Жешка есен, тешка зима – вака се објаснува состојбата со која ќе се соочат граѓаните во периодот што следува. Во услови на двоцифрена инфлација, скап животен стандард и покачени цени на намирниците, граѓаните стравуваат како ќе ја преживеат зимата.
Се повеќе луѓе буквално штедат и на храна за да може да ги платат сметките за струја и за греење. Според истражувањата, една третина од населението се изјаснило како енергетски сиромашно, проблем што ќе станува уште поголем ако не преземе државата мерки со кои ќе им помогне на најранливите категории.
Револтот кај граѓаните расте, а власта ја чека пеколен септември. Најавени се низа штрајкови и протести за повисоки примања. Повисоки плати бараат јавната администрација, здравството, судството, новинарите, медицинскиот персонал.
Инфлацијата дефинитивно го „изеде“ растот на платите. Цената на струјата и на топлинската енергија енормно пораснаа, но платите и натаму тапкаат во место.
И додека цените уриваат рекорди, а ранливите категории граѓани едвај врзуваат крај со крај, институциите се надмудруваат кој што треба да сработи, а Владата, наместо за стандардот на граѓаните, се грижи да ги задоволи апетитите на Бугарија, кои се на штета на македонскиот народ!