Веќе неколку години и тоа забрзано светот ја живее четвртата технолошка револуција за која е карактеристична т.н. дигитална трансформација. Дигитална трансформација е процесот на промена на организацијата од традиционален пристап во нови начини на работење и размислување користејќи дигитални, социјални, мобилни и развојни технологии. Вклучува промена во раководењето, начинот на размислување, охрабрување на иновација и нови бизнис-модели, дигитализација на капацитетите и зголемена употреба на технологија со цел подобрување на искуството на вработените, купувачите, добавувачите, партнерите, сопствениците итн.
Според Клаус Шваб, творец и претседател на швајцарската организација „Ворлд економик форум“, која го организира светскиот економски форум во Давос, „првата индустриска револуција ги впрегна водата и парната енергија за да го механизира производството. Втората ја користеше електричната енергија за да создаде масовно производство. Третата ја користи електрониката и информатичката технологија, за да го автоматизира производството. Четвртата револуција се одликува со спојување на технологијата што ги замаглува линиите помеѓу физичката, дигиталната и биолошката сфера“.
Пошироко гледано, дигитална трансформација се однесува на промените поврзани со примената на дигиталната технологија во сите аспекти на општеството. Дигиталната трансформација може да се објасни како трета фаза на прифаќање на дигиталните технологии по дигиталната подготвеност и дигиталната писменост. Последната фаза подразбира дека користењето на дигиталната технологија само по себе овозможува нови типови иновација и креативност наспроти само зајакнување на традиционалните методи.
За разлика од третата технолошка револуција, која доведе до т.н. информатичко општество, во случајот станува збор за целосно редефинирање и воведување сосема нови концепти и парадигми во секој аспект на човековото живеење. Нивното истражување, примената и усвојувањето се предизвик на секое општество, па во тој контекст и на нашето. Притоа, интересот на компаниите е многу јасен и извесен, но и интересот на државните органи и на јавните институции е неспорен. Врз основа на тоа, јасно е дека за дигиталната трансформација на нашето општество се потребни стручњаци што ја владеат оваа проблематика, и тоа од повеќе аспекти.
Местото и улогата на универзитетите во следната фаза од нивниот развој всушност е и нивна трансформација во универзитети кои во својата дејност ќе ги имаат токму целите на дигиталната трансформација, како од научен, така од образовен и, секако, од апликативен аспект.
ДИГИТАЛНА ТРАНСФОРМАЦИЈА
Дигитизацијата, дигитализацијата и дигиталната трансформација се термини што често се користат контекстуално, но од клучно значење е да се разбере секој поим. Разбирањето на разликите помеѓу дигитизацијата и дигитализацијата е суштинско при развој на стратегија на организацијата. Ова е последица на поранешното користење на терминот дигитализација за она што сега го нарекуваме дигитизација. Дигитизацијата е процес на трансформација на информациите од физички формат во дигитална верзија. Додека дигитализацијата е практика на користење на технологијата за подобрување на корпоративните процеси. Накратко, дигитизацијата се однесува на информации, додека дигитализацијата се однесува на процеси.
Дигитизација
Дигитизацијата и дигитализацијата се одвиваат паралелно со цел организациите дигитално да се трансформираат, што овозможува поголема агилност и подобрување на перформансите воопшто. Дигитизацијата е процес на трансформација на информации од физички формат во дигитална верзија. Дигитизирањето се однесува на чинот на трансформирање на нешто што не е дигитално во дигитално претставување, а што компјутерските системи можат да го искористат за да ги автоматизираат операциите или работните текови. Гартнер го дефинира како: „дигитизирањето е процес на менување од аналогна во дигитална форма, познат и како дигитално овозможување. На друг начин, дигитизацијата зема аналоген процес и го менува во дигитална форма без никакви поинакви промени во самиот процес“.
Целта на дигитизацијата е информациите да ги направи полесно достапни, складирани, одржувани и споделени. Преку дигитизацијата, организациите можат да ја зголемат ефикасноста на своите деловни операции и да ги автоматизираат секојдневните активности.
На пример, во дигитално претпријатие, се дигитализираат информациите со скенирање и конвертирање на хартиени документи во дигитална верзија, како што е PDF. Ова е често проследено со примена на софистицирани методи (OCR) за да им се овозможи на компјутерските системи да го препознаат контекстот на документот. Излезите на овој дигитален формат ќе бидат влезови во работниот тек, деловниот процес или корпоративен систем на претпријатието, како што е, на пример, системот за управување со документи.
Дигитизација
Дигитализацијата по дефиниција е употреба на дигитална технологија за трансформирање на моделот на организацијата со цел да се подобрат приходите и шансите за дополнителна додадена вредност. Тоа е процес на преминување во дигитален бизнис. Дигитализирањето е процес на приспособување на старите деловни модели на новите технологии и го опфаќа потенцијалот на дигиталната технологија да прибира податоци, да идентификува модели и да овозможува ефикасни деловни одлуки. Опкружени сме со дигитализација, без разлика дали е тоа преку социјалните медиуми, уличното рекламирање или апликациите за паметни телефони. Дигиталните податоци станаа суштинска компонента на нашиот секојдневен живот.
Дигиталноста бара дигитализација на информациите. Организациите не можат да тргнат во процес на дигитализација ако немаат дигитални средства, а автоматизацијата е еден од најефикасните начини за нејзино спроведување. Една од најголемите придобивки од автоматизацијата е способноста да се автоматизираат деловните правила. Тие се клучни за непречено одвивање на секој бизнис, поставуваат цели, обезбедуваат стандарди за извршување на работата, ја следат усогласеноста и им помагаат на организациите да ги автоматизираат операциите.
Организациите низ светот ги приспособуваат своите операции за да бидат дигитално компатибилни. Многу бизниси веќе се променети или инвестираат во нови деловни модели. Примери за ова има во комуникациите, музиката, е-книги, онлај- купување и друго. Оваа промена нема да одмине ниту една област.
Бизнисите мораат постојано да се менуваат за да останат одржливи. Во сегашниот дигитализиран свет, организациите немаат друг избор за успешност без визија на движење кон дигиталната трансформација. Како резултат на дигитализацијата несомнено е дека организациите ќе работат поефикасно, со намалени трошоци и со зголемено производството. Накратко, дигитализирањето е процес на искористување на дигитизацијата и трансформирање на деловните процеси во дигитални.
Дигитализацијата ги зголемува ефикасноста и производството и ги намалува трошоците. Тоа го подобрува, наместо да го трансформира постојниот деловен процес или процеси. Всушност, таа конвертира процес од настан управуван од човек во настан управуван од софтвер.
Еден од врвните примери на дигитализација се промените во автомобилската индустрија од автомобил со гориво во електрично возило управувано од софтвер (Tesla). Во филмската индустрија, дигитализацијата создаде сосема нови деловни модели. Еден од најпознатите примери за дигитализација е „Netflix“, компанија за дигитални медиуми на која дигитализацијата и овозможи да го изгради својот модел базиран на претплата и потоа да го интегрира преку платформи како што се интернет, „App Store“, паметни телевизори и други.
Дигитална трансформација
Иако луѓето често го користат терминот „дигитализација“ за работи што се однесуваат и на дигиталната трансформација и на дигитализацијата, двете не се синоними. Дигиталната трансформација бара многу поширока употреба на дигитални технологии, како и промена во културата. Луѓето се „поважни“ од технологијата кога станува збор за дигитални промени што подразбираат организациски реформи насочени кон клиентите кои се поддржани од највисокиот менаџмент, водени од радикалните предизвици на корпоративната култура и од сеопфатна употреба на технологијата.
Терминот „дигитална трансформација“ се однесува на промена во деловната активност, моделот и во компетенциите со цел да се искористи новодостапната технологија. Организациите минуваат низ дигитална трансформација бидејќи прифаќаат нови и креативни деловни модели засновани на технолошкиот напредок. Тоа е процес на фундаментално менување на сѐ што користи дигитални технологии и што се однесува на употребата на технологијата и, можеби, културните промени за подобро или замена на она што претходно било достапно. Дигиталната трансформација може да им помогне на бизнисите да прераснат во нови области, да воведат нови добра и да привлечат нови клиенти. Исто така, се однесува на претворање на дигиталните податоци во функционални увиди и последователно трансформирање на начинот на кој се работи или се донесуваат одлуки.
Дигиталната трансформација е процес, а не еднократна активност. Таа овозможува нови деловни модели и го менува начинот на кој се водат бизнисите.
ДИГИТАЛНИ ТЕХНОЛОГИИ
Развојот на компјутерските технологии и концепти сѐ повеќе ја овозможуваат и ја олеснуваат дигиталната трансформација. Некои од овие технологии, во духот на комплетната информатичка технологија, не ги решаваат проблемите на подобар начин од претходно, туку едноставно овозможуваат решавање на проблемите што претходно воопшто не биле решавани. Во продолжение ќе бидат адресирани некои од најпознатите и најкористените технологии за примена во дигиталната трансформација.
„Cloud computing“
Cloud computing (пресметување во облак, облак-компјутери) е технологија која овозможува достапност на компјутерски системски ресурси, особено за складирање податоци (складирање на клауд) и компјутерска моќ, без директно активно управување од страна на корисникот. Cloud computing се потпира на споделување ресурси за да се постигне кохерентност и вообичаено користи модел на плаќање, кој може да помогне во намалувањето на капиталните трошоци. Застапниците на јавните и хибридните облаци тврдат дека облак-компјутерите им овозможуваат на компаниите да ги избегнат или да ги минимизираат трошоците за сопствена ИТ-инфраструктура. Поддржувачите, исто така, тврдат дека cloud computing им овозможува на организациите да ги активираат своите апликации побрзо, со подобрена управливост и помалку одржување, и дека им овозможува на ИТ-тимовите побрзо да ги приспособат ресурсите за да одговорат на флуктуирачката и непредвидлива побарувачка, обезбедување скалабилна компјутерска способност: висока компјутерска моќ при одредени периоди на интензивна побарувачка. Постојат три варијанти на примена на оваа технологија: IaaS, PaaS, SaaS.
Инфраструктура како услуга (Infrastructure as a service – IaaS) е основниот модел на cloud computing услуга, каде што на корисникот му се дава можност за користење (под наем) на информатичка инфраструктура (сервери, мрежна инфраструктура, главно виртуелна платформа, центар за податоци, оперативни системи). Може да покрене различна програмска поддршка, од оперативен систем до апликација, и тој одговара за одржување на софтверот.
Платформа како услуга (Platform as a service - IaaS) е услугата која се однесува на развојна околина и потребен пакет на софтверски потсистеми. PaaS е ниво над IaaS. Корисникот има контрола над апликациите и на посредничкиот слој, додека сервисот на услугата клауд се грижи за останатите технички слоеви.
Софтвер како услуга (Software as a service -SaaS) на корисникот му овозможува употреба на достапни апликации кои се наоѓаат на инфраструктурата на облакот на cloud computing услуга. Апликациите се достапни преку интернет од различни уреди на корисникот. Апликациите можат да бидат бесплатни, а доколку се плаќаат, најчестиот модел е претплата, месечна или годишна. Провајдерот на cloud computing услугата има контрола над комплетната инфраструктура, додека корисникот може да дефинира права на пристап од сопствената компанија. Корисникот нема инвестиции за софтвер и хардвер, како ни услуга за одржување на инфраструктурните системи, за кои е задолжен провајдерот на cloud computing услугата.
Internet of Things
Internet of Things (IoT) е поим што се однесува на интернет на интелигентни уреди, технологија на ефикасно поврзување на дигитален и физички свет односно поврзување на сензори и активатори од реалниот свет со интернет, или систем на механички и дигитални машини што овозможуваат податоците да се пренесуваат преку интернет. На тој начин, со овие уреди се овозможува дигитална интелигенција односно се дава можност без посредство на човек, да се користат потребни податоци и да се анализираат за различни потреби во реално време, со помош на уредите кои сами можат да ја регулираат својата работа. Денес, паметните уреди се во широка употреба - паметни телевизори, термостати, фрижидери, системи за видеонадзор со сензори, паметно осветлување и греење, чие регулирање се врши по пат на телефон или на компјутер, паметни куќи и паметни градови. IoT-технологијата при дигитална трансформација се користи во земјоделието, фабриките, сообраќајот и во други области.
Big Data
Дефиницијата за Big Data е збирка на податоци што содржи голема разновидност, пристигнувајќи во зголемен обем и со поголема брзина. Едноставно кажано, Big Data се поголеми, посложени сетови на податоци, особено од нови извори на податоци. Овие збирки на податоци се толку обемни што традиционалниот софтвер за обработка на податоци едноставно не може да управува со нив. Но, овие огромни количини на податоци можат да се користат за решавање на деловните проблеми кои претходно не би можело да се решаваат.
Big Data значи обработка на големи количини на неструктурирани податоци со мала густина. Тие можат да бидат податоци со непозната вредност, како што се податоци од „Facebook“, преноси на кликнувања на веб-страница или мобилна апликација или опрема со сензор. За некои организации, содржат десетици терабајти податоци, за други, тоа може да биде стотици петабајти. Брзината со која податоците се примаат и (можеби) се постапува со нив е важна, зашто некои паметни уреди работат во реално време или речиси во реално време и ќе бараат проценка и акција во реално време. Традиционалните типови на податоци беа структурирани и уредно се вклопуваа во релациска база на податоци. Со Big Data, податоците доаѓаат во нови неструктурирани типови на податоци. Неструктурираните и полуструктурираните типови на податоци, како што се текст, аудио и видео, бараат дополнителна обработка за да се добие значење.
Artificial intelligence
Вештачка интелигенција (ВИ), е способност на дигитален компјутер или компјутерски контролиран робот да извршува задачи кои вообичаено се поврзуваат со интелигентни суштества. Терминот често се применува на проект за развој на системи што располагаат со интелектуални процеси карактеристични за луѓето, како што е способноста за расудување, откривање значење, генерализирање или учење од минатото искуство. Од развојот на дигиталниот компјутер во 1940-тите, се покажа дека компјутерите можат да се програмираат да извршуваат многу сложени задачи со големо знаење, како на пример, откривање докази за математички теореми или играње шах. Сепак, и покрај континуираниот напредок во брзината на компјутерската обработка и капацитетот на меморијата, сè уште нема програми што можат да одговараат на човечката флексибилност на пошироки домени или во задачи кои бараат многу секојдневно знаење. Од друга страна, некои програми ги достигнаа нивоата на перформанси на човечки експерти и професионалци во извршувањето на одредени специфични задачи, така што вештачката интелигенција во оваа ограничена смисла може да се најде во различни апликации како медицинска дијагноза, компјутерски пребарувачи и препознавање глас или ракопис.
Machine learning
Machine learning (машинско учење), во вештачката интелигенција e дисциплина која се занимава со имплементација на компјутерски софтвер кој може да учи самостојно. Експертските системи и програмите за податочно рударење се најчестите апликации за подобрување на алгоритмите преку употреба на машинско учење. Меѓу најчестите пристапи се употребата на вештачки невронски мрежи (пондерирани патеки за одлучување) и генетски алгоритми (симболи развиени и уништени од алгоритми за да се произведат последователно подобри програми).
Data science
Data science (наука за податоци) ги комбинира математиката и статистиката, специјализираното програмирање, напредната аналитика, вештачката интелигенција (ВИ) и машинското учење со експертиза за специфична тема за да открие сознанија скриени во податоците на организацијата. Овие сознанија можат да се користат за донесување одлуки и стратешко планирање. Забрзаниот обем на извори на податоци, а потоа и податоците, направија науката за податоци да биде една од најбрзорастечките области во секоја индустрија. Организациите сѐ повеќе се потпираат на стручњаците во оваа област за да ги интерпретираат податоците и да дадат активни препораки за подобрување на деловните резултати.
Вообичаено, еден проект за наука за податоци ги поминува следните фази: внесување податоци, складирање и обработка на податоци и анализа на податоците.
Ова истражување и анализа на податоци подразбира генерирање хипотези за тестирање, утврдување на релевантноста на податоците за употреба во рамките на напорите за моделирање за предвидлива аналитика, машинско учење и/или длабоко учење. Во зависност од точноста на моделот, организациите можат да се потпрат на овие сознанија за донесување деловни одлуки. Кај нас вакви проекти главно реализираат телекомуникациските компании и банките.
ДИГИТАЛНИ ЛУЃЕ
Тезата дека луѓето се клучни за дигитална трансформација воопшто не е нова, како и за секоја друга работа. Промените во голема мера се случија во три главни области: интеракции со клиентите, синџирот на снабдување и внатрешните операции.
Сепак, претходните истражувања покажаа дека стапката на успех за дигиталните трансформации е ниска. Причините за неуспехот на дигиталните трансформации можат да бидат различни, но, многу од овие причини можат да се сведат на само една: луѓе. Таквите трансформации честопати не успеваат затоа што повеќето организации забораваат дека овие критични иницијативи – од развивање визија и изработка на стратегија до нејзино доставување до остатокот од организацијата и нејзино извршување – прво се однесуваат на луѓето.
Во овој дел ќе бидат наведени лидери и вработени како клучни за успехот на дигиталната трансформација на секоја организација.
Лидери
„Ако мислите за дигиталната трансформација како два збора, ние посветуваме премногу внимание на зборот дигитална и недоволно на зборот трансформација. Тоа не е технолошки предизвик, тоа е лидерски предизвик“.
Д-р Џорџ Вестерман, виш предавач, школа за менаџмент на МИТ Слоан
Дигиталната трансформација не е само прифаќање на технологијата. Станува збор за користење на технологијата за трансформирање на деловните процеси, моделите и организациската култура. Станува збор за користење на можностите на технологијата за да се замислат нови деловни модели, пазари и поефикасни начини за привлекување, ангажирање и испорака на вредност на клиентите. Ова е причината зошто организациите што се фокусираат на ставање талентирани и компетентни луѓе на клучни позиции на почетокот на нивните проекти за дигитална трансформација имаат поголема веројатност да забележат успех.
Добрите лидери имаат јасна визија за дигиталниот пат што организацијата мора да го помине и способност да ги инспирираат вработените да работат на тоа. Кога ќе се појават тешкотии, тие можат брзо да се приспособат, но и да ја приспособат и стратегијата додека ја имаат на ум големата слика. Добрите лидери инвестираат во луѓе кои можат да ја користат технологијата за да се исполнат целите на организацијата. Тие ги штитат организациите од скапите предизвици во борбата за иновации, каде што се трошат ресурси за поттикнување на иновациите, без ефекти и конкретни резултати.
Некои истражувања покажуваат дека во просек, компаниите имаат најчесто два до пет дигитални лидери. Затоа е важно организациите јасно да ги дефинираат улогите и одговорностите на секој дигитален лидер. Сите во организацијата треба да се запознаени кој е на „возачкото седиште“ во однос на проектот за дигитална трансформација.
Вработени
Придобивањето на вработените е од клучно значење за успехот на секој проект за трансформација, независно дали е дигитален или не. Кога организациите не успеваат да ги ангажираат вработените во предложените трансформации, тие ризикуваат активирање на она што може да се нарече „иновациски антитела“. Тие се активираат кога вработените ќе ја перципираат како закана за „статус кво“ од барањата на предложената промена и ѝ се противставуваат, намерно или потсвесно.
Ова не е единствената причина зошто придобивањето на вработените е клучно за успехот на проектот. Вклучувањето на вработените во почетокот на проектот му помага на раководството да добие увид од теренот и отвора можност за ефикасна стратегија за дигитална трансформација и изгледи за успех.
При тоа, вработените имаат и лични знаења за тоа што функционира, а што не, и можат да дадат дополнителен придонес на организацијата за потенцијални подобрувања во процесите. Стратегијата што е направена со хиерархиски пристап од горе надолу, можеби нема да ги задоволи потребите на организацијата и е изложена на поголем ризик за успешна реализација.
Вклучувањето на вработените во раните фази на трансформацијата има уште една предност. Тоа генерира чувство на лична поврзаност со неа. Комуникацијата е клучна, целиот процес се одвива транспарентно, со што потенцијална загриженост кај вработените во однос на нивниот статус и улога која ја имаат во организацијата се сведува на минимум. Дополнително, поддршка меѓу вработените може да се добие преку идентификување на застапниците за трансформација меѓу нив. Тоа се луѓе кои ја препознаваат и ја разбираат визијата и се компетентни и подготвени да бидат промотори и интегратори – вработени кои ја знаат својата работа одвнатре и можат да го интегрираат новиот дигитален начин на работа со стариот.
Обучувањето на сите вработени да ги користат сите нови дигитални технологии што се воведуваат е императив. Кога сите вработени целосно ги користат сите функционалности на новите системи и алатки, проектот е успешен и носи висок поврат на инвестицијата.
Може да се заклучи дека дигиталната трансформација е процес кој трае и не завршува, се збогатува, се забрзува со откривањето на новите технологии или ќе се создаде нова мотивираност, а се забавува кога ќе се појават критични моменти. Успехот на организацијата зависи од начинот на кој реагира на тешкотиите на кои наидува во тој процес и во прифаќањето на дигитална трансформација како клуч за успешност.