Претприемачки дух за нова Европа

Претприемачки дух за нова Европа

Проф. д-р Наташа Ристовска, директор на УТМС Институтот за бизнис и менаџмент

Младите претприемачи како двигатели на новата економија заснована на иновации, одржливост и технологија

Претприемништвото претставува движечка сила на економскиот раст, иновациите и на социјалната кохезија во Европската Унија. Во време кога Европа се соочува со длабоки структурни трансформации – климатска криза, дигитална револуција и социоекономски нееднаквости – се појавува генерација млади претприемачи што не чекаат решение, туку го создаваат. Претприемништвото, за нив, не е само економска активност, туку акт на одговорност, граѓанско учество и визија за поинаква иднина. Во овој контекст, младите претприемачи се сè повеќе во фокусот на европските политики, кои се обидуваат да го канализираат нивниот потенцијал кон дигитална, зелена и инклузивна трансформација.

Поддршка за младинското претприемништво

Во последната деценија, Европската Унија постави низа стратешки документи и програми што го препознаваат младинското претприемништво како алатка за економска отпорност и општествена кохезија. Овие политики не само што го охрабруваат претприемачкиот дух кај младите, туку и го позиционираат како клучен механизам за иновации, зелена транзиција и за социјално претприемништво.

Клучни стратегии

  • Стратегија на ЕУ за младите (EU Youth Strategy, 2019–2027) – стратегија заснована на принципите на вклучување, поврзување и зајакнување, која ја поставува основата за активна улога на младите во европското општество.
  • Европска агенда за вештини (European Skills Agenda, 2020) – ја истакнува важноста на развојот на клучни компетенции, особено дигитални и претприемачки, како предуслов за одржлив раст.
  • Стратегија за малите и средни претпријатија за одржлива и дигитална Европа (SME Strategy for a sustainable and digital Europe, 2020) – ги поддржува младите основачи на стартапи и микро-претпријатија.
  • Засилена гаранција за младите (Reinforced Youth Guarantee, 2020) – се залага секој млад човек во Европа да добие квалитетна понуда за работа, пракса и обука.

Овие стратегии не се само документи – тие се инструмент на една нова европска визија, каде претприемништвото не е привилегија, туку право и алатка за личен и колективен напредок.

Програми за поддршка

  • Еразмус за млади претприемачи (Erasmus for Young Entrepreneurs) – прекугранична размена на млади и искусни претприемачи.
  • Совет за европски иновации – акселератор (European Innovation Council – Accelerator) – финансиска и менторска поддршка за млади со иновативни бизнис идеи.
  • Програма за единствениот пазар (Single Market Programme, 2021–2027) – насочена поддршка за пристап до пазари, финансирање и дигитализација.
  • Европски социјален фонд плус (European Social Fund Plus – ESF+) – главен инструмент за финансирање на активности за вработување, вклучително и младинско претприемништво.

Овие програми имаат реално влијание и резултираат со основање на бројни успешни европски стартапи.

Едукативни иницијативи и вмрежување

  • Стартап Европа (Start-up Europe) – мрежа за поврзување на стартапи со инвеститори и инкубатори.
  • Академија за политики за младинско претприемништво (Youth Entrepreneurship Policy Academy – YEPA) – поддршка за креирање подобри јавни политики за младинско претприемништво.
  • ЕУ за младите (EU4Youth) – програма наменета за млади од Источното партнерство и Западен Балкан, со фокус на обука, пракса и самовработување.

Статистички преглед: Потенцијалот на младите

Европа во последните години бележи динамичен раст на претприемништвото, пред сè во насока на зелени и дигитални иновации. Сè поголем број стартапи се фокусираат на технологии што поддржуваат циркуларна економија, одржлив транспорт и обновливи извори на енергија, поттикнати од програмите на Европската Унија како што се Зелениот договор (Green Deal), Дигитална Европа (Digital Europe) и Хоризонт Европа (Horizon Europe).

Овој интерес за започнување на сопствен бизнис е најизразен во земјите со повисока стапка на невработеност. Глобалниот монитор за претприемништво (Global Entrepreneurship Monitor, 2023) покажува дека над 45 % од претприемачите се под 35 години, што го потврдува потенцијалот на младинското претприемништво. Исто така, стартап-екосистемот бележи значителен развој, особено во градови како Берлин, Талин, Париз и Лисабон, кои стануваат центри за иновации и раст. Потврда за тоа е и зголемениот број на стартапи со пазарна вредност над 1 милијарда евра – кои во Европа надминуваат бројка од 360, според податоците за 2024 година.

Според Еуростат (Eurostat), младите претприемачи стануваат сè поактивни односно над 60 % од младите во Европа (возраст 18–30) размислуваат да започнат сопствен бизнис, но само 7,5 % се активни претприемачи. Европската Унија нуди голем број фондови, програми и иницијативи за претприемништво, но многу млади луѓе со идеи за бизнис сè уште се судираат со системски бариери во процесот на нивна реализација. Овој јаз меѓу амбиција и реализација се должи на ограничен пристап до финансирање, недостиг од менторска поддршка и бизнис-советување, комплексни административни процедури, недоволно практично образование и поддршка од локалните екосистеми. Патот на еден претприемач не е ниту едноставен, ниту брз.

Трендовите на Западен Балкан

Сцената на стартапи на Западен Балкан покажува забележителен раст, со сè поголем број иновативни компании кои се регистрираат секоја година. Во Северна Македонија, според податоците на Стартап Македонија (Startup Macedonia), во 2023 година е забележан пораст од 15 % кај иновативните стартапи, додека во Србија активни се над 400 стартапи, од кои дури 40 % се насочени кон ИТ решенија. Во Косово, Црна Гора и Албанија се појавуваат нови стартап-хабови, што дополнително го зајакнува регионалниот екосистем. Особено охрабрувачки е растот на младинското претприемништво – меѓу 50 и 70 % од основачите се млади под 35 години, а се зголемува и учеството на жените претприемачи, кои добиваат поддршка преку специјализирани програми.

Во земјите од Западен Балкан, младите претприемачи се движечка сила зад агротехнички иновации, зелени технологии, креативни индустрии, ИКТ-решенија, решенија за енергетска ефикасност и рециклирање – сектори што го одразуваат и глобалниот фокус на одржливост и дигитална трансформација. Зелената агенда за Западен Балкан, Дигиталната агенда на ЕУ, ЕУ за младите и новите компоненти од Инструментот за претпристапна помош – ИПА III (Instrument for Pre-Accession Assistance – IPA III) претставуваат основа за младинска претприемничка експанзија.

Просторот за младинско и стартап-претприемништво во Европа и во Западен Балкан расте, но за да се создаде функционален претприемачки екосистем и за да се оствари ефективно искористување на новите можности, потребна е интегрирана поддршка од институциите, образовниот сектор и од бизнисот. Со вистинска комбинација на финансии, едукација, менторство и регулаторна флексибилност, регионот може да стане извор на иновации што не само што остануваат дома, туку ги освојуваат и светските пазари.

Образованието – најважната алка

Без квалитетно претприемачко образование, младинскиот потенцијал останува неискористен. Претприемничкото образование подразбира учење преку работа, Еразмус+ (Erasmus+), Алијанси за акселераторски програми за иновации (Alliances for Innovation Аccelerator Programmes) се дел од инструментите за оваа трансформација, чиј потенцијал за имплементација во земјите од Западен Балкан сѐ уште не е целосно искористен.

Современото претприемачко образование овозможува развој на претприемачко размислување што подразбира барање решенија, преземање иницијатива и создавање вистински вредности. Претприемачкото учење ги подготвува младите да ги остваруваат своите амбиции и идеи и им ја дава потребната мотивација да бидат двигатели на промените. Пристапот до дигитална инфраструктура, глобални мрежи, онлајн платформи за учење им овозможуваат поддршка на младите за да го развиваат претприемачкиот дух и потребните вештини.

Политиките постојат, бројот на млади со претприемачки амбиции расте. Она што е потребно е посилна интеграција на претприемништвото во образованието, имплементација на програмите и намалување на бариерите за влез на пазарот. Младите во Европа имаат потенцијал да создадат не само нови бизниси, туку и нови економии – поотпорни, поправедни и посоцијално свесни.

Од визија до реализација – младите како носители на промени

Младинското претприемништво не е само дел од економската стратегија на ЕУ – тоа е клуч за иновативна, инклузивна и одржлива иднина. Тоа е облик на граѓанска акција, начин младите да влијаат, да креираат и да останат во својот регион – како носители на нова иднина преку иновации, технологија, зелени идеи и локални решенија со глобален потенцијал.

Одржливиот развој е возможен само со инвестиција во младите, креирање на култура што го поддржува ризикот, го слави неуспехот како лекција, и го гледа претприемништвото како инструмент за граѓанска и економска трансформација.

Претприемништвото, особено кога е поттикнато со вредности на одржливост, етика и социјална одговорност, може да биде двигател на трансформацијата што ЕУ ја посакува – и што младите се подготвени да ја предводат.

Европа има нова генерација на млади која не се плаши да сонува, да работи вредно и да ризикува. Претприемништвото не треба да биде алтернатива, туку пат кон лична слобода, општествено влијание и економска стабилност. Со вистинска поддршка, преку образование, политики и соработка, младите во Европа ќе бидат двигатели на одржлива иднина.

Image
Newsletter