Туризмот е многу значајна стопанска дејност во секоја држава, вклучително и во Република Македонија. Бројот на туристи кои ја посетуваат нашата држава постојано се зголемува, како во однос на бројот на доаѓање, така и во однос на остварени ноќевања. Ова се двата основни статистички показатели за туристичкото движење во земјата и ова секако дека оди во прилог на растот на туризмот во Република Македонија.
Терминот раст, како економски и статистички показател, сам по себе не е доволен за реално претставување на состојбата кога станува збор за туризмот, бидејќи преку растот се согледуваат само квантитативните карактеристики и показатели на туризмот во туристичката дестинација.
Она што е од посебна важност за туристичкото планирање, покрај квантитативните показатели се квалитативните одлики на туристичката дестинација, кои пак се изразуваат или се согледуваат преку терминот развој или развој на туризмот.
Една од главните карактеристики во корелацијата помеѓу растот и развојот во туристичката индустрија е тоа што растот не секогаш го следи развојот. Растот на туризмот сам по себе не значи и развој на туризмот, односно може да има раст во туризмот, но сепак да нема развој на туристичката дестинација. Оваа значајна карактеристика во корелацијата раст – развој често се заборава или се занемарува при презентирањето на резултатите од работењето во туристичките дестинации, а посебно при креирањето на туристичките политики и туристичкото планирање.
За туризмот, неговото значење и сето она што го носи со себе како индустрија, најмногу се зборува за време на главната летна туристичка сезона. Во тој период сите развојни туристички политики и туристички планови се насочени кон главните туристички дестинации во Република Македонија, односно кон југозападниот туристички регион и кон транзитниот туристички коридор север – југ. При тоа, засегнатите и инволвирани страни, бизнис-туристичкиот секторот и јавниот сектор, се фокусираат само на растот на туризмот изразен преку бројот на доаѓања на туристи, бројот на реализирани ноќевања од страна на туристите и остварениот туристички промет.
Поради ваквото еднострано согледување на показателите и понатаму еднострано претставување на состојбата со туризмот во Република Македонија, се добива впечаток, кој секако е привиден, дека туризмот во нашата држава е во континуиран развој, додека пак реалната состојба е таква што Република Македонија се наоѓа на доста низок степен од туристичкиот развој.
Не постои долгорочност во планирањето на туризмот, како на локално, така и на национално ниво.
Не постои организирана форма на соработка и координација помеѓу одделните туристички региони и туристички дестинации.
Не постои константна и континуирана комуникација и соработка на национално ниво помеѓу јавниот и приватниот сектор во туризмот. Ова е од особена важност бидејќи туризмот во својата основа како дејност претставува еден вид јавно-приватно партнерство, во кое носителите на дејноста се од приватниот сектор.
Проф. д-р Дејан Наковски со дел од професорите и студентите од Универзитот Скопје на Меѓународниот саем за туризам во Белград
Според ова, главниот проблем или недостаток за развојот на туризмот во Република Македонија е несоодветната и нефункционална организациска и системска поставеност на институциите кои се одговорни за туристичкото планирање и развојот на туризмот во нашата земја.
Туризмот, иако е глобален феномен за кој велиме дека не познава граници и зафаќа најразлични простори од Земјата, сепак основното дејствувањето при планирање на туризмот започнува од туристичката дестинација која има локален карактер. За планирањето во туризмот можеме да кажеме дека треба да се размислува глобално, но да се дејствува локално.
Ова размислување ја наметнува потребата од локална туристичка организациска поставеност во самите туристички дестинации без разлика на нивниот степен на развиеност.
Локалната заедница во која се вклучени сите директни и индиректни учесници во туристичкото работење, најдобро ги знае условите, ресурсите, потенцијалите, можностите и потребите на туризмот во самата дестинација. Од тука произлегува неопходноста од организирана форма на делување на локално ниво преку туристички организации во дестинацијата.
Локалните туристички организации треба да ја имаат улогата на планирање, управување, менаџирање, брендирање, промоција и маркетинг на туристичката дестинација, а притоа да ги имаат предвид економските, еколошките и социјалните компоненти во заедницата и општеството со цел да создадат одржлива туристичка дестинација.
Локалните туристички организации од дестинациите во еден туристички регион е потребно да се организираат и да создадат регионална туристичка организација која ќе ги има истата функција и улога, но сега на регионално ниво.
Регионалните туристички организации понатаму треба да се организираат и да формираат национална туристичка организација на Република Македонија.
Организациската поставеност на туризмот преку формирање туристички организации за менаџирање на дестинациите се наметнува како неопходност ако сакаме да имаме квалитетен развој на туризмот во Република Македонија.