Одблиску со главниот уредник М-Р БИЛЈАНА ТРЕНДАФИЛОВА

Одблиску со главниот уредник М-Р БИЛЈАНА ТРЕНДАФИЛОВА

Сплотеност наместо поделби!

Tензични медиумски кавги, политички дебати и остри напади на социјалните мрежи ја искривуваат реалноста. Тоа често се должи на фактот што политичари, активисти и новинари се однесуваат како „опседнати“ со политички теми.

Но, пред да се почне со вперување прст кон виновникот и да се зборува за поларизација на општеството, вреди да се запре за миг и внимателно да се слуша што се зборува.

Зошто толку многу се зборува за поделби, поларизација и теории на заговор?

Едно објаснување е дека живееме во таканаречена медиумска демократија. Позитивно е што во дигиталново време, секој во секое време може да си го каже својот став. Тоа е благодарение на социјалните медиуми. Но, негативната страна на Фејсбук, Твитер, Инстаграм и слични на нив е неконтролираниот потенцијал да предизвикуваат тензии. Така, на сцена испливуваат прастарите рефлекси: колку сте погласни и понападни, толку повеќе внимание ќе добиете – загарантирано.

Сите сакаат и мораат своите пораки да ги прошират меѓу народот. Без социјалните мрежи, тоа е во денешно време незамисливо. Кој ги игнорира таквите инструменти, нема да биде чуен, виден и ќе биде претркан. Иако твитовите и објавите се најбрз пат да се разгласи одреден став, сепак преку класичните медиумски редакции, пред сѐ преку дебатните емисии, пораките стасуваат до милионска публика.

Во непрекинатата трка за поголем тираж, гледаност и кликови, главна алатка на новинарскиот занает се звучни наслови и претерувања. Кавги со аргументи „за" и „против" се нормални за демократско опшество, но сепак да отвориме очи и да размислиме пред да кажеме нешто. Наместо да подгреваме и да создаваме раздор, да сториме нешто за подобро утре на сите, сплотеност наместо поделби.

Image
Newsletter