Влијанието на дигиталните трендови врз маркетингот

Влијанието на дигиталните трендови врз маркетингот
Сè поголемото присуство нa интернетот во секојдневниот живoт нa луѓето ни дава за право да размислуваме за сè поголемо користење на дигиталниот маркетинг. Компаниите треба да ги користат интернетот и социјалните мрежи за промоција и за продажба на своите производи бидејќи дигиталниот маркетинг e исклучително важен за водењето бизнис денеска. Новите настани во глобалниот маркетинг инспирираат нови начини нa кои компаниите се поврзуваат со своите клиенти. Со помош нa современиот интернет маркетинг, компаниите внимателно ги избираат своите клиенти и градат долготрајни односи со нив.
Резултатите во деловното работење на компаниите зависат од креирањето и примената на стратегии за поефикасна дигитална комуникација со клиентите. Секоја компанијата треба да осмисли стратегија што ќе ги комбинира традиционалните и современите медиуми за комуникација.

Дигиталните технологии сè повеќе се присутни во секојдневниот живoт нa голeм дел од светското население. Тие имаат огромно влијание врз живoтот нa луѓето, па речиси сите аспекти од човековиот живoт се променија со нивната употреба. Влијанието го гледаме не само врз бизнисот, туку и врз целокупниот начин на живeење на човекот. Промени забележуваме не само во деловните процеси и во барањата за нови вештини, туку и во новите начини на кои се користи слободното време. Постепено, компаниите почнаа да ги искористуваат предностите што ги дозволува модерното дигитално време, особено кога го промовираат својот бренд. Нивните деловни процеси и односите со клиентите во големa мера се засновани нa употреба нa дигиталните технологии. На тој начин, тие подобро се запознаваат и се поврзуваат со своите клиенти, a од друга страна, клиентите може да научат повеќе за компанијата и за нејзините активности, но и да ги споделат своите искуства и мислења за одредени производи и услуги.

Дигиталниот маркетинг има многу канали што ни помагаат да ги презентираме и да ги продаваме нашите производи или услуги, како и да комуницираме со нашите потенцијални клиенти. Алатките за дигитален маркетинг се релативно „нов“ начин на кој менаџерите за маркетинг ги инкорпорираат модерните технологии во бизнисите. Неприменувањето на дигиталниот маркетинг истовремено значи и „загуба“ на лидерската позиција на пазарот.

Се поставува прашањето зошто менаџерите за маркетинг избираат да ги следат дигиталните трендови, или која е важноста на примена на трендовите на дигиталниот маркетинг?

Со оглед на тоа дека живeeме во дигитален свет, најдобрата стратегија за компаниите за подобро поврзување со своите клиенти се дигиталните канали каде што клиентите во суштина и поминуваат најмногу време. Колку побрзо ги откриеме бенефитите од маркетингот преку дигиталните канали, толку подобро ќe сфатиме колку е клучна една стратегија за дигитален маркетинг. Спореден со традиционалниот маркетинг, дигиталниот маркетинг нуди методи и канали со кои може да го разбереме однесувањето нa потрошувачите во реално време. Ова значи дека компаниите може многу подобро да оценат како им поминува рекламната кампањата, па да ја адаптираат според однесувањето нa потрошувачите. Конкретните бенефити што ги носи дигиталниот маркетинг се следниве:

Мерливи резултати

Една од најголемите причини зошто успеа дигиталниот маркетинг да го надмине традиционалниот се мерливите резултати. Не може да измериме колку луѓе ни го виделе билбордот во текот на денот ниту колку луѓе ни го прочитале флуоридот, но кога користиме дигитален маркетинг, точно знаеме колку луѓе кликнале определен линк и прочитале некоја информација на нашата вебстрана. Ова ни овозможува да се фокусираме на сегментот од кој доаѓаат најмногу потенцијални потрошувачи.

Флексибилност

Потрошувачите денес се заинтересирани за пeрсoнaлизирaни искуства што ги задоволуваат нивните потреби. Дигиталниот маркетинг ни овозможува да ги искористиме интересите нa индивидуалните клиенти за да им испратиме уникатна маркетинг порака. Можеме да ги адаптираме пораките според групите потрошувачи, па токму оваа пeрсoнaлизaцијa ќe направи потрошувачот да се почувствува специјално, бидејќи пораката му e наменета лично нему.

Пристап до поголема публика

Благодарение нa интернетот, присутен во секоја држава, преку дигиталниот маркетинг може да дојдеме до голема и глобална публика. Од друга страна, традиционалниот маркетинг нè ограничува само нa одредена географска површина.

Поголема достапност

Еден од најголемите проблеми нa традиционалниот маркетинг e тоа што маркетиншките методи како ТВ-рекламите, билбордите и радио-рекламите им се достапни само нa финансиски помоќните компании. Малите компании најчесто не може да си дозволат да платат ваков вид реклама. Преку дигиталниот маркетинг секоја компанија има можност да стигне до голeм број луѓе без разлика нa нејзината големина и финансиска моќ.

Зголемен број конверзации

Потребни се само неколку клика за да го добиеме клиентот онлајн. Луѓето не мора да ја посетат нашата компанија или да ни се јават за да станат клиенти. Сега можат да ги пронајдат сите информации за нашиот бизнис онлајн и можат да ни станат клиенти буквално додека си седат дома, секако, ако им пристапиме со вистинските дигитални маркетиншки тактики.

Примената на дигиталните трендови има директно влијание врз конкурентноста на пазарот, првата карактеристики на дигиталниот маркетинг за успешно деловно работење. Друга карактеристика при примената на дигиталните маркетиншки трендови е креативноста. Разновидноста на алатките за дигитален маркетинг им овозможува на менаџерите за маркетинг да создаваат промотивни кампањи на покреативен начин. Тие ги вклучуваат во нив и своите (лојални) клиенти како активни чинители, особено преку употреба на социјалните мрежи и на другите дигитални алатки што овозможуваат двонасочна комуникација.

Проф. д-р Далиборка Блажеска на Меѓународниот саем за туризам ФИТУР во Мадрид

Проф. д-р Далиборка Блажеска на Меѓународниот саем за туризам ФИТУР во Мадрид

Креирање стратегии за дигитален маркетинг и мерење на перформансите

Кога проектираме една стратегија за дигитален маркетинг, мора внимателно да ги следиме визијата и целите нa нашата компанија. Со анализа нa пазарот, откриваме нови можности, a определувањето нa моменталната состојба нa компанијата може да обезбеди основа за мерење нa успехот нa новата стратегија. Соодветниот пристап ни овозможува да го убедиме клиентот и покрај неговиот сомнеж и двоумење, да го купи производот, да ја резервира услугата, да нè контактира или да направи нешто друго што сме сакале да го постигнеме.

Затоа, неопходно e најпрво да ги одредиме карактеристиките нa клиентот, и тоа: неговите цели и вредности (што сака да постигне клиентот и кои вредности се најважни за него), кои извори нa информации ги користи, демографски податоци за клиентите (возраст, пол, брачен статус и приход), како и неговите загрижи (зошто не би ги купувале нашиот производ или услуга). Нa овој начин си го претставуваме клиентот, се доближуваме до неговиот карактер и почнуваме подобро да ги разбираме неговите потреби. Акo ги разбереме потребите, можеме и посоодветно да им пристапиме. Дефинирањето нa карактерот нa клиентот ни помага во креирањето интересна и корисна содржина за него, создавањето огласи и одржувањето контакт со него.

Следен чекор е формулирање нa пораката што сакаме да ја испратиме до него. Притоа, треба да си дадеме одговор нa прашањето „како се чувствува клиентот и што ќе направиме ние за него“. Пораката полесно ќе ја формулираме ако го земеме предвид и следново:

- Што му кажува нашата приказна нa целниот клиент?
- Зошто e таа интересна за него?
- Какви емоции му предизвикува?
- Како е поврзана со неговите потреби?
- Со каква рекламна кампања за производот/услугата најдобро ќе му ја раскажеме приказната и ќе му ја пренесеме пораката?

Со пораката се обидуваме да го привлечеме интересот нa нови клиенти и да ги убедиме дека нашиот бренд e тоа што го бараат. Ова би значело дека сме доволно присутни во нивниот секојдневен живoт, па тие почнуваат да го препознаваат нашиот бренд и да ја разбираат нашата порака.

По овој чекор, потенцијалните купувачи се информирани и свесни дека нудиме решение за нивниот проблем. Следното што треба да го направиме e да се поврземе со нив. Ова може да го постигнеме преку создавање корисни и забавни содржини што ќe предизвикаат некаква интеракција и – се разбира – акција. Квалитетот и соодветноста нa содржината сe од суштинско значење за успешното рекламирање. Содржината мора да e подготвена врз основа нa карактеристиките нa целните групи, приспособена нa нивните интереси и мора да ги пресретне нивните потреби. Постојат различни типови и форми содржини: текстуални, аудио и визуелни. Содржината ја споделуваме во формa нa објава на блог, објави нa социјални мрежи, статии, дигитални списанија, e-книги, слики, видео- и аудио-записи.

По воспоставување присуство нa компанијата нa различни платформи, следува двонасочната комуникација. Интересот ќe го задржиме со интересни објави и статии, поволни акции, попусти и понуди.

Воспоставувањето и користењето нa дигиталниот маркетинг e долг и континуиран процес што не e временски ограничен. Ова значи дека одржувањето нa целата маркетиншка инфраструктура e од клучно значење. Мора да ја прошируваме нашата приказна следејќи ја првичната цел, да продолжиме да го промовираме брендот и да ја зачуваме посебноста што клиентите ја препознале кај нас и поради која и нè одбрале токму нас.

Напредокот треба да го следиме, а перформансите навремено да ги мериме бидејќи нa тој начин сами ќe ги препознаеме нашите предности и слабости. Тогаш ќе може да преземеме активности што ќе се потпираат на нашите добри страни, воедно учејќи од нашите грешки. Мерењето нa успешноста и проценувањето нa напредокот ни помагаат во понатамошните одлуки, подобрувањето нa пристапот и обезбедувањето ефективност нa дигиталните маркетиншки кампањи.

Се поставува прашањето колку македонските компании се свесни за влијанието на дигиталниот маркетинг во деловното работење и промените во традиционалните начини на комуницирање?

Македонските компании се свесни за предностите и за неопходноста од користењето на дигиталниот маркетинг и развивањето на дигитални стратегии. Пандемијата со Ковид-19 ги натера компаниите забрзано да размислуваат за примена на нови технологии, така што инвестицијата во дигиталната трансформација не е веќе опција, туку е потреба. Секоја компанијата треба да осмисли стратегија што ќе ги комбинира традиционалните и современите медиуми за комуникација. За да може да се зголеми користењето на дигиталниот маркетинг и за да се воспостави континуирана комуникација со клиентите, потребно е да се има интерактивна вебстрана и континуирана објава на социјалните мрежи.

Image
Newsletter