Неопходна е самостојност на општините
При секоја моја посета на нашите општини, сѐ повеќе ми се потврдуваше потребата од организирање меѓународен форум на градоначалници. Чувството на неопходност произлегуваше од состојбите во кои се наоѓаат нашите општини, нашите општински згради, од недостатоците на нашиот систем, во кој градоначалниците се борaт да направат и да остават нешто за својата општина.
Можеби нема да можеме нешто веднаш да смениме, но за мене е значајно од некаде да почнеме. Да почнеме со гласно зборување, со прикажување на реалните состојби во кои се наоѓаат нашите општини и градоначалници и со барање решениија за предизвиците со кои се соочуваат.
На секоја општина мора да ѝ се даде целосно ослободување, и хоризонтално и вертикално, што значи моќ и средства за решавање на проблемите на својата територија. Неопходна е децентрализација на општините, јакнење на нивните капацитетите, неопходно е да им се даде моќ, но и да бидат повикани на одговорност. Градоначалниците треба и мора да имаат одврзани раце за владеење на својата територија.
Секој денар што ќе дојде од граѓанинот, треба да остане и да се инвестира во неговата општина, во местото во кое ги расне своите деца и внуци, за да му останат тука, а не да си ја бараат среќата далеку од своето родно место и од својата родна Македонија.
Едно семејство може да оди напред само ако главата на семејството, градоначалникот, има моќ да ги определува приоритетите и инвестициит и ако располага со средства за нивно реализирање. Зашто никој подобро од него не знае што е потребно во неговиот дом, во неговата општина.
Проблемите не се од денес, од вчера, но да почнеме да ги решаваме. Секој од нас може да направи мал чекор за нашите општини, за доброто на нашата татковина, нашата Македонија.