Станува ли луксуз образованието во земјава?

Станува ли луксуз образованието во земјава?

Билјана Проеска, професорка по македонски јазик

Во нашава држава, образованието како да станува луксуз. Од задолжително основно и средно образование, полека се префрламе на ресавска училница. Претходнава година ѝ ја посветивме на учебниците објавени ненавремено, за кои не се знае што е потрагично, дали нивното доцнење или непростливите грешки во нив (факти, податоци, бројки).

Историја и општество за V одделение

И додека децата треба да учат погрешни податоци, се соочуваме со наставници што предавајќи, мора да лажат, а истите тие наставници, ако сакаат да полагаат испит за директор, ќе заглават во лавиринтот на злоупотребата на службената положба од страна на директорката на Државниот испитен центар. Замислете, злоупотребата и самоволието на директорката кулминира со одлука да се поништи испитот на дури 111 кандидати што посетувале обука за лиценца за директор, но според политичките видувања на власта се непожелни. За кое образование да зборуваме кога секој директор се однесува како да е институцијата негова приватна касаба?

Сведоци бевме на постојано одолговлекување на обуките и на изборот на обучувачи, при што имавме и прекршување на Законот, на членот 18 став 8. Всушност, и немаше закажување на трет дел од испитот во законскиот рок. И како во онаа народната „кадија те тужи, кадија те суди“, по претставка до ДПИ, државниот инспектор носи одлука за поништување на испитната сесија, а сето ова оди на штета на кандидатите. Единствената нивна вина е што не се политички омилени ликови. Значи, и покрај еден куп неправилности во работата на ДИЦ и на државната инспекторка, казнети се само кандидатите.

Учебната 2021/2022 беше тешка и предизвикувачка година за наставниот кадар во нашата држава. Рековме дека учебници немаше, а кога на крајот на годината стигнаа, беа преполни со грешки. Постојано се зборуваше за дигитални учебници, но до денес тие не успеаја да ја видат светлината на денот.

Е-дневникот долго време не функционираше, а книжниот го погребавме, иако сѐ уште е незаменлив. Факт е дека имаме нереална претстава за бројот на изостаноци, системот паднал, има-нема интернет. Работното место на многу наставници им висеше на конец бидејќи и приправничкиот испит не се одржа во ноември, а несигурноста на наставниците дава сè помал и помал квалитет во образовниот процес. Квалитетот во образованието никако не треба да зависи од мотивираноста на наставниците, но, за жал, наместо посветеност на работата, наставниците мораа да штрајкуваат поради бедните плати и, за волја на вистината, беа изманипулирани како тројанците.

Истото го доживеаја и универзитетските професори. Професорите и тројанскиот коњ! Она што изненадува е и незаинтересираноста на Владата за вложување во науката. Имено, оваа година се одделени мизерни 268.236.000 денари или 0,08% за наука, од вкупниот буџет на Република Македонија. Ова е уште еден доказ дека оваа држава не е заинтересирана за напредок и наука. Всушност, што да очекуваме и по овие поразителни бројки? Можеби, не дај боже, уште едно труење на студенти со храна што е за потпросечни услови за живот.

Во ера на напредна технологија и буквално компјутеризирање на нашето секојдневие, задолжително мора да се реализираат ветените бесплатни курсеви за стекнување „меки вештини“ за програмирање, графички дизајн, учење јазици, за финансиска писменост, за тргување и вложување во акции, сметководство, претприемништво итн., преку ваучери за учениците и за студентите. Но, ако ме прашате што е најприоритетно за студентите во нашава држава, тогаш без размислување ќе кажам дека прво и основно треба да се почне од изградба на студентски дом во Штип.

Ние мора како сериозна држава-кандидатка за влез во Европската Унија, да обезбедиме пристојни услови за работа и во училиштата и на факултетите, за да докажеме дека инвестирањето во идните генерации е приоритет за нас. Голем дел од постојните училишта функционираат во супстандардни услови и тоа мора да се промени. Потребна е и мерка која ќе донесе поголеми примања за универзитетскиот наставен кадар, и тоа воспоставување методологија со која ќе се обезбеди до 100 000 денари плата за редовните универзитетски професори, до 80 000 денари плата за вонредни професори, до 60 000 денари плата за доценти и до 45 000 денари плата за асистентите на факултетите. Квалитетното високо образование подразбира инвестирање во подобри услови за работа, средства и други лабораторски ресурси, но и мотивиран кадар. Токму со оваа мерка ќе се стимулира квалитетот и мотивацијата на универзитетскиот наставен кадар. Ние мора да работиме и на мерки што ќе го опфатат средното стручно образование во функција на стопанството, односно дуално средно стручно образование, преку проширување на дуалниот систем на стручно образование по принципот учење преку работа на реално работно место, кој ќе развие и стручни компетенции и вештини за адаптирање во работниот процес. Ваквата реформа ќе овозможи брзо вработување на стручниот кадар во компаниите во Република Македонија, со соодветно вреднување на трудот на работниците и, се разбира, ќе го намали иселувањето на младите луѓе од нашата татковина.

Неопходни се и промени во концептот за полагање на државната матура, бидејќи јас и како професор и како прегледувач на тестовите по македонски јазик и литература, увидувам дека есеите се препишуваат, а дека одговорите механички се заокружуваат. Друго прашање е тоа што државната матура по македонски јазик е иста и за гимназиското и за стручното четиригодишно образование, со оглед на тоа што е различен фондот на часови на неделно ниво. Ние сме далеку од реалноста за квалитетно знаење на учениците по завршувањето на средното образование, па токму затоа можеби е најдобро решение враќање на приемниот испит на факултетите.

Сепак, наша најголема обврска ќе биде враќање на нашите универзитети меѓу првите 1000 според Шангајската листа за квалитет. За жал, денес нема универзитет што е меѓу првите 1000 најдобри во светот. Македонија не постои на мапата за квалитет во високото образование.

Image
Newsletter