Претприемачки микс од 8П

Претприемачки микс од 8П

Доц. д-р Нина Ангеловска, Универзитет Скопје

Да се ​​биде сопственик на бизнис не мора да значи да се биде претприемач. Да беше така, немаше да ни треба нов и толку комплициран збор. Ако пребарате на Google „претприемач“, ќе ви каже дека тоа е личност која основа бизнис или бизниси, преземајќи финансиски ризици со надеж за профит. Сепак, економистите и некои од најуспешните претприемачи не би се согласиле. Според економистот Џозеф Алоис Шумпетер (1883 – 1950), претприемачите не се нужно мотивирани од профитот, туку го сметаат како стандард за мерење на постигнувањата или успехот. Питер Дракер, кој е добро познат како татко на модерниот менаџмент, ја збогатува дефиницијата со нагласување на „промена“ и „можност“. Тој го дефинира претприемачот како „некој што секогаш бара промена, одговара на промената и ја искористува како можност“. Самиот збор претприемач потекнува од францускиот збор „entreprendre“ што значи „да се преземе“. По осум годишно искуство како претприемач и запознаени стотици претприемачи од многу различни земји и култури, го креирав Претприемачкиот микс од 8П, односно „Entrepreneurship Mix 8P’s“. И ако самиот збор ми изгледаше комплицирано на факултет кога го учев предметот „Претприемништво“, можам да кажам дека да се биде претприемач е уште покомплицирано од тоа. Ова се осумте П (анг. P) кои верувам дека ги издвојуваат успешните претприемачи. Магијата се случува со вкрстување на повеќето или уште подобро сите особини, така што редоследот е ирелевантен.

Доц. д-р Нина Ангеловска, професор на Универзитетот Скопје.

Доц. д-р Нина Ангеловска, професор на Универзитетот Скопје.

1. Пасија, Страст (Passion)

Пасијата е клучен извор на енергија, мотивација и напорна работа. Тоа е движечка сила за секој претприемач. Тоа е она што нѐ прави да мислиме и да се чувствуваме како да може да поместиме планини. Тоа е она што го дефинира познатото „ЗОШТО“ (WHY) на Златниот круг на Симон Синек. Ако имате пасија за нешто за кое се трудите да успеете, тогаш ќе го сакате тоа што го правите, а тоа повлекува да сакате да правите уште повеќе од тоа. И колку повеќе го правите тоа, толку е поголема веројатноста да успеете во тоа, затоа што така ќе станувате и подобри од останатите во таа област. Во својата книга „Зборувај како Тед“ („Talk like Ted“), Кармин Гало објаснува дека пасијата е клучот за совладување на вештина. По анализата на стотици одлични говорници и презентери, тој тврди дека пасијата е единственото нешто што е заедничко за сите. Или како што би рекол, успешните претприемачи знаат што е нивниот „драјв“ односно оригинално на англиски “Successful entrepreneurs know what makes their heath sing”. 

2. Перцепција (Perception)

Приказната за Бата е идеален пример за оваа клучна особина. Продавниците на Бата можат да се најдат низ цела Африка, дури и во нејзините најоддалечени делови. Приказната зад ова е следна: 

Кон крајот на 19 век, Африка го отворала својот пазар. Многу производители на чевли испраќале свои претставници во Африка за да видат дали има некаква деловна можност на овој нов пазар. Мнозинството од нив се враќале велејќи: „Никој во Африка не носи чевли, таму нема пазар за нас“. Сите, освен продажниот тим на Бата, кој ентузијастички се вратил со поинакво сознание и став: „Никој во Африка не носи чевли – има огромен пазар за нашите чевли во Африка!“ Пазарните услови биле исти за сите, она што било различно е перцепцијата на можноста. 

Слично беше и во нашиот случај со „Grouper“ кога ја лансиравме првата платформа за групно купување со попусти во Македонија во 2011 година, во време кога помалку од 1% од населението купуваше онлајн, а електронската трговија едвај постоеше (немаше правна рамка, недостиг на доверба, мал дел од луѓе со платежни картички итн.). Повеќето мои пријатели со кои ја споделив идејата беа скептични и оправдано мислеа дека пазарот не е подготвен и не е право време. Меѓутоа, ние ентузијастички верувавме дека постои потенцијал, дека попустите ќе бидат одличен поттик за граѓаните да се впуштат во купување оналјн и дека ќе ја промениме е-трговија во Македонија. „Grouper.mk“ многу брзо беше препознаен како game-changer на македонската е-трговија, стотици компании ја направија својата прва онлјан-продажба со „Grouper“ и илјадници граѓани ја направија својата прва онлајн-трансакцијата.  

Вистинските претприемачи можат да видат можности каде што другите не можат или не гледаат. 

Ангеловска: „Пасијата е клучен извор на енергија, мотивација.

Ангеловска: „Пасијата е клучен извор на енергија, мотивација.

3. Потенцијал (Potential)

Истражувањата покажуваат дека капацитетот на мозокот на просечен човек е многу поголем од неговата употреба. Најуспешните претприемачи се дисциплинирани и добро организирани, а и се подготвени да жртвуваат часови спиење, како и да прескокнат социјални активности со пријатели за да инвестираат во својот потенцијал. Тие не трошат непродуктивни часови на социјалните мрежи или на озборување, туку го хранат својот мозок со квалитетна содржина и се опкружуваат со успешни луѓе. Секогаш се љубопитни за нови работи. И додека постојат разлики во потенцијалот што секој од нас го поседува, добрата вест е дека нашиот мозок може да се тренира. Добрите претприемачи добро го хранат и го тренираат својот мозок. 

Но, пред да се случи овој вид „намерна“ обука, вреди да се спомене дека сето тоа започнува со нашите родители. Прво со нивната ДНК (која не е во нивна контрола) и второ со нивното домашно воспитување (за што се целосно одговорни). Според една студија на Фондацијата Рауч (Rauch Foundation), 85% од мозокот се развива до 5-годишна возраст. Средината на најраните години на детето може да има ефекти што траат цел живот. Затоа, владите и програмите за развој на претприемништвото што се обидуваат да создадат што повеќе претприемачи во овој свет треба да вклучат, или можеби и да започнат со учење на родителите како да воспитуваат и да одраснат претприемачи или луѓе со претприемачки начин на размислување, кои ќе го користат својот потенцијал и ќе напредуваат. Од друга страна, програмите на акцелератори и инкубатори имаат за цел да најдат или да создадат претприемачи во подоцнежните фази, кога е еластичноста на мозокот помала.

Ангеловска: „Најуспешните претприемачи се дисциплинирани и добро организирани.“

Ангеловска: „Најуспешните претприемачи се дисциплинирани и добро организирани.“

4. Луѓе (People)

Кога зборувам за луѓе во компании, често го цитирам Зиг Зиглар кој вели: „Вие не градите бизнис. Вие градите луѓе, а луѓето го градат бизнисот“. Луѓето носат добри или лоши одлуки. Секој бизнис зависи од луѓето (без разлика на индустријата) – од менаџерот за маркетинг што ја донел таа лоша одлука да ги одобри тие неубави дизајни за кампањата, до продавачот што го направил најдобриот договор што ги срушил рекордите на продажба, до вработениот во секторот за грижа за корисници што влијае на перцепцијата на брендот и на задоволството на клиентите. Секоја работа во животот зависи од луѓето. Успехот на една компанија, на деловната единица, на целата држава зависи од луѓето. Дури и кога патуваме и кога истражуваме нови градови, на нашето мислење за тој град не влијае само прекрасната природа или архитектурата, туку луѓето што живеат таму. Тие ја играат можеби најзначајната улога – нивната енергија, култура, став и гостопримство влијаат на нашите впечатоци. 

На секој претприемач, лидер или менаџер со визија му треба тим кој ја поддржува неговата визија за да ја направи реалност. Се зависи од способноста на претприемачите да ги најдат вистинските луѓе, да ја пренесат визијата, да привлечат таленти, да инвестираат во градење и одржување на нивните вештини, нивната енергија, став и позитивна енергија.

Ангеловска: „На секој претприемач, лидер или менаџер со визија му треба тим кој ја поддржува неговата визија.“

Ангеловска: „На секој претприемач, лидер или менаџер со визија му треба тим кој ја поддржува неговата визија.“

5. Постојано учење (Persistent Learning)

Уште како мало девојче, мајка ми ме учеше да се стремам кон знаење и да бидам најдобра во тоа што го правам. Често ми велеше: „Можеш да имаш куќи, автомобили и богатство, но еден ден сето тоа може да го снема. Светот не е секогаш праведен. Единственото нешто што никој не може да ти го одземе е твоето знаење. Ако имаш способност да стекнуваш знаење, да бидеш брза во учење нови работи, секогаш ќе можеш да генерираш нов приход и да изградиш нови работи“. И денес, за да ја надополнам лекцијата на мајка ми, би рекла дека уште една работа што никој не може да ни ја одземе е нашата пасија. Она што го имаме во нашите умови (знаењето) и она што го имаме во нашите срца (страста) нѐ прави единствени како нашата ДНК. Постојаното учење значи учење во секое време, насекаде и од секого. Извонредните претприемачи се способни да апсорбираат вредни информации и знаење од секого како сунѓери. Способноста да се учи брзо е една од клучните карактеристики на успешните претприемачи во денешниот свет, кој се менува побрзо од кога било.

6. Постојана Промена (Permanent Change)

Сите сакаат промени, но никој не сака да се менува. Отпорот кон промените е во нашата човечка природа, но колку побрзо се тренираме да прифатиме и да се приспособиме на промените, толку побрзо ќе станеме подобри. Успешните претприемачи се флексибилни, можат брзо да се приспособат и да се променат. Способноста да се согледа промената како позитивна работа, да се реагира и да се адаптира на неа, е една од најмоќните вештини. Како што рекол Чарлс Дарвин: „Не е најсилниот од видовите тој што преживува, ниту e најинтелигентниот. Тоа е оној што е најадаптибилен на промените“. Или како што вика Мајкл Џексон „Започнувам со човекот во огледалото и барам од него да го промени својот начин… Ако сакате да го направите светот подобро место, погледнете се себеси и направете промена“.

Ангеловска: „Успешните претприемачи иницираат, ја гледаат поголемата слика и ги предвидуваат околностите.“

Ангеловска: „Успешните претприемачи иницираат, ја гледаат поголемата слика и ги предвидуваат околностите.“

7. Упорност и решителност (Perseverance)

Замислете дека сте тргнале на патување кон вашата посакувана дестинација. Долго сте планирале и сте го замислувале тоа прекрасно место. Го започнувате патувањето и одеднаш на вашиот пат стои голема карпа. Кои ви се опциите во таква ситуација? Ако имате некои силни пријатели, можеби ќе им се јавите да ви помогнат да ја тргнете карпата. Ако немате силни пријатели, вашето решение можеби ќе биде да се прекачите преку карпата. Но, ако не знаете како да се качувате по карпи, тогаш опција ќе би биде да земете часови за качување на карпи по што ќе бидете посилни за една нова вештина што ќе ви помогне да ја поминете препреката што ви стои на патот. Така е и во бизнисот. „Карпата“ симболизира секаков вид пречка со која може да се соочите (тоа може да е финансиско прашање, маркетинг прашање, правно и сл). „Силните пријатели“ се контактите, мрежите и луѓето што ги имате во животот кои можат да ви помогнат во различни ситуации. „Часовите за искачување карпи“ се секоја нова вештина што во тоа време не ја знаете или не ве интересира, но ја учите затоа што тоа е вашиот единствен начин да продолжите кон вашата цел. Во текот на над 10 години обемна и напорна работа, надминување бариери, отстранување карпи, справување со секакви ситуации, донесување одлуки, работа со различни карактери на луѓе и средби со луѓе од целиот свет, научив многу. Всушност, од денешна перспектива сум благодарна за сите борби, за сите тие „карпи“ на мојот пат, за секој решен проблем (кој ми изгледал нерешлив во тој момент) затоа што сето тоа ме направило пофлексибилна, адаптибилна, поснаодлива и поискусна. Сите пречки придонесоа да стекнам конкурентска предност и да бидам подобра и посилна личност. Ништо во животот не доаѓа лесно (барем не успехот и добрите работи). Ако имаме мисија, ако имаме пасија, нема да биде лесно. Патот ќе биде трнлив, ќе има карпи на патот, некои од нив ќе бидат лесни, некои ќе бидат супер тешки, но ако нема карпи, едно е сигурно – не сме на вистинскиот пат. Нема да биде лесно и не треба да бараме лесно бидејќи на тој начин никој нема да може да го копира она што го создаваме.

8. Проактивност (Proactiveness)

Повеќето луѓе го испорачуваат само основниот минимум, го прават само она што им е побарано, исполнувајќи ги минималните барања и очекувања (или уште полошо, и под тоа). Нив треба да им се делегира прецизно и детално, а често треба и да се микро-менаџираат. 

Успешните претприемачи иницираат – ја гледаат поголемата слика и ги предвидуваат околностите. Тие се проактивни наместо реактивни, „играат напад, наместо одбрана”. И тоа е она што ги прави тешко заменливи во која било дадена средина.

Image
Newsletter