Според конвенционалната финансиска теорија, светот и неговите учесници во поголемиот дел се рационални „максимизатори на богатството“. Но, има многу инстанции каде што емоциите и психологијата влијаат врз нашите одлуки, предизвикувајќи нè да се однесуваме непредвидливо и на ирационален начин. Многу од традиционалното економско и финансиско моделирање е базирано на претпоставката дека индивидуите дејствуваат рационално, проследувајќи ги сите достапни информации во нивниот процес на одлучување. Но, инвеститорите во реалноста секогаш не се однесуваат рационално, предвидливо и на непристрасен начин, како што укажуваат квантитативните модели. Напротив инвеститорите ги вложуваат парите на пазарот на капитал за да генерираат профит, а најголем дел од нив се обидуваат не само да направат профитабилен бизнис, туку и да го победат пазарот. Во остварувањето на овие цели тие не се рационални. Пазарот на капитал го сочинуваат инвеститорите, па оттука тешко е да не се размислува за пазарот на капитал како личност: тој има карактер што може да се сврти од избувлив во еуфоричен, може да реагира непромислено еден ден и да се поправи во наредниот.
Кога е во прашање донесување одлука за инвестирање на пазарот на капитал, а особено во изборот на акцијата во која ќе се инвестира, луѓето прават систематски грешки, таканаречени когнитивни пристрасности, кои доведуваат до помалку рационално однесување во однос на претпоставената класична економска парадигма. Откриено е дека овие спознаени пристрасности се виновни за разни нерегуларни феномени на финансиските пазари (турбуленции, предвидливи трендови, сезонски циклуси, балони итн.). Македонските инвеститори не се исклучок од овие нерационални однесувања и во краткиот историски развој на македонската берза може да се забележат сите нерегуларности забележани во светската литература во однесувањето на инвеститорите што водат голема волатилност и абнормални приноси и покачувања на берзанскиот индекс, проследено со исто толку абнормални загуби и пад на индексот МБИ10.
КРАТОК ИСТОРИСКИ ПРЕГЛЕД НА ДВИЖЕЊЕТО НА ДВИЖЕЊЕТО НА МБИ10
Македонскиот пазар на капитал е претставен од Македонската берза на хартии од вредност. Модерната историја на македонскиот пазар на капитал се поврзува со структурните промени во 1990-тите години, поминувајќи ја транзицијата на земјата кон слободна пазарна економија. Македонскиот берзански индекс (МБИ10) претставува агрегатен показател на движењето на цените на акциите што котираат на Македонската берза АД Скопје и е пондериран индекс на акции составен од десетте најтргувани акции од котираните компании на официјалниот пазар. Индексот е воведен на почетокот на 2005 година со почетна вредност од 1.000 индексни поени. На Графиконот 1 е прикажано движењето на вредноста на индексот МБИ10 од неговото формирање и почетна позиција од 1000 индексни поени на 4.1.2005 година, до 20.9.2022 година. На графиконот се гледа дека на 31.8.2007 година берзанскиот индекс МБИ10 ја зголемува својата вредност за 10 пати и за само една година и 8 месеци го постигнува својот врв од 10,057.77 индексни поени. Потоа следува период на пад и на стагнација, без позначителни растови, падови и поголема волатилност до 2017 година, кога почна постепено нагорно придвижување на МБИ10, што резултираше со нов максимум од 6,364 индексни поени на 9.2.2022 година. Растот на берзанскиот индекс што почна по 2017 година, по промената на власта и по зголемените очекувања со влезот на земјата во НАТО-алијансата, ги зголеми довербата на инвеститорите и очекувањата за купување акции на македонската берза. При тоа, неочекувани настани што го потресоа целиот свет предизвикаа нови турбуленции, а тоа беше пандемијата со Ковид-19 и украинската војна.
Графикон бр.1 Вредност на индексот МБИ10 во периодот од 04.01.2005 до 20.09.2022
На Графиконот 2 се прикажани процентуалните дневни промени на индексот, што покажува поголеми турбуленции и зголемена волатилност во периодите на големи растови и падови, додека во долгиот период на стагнација, секако е и помала волатилноста.
Графикон 2. Процент на дневна промена на индексот МБИ10 во периодот од 1.1.2005 до 20.9.2022 година
2007 година беше најуспешната година во историја на македонската берза, која до сега не е повторена: остварен е промет од 41,7 милијарди денари, а македонскиот берзански индекс МБИ10 ја достигна својата највисока вредност, пробивајќи ја границата од 10.000 индексни поени. Уште во првите два месеца од тргувањето, стана очигледно дека на берзата се вклучуваат и ќе се вклучат далеку поголем број инвеститори, домашни и странски, физички и институционални. Сега веќе цените ги имаа надминато номиналните, па и книговодствените вредности, но тие, сепак, се сметаа за потценети. Тоа се случуваше делумно како резултат на претпоставката дека имавме лоша приватизација и несоодветна процена, а делумно и на споредбата со цените на акциите на слични компании од ист сектор во регионот и во светот – тие насекаде беа по три или повеќе пати над нивните книговодствени вредности. Сето ова беше надополнето и со голема медиумска покриеност на случувањата на берзата, нејзино експонирање и претставување првенствено како опција за брза, а не за долгорочна заработувачка, што дополнително влијаеше на вклучувањето на нови и нови физички лица. Сета оваа еуфорија што се ткаеше околу берзата беше надополнета и со многубројни „анализи и претпоставки“ околу идните движења на цените на акциите што можеа да се сретнат на разно-разни инвестициски портали кај нас и во опкружувањето. Недостигот од инвестициски фондови на нашиот пазар на капитал (првиот се појави кон крајот на 2007 година) придонесе да дојде до вклучување на толку многу физички лица во тргувањето на берзата, а факт е дека најголемиот дел од нив не поседуваа соодветно знаење, искуство и способност за реакции во дадени ситуации. Глобалната финансиска криза што се случи во 2008 година, многу значајно се рефлектираше врз македонскиот пазар на хартии од вредност. Кризата, која започна како финансиска, а многу брзо прерасна во економска криза, и чија генеза потекна од развиените пазари на капитал (САД, Европската Унија и други земји), достигна глобални размери и исклучително негативно се одрази токму врз светските пазари на капитал, а соодветно се транспонираше и на македонскиот пазар на хартии од вредност. Иако Македонија не беше многу погодена од првиот бран на финансиската криза, пред сè поради фактот што финансиските институции речиси и да немаа вложувања во поризични и „токсични“ финансиски инструменти и поради ниското ниво на развиеност на пазарот на деривати во Република Македонија, сепак, кризата се почувствува индиректно. Имено, во неколку години по 2004 година, на македонскиот пазар на хартии од вредност беше забележан прилив од странски институционални инвеститори што во услови на соочување со ефектите од глобалната криза во своите матични земји, во борбата за одржување на ликвидноста и на солвентноста беа принудени да се воздржат или да го забават инвестирањето на македонскиот пазар на хартии од вредност, што значајно се рефлектираше врз ликвидноста на тргувањето со хартии од вредност на македонската берза, особено во втората половина на 2008 година. Константниот пад на вредноста на индексот МБИ10, постојаниот притисок на продажната страна и постојаното напуштање на странските институционални инвеститори на нашиот пазар на капитал, создаде дополнителна паника помеѓу домашните инвеститори и недоверба кон компаниите што котираат на берзата и кон целиот берзански концепт. Иако резултатите на поголем дел од компаниите за 2008 година беа подобри во споредба со претходната (кризата почна да се чувствува дури во четвртиот квартал од 2008), тие не можеа да ја сменат перцепцијата на обичниот инвеститор дека цените на акциите ќе продолжат да губат од својата вредност и дека тие ќе можат да се купат по извесен период за многу пониски цени. Добар дел од неискусните инвеститори воопшто и не реагираа на ваквиот пад, едноставно помирени со загубата и препуштени на разочарувањето од инвестирањето, чекаа „подобри времиња“.
Секако, нестабилната политичка ситуација во земјата што настана како резултат од недобивањето статус на земја-членка на НАТО во април 2008 година, како и вонредните парламентарни избори што следуваа по овој настан, имаа дополнително негативно влијание врз македонскиот пазар на капитал. Константниот пад на вредноста на индексот МБИ10 придонесе тој да ја заврши годината на вредност од 2.096,16 индексни поени, што претставуваше намалување од 72,92% во споредба со вредноста на индексот на последниот ден на тргувањето во 2007 година.
Својот најголем пад берзата го доживеа на почетокот на 2009 година. Понатамошниот пад на вредноста на индексите низ светот, а особено во регионот, константното повлекување на капиталот од нашиот пазар од страна на странските инвеститори, како и сплетот на околности во македонската економија поврзани со порастот на каматните стапки од страна на НБРМ и на комерцијалните банки, константниот притисок врз денарот и опасноста од негова девалвација, придонесоа за појавувањето на овој тренд. Својот минимум МБИ10 го достигна на 10.3.2009 година кога изнесуваше 1.598,50 индексни поени и беше за 23,74% намален во однос на крајот од 2008 година. Прометот беше значително опаднат, а ликвидноста сериозно загрозена дури и кај дотогаш најтргуваните акции, чинители на индексот МБИ10. Во наредните месеци, индексот МБИ-10 почна да бележи нагорен тренд, главно под влијание на случувањата на светските берзи и порастот што се случи на нив под влијание на претпоставките дека најголемите светски економии почнуваат да излегуваат од кризата. Иако таа претпоставка не важеше и за економиите на земјите од Југоисточна и Источна Европа, вклучувајќи ја и нашата економија, сепак, на пазарот се создаде една неочекувана еуфорија дека цените на акциите го достигнале дното и дека започнува периодот на пикот. Првиот пик берзата го достигна на 3.6.2009 година, кога индексот МБИ10 ја имаше вредноста од 2.729,33, а вториот на 15.10.2009 година со вредност од 3.922,29 индексни поени. На крајот од 2009 година индексот изнесуваше 2,751.88, а на почетокот од 2017 година 2,137.32 индексни поени, што значи за 22% помал од 2009 година.
НАТО-ЕФЕКТ, КОВИД-19 и УКРАИНСКАТА ВОЈНА
Влијанието на политичките настани врз пазарот на капитал го видовме преку предизвиканиот пад по недобивањето НАТО-пристап во 2008 година, што ја покажа и сензитивноста на македонскиот инвеститор на какви било информации и вести поврзани со решавање на спорот со името и добивањето НАТО-членство.
Што е тоа што ги води македонските инвеститори – секако се тоа очекувањата. Кога македонскиот инвеститор ќе види ценовен тренд на некоја акција во неколку последователни дена, тој веднаш реагира и не го интересираат фактите, туку само трендот со надеж дека тој ќе продолжи. Големите порасти или падови во ценовните нивоа служат како сигнал или трансмитер на информацијата дека цените ќе растат, што ги води македонските инвеститори во последователни шокови отпосле во ист правец, што резултира во процес на следење на трендот кој продолжува извесно време.
Решавањето на спорот со името и забрзувањето на процесот на влегувањето во НАТО, придонесоа кон позитивниот сентимент на инвеститорите во акции, но и добрите финансиски резултати на компаниите котирани на берзата во претходните 2-3 години си го направија своето. Водени од очекувањата за позитивното влијание на членството во НАТО, како и од добрите финансиски извештаи, инвеститорите ја зголемија страната на побарувачката и цените на акциите почнаа со раст.
Берза
Вредноста на главниот индекс на македонската берза, МБИ10, во 2017 година оствари раст од 18%, во 2018 година од 42.5%, проследен со понатамошен пораст од 36% во 2019 година, така што на почетокот од 2020 година, индексот забележа кумулативен тригодишен пораст од 120% во однос на почетокот од 2017 година. На Графиконот 3 е прикажано движењето на вредноста на МБИ10 во периодот од 3.1.2017 година до 20.9.2022 година. Постигнатото во вредноста на индексот до 2020 година, со појавата на вирусот забележа пад во февруари и март 2020 година. Со денови акциите на најголемите македонски компании што котираат на македонската берза ја губеа својата вредност најмногу поради кризата што ја предизвикува вирусот Ковид-19. Светските берзи бележеа огромни загуби, а тоа се преслика и на македонската берза. Првиот поголем пад македонскиот берзански индекс го забележува на 24 февруари, на само два дена пред да биде евидентиран првиот случај во земјава, односно кога беа забележани неколку случаи во регионот. Нешто подоцна на краток рок, берзата забележа стагнација и подобрување сè до 11 март, кога Светската здравствена организација прогласи пандемија на Ковид-19, по што тргувањето со акции беше во константна надолна линија. Денот кога лидерите на ЕУ и формално го усвоија заклучокот со кој на Македонија и на Албанија им се дозволува отпочнување на пристапните преговори со ЕУ е последниот ден на кој се бележи најниско ниво на берзанскиот индекс. Веднаш потоа, кога Македонија и формално стана 30-та членка на НАТО, почна да расте вредноста на акциите на македонскиот берзански индекс МБИ 10. Македонската берза почна да се оправува по првичниот пад предизвикан од пандемијата.
Македонскиот пазар има голема поврзаност со случувањата на берзите во странство, па кога странските берзански пазари почнаа да заздравуваат и кога акциите почнаа да си ги враќаат вредностите на цените, тоа се случуваше и на македонскиот пазар на капитал. Македонските компании што котираат на берзата бележат раст на цените на своите акции, па македонската берза почна да заздравува по падот од 30% до кој дојде поради пандемијата со Ковид-19. Тоа најмногу се гледа од значителниот пораст на акциите на најголемите македонски компании и од последователниот раст на берзанскиот индекс МБИ10. Дел од акциите ја зголемија својата вредност поради објавата на компаниите дека ќе им исплатат дивиденда на своите акционери. По трендот на пад предизвикан од неизвесноста и од стравот што предизвика паника и кој доведе до пад на цената од 30% во даден момент, откако се стабилизираа работите, дојде до нормализирање во движењето на берзанскиот индекс, па на крајот од 2020 година заврши со минимален раст од 1.2% во однос на почетокот на годината. Иако пандемијата продолжи и во 2021 година, индексот МБИ10 на крајот од 2021 година достигна вредност од 6153.48 односно за 30% повеќе отколку на почетокот од годината. И 2022 година започнува плодно за македонската берза, со раст на МБИ10, кој на 9.02.222 година достигнува нов максимум по 2007 година од 6,364 индексни поени. Почетокот на војната во Украина македонските инвеститори како и инвеститорите насекаде во светот го проследија со продавање на своите акции, со што предизвикаа пад на берзанскиот индекс од 8.65% на денот на почетокот на војната. Индексот во наредните неколку месеци се одржуваше на околу 6000 индексни поени и покрај кризата во сите домени на економијата. Тоа може да се протолкува како ефект од добрите резултати од работењето во претходната година и објавите за дивиденди. И покрај комплексното опкружување за компаниите што котираат на берза, во 2021 година компаниите работеле солидно, а објавените финансиски извештаи се со добивка, и тоа од вкупно 91 друштво што известило, 73 оствариле добивка наспроти 66 лани. Војната во Украина навистина беше неочекуван шок за сите берзи и инвеститори, и никој не очекуваше ваква ескалација на состојбите. Така, пред вистинскиот напад од страна на Русија, берзанскиот индекс имаше мали падови, а во некои денови и раст, соодветно на вестите што доаѓаа. Никој не очекуваше дека во 21 век, по тоа што му се случи на светот со пандемијата, ќе му се случи и војна. Но војната се случи кон крајот на февруари и донесе многу силен удар врз сите берзи во форма на значајна надолна ценовна корекција. Војните, економски гледано, пред сѐ значат неизвесност, а повеќето проекции и перцепции се инкорпорираат во надолен тренд и негативни берзански индекси. Цените на берзите стануваат максимално осцилаторни, додека пазарниот сентимент е нестабилен и подложен на лесни и на брзи промени на дневно ниво. Целото окружување е крајно осетливо, имајќи предвид дека нестабилноста на пазарите на капитал предизвикана од војната во Украина само се надоврза на претходната неизвесност поврзана со пандемијата: инфлацијата, каматните стапки, веригите на снабдување, енергетските предизвици и проблемите во економскиот раст. Периодот е турбулентен и непредвидлив, како за економиите во целина, така и за котираните компании од различни стопански дејности и за берзите на кои се тргуваат нивните акции.
Графикон 3. Вредност на индексот МБИ10 во период од 3.1.2017 до 20.9.2022 година
На Графиконот 4 е прикажана дневната промена на индексот МБИ10, каде што се гледа големата волатилност во деновите на почетокот на пандемијата, како и на војната во Украина. Најголемите осцилации се поврзани со вестите околу членството во НАТО, почетокот на пандемијата и Украинската војна.