Живот во криза, има ли крај?!

Живот во криза, има ли крај?!

Три години пандемија, една година енергетска криза, војната во Украина влезе во третиот месец. Вакви сериозни кризи што се случиле за толку брзо време една по друга не се запаметени одамна. Кога сите мислевме дека светот се враќа во нормала, се појави енергетската криза, која значително се продлабочува со стартот на војната во Украина.

Овој силен удар, повлече ценовен шок. Трошоците на компаниите за набавка на струја значително се зголемија, а животот на граѓаните стана двојно поскап поради зголемувањето на цените на храната и на останатите производи и услуги што ги набавуваат секојдневно.

Воениот конфликт помеѓу Русија и Украина дополнително ја искомплицира работата. Украина е една од најголемите земји произведувачи на житарки и на железо во светски рамки. Без тие производи светот допрва ќе ги чувствува последиците. Русија е најголем извозник на гас и втор по големина извозник на нафта.

Македонија не е имуна на овие случувања. Инфлацијата веќе го изеде стандардот, граѓаните мака мачат да ги подмират сметките за комуналии и за храна, а компаниите се борат со ликвидност.

Рано е да се оценува која криза ќе остави најсериозни последици по квалитетот на животот кај граѓаните и по нормалното функционирање на бизнисот. Во вакво невреме на глобални предизвици, носителите на економските политики треба будно и мудро да носат крупни одлуки што ќе ги движат напред и бизнисот и заедницата.

Image
Newsletter