Предизвиците за македонската економија: Стагфлација ante portas!

Проф. д-р Зоран Ивановски

Пандемијата со Ковид-19 не само што остави длабоки последици врз земјата како една од најголемите здравствени предизвици со кои се соочила, туку се преслика и врз економијата глобално предизвикувајќи сериозни проблеми за националната економија. Владините мерки за ублажување на последиците од кризата преточени во шест економски пакета влијаеа позитивно врз зачувување на работните места и на одржување на синџирите на снабдување.
Мерките на нашата Влада во суштината беа слични со мерките во развиените европски држави, но сепак постоеја одредени разлики. Вкупниот обем на мерките од првите четири пакета изнесуваше околу 3,5% од БДП, со што се рангира како трет најмал во Европа. Од нив, мерките со буџетски импликации изнесуваа 2% од БДП, а тие без директни буџетски импликации беа 1,5%.

Сепак, спроведените мерки не успееја во целост да ги елиминираат последиците од здравствената криза врз планираните стапки на економски раст и стапката на невработеност, а како резултат на фискалните интервенции се продлабочи буџетскиот дефицит и порасна јавниот долг. Покрај главните економски индикатори, треба да се истакне дека за време на пандемијата, во државата порасна и нееднаквоста, па вредноста на Џини-коефициентот во 2020 се зголеми од 30% на 33,5%, што претставува многу висок скок за толку краток период.

Во текот на 2021 почна да се чувствува и нестабилноста на пазарите на енергенси и на електричната енергија, а состојбата ескалираше кон крајот на годината. Како резултат на заложбите на ЕУ за промовирање на употребата на зелена енергија, беа воведени високи такси за корисниците на фосилните горива, како и субвенции (сертификати) за тие што користат зелена енергија. Тоа создаде дисбаланс во понудата на електричната енергија, што се преслика во драматичен раст на цената на струјата на светските берзи. Зависноста на земјата од увоз на електрична енергија креираше дополнителен притисок врз националната економија. Економските оператори, во обид да ја антиципираат состојбата и да го „префрлат“ товарот на очекуваното поскапување врз крајните корисници, порастот на цената на струјата, преку синџирот на „рационални очекувања“, постепено го вградуваа во цените на другите производи.

На проблемот со електричната енергија, кој во суштината е финансиски проблем – струја има, но по многу висока цена – набргу се надоврза и енормниот пораст на цените на природниот гас и на нафтените деривати. Особено драматичен е растот на цената на гасот, кој ги надмина сите најпесимистички очекувања на корисниците.

Да сублимираме, очекуваното постепено опоравување на економијата по пандемискиот шок не се оствари поради високите увозни ценовни шокови што почнаа да ја „тресат“ националната економија.

Кон крајот на февруари 2022 година се случи и руската инвазија врз Украина, со што дополнително се зголеми глобалната економска нестабилност. Македонската економија, како мала и отворена, немаше многу маневарски простор да ја ублажи или да ја избегне.

Директното влијание на воениот конфликт врз македонската економија не беше многу голем, пред сѐ поради големината на обемот на надворешната трговска размена меѓу двете економии. Уделот на оваа размена во вкупните увозно-извозни трансакции на земјата, од 8% во 2000 година, опадна на 1,8% пред почетокот на војната. Македонските компании во Русија извезуваа овошје, зеленчук, тутун, лекови и производи од машинската и од електронската индустрија. Според податоците на UN COMTRADE за 2020 година, вредност на овој извоз изнесувал околу 60 милиони долари, а само увозот на гасот и на горивото биле во висина од околу 80 милиони долари годишно. Со оглед на структурата на надворешно-трговската размена, директните ефекти од конфликтот ќе бидат слаби, а најмногу ќе ги почувствуваат производителите на земјоделските производи.

Сепак, индиректните ефекти од пореметувањата што се случуваат на глобално ниво во секторите во кои Русија има значително учество, се многу посериозни и веќе видливи и во македонската економија. Русија извезува 60% од потрошувачаката на гас во ЕУ, најголемиот македонски економски партнер, произведува повеќе од 10% од светската нафта, а со Украина покрива над 30% од светскто производство на житарици. Покрај ова, двете земји се сериозни производители на метали, па војната директно влијае врз високите нагорни ценовни трендови на берзите на енергенси, храна и на метали.

Порастот на цените се преслика врз порастот на инфлацијата во земјата, па веќе бележиме стапка на инфлација од 7,6% на годишно ниво, со тенденција оваа бројка наскоро да стане и двоцифрена. Имајќи предвид дека поголемиот дел од факторите што ја генерираат инфлацијата потекнуваат од страната на понудата (цените на енергенсите, струјата, гасот, горивата, увозната храна и металите), интервенцииите на централната банка за затегнување на монетарната политика би имале незначително влијание. Тоа значи дека освен веќе докажаната терапија на Народната банка на стабилен девизен курс на денарот кон еврото, која веќе подолг период обезедува целосна стабилност на цените, инструментариумот за интервенции е ограничен, и пред сѐ може да се лоцира кај мерките на фискалната политика.

Пред да ѝ се осврнеме подетално на инфлацијата, да изнесеме и други потенцијални проблеми со кои веќе се соочува нашата економија.

Порастот на цените на увозната струја (околу 30% од потребите на земјата), нафта и гас, директно ќе влијае врз порастот на дефицитот во платниот биланс, што конечно ќе мора да се покрива од девизните резерви, или уште поверојатно со дополнително задолжување на земјата. Тука треба да се нагласи дека речиси и да не постои маневарски простор за задолжување имајќи предвид дека учеството на јавниот долг веќе ја надмина психолошката бариера од 60% од БДП. Државата усвои стратегија за среднорочна фискална консолидација што треба да се реализира, доколку државата планира да направи фискална консолидација и да ги сведе буџетските дефицити и јавниот долг на нивоа што гарантираат одржливост на јавните финансии на долг рок.

Секако, може да се очекуваат и обиди за обезбедување кредити за рефинансирање на обврските, со тоа што треба да се очекува и пораст на цената на задолжувањето, особено за малите и растечки економии каква што е нашата.

Сето ова навестува прилично комплексна економска состојба. Веќе забележаната инфлација и „тешко остварливиот“ планиран раст на БДП од 4% за 2022 година се првите сигнали за можна стагфлација.

Берза во Њујорк

Берза во Њујорк | извор: www.inc.com

Имено, постојат многу резерви околу планираниот раст, пред сѐ поради високите цени на енергенсите и несиурноста на нивното обезбедување на подолг рок. Основна премиса на инвестициите е долгорочна стабилност и ценовна предвидливост на влезовите, што во вакви услови не е остварливо, а што секако ќе доведе до одлагање и/или апстинирање од планираните приватни инвестиции. На ова се надоврзуваат и државните капитални инвестиции, кои иако планирани на максимално ниво, тешко дека ќе може да се остварат. Реално е да се очекува дека дел од нив ќе се користат за тековни трансфери и за помош на социјално ранливите категории, а со тоа и дека ќе имаме ребаланс на буџетот кон средината на годината.

Сепак, тука треба да се запрашаме дали требаа порано да реагираат државата и Народната банка? Дали не е ова што сега се случува производ на некои претходни политики? Дали доцниме со стабилизацијата на инфлацијата?

Нема сомнение дека е инфлацијата во најголема мера увезена, но во одредена мера и домашно создадена. Според домашните власти, таа е резултат исклучиво на растот на трошоците за производство што се пресликува и врз крајните цени (англиски: cost push inflation), а не на агрегатната побарувачка или на домашната понуда (англиски: demand pull inflation).

Сепак, инфлациските очекувања и пред војната во Украина беа зголемени, со започнатиот тренд на саморазгорувачка инфлација. Инфлацијата кај нас почна порано од инфлацијата во еврозоната како резултат на порастот на цените на храната (особено на маслата и мастите) и на електричната енергија по изборите во 2020 година. Базичната инфлацијата, која ги исклучува енергијата, течните горива и непроцесираната храна, започна умерено да расте уште за време на пандемијата во 2020 година, а доби на интензитет од април 2021 година.

Тука би ги објасниле двата клучни домашни фактори за високата и растечка инфлација.
Прв домашен фактор е растот на трошоците за труд по едница производ. Со порастот на минималната плата се зголемија трошоците на трудот. Трошоците за труд интензивно растат во подолг временски период како резултат на растот на бруто-платите во услови кога продуктивноста на трудот се намалува. Ова е домашен фактор што зависи исклучиво од постојните домашни макроекономски политики, кои не ја подобруваат продуктивноста во економијата. Трошоците за труд по едница производ во 2021 година се повисоки за 35% од нивото во 2016 година, додека продуктивноста на трудот во 2021 година е пониска за 4% од нивото во 2016 година. Овој кумулативен раст на трошоците за труд и кумулативен пад на продуктивноста мора некаде и некој го компезира, или Владата со пари од буџетот или приватниот сектор преку раст на крајните цени. Како и да е, кога растот на платите не е резултат на зголемената продуктивност на трудот, се генерира инфлација.

Втор домашен фактор е историското ниско домашно производство на електрична енергија. Прелевањето на енергетската криза од Европа во земјата, која започна од втората половина на 2021 година и доби на интензитет при крајот на годината, а кое уште повеќе се интензивираше со настанатата геополитичка ситуација, немаше да биде големо ако произведувавме домашна електрична енергија како некогаш. Бруто-домашното производство од термоцентралите и хидроцентралите во ноeмври и декември во 2021 година покриваше 33,6% и 44,8% од вкупната потрошувачка на електрична енергија, додека историскиот месечен просек е 61,5%. Затоа имавме потреба од увоз, чија цена беше исклучително висока во последното тримесечје на 2021 година. Директниот трошокот за економијата беше голем (вкупно потрошени 170 милиони евра од буџетот, што претставува воедно и девизен одлив од економијата), а индиректниот трошок уште поголем – пренесен врз инфлацијата.

Појавата на инфлацијата државата започна да ја третира со лимитирање на цените, односно со нивно „замрзнување“. Сепак, тоа се краткорочни и административни мерки неодржливи на долг рок, кои може да креираат недостиг од продукти и празни рафтови во продавнците (како што е сега состојбата со маслото за јадење). Имено, ако сакаме пазарно да интервенираме во општото ниво на цените, треба да се интервенира преку стоковите и нафтените резерви.

Една од функциите на стоковите резерви и тие на нафтените деривати е да се активираат и пуштат во употреба при поголеми нарушувања на пазарот. Растот на цените на примарните производи (пченицата, пченката итн.) почна уште од почетокот на пандемијата, а растот на цената на нафтата од средината на 2021 година. Ако се искористеа стоковите и нафтените резерви, Владата ќе ги неутрализираше нарушувањата на пазарот што ги кренаа цените на високо ниво. За разлика од крутите административни краткорочни мерки, со ваква интервенција во понудата се дејствува ефикасно и – секако – пазарно врз стабилизација на цените.

Исто така, државата можеше поефикасно да ја искористи и даночната политика за да обезбеди ценовна стабилност, преку сведување на стапката на ДДВ кај електричната енергија од 18% на 5%, намалување на стапката на ДДВ за храна од 5% на 0% и преполување на акцизата на нафтените деривати. Тука Владата задоцни поради фактот што ефектите од реакцијата кога цените се веќе високи не се исти со тие кога цените почнуваат да растат. Секако, државата помасивно го полни буџетот заради тоа што повисоките цени се пресликуваат и на остварување на повисоки даночни приходи.

На крајот, да дадеме коментар и околу апстинирањето на Народната банка од мерки за корекции на основната каматна стапка односно од заострување на монетарната политика, со кои може да влијае врз зауздувањето на инфлацијата. Во академските кругови има консензус дека интервенциите од овој тип не помагаат кога инфлацијата доаѓа од страна на понудата и кога е увезена однадвор. Сепак, факт е дека јавната потрошувачка расте и придонесува за раст на инфлацијата, што веќе претставува простор за дејствување со мерки на монетарната политика и каде што може да се очекува дека примената на вакви мерки ќе влијае врз намалување на инфлацијата.

Имено, последните податоци за бруто-домашниот производ за 2021 година од Државниот завод за статистика, како и податоците за реализацијата на буџетот за 2021 година покажаа дека и домашната побарувачка одиграла улога во разгорувањето на инфлацијата. Домашната побарувачка, збир од три агрегати (приватната потрошувачка на домаќинствата, јавната потрошувачка на државата и бруто-инвестициите) била висока во таа година, особено во нејзиното последно тримесечје. Приватната потрошувачка била значајно засилена и забележала годишен раст од 5,7%, со што го надминала и предкризното ниво за овој квартал (за 1,7% повисока од нивото од последниот квартал на 2019 година). Дека приватната потрошувачка растела покажува и производната страна на БДП, според која трговијата на големо и мало има висок годишен реален раст од 9,2%, со што се надминало и предкризното ниво (за 7%). Јавната потрошувачка, пак, била годишно повисока за 6,5%, а од предкризното ниво за високи 9,8%. Во последниот квартал на 2021 година немавме никаква реализација на антикризни мерки. Трансферите кон ЕСМ не треба да се евидентираат како јавна потрошувачка ниту како стимулација за економијата поради фактот што се наменети за купување на девизи за увоз.

Поради тоа сметаме дека требаше да има реакција од Народната банка во делот од нагорна корекција на основната каматна стапка, барем за 0,25%. Оправдувањето дека инфлацијата е само увезена и предизвикана од растот на трошоците за производство ја демантираат бројките објавени од Државниот завод за стастистика. Според нив, домашната побарувачка создавала притисок врз цените, што е можеби причината што имаме повисока инфлација од еврозоната. Се чини дека Народната банка сѐ уште има главна цел да го стимулира растот на економијата, како и да го одржува евтино финансирањето на Владата.

Интервенцијата на Владата за ублажување на последиците од пандемијата врз економијата нѐ чинеа 1,6 милјарди евра нов јавен долг во две пандемиски години, а сепак доживеавме најдлабока рецесија од 6,1% во 2020 година во поновата македонска историја.

Останува да видиме (иако според нас, изгледите се мали) дали е остварен планираниот раст од 4% за 2021 година.

Во однос на растот, јасно е дека непосредниот ефект од разгорувањето на конфликтот меѓу Русија и Украина ќе биде растот на цените на нафтените деривати и на природниот гас, а со тоа на цената на електрична енергија, што директно ќе ги погоди домашните бизниси. Парите за справување со енергетската криза од 5,2 милијарди денари за 2022 година се истрошени. Потребен е ребаланс на буџетот за да се обезбедат средства за понатамошно справување со енергетската криза и за кумулирање стокови резерви.

Грубата пресметка за преносот на повисоките цени на нафтените деривати врз инфлацијата (течни горива за домување, горива и мазива за сопствени превозни средства и транспортни услуги, кои имаат пондер од 5,8% заедно) е дека ако цената на суровата нафта од 100 долари за барел се искачи на 120 долари за барел, ефектот врз инфлацијата во Македонија ќе биде околу 1 процентен поен.
Дополнителниот пораст или задржувањето на високата цена на електричната енергија се неповолни за бизнис секторот на слободниот пазар и имаа потенцијал да ги качат цените на крајните производи и услуги, односно да се рефлектираат дополнително врз инфлацијата. Така, секундарните ефекти од растот на цените на енергенсите веќе се отсликаа во базичната инфлација. Инфлацијата со исклучена енергија, течни горива и мазива, непроцесирана храна, тутун и алкохолни пијалаци (базична инфлација) од август 2021 година до јануари 2022 година се зголемила за 2,4%, што значи дека повисоките цени на трошоците за производство (пред сѐ на електричната енергија и на течните горива) се отсликаа и во другите цени на производите и на услугите.

Во услови кога нема усогласување на платите со инфлацијата, таа ќе значи повторно намалување на куповната моќ на населението, а со тоа и пониска приватна потрошувачка. Ова ќе се преслика на намалено остварување на јавните приходи, чија најчеста последица е намалување на планираните капитални инвестиции, што во услови на намалени приватни инвестиции, ќе се преслика на намалена стапка на економски раст.

Во таков амбиент, реално е да се очекува стагфлација на националната економија.

Image
Newsletter