Жешка есен, изгор цени – регионот се мобилизира, Македонија тактизира!

М-р Билјана Трендафилова

Жешка есен, тешка зима – вака се објаснува состојбата со која ќе се соочат граѓаните во периодот што следува. Во услови на двоцифрена инфлација, скап животен стандард и покачени цени на намирници, граѓаните стравуваат како ќе ја преживеат зимата.

Веќе нѐ демне и голема енергетска криза. Покрај тоа што веќе од августовските сметки ќе имаме во просек поскапа струја за 7,4%, се стравува дали ќе има доволно електрична енергија.
Алармот го кренаа земјите во регионот, кои за разлика од кај нас сериозно се подготвуваат за периодот што следува. Дел од земјите во регионот најавија ограничувања на струјата и подготвија план за вонредна заштеда на електрична енергија.

И додека останатите земји преземаат конкретни мерки и чекори, кај нас се најавува најтешката енергетска зима до сега. Засега се водиме по принципот дека ако сѐ се одвива според планот, нема да треба да се размислува за рестрикции, а најавена е кризна состојба во делот на електричната енергија од август.

Експертската јавност подолг период предупредуваа дека е потребно да се зголеми домашното производство и навремено да се склучуваат долгорочни договори, бидејќи се знае дека Македонија е земја што зависи од увоз од електрична енергија.

Дури и во летниот период, кога се намалени капацитетите на компаниите, имаме недостиг и увезуваме секој ден од 20% до 30% од дневната потрошувачка на струја, што преставува сериозна загриженост за зимскиот период.

Инфлацијата дефинитивно го „изеде“ растот на платите. Цената на струјата и на топлинската енергија енормно пораснаа, но платите и натаму тапкаат во место. Владата реагираше со помош кон енергетските компании, но сепак се чини дека тешко ќе го заузди забрзаното покачување на цените на нафтата, гасот и на храната.

Image
Newsletter