тоа решено во други држави.
Што се однесува до нашиот Изборен законик, тоа е прашање што треба да се реши, исто така, со политички договор меѓу најголемите партии и да почне целосна измена и усогласување на овој законик, или, подобро, носење нов. Но и за тоа е потребна политичка волја, која досега недостасуваше. Неколку пати се правеа измени и дополнувања на законот по распишувањето, во согласност со препораките на ОБСЕ. Токму препораката бројот на собрани потписи да не изнесува повеќе од еден процент од запишаните избирачи во Избирачкиот список за општината и Градот Скопје, направи најголем проблем на локалните избори. Имено, Уставниот суд под притисок на неколку невладини кои учествуваат на избори ама немаат своја политичка партија и други учесници во изборите ги укина членовите 61 и 62. Поради таа одлука се доведе во прашање еден чувствителен дел, кој е многу важен особено за Локалните избори, детално опишан во Членот 62 од Законикот. Политичките партии на власт се обидоа да го решат ова прашање по распишување на изборите, односно пред започнување на постапката за собирање потписи, но повторно без политичка волја, прашањето остана отворено.
Државната изборна комисија се соочи со сериозно прашање! Всушност, по овие два члена доаѓа Постапката за собирање потписи за предлагање кандидат. Така, веднаш се постави прашањето дали е потребно да се спроведе таа постапка, бидејќи се укинати двата члена поврзани со неа, односно со Член 63.
Во тој момент мораше брзо да се дејствува. Со оглед на тоа што Државната изборна комисија се грижи за законитоста во подготовката и спроведувањето на изборите според Член 31 од Изборниот законик, таа беше должна да го реши ова прашање веднаш. Дел од членовите сметаа дека ова прашање не треба да се решава, а дел дека мора да се реши, со предлог дека, бидејќи ДИК не е законодавец, а мора да ја регулира постапката за собирање потписи, сите стејкхолдери што сакаат да учествуваат на изборите да соберат најмалку по два потписи. Тоа логично се наметна со множината која оперира законот. Со оглед дека имаше повеќе мислења, упатството за собирање потписи за предлагање кандидат се донесе со мнозинство гласови 6:1. Постапката се регулираше на тој начин, иако доби многу критики во јавноста, особено во стручната јавност. Сепак, ДИК цврсто остана на своите ставови. Од тоа зависеше одржувањето на изборите, но и други членови во законот со Членот 63, што значи дека, како што беше истакнато, ДИК мораше да го регулира тоа прашање. Со оглед на тоа дека иницијативата за испитување на уставноста мораше да заврши брзо, во меѓувреме Уставниот суд одлучи дека не само што Упатството на ДИК е во согласност со Уставот и Изборниот законик, туку ако комисијата не постапила така, во тој случај би направила противуставно дејствие. Подоцна, се покажа практично дека оваа одлука помогна многу во успешното спроведување на изборниот процес.
Да се надеваме дека во иднина ќе се најде политичка волја и политички консензус за формирање работна група во Министерството за правда и носење нов Изборен законик во корист на сите гласачи на Македонија.
