Зајакнување на иновативниот потенцијал на малите и на среднитте претпријатија како дел од Европската стратегија за дигитализација до 2030 година

Проф. д-р Наташа Ристовска, деканка на Факултетот за претприемачки бизнис на УТМС

Дигиталните технологии имаа клучна улога во одржување на економскиот и на социјалниот живот за време на здравствената криза. Тие ќе бидат клучен фактор за диференцирање на успешна транзиција кон одржливи пост-пандемиски економии и општества. Европските граѓани и бизнис-секторот може да имаат корист од дигиталните можности, па оттука промовирање и на европскиот пристап кон дигиталната трансформација. Со тоа се демонстрира европското дигитално лидерство со заедничка визија за 2030 година. Придобивки од дигиталната стратегија на ЕУ ќе имаат европските граѓани, бизниси и животната средина.

Дигиталните решенија што се поттикнуваат треба да ги стават луѓето на прво место, да отворат нови можности за бизнисите, да поттикнат развој на доверлива технологија, да негуваат отворено и демократско општество, да овозможат витална и одржлива економија, да помогнат во борбата против климатските промени и во постигнување зелена транзиција.

Дигитален компас на Европа

Дигиталните амбиции на ЕУ за 2030 година се поставени во врска со четири аспекти:

• граѓани со дигитални вештини и висококвалификувани професионалци за дигитални технологии: до 2030 најмалку 80% од сите возрасни граѓани да имаат основни дигитални вештини, а во бројката од 20 милиони вработени ИКТ-специјалисти во ЕУ голем дел да бидат жени;

• сигурна и одржлива дигитална инфраструктура: до 2030 година, сите домаќинства во ЕУ да имаат гигабитна конекција, а сите населени места да бидат покриени со 5G; производството на најсовремени и одржливи полупроводници во Европа да биде 20% од светското производство; 10.000 единици на климатско неутрална високо безбедна компјутерска инфаструктура да биде распоредена во ЕУ; а Европа треба да го има својот прв квантен компјутер;

• дигитална трансформација на бизнисите: до 2030 година, три од четири компании да користат интернет услуги, големи податоци и вештачка интелигенција; повеќе од 90% од МСП да достигнат барем основно ниво на дигитален интензитет; а бројот на бизнисите наречени „unicorn“ (еднорози) во ЕУ да се удвои;

• дигитализација на јавните услуги: до 2030 година, сите клучни јавни услуги да бидат достапни онлајн; сите граѓани да имаат пристап до своето електронско медицинско досие; а 80% од граѓаните да користат електронска карта за идентификација.

Конкурентна дигитална економија

Европа има за цел да стане глобален лидер и модел за дигитална економија, притоа поддржувајќи ги економиите во развој да се дигитализираат преку воспоставување дигитални стандарди и нивна промоција на меѓународно ниво.

Преку дигиталната стратегија на ЕУ треба да се овозможи развој на иновативни и на брзорастечки стартапи и мали претпријатија со полесен пристап до финансии и можности за ширење на бизнисот, да се обезбеди фер конкуренција, но и законско уредување за дигиталните услуги, како и зголемен пристап до висококвалитетни податоци со обезбедување истовремена заштита на личните и чувствителни податоци.

Дигиталната трансформација е широк концепт што ги опфаќа промените предизвикани од зголемената достапност и употреба на дигитални технологии во речиси сите видови човечки активности. Во контекст на бизнисот, примената на дигиталните технологии предизвикува промени во деловните модели, производите или во услугите, во начинот на кој тие се произведуваат и се испорачуваат, како и во вештините потребни за одржување на конкурентска предност во услови на променливо деловно окружување.

Конкретни цели за бизнисот во ЕУ до 2030

Патот кон дигиталната иднина на Европа е базиран и на визијата за отворен и конкурентен единствен пазар. Клучните приоритети на новата стратегија за дигитална трансформација се: дигитални вештини, инфраструктура и трансформација на деловните и јавните услуги. Посебен акцент е ставен на малите и на средните претпријатија, кои имаат централна улога во оваа дигиталната трансформација, не само затоа што претставуваат најголемиот дел од претпријатијата во ЕУ, туку и затоа што се клучен извор и двигател на иновации. Оттука, се очекува иновативната ИКТ-индустрија во Европа да има клучна улога во управувањето со транзицијата.

Пред малите и средните претпријатија се поставени амбициозни цели. Одредени се и основните правци:

• 75% од европските претпријатија да користат интернет-услуги, големи податоци и вештачка интелигенција;

• повеќе од 90% од европските мали и средни претпријатија да достигнат барем основно ниво на дигитален интензитет;

• Европа да ги зајакне иновациите со подобрување на пристапот до финансии, што ќе доведе до удвојување на бројот на бизниси-еднорози („unicorn“) во Европа (стартап-бизниси со вредност од над 1 милијарда долари).

Студиите покажуваат дека во Европа има многу иновативни претпријатија и бизнис идеи, но голем број од нив не успеваат. Поврзувањето на намерата за поддршка на иновативните претпријатија со конкретни цели може да осигура дека конечно успешно ќе се реши јазот помеѓу истражувањето и развојот и успехот на пазарот. Во Европа има речиси идентичен број стартапи како во САД, но нема вистински функционален единствен пазар за брз раст. Еден од столбовите за поддршка на дигиталната трансформација на малите и на средните претпријатија во Европа е мрежата од 200 европски центри за дигитални иновации и индустриски кластери низ ЕУ, кои ќе ги поврзат дигиталните добавувачи со локалните екосистеми, воспоставувајќи деловни партнерства со цел постигнување високо ниво на дигитален интензитет.

Иновациски менаџмент е дел од предметните програми на Факултетот за претприемачки бизнис на УТМС

Иновациски менаџмент е дел од предметните програми на Факултетот за претприемачки бизнис на УТМС

Значењето на иновациите во дигиталната трансформација

Малите и средните претпријатија се клучни играчи во европскиот иновациски екосистем. Тие обезбедуваат 83% од работните места и претставуваат повеќе од 99% од бизнисите во Европа, со 50% учество во БДП-то. Во Европа функционираат 5 милиони мали и средни претпријатија, а 50% од нив преземаат иновативни активности. Малите и средните претпријатија имаат суштинско значење за конкурентноста и за просперитетот на Европа, како и за економскиот и технолошкиот суверенитет. Целта е да се зголеми поддршката за нив и да се зајакнат во сите сектори, од иновативни технолошки стартапи до традиционални занаети. Стратегијата за мали и средни претпријатија треба да овозможи подобрен пристап до пазарите односно да ги намали бариерите во рамките на единствениот пазар, како и да придонесе за отворен пристап до финансии за покривање на инвестициите потребни за нивна еколошка и дигитална транзиција.

Традиционално, малите и средните претпријатијата во ЕУ се соочуваат со тешкотии во комерцијализација на своите иновации на пазарот. Оваа ситуација делумно се должи на јазот во финансирањето. Во таа насока е креиран посебен „Инструмент за мали и средни претпријатија“ преку кој треба да се развие и да се капитализира нивниот иновациски потенцијал со пополнување на празнината во финансирањето во раната фаза, финансирање на високоризични истражувања и иновации, како и со зајакнување на комерцијализацијата и на резултатите од истражувањата. Овој инструмент е воведен и во рамки на програмата Хоризонт преку која може да се финансираат индивидуални приватни компании за водење проекти, при што може да се покрие целиот циклус на иновации, од лабораторија до пазар, односно да се добие поддршка за комерцијално искористување на иновациите што произлегуваат од истражувањата. ЕУ лансира и други различни инструменти за поддршка на иновативните мали и средни претпријатија во однос на пристапот до финансии како заеми, гаранции и грантови. Заштитата на интелектуалната сопственост e уште еден важен аспект на иновациите кај малите и средните претпријатија бидејќи им овозможува да обезбедат финансирање, да растат, да соработуваат и да се интегрираат во глобалните синџири на вредност.

Дигиталната трансформација на малите и средните претпријатија е фактор на конкурентност и двигател за раст на економијата и на благосостојбата. Во тој контекст, неопходни се активности за поттикнување на иновациите и на дигитализацијата на бизнисот, особено за малите и средните претпријатија, како и за традиционалните сектори. На крај, може да потенцираме дека зајакнувањето на иновативниот потенцијал со инклузивна дигитална трансформацијата на малите и на средните претпријатија е неопходно за постигнување одржлив развој.

Image
Newsletter