Предизвици и очекувања во 2024 година

Предизвици и очекувања во 2024 година

На крајот на секоја година, за секого, особено  за луѓето од бизнис-заедницата,  нормално е да се направи ретроспектива на сето она што поминало, преглед на сите реализирани и нереализирани проекти, како добра основа за тоа што ќе следува и за она што може да се очекува во годината пред нас. Тој преглед е неопходен за да видиме до каде сме, каде би можеле да одиме и како би можеле да донесеме добри одлуки што ќе ни помогнат да ги надминеме сите неочекувани состојби и ризици во текот на следната година. Во контекст на тие анализи, слободно можам да кажам дека зад нас оставаме уште една турбулентна година исполнета со многубројни предизвици. Најважна задача за нас на Универзитетот Скопје беше стабилизирање на состојбите во периодот по пандемијата, справување со инфлацијата и одржување на курсот претставен во нашата мисија да создаваме, да спроведуваме и да одржуваме највисок квалитет во образованието. 

Со гордост можам да кажам дека Универзитетот Скопје во континуитет, па и во 2023 година, на студентите им го дава сето потребно знаење и ги насочува кон вистинските приоритети, со што придонесува кон создавањето подобра иднина во татковината, а воедно и во оформувањето квалитетни кадри неопходни за новите научни и професионални барања на општеството и на бизнис-заедницата. 

Универзитетот со кој раководам работи според методологија за стекнување знаења, вештини и компетенции што е синоним за највисоки стандарди и барања за квалитет, а која му обезбедува место во редот на универзитетите-лидери во Европа и во светот. На тој начин се стремиме да обезбедиме усвојување на применливо знаење кај студентите, видливост на струката во општеството и меѓународна препознатливост. Со тоа можам да кажам дека моите оптимистички прогнози од годината што ја оставивме зад нас се остварија, иако беше тешка и непредвидлива не само на економски, туку и на политички план. Беше напорна но мошне успешна година, со многу признанија и награди, какви што беа и климатските промени што ја одбележаа. Беше најтопла година, како ниту една друга досега.

Иако секое предвидување на иднината е многу неблагодарен и мошне ризичен чин, чин што зависи од многу променливи во актуелната политика, сепак моите очекувања за годината што е пред нас се темелат на економските и на политичките параметри поврзани со изминатата, но и со случувањата на глобален план, кои неминовно влијаат и на нас.

Во оваа, 2024 година централно место ќе заземат изборите во повеќе земји, со што ќе биде една од најзначајните години во историјата не само на домашната сцена, туку и во Европската Унија, САД и во Русија. Во околу 70 земји ќе се одржат национални избори, во САД претседателски, а во јуни граѓаните на 27 земји членки на ЕУ ќе гласаат на европските избори. Реални се очекувањата да надвладеат десничарските движење во Европскиот парламент, по што се очекуваат значителни промени кои би можеле да предизвикаат и геополитички шокови.  2024 година, освен во политиката,  носи многу предизвици во речиси сите области од животот. Во годината пред нас се очекуваат зголемување на бројот на конфликтите, хуманитарни кризи и прекршувања на човековите права, кои понатаму ќе предизвикаат бранови на раселување и ќе го намалат пристапот до приходи и до основни услуги за достоен живот за многу луѓе.  Затоа, во услови на политички и на економски песимизам, потребна ни е способност за силна адаптација на новонастанатите услови и преиспитување на сопствените човечки вредности, концепти и начин на размислување. 

Сепак, во приспособувањето кон новонастанатите состојби, лично гледам потенцијал за развој на нови вештини и знаења за развој на похумано и поодговорно општество. Тука некаде и на иста линија се и моите размислувања и очекувања во однос на нашата татковина. Република Македонија е една од земјите во кои оваа година ќе има двојни избори, парламентарни и претседателски. Македонскиот граѓанин во оваа, би рекол, клучна и историска година, со својот глас ќе го одреди курсот на нејзиното движење и ќе одлучи за нејзиниот опстанок. Сигурен сум дека по овие избори, не само Македонецот туку и Македонија ќе излезе како победник. Очекувам дека разумот кај секого ќе надвладее и дека излезноста ќе биде голема. Исто така, сигурен сум дека новата владејачка гарнитура по изборите ќе се зафати со сериозни системски промени поврзани со владеењето на правото и со развојот на економијата, ќе преземе мерки за ефикасна јавна администрација и за заштита на правата на секој граѓанин, неуморно ќе работи на унапредување на образованието, здравството и на културата или со една реченица, ќе му се посвети на просперитетот на државата. 

Миленковски: „Со гордост можам да кажам дека Универзитетот Скопје во континуитет, па и во 2023 година им го даде на студентите сето потребно знаење и ги насочи кон вистинските приоритети, со што придонесува кон создавањето подобра иднина во татковината“.

Миленковски: „Со гордост можам да кажам дека Универзитетот Скопје во континуитет, па и во 2023 година им го даде на студентите сето потребно знаење и ги насочи кон вистинските приоритети, со што придонесува кон создавањето подобра иднина во татковината“.

Во тој контекст, морам да издвојам една работа, а тоа е неминовната потреба од промени на политичкиот систем, особено во однос на распределбата на моќта. Според мене, досегашниот парламентарен систем се покажа како неефикасен и изложен на злоупотреба од страна на владејачките гарнитури. Затоа, лично се залагам за воведување претседателски систем како механизам за заштита од политичка имплозија, за воспоставување рамнотежа помеѓу трите столба на демократијата. Денес, кога имаме нескриена политичка и економска криза, кога довербата на граѓаните во институциите е на најниско можно ниво, кога сиромаштијата се зголемува и кога претставниците на власт се целосно делегитимирани, со еден збор, кога целото општество е на работ на пропаст, уште еднаш ќе нагласам дека единствениот излез се демократски избори по кои главен и основен приоритет на новите претставници на власта ќе им биде брзо и ефикасно оживување и заздравување на државата. 

Убеден сум дека ова и ќе се случи. Тоа прво мора да започне на полето на здравството и на образованието. Уште од најраната возраст, кога сѐ уште не сме свесни за важноста на кое било прашање во нашиот живот, првото нешто на кое родителите и наставниците му посветувале внимание било  да нѐ научат колку е важно да се биде писмен и образован, бидејќи само здрава и образувана личност е способна да придонесува и да биде двигател на сите општествени промени. Пристапот до квалитетно образование за секого е загарантирано и со закони, Уставот, Универзалната декларација за човековите права и со други меѓународни документи. 

Сакам да бидам оптимист и за ова прашање што го тишти нашето општество, а кое е дел од мојата сфера на интерес, моето занимање и мојата кариера, на кои сум им посветен целиот мој живот. За жал, морам да укажам дека како никогаш досега имаме уништено образование, немотивиран наставен кадар, разочарани родители и незаинтересирани ученици. Мојот оптимизам, пред сѐ, се однесува на подигнување на свеста за важноста на образованието како темел на општеството, но не како досега, кога ова приоритетно прашање секоја владејачка гарнитура го третираше на погрешен начин. Мојот оптимизам значи укинување на сите експериментални, набрзина и неквалитетно донесени и спроведени програми и решенија кои само го доуништуваа и онака еродираниот образовен систем. Очекувам и сигурен сум дека новата власт ќе се заземе за носење квалитетни закони за примарното, секундарното и за терцијалното образование. Закони и решенија што ќе обезбедат нашето образование да оспособува граѓани кои самостојно мислат, одговорно донесуваат одлуки, лесно соработуваат со другите и се способни самите да го планираат и да го градат својот натамошен развој, односно граѓани што ќе градат силно и модерно општество. 

Сегашната лоша и поразителна состојби во македонското образование не може да се подобри без квалитетни закони, без стратегија, без повлекување на штетната Концепција за основно образование, без издржани наставни програми, без квалитетни учебници и наставници, без реално одвојување финансиски средства за образование, без неопходната дигитализација, без подобрување на условите за развој на науката, без неформалното образование и можностите за доквалификација и преквалификација како начин да се надмине постојниот јаз помеѓу понудата и побарувачката на пазарот на трудот.

Миленковски: „На младите им порачувам да си ја сакаат оваа убава и мала држава, да си ја сакаат и да си ја почитуваат својата татковина бидејќи таа е една и единствена.“

Миленковски: „На младите им порачувам да си ја сакаат оваа убава и мала држава, да си ја сакаат и да си ја почитуваат својата татковина бидејќи таа е една и единствена.“

Воспитно-образовните и наставно-научните процеси треба да бидат во корелација со новите научни откритија, новите технологии и облици на комуникации во процесот на глобализација, а сепак да се темелат на националните вредности, традицијата, културата и континуитетот. Постојано зборувам дека на македонското образование му треба целосен „ресет“, од високото, преку средното, до основното образование. Тие се тесно поврзани, особено во делот каде што универзитетското образование се однесува на образованието на наставникот. Оттаму, не само што мислам, туку  убеден сум дека почитувањето на современите европски стандарди во образованието ќе биде во интерес и ќе биде приоритет на секоја владејачка гарнитура што ќе се устоличи по изборите. Тоа ќе биде тежок процес, но доколку од почеток не се постават работите  во вистинската насока, тешко се поправаат грешките што подоцна следуваат. Не треба да бегаме од предизвикот, вистинските чекори секогаш се придружени со тешкотии.

Образованието по автоматизам е поврзано со младите, кои се најголемото богатство и најголемиот ресурс на секое општество. За жал, продолжува нивното традиционално заминувањето од татковината, и тој тренд од ден на ден расте. Според сите истражувања, Македонија зазема високо место по одливот на високообразовани млади луѓе во светот. За овој проблем и за барањето посветла иднина во странство, младите наведуваат сѐ повеќе причини. Ние како одговорно општество мора да најдеме начин да ги задржиме дома, да останат свои на своето. Во секоја пригода, на младите им порачувам да си ја сакаат оваа убава и мала држава, да си ја сакаат и да си ја почитуваат својата татковина бидејќи таа е една и единствена. За возврат, татковината, односно носителите на власта, треба и мора да им понудат перспектива за иднината, услови за здрав раст и развој, за образование и работа, поточно, услови за живот достоен за еден човек. Наместо апатија и изгубена надеж, потребно е враќање на довербата, подобрување на животниот стандард и перспективи за нормален живот. Нашите млади заслужуваат квалитетно високо образование што ќе им го трасира животниот пат, заслужуваат квалитетно знаење што ќе им овозможи успешна кариера на работните места, а тоа е наша должност. За да се спречи оваа бела чума, приоритети на ресорните министерства треба да бидат спроведување мерки за вработување, самовработување, субвенционирање станбени кредити и, општо, подобрување на квалитетот на живеењето, но и создавање позитивна клима што ги истакнува предностите на животот во Македонија. 

Младите ги гледаме и преку сферата на туризмот, односно туристичкиот раст и развој на севкупната туристичката дејност. Во тој контекст, во време на закрепнување на туризмот во глобални рамки,  новата владејачка гарнитура треба да ѝ се посвети на реализацијата на првите три препораки на Светската туристичка организација при Обединетите нации и да обезбеди задолжителна државна помош за туристичкиот сектор. Пред сѐ, потребна е реална стратегија за развој на туризмот, значително инвестирање во инфраструктурата, плански подготвени маркетиншки потези и уште низа други мерки и решенија. За тоа е потребно вклучување на сите чинители во процесот, под водство и во ингеренции на едно ново министерство, министерство за туризам. Секако, ова министерство би имало приоритетна задача да ја усогласи домашната регулатива со регулативата на ЕУ од областа на туризмот преку следење на работата на Светската туристичка организација на Обединетите нации (UNWTO), како нејзина членка. Развојот на овој сектор ќе доведе до отворање нови работни места за младите покрај сите други и ќе отвори нови перспектива за останување во своето огниште.

Image
Newsletter