Од неисцрпен потенцијал до неизвесна реалност
Македонија е мала по територија, но е голема по туристички потенцијал. Таа е како сандаче полно со културни, природни и историски богатства што многумина би ги посакале, но малкумина ги препознаваат. Охридското Езеро – бисерот на Балканот, планинските врвови на Шара што го чекаат својот алпски момент, тиквешките лозја што раскажуваат вински легенди, и градови како Скопје и Битола што пулсираат со автентичност и контрасти – сето тоа е дел од мозаикот што го прави македонскиот туризам уникатен. Туристот со изострен вкус за автентични содржини, без сомнение би ја препознал и ценел уникатноста на оваа дестинација.
Историјата тука не е музејска тишина – таа живее во секој камен, икона и занает. Од Кокино до Хераклеа, од византиските фрески до османлиските амами и шарените чаршии, секоја локација зборува на свој јазик – јазикот на времето. Кога сето тоа ќе се вкуси преку македонската трпеза – со домашен ајвар и сирење, македонско вино и срдечно добредојде од домаќинот – тогаш туристичкото искуство станува спомен. Но, тука приказната застанува. Иако имаме злато под нозе, патот до успехот не е поплочен. Туризмот во Македонија останува под својата вистинска линија на развој. Ние не страдаме од недостиг од ресурси – страдаме од недостиг на визија, стратегија и на системска поддршка. За да стане туристичката понуда конкурентна, таа мора да биде добро структурирана, инфраструктурно поткрепена, стратешки промовирана и професионално поддржана.
Меѓу зборови и дела: туристичката стратегија на пауза
Факт е дека Македонија веќе четири години нема национална стратегија за туризам. Во еден глобализиран свет, каде што земји со слична, дури и поскромна понуда, забрзано инвестираат во дестинациски менаџмент, бренд-позиционирање, одржлив туризам и адреналински туризам, ваквата институционална празнина е алармантна и запрепастувачка. Без јасна визија и план, секторот се развива стихијно и зависи пред сѐ од ентузијазмот на поединци или од ад-хок проекти, додека државната поддршка останува фрагментирана. Неопходно е веднаш да се формира работна група составена, пред сѐ, од домашни теоретичари, но и практичари кои длабоко ја познаваат туристичката проблематика. Време е да се изготви Национална стратегија за развој на туризмот – визионерски документ што ќе гледа подалеку од еден мандат и ќе служи како темел за долгорочен и одржлив раст. Овој пат, стратегијата мора да се издигне над ситните интереси и партиски калкулации. Ако навистина сакаме туризмот да прерасне во сериозна економска гранка, мора да го третираме со сериозност, стручност и чувство за национален интерес. Неопходно е конечно да се донесе и нов Закон за туристичка дејност, кој не само што ќе ја уреди оваа сфера, туку и значително ќе го унапреди начинот на кој се практикува туризмот во земјата.
Искра надеж дека работите одат на подобро е формирањето на Министерството за култура и туризам пред една година, но сепак сѐ уште постои институционален вакуум. Министерството за култура и туризам е недоволно присутно на терен и слабо поврзано со реалните потреби на туристичката индустрија,. Министерството сè уште не располага со доволно стручни кадри, ниту пак со потребните ресурси и ефективна меѓусекторска координација. Без овие клучни елементи, институцијата останува пасивен набљудувач, наместо да биде активен и одговорен креатор на развојни политики. Оваа состојба сериозно ја сопира способноста за навремено и целосно решавање на проблемите што го кочат развојот на туризмот во земјава.
Сѐ уште останува нејасна улогата и ингеренциите на Агенцијата за поддршка и промоција на туризмот на Македонија. Наместо да биде активен и видлив партнер на туристичките чинители, таа се чини дека левитира некаде помеѓу административната апстракција и теренската реалност. Помеѓу предизвиците со кои секојдневно се соочуваат субјектите од туристичкиот сектор и потребата за конкретна поддршка и насочена промоција, агенцијата ретко успева да се позиционира како вистински столб на развојот. Туризмот не бара само брошури и саемски штандови – бара визија, стратегија и, пред сѐ, функционална институционална рамка која ќе биде двигател, а не само декор.
Сепак, мора да имаме разбирање за моменталната состојба, затоа што туризмот во изминативе триесет и кусур години беше сериозно запуштен. Наместо да добие заслужено внимание и место на пиедесталот, раководниот човечки потенцијал во оваа гранка стана заложник на политички препукувања и игри. Туризмот се претвори во поле на политички интереси и пазари, каде што развојот и квалитетот беа жртвувани заради краткорочни политички поени и удобност. Ваквата состојба резултира со изгубени можности и недоволно искористен потенцијал, што денеска тешко се надополнува. Македонскиот туризам не бара чуда – бара систем. А систем се гради со луѓе, знаење и време.

Студентски чекори низ градот што пулсира со историја и култура.
Урбана запуштеност и недостиг од саем: метафора на потценување
Фактот што Скопје е единствениот главен град во Европа без функционален саем, не е само инфраструктурна забелешка – тоа е силна симболика. Недостигот на саем значи и недостиг на визија за бизнис-туризам, за конгресна дејност, за вмрежување со меѓународни партнери. Туризмот не е само плажа или планина – тој е и настани, форуми, културни размени, иновации. Во момент кога туризмот глобално се движи кон искуствена и интелектуална понуда, Македонија не може да си дозволи да биде без модерна саемска инфраструктура.
Скопје е единствен главен град во Европа (освен микро главните градови) без функционален и модерен саемски простор. Тој податок претставува симболичен, но и реален показател за недоволно развиената туристичка инфраструктура во Македонија. Во време кога другите европски престолнини се натпреваруваат кој ќе понуди подобри услови за организирање на меѓународни саеми, конференции и изложби, Скопје не може ни да конкурира. Реалноста е таа дека на само 400 километри северно од Скопје за две години ќе се одржи најголемата светска саемска манифестација. Ова не само што значи загуба на приходи, туку и пропуштена можност за поврзување со светскиот бизнис, за промоција на домашни производи и за јакнење на имиџот на земјата како дестинација што нуди повеќе од традиционалниот туризам.
Затоа, отсуството на саем во Скопје е многу повеќе од празен простор – тоа е огледало на еден нереализиран туристички потенцијал.
Чистотата – најгласниот амбасадор на туризмот
Првиот впечаток не е црква или манастир. Првиот впечаток е улица, тоалет, канта за отпадоци. Во туризмот, големите стратегии паѓаат на мали, основни работи. Нема тајна формула за успех ако градот мириса на занемареност, а туристот уште при првиот чекор налетува на преполн контејнер или затворен јавен тоалет. Чистотата не е само прашање на ред и естетика – таа е првиот амбасадор на секоја туристичка дестинација.
Пред да се вкуси макдонската кујна, пред да се изгуби низ калдрмата на Старата скопска чаршија или да заплови по синиот спокој на Охридското Езеро, туристот најпрво го доживува просторот. Дали е чист? Дали е негуван? Дали градот ги почитува и себе си и својот гостин?
Расфрлан отпад, нефункционални јавни тоалети и деградирани јавни простори се реалност што не може да се прикрие со реклама. Пречистителни станици што постојат само на хартија – сето тоа не е само локален проблем. Тоа е слика што оди во светот. И што е најиронично, често туристите покажуваат поголема грижа за средината отколку дел од локалното население.
Но не е сè во ѓубрето и нечистотијата. Во срцето на Скопје, на симболот Камениот мост – спојот меѓу старото и новото, Истокот и Западот – секојдневно гледаме сцени што повеќе наликуваат на документарец од сиромашните делови на светот отколку на европска престолнина. Мали деца, боси и валкани, седат на камените плочи, удираат по тарабуки, додека од гласен звучник грми музика како да сте на пазар во некоја економски неразвиена централноафриканска земја. Тоа не е слика на автентичност – тоа е слика на запоставеност, негрижа и злоупотреба на деца.
Овде не е потребна само туристичка инспекција – тука треба да се вклучи Министерството за социјална политика, демографија и млади. Овие деца не припаѓаат на улицата, туку во образовниот систем, во заштитни програми, под надзор и грижа. Поради нечија незаинтересираност, тие стануваат жртви на системско игнорирање, а туристите сведоци на бедата која ја прикажуваме со рамнодушноста.
Овде не станува збор само за срам. Ова е прашање на здравје, екологија, безбедност и економија. Затоа е крајно време чистотата, редот и грижата за најранливите да не бидат само препораки, туку законска обврска. Со јасни регулативи, со инспекции што не затвораат очи, и со казни што не зависат од тоа кој чиј е.
Туризмот бара достоинство. Тоа достоинство почнува од најосновното – да живееме во чиста, здрава и уредна средина. Да не се срамиме од она што треба да е наша гордост. Да престанеме да се однесуваме како гости во сопствената земја. И да разбереме: туристите не се лажат со брошура. Ги добиваш со искрен и одговорен однос – од домаќините, институциите, и сите нас.

Студентски чекор низ македонската борба.
Дигитална тишина: Македонија офлајн
Во ера на визуелна комуникација, кога една Инстаграм-приказна вреди повеќе од билборд на Тајмс Сквер, Македонија сè уште нема централен, активен и професионално воден профил за промоција на туризмот. Примерите од Грузија, Португалија, Словенија, покажуваат како преку визуелни приказни, кратки видеа и автентична содржина може да се достигнат милиони потенцијални посетители. Дигиталниот маркетинг не е луксуз, туку основна алатка во глобалната борба за внимание. Време е Македонија да се дигитализира. Потребно е да се формира професионален тим што ќе ги креира и координира активностите на социјалните мрежи – Инстаграм, ТикТок, Јутјуб и Фејсбук – во тесна соработка со локални амбасадори, блогери и инфлуенсери, со јасна стратегија за промоција и дигитално присуство.
Скопје и недостигот на ноќен живот: Град што рано си легнува
Скопје, како главен град на Македонија, има огромен потенцијал да биде динамичен центар на култура, забава и туризам. Скопје некогаш беше синоним за културен ноќен живот. Сепак, денес градот ја чувствува силната празнина во сегментот на ноќен живот – сцена која во минатото беше препознатлива по кабареа, концерти на планетарно познати (не турбофолкерски) артисти и големи настани што привлекуваа гости од цел регион. Туризмот живее и ноќе. Кога туристот бара автентично искуство по зајдисонце, ние му нудиме молк.
Овој недостаток не е само културен проблем, туку и голема економска загуба. Ноќните клубови, фестивалите и концертите генерираат значителен економски бенефит, отвораат нови работни места и создаваат директен импакт за угостителството, транспортот и хотелскиот бизнис. Враќањето на живиот и разнолик ноќен живот како дел од имиџот на Скопје би ја активирало економијата и би го збогатило животот на граѓаните, но пред сѐ на туристите.

Младост пред вековна тишина: студентите на УТМС во манастирскиот комплекс „Св. Наум Охридски.“
Време е за нов почеток
Македонскиот туризам има потенцијал – но нема време за чекање. Неопходна е итна стратегија, професионализација на институциите, казни за запоставување на јавниот интерес и модерна дигитална промоција. Потребно е да се признае дека туризмот не е маргинална гранка, туку една од ретките можности за инклузивен и одржлив раст, со надеж дека ќе се одлепиме од дното на европскиот просек со учество на туризмот во националната економија од 2 до 3 проценти.
Со добро планирање, туризмот може да достигне една милијарда долари годишен приход – не како далечна фантазија, туку како реална цел. Потребно е само едно: да ја раскажеме македонската приказна – со гордост, искреност и зрелост. Да веруваме дека оваа земја вреди да се покаже и да делуваме како навистина да го мислиме тоа.
