Политичките партии од власта не штедат пофалби за економските мерки за кои велат дека во услови на криза обезбедиле повисоки плати и пензии.
Од септември платите во јавниот сектор се зголемуваат за 10%. Но, кога растот на трошоците го достигна својот врв, ова зголемување на платите и пензиите е смешно.
Дали воопшто треба да се промовира зголемување на плати во време кога инфлацијата е енормно висока? Мнозинството граѓани немаат зголемување на стандардот, туку континуирано осиромашување.
Додека цените растат и инфлацијата се продлабочува, именуваните функционери си добија повисоки плати за вртоглави 78 проценти. Бурата од реакции во јавноста не ги премисли избраните и именувани лица како од власта така и од опозицијата побрзо да реагираат и во ова кризно време да направат корекција.
Според економската фела, функционерите треба да си ги намалат платите и да ги покачат примањата на работниците, во време кога обичниот човек едвај преживува.
Но, кому му е гајле за народот, за оној што врзува крај со крај и чиј глас е важен само пред избори. Очигледно и оваа „битка” за заштита на стандардот е повторно веќе виден популизам пред избори.