Местото на Македонија ѝ е во Европа – смета професорот од Хрватска, Горан Бандов. Во разговор за Магазинот за труизам и менаџмент, тој зборува за глобалните предизвици, за економијата во регионот и за клучната улога на образованието во светот.
„Македонија веќе требаше да биде дел од Европската Унија. Македонија и сега применува правни решенија кои се применуваат и во ЕУ, нејзиниот влез во Унијата би бил едноставен процес за разлика од некои други држави кои не се толку подготвени, а исто така се аспириранти“, вели во интервју за Магазинот за туризам и менаџмент професор д-р Горан Бандов, раководител на Универзитетскиот центар за меѓународни односи и одржлив развој на Универзитетот во Загреб.
Според него, главниот фокус на Унијата во моментов не е проширувањето, туку климатските промени и вештачката интелигенција од една страна, а војните во Украина и Израел од друга.
„Европската Унија ќе мора добро да размисли кои се нејзините интереси, како треба да заврши и едната и другата војна. ЕУ има цврст став како треба да завршат овие војни. Мислам дека нема да има значителни разногласија околу тоа. Некои држави имаат свои посебни видувања како треба да се заврши, но не сум сигурен дека ќе се оди во тој правец. Тука секако мислам на Унгарија и Словачка. Проширувањето на ЕУ ќе се случи, но прашање е кога ќе имаат државите на ЕУ доволно капацитет. Тука не зборуваме за други држави, за овие кои се кандидати, туку за самиот Брисел“, вели професорот Бандов и додава дека во интерес на Унијата е да се приклучат и државите од нашето подрачје, вклучително и Македонија.
„Дури ми се чини дека Македонија е најидеалниот кандидат. Мене навистина ми е жал дека Македонија минува низ еден турбулентен процес, со премногу предизвици, премногу пречки кои Македонија ги мина, а кои мене како човек од Хрватска ми се неразбирливи. Она што е сигурно е дека местото на Македонија ѝ е во ЕУ, тоа е најсигурен правец. Македонија и сега применува правни решенија кои се применуваат и во ЕУ, нејзиниот влез во Унијата би бил едноставен процес за разлика од некои други држави кои не се толку подготвени, а исто така се аспиранти за членство. Македонија треба да истрае на тој пат. Македонија апсолутно заслужува да влезе во ЕУ, тоа на сите им е јасно. Нам во Хрватска, како ваши блиски соседи, заедно делевме и историја, од прв ден ни е јасно дека таму припаѓате и јас сум сигурен дека Македонија и Македонците ќе станат дел од Европската Унија“, додава тој.
Професорот Горан Бандов беше говорник на престижната меѓународна конференција „ICON BEST 2024“ во организација на Универзитетот Скопје, каде што реномирани професори од повеќе различни области зборуваа за глобалните предизвици, со фокус на економијата и на образованието.
„Она што е најважно во моментов се климатските промени. Приспособувањето на тие климатски промени е скапо, а политиката сака тоа да го остави настрана бидејќи тоа се огромни трошоци. Научниците се свесни дека мора да се приспособиме, нема да може поинаку да функционираме. Дојдовме до момент кога буквално отвораме прозор и ги гледаме тие климатски промени како се случуваат во нашиот двор. Силните поплави во Шпанија, во Средна Европа, Чешка, Германија, Полска, и тоа во последните неколку месеци. Силни поплави кои повлекуваат абнормални трошоци. Тоа е само еден сегмент. Друг сегмент е неодговорноста на политичарите, државници, кои се во позиција на моќ, бидејќи нивните држави поседуваат нуклеарно оружје. Да се размислува во денешно време за употреба на нуклеарно оружје е грев против човештвото. Тоа никако не смее да се случи“, вели Бандов и додава дека мирот нема добра алтернатива. Зборувајќи за своето излагање на конференцијата, Бандов смета дека комуникацијата е важно прашање, а опасно е кога таа ќе замре на меѓународен план.
„Живееме во опасно време и сакам да верувам дека ќе најдеме пат. Тука е улогата на малите држави, како Македонија, Хрватска, Малта, или во нашето опкружување Црна Гора, држави кои имаат можност поинаку да се позиционираат од големите држави. Големите држави во овој момент ја бараат својата позиција, делот од големиот колач. Улогата на Кина е тука многу важна, на Индија, на Бразил, значи на тие големи моќни држави во кои живеат стотици милиони луѓе. А ние во тој голем турбулентен свет мора да се снајдеме. И затоа ваквите конференции се одлична можност да видиме со какви предизвици се соочуваат општествата“, вели професорот.
Зборувајќи за новата администрација на САД, Бандов вели дека главната карактеристика ќе биде непредвидливоста.
„Да се потсетиме на зближувањето со Северна Кореја во неговиот прв мандат. Тоа никој не можеше да го замисли во неговата кампања во 2015 и 2016 година, кога го почна мандатот. Никој тогаш не очекуваше дека ќе дојде до приближување со Северна Кореа, а токму тоа се случи. Такви некои работи можеме и сега да очекуваме кога станува збор за ова подрачје, Југоисточна Европа. Некои челници на некои држави во регионот, мислам на држави како што е Унгарија, можеби и Србија, многу веројатно ќе си го постават прашањето: „Ние или тие?“, а тоа е дали сакате да бидете сојузник со САД или со Кина. Некои држави имаат големи инвестиции од Кина, па прашањето е како ќе одговорат на тоа?“, прашува Бандов и додава дека Балканот и Југоисточна Европа не се приоритет за американската надворешна политика.
Во однос на двата воени фронта, во Украина и во Израел, професорот Горан Бандов вели дека ескалацијата во Украина влијаеше врз енергетските текови, врз прашањето на залихите на храна и врз енергенсите, но прашањето на конфликтот во Израел е покомплексно бидејќи тој судир, вели, трае многу подолго.
„И едниот и другиот конфликт влијаеја врз Европа, на нејзината положба, и покажаа колку е Европа ранлива, исто како во случајот со Ковидот. Покажаа дека треба поинаку да размислуваме. Европа, во некои поранешни периоди носеше нови технологии, иновации, беше еден од најуспешните региони во светот. Малку се успавме, ни стана премногу убаво, што во животот може да биде многу опасно. Од нашето неснаоѓање можеби станавме потполно свесни дека немаме доволно храна, немаме доволно лекови во Европа, лекови увезувавме од некои други региони во светот. Во Ковидот стана јасно дека тоа е проблем“, дециден е Бандов.

Бандов: „Смислата на сите компоненти што ги има една наука, едно образование, е да го води општеството.“
Тој во своето излагање се осврна и на образованието посочувајќи ја важноста да се има визија.
„Смислата на сите тие компоненти што ги има една наука, едно образование, е да го води општеството. Да зборува во која насока треба да се развива општеството. Вие, кога сте професор и кога учествувате во наставниот процес, вие создавате идни елити во општеството. Им помагате да научат, аргументирано да размислуваат. Најважно во тој процес е да научите како да размислуваат, како да ги решаваат предизвиците. Ние мора на младите да им овозможиме перспектива сами да доаѓаат до решение. Кога се зборува за науката и за образованието, имате истражувања кои покажуваат дека иако сме учеле многу во минатото, на пример сте учеле економија, сте завршиле факултет, сега буквално треба повторно да студирате и повторно да го загреете столчето... Зошто? Затоа што има нови сознанија што се однесуваат и на економијата и на медицината, тоа се однесува за сите дисциплини. Се развиваат нови сознанија, нови теории, нови научни закони и поради тоа учењето не може да запре“, вели професорот Горан Бандов и посочува дека образованието мора постојано да го следи развојот.
Дигитализацијата, особено вештачката интелигенција, има бројни предизвици кои мал број луѓе на светот ги разбира, вели професорот Бандов. Според него, законодавството сѐ уште не е подготвено да ги следи овие промени, па стравува дека допрва ќе има манипулации во правниот систем.
„Прашање е дали ние како општество доволно брзо созреваме како што созреваат вештачката интелигенција и дигиталните платформи? Опасноста со дигиталните платформи е да бидете блокирани поради некоја изјава на некоја мрежа. Во општеството тоа мора да биде оневозможено поради слободата на говорот. Цела низа на технологии ќе бидат забрзани, развојот на други аспекти, вклучително и медицината, ќе бидат забрзани. Е сега не знам дали е ова негативно или позитивно, но одредени работни места ќе бидат заменети со нови технологии, вклучително и со роботи. Треба да бидеме свесни околу тоа и да работиме на пошироко препознавање на тие позитивни и негативни аспекти“, вели Бандов во интервјуто за Магазинот за туризам и менаџмент.
Сепак, тој смирува и вели дека вештачката интелигенција тешко може да има критичка мисла бидејќи таа се креира преку информациите кои луѓето ги поставуваат на платформите.
„Дали ќе успее вештачката интелигенција да се развие на тој начин, да може да го замени мозокот, во овој момент тешко е да се претпостави. Ми се чини дека тоа не е правецот во кој ќе одиме. И поради тоа треба да се биде многу внимателен што сѐ може вештачката интелигенција, па да се постават границите“, заклучува професорот.
Во однос на глобалните предвидувања поврзани со 2025 година, тој вели дека со доаѓањето на Доналд Трамп на чело на најмоќната држава на светот, глобалната економија ќе се соочи со санкции, царини, даноци, пред сѐ кон Кина, многу веројатно и кон Европската Унија, кон државите-членки, а потоа и во поширок контекст.
„Би сакал да верувам дека ќе целиме кон посилен европски дух, ќе биде паметно за сите нас. Ова се времиња кога големите блокови поедноставно функционираат отколку т.н. слободни бродови. Сакам да верувам дека Европа ќе ги препознае предизвиците. Европа и досега покажа дека секој пат кога ќе се соочи со голема криза, знаела да одговори. Сакам да верувам дека знаеме да создаваме нови технологии, дека знаеме да го искористиме знаењето на науката, а науката поседува големо знаење и дава нови иновации, и дека тоа ќе го искористиме за благосостојба на секој граѓанин во Европа“, вели професорот Бандов.