Новото доба: Балканска перспектива

Доц. д-р Благој Цонев, Новото доба: Балканска перспектива

Светска геополитика започна да се менува уште пред паѓањето на Берлинскиот ѕид и со потпишувањето на Малтешкиот меморандум, кој беше резултат на Самитот на бродот Горки во длабоките води на природното пристаниште на Валета во 1989 година. Малтешкиот меморандум е специфичен бидејќи со него се прераспределуваат сферите на влијание, започнува дисолуцијата на Советскиот сојуз и на некој начин, претседателите Џорџ Буш постариот и Михаил Горбачов овозможуваат државите од „Источниот блок“ да имаат мирна транзиција од тоталитаризам кон демократија, а со тоа и ширење на американската сфера на влијание во Европа.

Интересно е дека по Самитот во Малта, Русија како да се повлекува, се затвора во себе и изгледа како да сака да ги стабилизира економијата и својата како внатрешна, така и надворешна политика. Притоа, во самата Русија се случува Чеченската војна, на Балканот се распаѓа Југославија и се случува војната во Босна и Херцеговина. Талибанците во Авганистан успеваат со помош на определени американски конгресмени од типот на Чарли Вилсон да создадат база за истерување на и онака исцрпената советска армија, а со тоа и да ја етаблираат и да ја зацврстат власта, а Авганистан да го претворат во т.н. исламски емират.

Овие случувања траат до крајот на 1999 година, кога претседателот Борис Елцин објавува дека од 1 јануари 2000 година, ќе биде наследен од тогашниот премиер на Руската Федерација – Владимир Путин, кој е на власт во Русија до ден-денес. Во периодот на Елцин и на Путин се сменија седум американски претседатели, и сите освен тврдокорниот конзервативец Реган отворија нови фронтови на сите страни во светот. Буш постариот ја водеше Заливската војна, Клинтон ја бомбардираше Југославија, Буш помладиот изврши инвазии во Авганистан и во Ирак, Обама ги поддржа Франција и Велика Британија за војната во Либија и ги стимулираше Арапската пролет и војната во Сирија, додека на Бајден му се случи Украина. Сите овие војни се резултат од промената на геополитичкиот статус кво во светот и формирањето на новите политики за интегрирање на сите нации и народи во поголеми трансконтинентални организации како што е Европската Унија. Имено, иако на почетокот САД се противат на обединувањето на Европа, кон крајот на мандатот на Клинтон, сфаќаат дека тие можат да го одржат своето влијание во Европа само ако е таа обединета и ако имаат силно економско и воено присуство во балтичките републики: Полска, Украина, Романија, Бугарија, Турција, Ерменија и Грузија. На тој начин САД успеаја да формираат НАТО-обрач односно обрач од партнери на НАТО околу Русија и да ја истиснат земјата кон Исток со цел да се намали нејзиното влијание во Европа, како енергетско, така и културолошко и религиозно. Таа нова политика на САД создаваше еден вид анимозитет кај руските владејачки структури, што резултираше со експанзија на руските енергетски и металопреработувачки индустрии во Европа, но и со инвестирање во некои големи европски банки. Сепак, тој анимозитет заврши со анексијата на Крим во 2014 година, година од која се смета дека започнува да се имплементира и новата светска политика. Имено, ако во меѓународната политика Вестфалските мировни договори од 1658 година се сметаат за почеток на новата ера на националните држави, годината 2014 благодарение на кримската анексија се смета за почеток на најновата ера во модерната светска политика. Ова е ера во која војните повеќе нема да бидат конвенционални туку електронски, ера во која спротивставувањата ќе бидат на полето на информатичката технологија. Ера во која дипломатијата ќе мора да се трансформира од оној симпатичен, дури и харизматичен лик на британски или француски дипломати што се перфектно дотерани во одела од твид со двоен или Виндзорски јазол на вратоврската, во дипломати што се поагресивни и кои ќе имаат можност да бидат слушнати и видени, па макар и да се претставници на мали држави како што е Македонија. За жал, нашата дипломатија сѐ уште не може да еволуира ниту во 20. век, а новата политика се води веќе за тоа како ќе се позиционираат оските и центрите на моќ во 22. век. Таа нова политика започна да му носи на светот енергетски кризи, притаени инфлации, бегалски бранови, менувања на имиња на држави, интегрирање во воени сојузи. Новата политика и интеграциите, за кои сум лично голем поборник и приврзаник, мора да признам дека создаде слаби политичари, слаби без’рбетни лидери, особено во малите држави, кои сѐ повеќе и повеќе имаат отсуство од морал, но и од какви било патриотски начела што би ги употребувале за да ни ги водат државите. Новите политички предизвици создадоа политичари што се како општествен карцином, кој ако не биде отстранет од општественото ткиво, ќе метастазира и ќе нѐ доведе во ситуација во каква што била Кралството Полска на крајот на 18. и почетокот на 19. Век. Во тој период, од општествени паразити што себеси се нарекувале аристократија, полскиот народ не можел да издржи, се затворал во себе, а тие паразити што го претставувале, тогаш во Полска, денес општествениот гнилеж во сите балкански држави, едноставно заминале во Русија или во Прусија оставајќи ја на крај државата без власт. Така Полска е поделена од Русија и од Прусија, а таа поделба до ден-денес се рефлектира кај Полјаците преку нивните митови и колективна меморија дека Германците и Русите може да донесат само лошо. Истото, таа нова политика го прави и на Балканот. Исфрла на сцена паразити што ни ги водат државите, ние трпиме, војуваме, ако не конвенционално, тогаш умствено, а тие паразити само растат, се претворат во малигни општествени тумори што ако не ги отсечеме, ќе нѐ повлечат надолу во Адот, кога тие едноставно ќе си заминат на некои од нивните имоти во други, развиени држави. Затоа, новите политики во светот, не само што го преобликуваа целиот поглед кон политиката, туку создадоа една нова брутална политика, која иако се раѓа од правото, владее со него, односно го има запоседнато правниот систем во секоја од источноевропските држави и на тој начин ги манипулира сите оние наивни души што стремејќи се да бидат Европјани, склучуваат пакт со ѓаволот.

Кога сме кај интеграциите, Едвард Саид, професор на Колумбија, Палестинец, протестант, во Ориентализмот не само што го демистифицира Ориентот за разлика од Оксидентот, туку и го расчленува. Имено, Саид укажува дека Истокот или Ориентот не треба да се „вестернизира“, туку дека треба да се модернизира. Иако „вестернизацијата“ е побрза, полесна и само се увезува, сепак таа е штетна. Мохамед Реза Шах Пахлави, сакаше да го „вестернизира“ Иран, а заврши со Иранската револуција. Фарук I од Египет, сакаше да го „вестернизира“ Египет, а заврши со револуција. Затоа, треба да сфатиме дека „вестернизацијата“ не е модернизација и не е интеграција, „вестернизацијата“ е копија на нешто што го мислиме за идеално како општествена рамка. Наше е да се модернизираме. Не да ги менуваме културата или религијата, туку да ги модернизираме нашите сфаќања за политиката, за светот за различните култури и за економијата во целост. Ние, особено Македонците, мораме да сфатиме дека интеграциите во ЕУ не се за добро на Франција или на Шведска, туку за наше добро, бидејќи во океаните и морињата китовите и ајкулите пливаат сами, а тоа во меѓународната политика се САД, Кина, Русија, Британија, па и Индија. Но, делфините секогаш пливаат во јата, а во јата пливаат и малите сардини. Затоа, Македонецот, со големо М, мора храбро да застане на нозе, да каже не на лажните вредности што т.н. елита ни ги прикажува како „западни“ и да го започне патот на интеграција и модернизација на општеството. Македонецот, мора да се избори за владеење на правото, за пресумпција на невиност, за достоен живот, за достојни плати и пензии. Мораме да сфатиме дека ако сакаме да имаме здрави психички и физички поколенија, мора да се научиме да пливаме во јатото што е наречено Европска Унија. Само јатото ќе ни овозможи стабилна економија, и само јатото ќе нѐ претпази од војни и од политики кризи. За крај, само јатото што го нарекуваме ЕУ ќе успее да нѐ натера да го отстраниме општествениот карцином, да го исчистиме гнилежот од сите пори на македонското општество и да започнеме да создаваме нови идеи, нови визии и нови генерации што ќе бидат горди на сегашните.

Image
Newsletter