Туризам или импровизација

м-р Горан Апостоловски

м-р Горан Апостоловски, асистент на Универзитетот Скопје

Ова лето, на мое големо задоволство, имав можност да ги посетам едни од најатрактивните и најпосетени туристички дестинации во светот: Египет, Турција и Дубаи, дестинации што секоја година угостуваат милиони туристи. За какви туристички дестинации станува збор, зборува бројот на туристи кои овие земји ги посетиле во текот на изминатата година. Турција ја посетиле 16 милиони странски туристи, Дубаи 14,36 милиони, додека Египет забележа бројка од 11,7 милиони туристи.

Од професионален аспект, сакав да направам компарација со туризмот во Македонија и да дадам препораки како може да се подобри во иднина. Сигурно ќе помислите дека Македонија не може да се споредува со овие туристички џинови. Можеби со Турција и со Египет не би можела, затоа што Турција е држава со повеќе од 80-милионска популација со долгогодишна традиција во туризмот, земја која е богата со туристички атракции и локалитети, природно и културно наследство. Земја со развиено земјоделство и голем произведувач на храна. Турција поседува морски брег од точно 8.333 километри и 396 плажи со сино знаменце. Исто така, и Египет е држава со повеќе од 100 милиони жители, лулка на древна цивилизација, земја со најчистото море, кое по соленост е прво во светот, има најбогато културно-историско наследство, а го поседува и најмаркантниот и најпознат споменик на културата и на историјата, едно од Седумте светски чуда на античкиот свет, единственото зачувано, Кеопсовата пирамида во Гиза. Но, Македонија сигурно дека може да се спореди со Дубаи, еден од седумте емири во Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ). Дубаи има популација од 3,5 милиони жители и површина од 2.200 километри квадратни. За разлика од претходните држави, Дубаи е основан во почетокот на 19. век како мало рибарско село. 

Ако направиме споредба со Македонија, според бројот на туристи од крајот на осумдесеттите години на минатиот век, ќе ја видиме реалната слика за туризмот во Дубаи и неговите почетоци. Македонија, која во тоа време беше во склоп на поранешната заедничка држава, СФРЈ, во 1987 година, која е и рекордна година по број на посетители, имала 1.183.160 туристи, од кои 689.016 биле странци. Дубаи во 1990 година има 632.903 странски туристи. Поедноставно кажано, пред повеќе од 30 години сме биле рамноправни играчи во туристичкиот бизнис. Прашањето кое се наметнува е каде сме сега ние како земја во поглед на туризмот, а каде е Дубаи, и зошто Дубаи има 20 пати повеќе туристи отколку Македонија? 

Пристаниште во Дубаи.

Пристаниште во Дубаи.

Развојот на Дубаи не ќе беше можен ако ОАЕ немаа искусни и мудри политичари кои ја водеа одлично надворешната политика кон крајот од изминатиот век. Големите промени во надворешната политика на ОАЕ започнаа во доцните 1990-ти години, кога ОАЕ постепено се оддалечија од фокусот на арапските и на исламските прашања и проактивно се вклучија во клучните случувања во глобалната економија и во меѓународното управување. Остварен е голем развој во одредени економски сектори како што се воздухопловството, обновливата енергија и меѓународните финансии. Односите со Соединетите Американски Држави се продлабочија, особено по шокот од нападите на 11 септември 2001 година. САД остануваат камен-темелник на надворешната политика на ОАЕ и нивен најголем сојузник. ОАЕ е една од ретките земји на Блискиот Исток која не била зафатена од воени случувања. Туризмот е индустрија што е најосетлива на сите политички кризи и воени конфликти во еден регион, и тие негативно влијаат врз понатамошниот развој на туризмот.

Македонија во изминатите 30 години имаше периоди кога имаше пад на бројот на туристи токму поради ваквите случувања, воени конфликти во државата и во регионот, политички кризи во државата, нерешени политички прашања со соседните земји, ембарго од соседна земја.

Ноќна панорама на Дубаи.

Ноќна панорама на Дубаи.

Градот-емират, Дубаи се наоѓа на брегот на Персискиот Залив, опкружен со Арапската Пустина. За развој на туризмот основна и најважна работа е сообраќајната поврзаност и инфраструктура. Географската местоположба на Дубаи не му оди во прилог за развој на туризмот. Копнената поврзаност на Дубаи со соседните емитивни подрачја нема примарно значење. Копнениот сообраќај се користи единствено за трансфер на туристите од аеродромите и за движење на туристите во градот. Имајќи го сето тоа предвид, во 1984 година шеикот Мохамед бин Рашид ал Мактум, тогашен министер за одбрана на ОАЕ и член на прогресивното кралско семејство на Дубаи, побарал од сер Морис Фланаган, експерт во авиосообраќајот, да отпочне со создавање на, во моментов, најуспешната авиокомпанија во светот. Следната година е првиот лет од Дубаи до Карачи со изнајмен авион од Пакистанската национална авиокомпанија. Во 1987 година е остварен летот Дубаи – Тулуз со првиот сопствен авион, а во декември истата година авиокомпанијата го добива своето име „Emirates“. Благодарноста и почитта на ОАЕ кон основоположникот на авиосообраќајот во оваа земја, сер Морис Фланаган, се гледа во тоа што голем број јавни институции, училишта и културни установи го добиле името според овој човек. Аеродромите во Абу Даби и во Дубаи се едни од најголемите, најмодерните и нафреквентните во светот.  Аеродромот во Дубаи според бројот на превезени меѓународни патници е број еден во светот, како што е број еден аеродром во свет и по најголем просечен број на патници по лет. Директно е поврзан со 99 земји и летови кон 265 дестинации, а на овој аеродром оперираат повеќе од 145 авиокомпании. Поради зголемената фреквенција на аеродромот во Дубаи, во изминатите години авиосообраќајот сѐ повеќе се пренасочува кон аеродромот во Абу Даби, кој пак со Дубаи е поврзан со шатл-басови, редовна автобуска линија, такси-превоз и „Uber“. Аеродромите се одлично организирани и иако многу фреквентни, не се забележуваат гужви и чекање. Колку се внимава на безбедноста и сигурноста во ОАЕ е и фактот што на влезот во оваа земја вршат скенирање на лице и отпечаток од прсти на секој патник. Македонија е единствената земја во регионот која нема директна авиолинија со ОАЕ, па моето патување кон ОАЕ беше преку аеродромот „Никола Тесла“ во Белград.

Хотел „Атлантис“.

Хотел „Атлантис“.

Единствената позитивна работа поврзана со авиосообраќајот во Македонија е што бележи пораст во последните години, благодарение на концесионерот „TAV“ од Турција, кој ги доби македонските аеродроми на дваесет годишна концесија во 2008 година. Меѓутоа, сето тоа е недоволно бидејќи Македонија сѐ уште не е поврзана со европските метрополи со редовни авиолинии преку кои ќе може побрзо и поевтино да дојдат туристи од Европа или од прекуокеанските држави во нашата земја. Ние сме и единствена земја во целиот регион и една од ретките во светот што нема национална авиокомпанија, иако по осамостојувањето на Македонија функционираа две национални авиокомпании. Субвенциите што ги воведе македонската влада пред десет години сепак не беа доволен стимул за влез на реномирани авиокомпании во македонскиот авиосообраќај.

Македонија има компаративна предност во однос на Дубаи кога е во прашање копнениот сообраќај бидејќи поголемите емитивни подрачја во регионот се на максимум 4 часа возење со автомобил. Иако, морам да напомнам, квалитетот на патиштата во Дубаи не може да се спореди со тој на македонските. Македонија е поврзана со автопат и со железница единствено со Србија и со Грција, а со останатите соседи поврзаноста е, благо кажано, катастрофална. Само во нашата држава времето потребно за изградба на железничка пруга и автопат се мери во децении.

Туристите во Дубаи најчесто користат јавен превоз, кој е еден од најдобро организираните во светот. Метрото во Дубаи е едно од најмодерните и e целосно автоматизирано. Цената за користење на јавниот превоз е доста прифатлива.

Римското царство  целиот свој успех го должи првенствено на изградбата на патишта на целата своја територија, па оттаму и позната поговорка „Сите патишта водат кон Рим“, во случајот „Сите летови водат кон Дубаи“.

Хотел „Бурџ ал Араб“.

Хотел „Бурџ ал Араб“.

Дубаи е туристичка дестинација што нема долга историја и традиција во туризмот. Предуслов за развој на туризмот и огромниот капитал вложен во оваа гранка бил откривањето на нафтата во 1966 година и нејзина експлоатација од 1969 година. Целата економија во Дубаи била зависна од богатите нафтени полиња, кои пак имаат ограничен век на експлоатација. Шеикот Рашид бин Саид ал Мактум бил свесен за тоа и барал решение, што по нафтата? Дубаи целиот свој економски напредок го гледа во тоа да стане најголемиот финансиски, трговски и „безданочен“ центар во светот. Дури откако започнуваат да го посетуваат бизнисмени од целиот свет, ги согледуваат економските придобивки од туризмот и започнуваат сериозно да инвестираат во него. Без импровизации, со професионализам и со голема љубов кон својата држава.

Ако ги споредиме двете туристички дестинации во поглед на културното наследство, тогаш Македонија е далеку пред Дубаи. Македонија отсекогаш била важно место каде што се среќавале различни цивилизации. Тие влијаеле на нејзината култура и обичаи. Овие цивилизации оставиле свои траги на оваа територија во форма на различни културно-историски споменици. Многу од нив биле уништени од војни и земјотреси, но многу од нив се обновени и се  сведоци на богатата историја на Македонија. Културното наследство на Македонија вклучува археолошки локалитети, византиски цркви, манастири, стари тврдини, стари пазари, џамии, мостови. Секој град во Македонија има по нешто специфично кое може да му го понуди на посетителот и да го привлече да го посети. Македонските споменици на културата што потекнуваат многу векови наназад се само мисловна именка за Дубаи, кој од историја и традиција го има само стариот дел на Дубаи. Меѓутоа, стариот дел на Дубаи е еден од најпосетените туристички локалитети во градот, каде што може да се видат автентичните живеалишта и трговски локали од минатото, но и да се купат најразлични сувенири, текстилни производи, зачини и традиционални парфеми. Место каде што одличните туристички водичи со голема љубов ќе ви ја раскажат историјата и традицијата на арапскиот народ. Секако дека нема да му одолеете и на прекрасниот мирис што доаѓа од локалните традиционални арапски ресторани, па ќе ја вкусите и прекрасната арапска кујна. Иако Македонија има предност во овој поглед, оваа предност не ја валоризира, бидејќи туристичките локалитети и културно-историски споменици се во многу лоша кондиција. Класичен пример за тоа се амфитеатарот од најпосетуваниот туристички објект, Спомен-куќата на Мајка Тереза и споменикот Воин на коњ на градскиот плоштад, кои се целосно запуштени во поглед на хигиената. Со преку 15 милиони туристи и огромна фреквенција на луѓе, Дубаи е еден од најчистите градови во светот.

Највисоката градба во светот, „Бурџ Калифа“.

Највисоката градба во светот, „Бурџ Калифа“.

Кога станува збор за природното наследство, Македонија повторно е далеку пред Дубаи, бидејќи за разлика од Дубаи, кој единствено може да се пофали со брегот на Персискиот Залив, Македонија има далеку побогати природни убавини. Во 1979 година, кога Охридското Езеро е прогласено за светско културно и природно наследство од страна на UNESCO, во Дубаи сѐ уште нема посериозни облици на туризам. Македонија е земја со три природни езера, од кои Охридското Езеро е најстарото природно езеро во Европа, во кое живее богат ендемски воден свет. Македонија е земја со голем број ендемски видови на животни и растенија, езера, пејзажи, реки, шуми, природни водопади, пештери, планини и термални извори, каде што може да се развиваат најразлични видови туризам, но за жал, сето тоа не е максимално валоризирано во функција на зголемување на бројот на туристи.

Уште една предност на Македонија за развој на туризмот во однос на Дубаи е климата. Дубаи има тропска пустинска микроклима со многу топли лета и топли зими, има многу малку врнежи во текот на годината, а во летните месеци температурите се многу високи и влажноста на воздухот е голема како резултат на монсуните над Индискиот Океан. Дубаи има две сезони, лето и зима. Практично сезоната за туризам во Дубаи е во зима кога температурите се пријатни, за разлика од летото каде што надворешните температури се во ранг на елементарна непогода. Кога на сето тоа ќе го надоврземе и оскудниот воден потенцијал и неквалитетната почва, се доаѓа до уште една компаративна предност за Македонија, а тоа е производството на храна. Земјоделието е стопанска гранка тесно поврзана со туризмот и претставува негов „невидлив извоз“. Дубаи е зависен од увоз на храна и нема свои автентични земјоделски култури, но во последните години огромни средства се инвестираат во најсовремени технологии за развој на земјоделието, па тоа во моментов претставува најбрзорастечка стопанска гранка.

Прашањето кое се поставува е како Дубаи, по сите овие неповолни предуслови за развој на туризмот, се стреми да стане туристичка дестинација број еден во светот по број на туристи? Мотото на Дубаи е „Големо, поголемо, најголемо“. Дубаи плански започнува да го развива туризмот. Најпрво гради инфраструктура и потоа гради огромен број хотели и сместувачки капацитети. Во тој развоен и грандиозен проект директно учество има тогашниот Шеик. Се градат само ексклузивни, големи и маркантни хотели бидејќи идејата на Дубаи e да стане центар на „луксузен туризам“. Првиот хотел со 7 ѕвезди во светот, Бурџ ал Араб, е изграден пред 23 години, по стандард што и денеска не е достигнат. Дубаи е рекордер по бројот на хотели со пет ѕвезди и град со највисоките 5 хотели во светот. Во 1993 година, градот има 167 хотели со 9.383 соби, а денеска, по 30 години, има 814 хотели и 148.877 соби. Само за илустрација, град со 3.5 милиони жители може да ги угости сите жители на Скопје. Покрај тоа, изградени се преку 750.000 апартмани за живеење, во кои голем број од светски познатите личности се сопственици на ексклузивни апартмани. Светот со голема доза на скептицизам го гледаше градењето на огромен број сместувачки капацитети. Дури откако се изградија голем број сместувачки капацитети, започна посериозната промоција на Дубаи за привлекување туристи. Пополнетоста на сместувачките капацитети во 2022 година во Дубаи е 83%, за разлика од Македонија, кога во истиот период тој процент изнесува 49%.  Релевантни податоци за бројот и категоризацијата на сместувачките капацитети во Македонија, според Државниот завод за статистика, за жал, за периодот по 2016 година не може да се најдат.

Најмодерниот музеј на светот, „Museum of The Future“.

Најмодерниот музеј на светот, „Museum of The Future“.

Дубаи е град со најголемиот покриен трговски центар според површина и според застапеноста на познатите светски брендови. Највисоката градба на светот, Бурџ Калифа, со висина од 828 метри е симбол на Дубаи во последно време. Највисокиот музеј на светот во форма на рамка за слика,„Dubai Frame“, и најмодерниот музеј на светот, „Museum of The Future“, се едни од најпосетуваните туристички објекти во светот. Исто така, во Дубаи се наоѓа една од најубавите и најголемите цветни градини во светот, која заради неповолната клима во текот на летните месеци, работи само 6 месеци во текот на годината. Сите туристички атракции имаат перфектна организација во поглед на онлајн-резервација на билети, влез без многу чекање и гужви со колони на туристи и, секако, релаксиран разглед. Едноставно се е ставено во функција на задоволство на туристот.

Најследените ѕвезди на Инстаграм, Јутјуб и Тик-ток се чести гости во Дубаи, кои пак преку своите објави на социјалните мрежи сакаат поблиску и пореално да им ги претстават убавините на Дубаи на своите следбеници. Најплатениот светски актер и продуцент, Том Круз, својот блокбастер „Невозможна мисија“ го снимаше во штотуку изградената Бурџ Калифа, а голем дел од филмските кадри беа снимени низ самиот град. За промоцијата на најлуксузниот хотел во светот, Бурџ ал Араб, беше организиран тениски спектакл на тогаш најдобрите двајца тенисери, Роџер Федерер и Рафаел Надал, на хотелскиот хелиодром. Дека сѐ е најдобро и најголемо во Дубаи посочува и организацијата на досега најголемиот светски музички фестивал, „Dubai Untold“, кој ќе се одржи во февруари идната година и на кој ќе продефилираат најголемите ѕвезди од музичката индустрија. Во Македонија, пак, во Охрид, најмногубројни се туристите од Холандија благодарение на холандскиот писател А. ден Долард, кој во својот роман „Свадбата на седумте цигани“ од далечната 1939 година ги опишува убавините на градот. Токму затоа, повеќе од потребен е ваквиот вид промоција, организација на големи концерти и настани со актуелни познати имиња, како што е на пример „Exit“ во соседна Србија, саеми за храна и слично, а во насока на привлекување што поголем број посетители и познати личности кои ќе ја промовираат нашата земја преку, во моментот најмоќниот медиум, социјалните мрежи.

Пицеријата на Џејми Оливер во Дубаи

Пицеријата на Џејми Оливер во Дубаи

Гастрономскиот туризам е еден од најпопуларните видови туризам во светот. Во Дубаи има преку 13.000 ресторани и барови, каде што се присутни речиси сите светски познати франшизи од угостителскиот бизнис, за разлика од Скопје, каде што има само две светски познати франшизи за брза храна. Дубаи е град кој што оваа година го доби и четиринаесеттиот ресторан со најпрестижната ѕвезда на Мишелин. Се ангажираат најдобрите светски шефови кои од храната прават вистинска уметност и симфонија од вкусови, на задоволство на големиот број гастрономски хедонисти. Џејми Оливер, Гордон Рамси, Нусрет се само мал дел од познатите готвачи што имаат отворено сопствени ресторани во оваа туристичка престолнина. Колку внимание му се обрнува на квалитетот на туристичкиот кадар во Дубаи е и посебниот оддел на Факултетот за туризам, кој ги образува професионалните возачи на сафари-тури во соседните пустини. Во Дубаи има повеќе од 2.000 сафари-возачи. Од друга страна, еден од најголемите проблеми во туристичкиот бизнис во Македонија е недостигот од обучен и квалитетен кадар во угостителските објекти.

Во последно време, повторно е актуелна идејата за формирање на Министерство за туризам во Македонија, кое ќе ги решава проблемите на туризмот тука. Дали ќе биде министерство што ќе изработи уште една од многуте стратегии за туризам? Во Македонија има Министерство за здравство и, што мислите, дали е решен проблемот со здравството? Само по себе министерството не е решение на проблемот ако не се екипира со добар кадар во самото министерство, кој ќе работи со голема љубов и посветеност, да има голем буџет за негово функционирање и, секако, нула-корупција. Министерство кое ќе има 4-годишен план и програма, а не менување на министри во зависност од дневно политичките потреби. УАЕ нема посебно министерство за туризам. Секторот туризам е во склоп на Департманот за економија и туризам, но важноста на овој сектор се гледа во тоа што сите поголеми прашања и инвестиции поврзани за овој сектор се под контрола на шеикот. 

Секако помисливте дека е лесно да се развива туризам кога имаш голем капитал. Македонија својата шанса за развој на туризмот ја пропушти со катастрофално лошата приватизација, кога хотелите беа „приватизирани“ од страна на тогашните моќници. Поради лошиот менаџмент и непрофесионалност во работењето, голем дел од нив пропаднаа и не работат денес. За изградба на големи хотелски капацитети од осамостојувањето на Македонија, резултатот е следен: само два поголеми хотели во Скопје и ниту еден во македонскиот туристички бисер, Охрид. Поради сето тоа, првата задача на идното министерство за туризам, во кој и да е облик, е привлекување на светски познати ланци на хотели кои ќе ја исцртаат Македонија на светската туристичка мапа. Откако ќе се изградат големи сместувачки капацитети, дури тогаш може да започне вистинската промоција за привлекување туристи.

Сосема на самиот крај, во време кога познатиот претприемач Илон Маск го развива вселенскиот туризам и се подготвува да ја насели планетата Марс, во Македонија се бара начин како да се поминат 170 километри растојание од македонската метропола до македонскиот Ерусалим за помалку од четири часа.

Image
Newsletter