Пишува: м-р Милица Петрушевска, лектор на Универзитетот Скопје
„Јазикот јет средство, со које није познааме шчо мислит, шчо осек’ат и шчо сакат нашиот собеседник. Во јазикот се имаат оддел’ни гласовни знакои или зборои за сите мисли, осеќајн’а на једен чоек, за то јазикот на једен народ јет негоо духовно богатство и наследство, со које се закл’учуваат, отпечатани во гласовни знакои или зборои, сите народни мисли, осеќајн’а и сакајн’а, со који имат живено и живит једен народ и који се предаваат, како нешчо свето од једно поколен’е на друго. Да сочуат некој својот народен јазик, и да го бранит како светин’а, значит да останит он верен на дуот на својите предедовци и да уважаат сѐ, шчо имаат они напраено за својето потомство.“
Крсте Петков-Мисирков, „За македноцките работи“, Софија, 1903
За јазичната средина во која израснав
„Ако сакаш да станеш академски граѓанин на оваа земја, мораш да научиш да зборуваш правилно македонски!“
Ова се зборови на мојот татко, врежани во моето битисување уште од најмали нозе. Татко ми имаше обичај да ме исправа кога зборувам, во акцентот, во употребата на зборовите, во начинот на кој се изразував. Чудно ако се знае дека беше припадник на Југословенската Народна Армија, каде што службен јазик беше тогашниот „српско-хрватски“ јазик, кој течно го зборуваше, а го научил на своите студии во Белград. Културолошкиот и јазичниот притисок што го чувствуваше тогаш имајќи предвид дека работеше во служба на повеќенационална федерацијата, го провоцираа македонско чувство кај мојот татко и тој настојуваше тоа да го изрази преку својот јазик и начинот на кој нѐ воспитуваше.
Кај нас дома никогаш не се зборувало на дијалект иако и двајцата мои родители потекнуваат од светиниколско. Обајцата, од најрани години преселени во градот, мајка ми во Скопје, а татко ми во Куманово, по дома го зборуваа јазикот што го примиле во своето основно образование, македонскиот литературен јазик, со примеси на разговорен јазик во поопуштена домашна атмосфера. Кумановскиот дијалект на татко ми беше резервиран исклучиво за комуникација со неговото поблиско семејство, неговите сестри и родители, или, пак, за приказните за добра ноќ на баба ми. Дури и баба ми, во секојдневната комуникација со моето семејство, кога бевме собрани сите заедно, често се обидуваше да го надмине својот кумановски дијалект и да зборува колку што може повеќе литературни македонски.
Денеска, за мене знаат да кажат дека понекогаш зборувам по малку чудно или, пак, на високо ниво. Секогаш кога почнувам да зборувам на посериозни теми, несвесно преминувам од мојот личен разговорен скопски, со примеси од англискиот јазик поради секојдневната изложеност на него, кон стандарден македонски јазик.
Во подоцнежните години од мојот живот, како студент на студиската група за македонски јазик и јужнословенски јазици, а потоа и како магистрант на Филолошкиот факултет „Блаже Коневски“ на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, на предавањата по лингвистика, научив и сфатив зошто преминуваат луѓето од еден јазичен израз кон друг, појава што се нарекува промена на јазичниот код. Научив и дека покрај тоа што е јазикот главниот инструмент што се користи за комуникација со другите, е исто така основен дел од нашиот идентитет. И јазикот на секој поединец и неговиот идентитет се динамични категории што се развиваат во текот на животот како што се развива и самата личност, под влијание на различни фактори. И двете категории ни се неопходни за интеракција на сите нивоа во средината во која живееме.
Со оглед на времето што го поминуваат родителите со своите деца во формирањето на нивниот комуникациски стил и градењето на нивниот карактер, семејството е без сомнение најзначајниот фактор во развојот на јазикот на децата, што придонесува за обликување на нивниот идентитет. Низ деновите поминати во училиште или на студии, го совладуваме стандардниот македонски јазик зајакнувајќи го чувството на заедничка припадност кон една поширока општествена заедница односно кон нашиот народ. Со стандардниот јазик се надминува и бариерата при комуникацијата меѓу луѓето што зборуваат ист јазик, бариера која е последица на дијалектното раслојување на јазикот како резултат на неговата географска распространетост. Кога созреваме како адолесценти, нашиот идентитет се надградува како што стануваме посвесни за тоа како нѐ перципираат нашите врсници, што влијае врз тоа да го научиме јазикот на нашата социјална, а подоцна и професионална средина за да бидеме прифатени од неа. Така, во зависност во од тоа во кој контекст го употребуваме јазикот што сме го усвоиле додека сме растеле со своите родители и сме се оформувале како личности во семејството, низ образованието и потоа низ професионалната кариера, потсвесно поминуваме од еден во друг јазичен код за да се разбереме со нашиот соговорник, но истовремено и да ја демонстрираме нашата припадност кон определена заедница, било да се работи за семејството, местото од кое потекнуваме, социјалниот и професионалниот круг на кој му припаѓаме, и на крајот, народот на кој му припаѓаме.
Знаејќи го сето ова, денеска немам многу прашања зошто се употребуваше јазикот во моето семејство така каки што се употребуваше, ниту пак за професијата што ја избрав, ниту за мојот денешен јазичен израз што понекогаш од некои мои соговорници се перципира како „високо ниво“.
За почетоците на лингвистика и за македонскиот јазик во нејзините рамки
Лингвистиката е млада наука која го проучува јазикот со кој комуницираат луѓето. Се конструирала кон крајот на 19 век и кон почетокот на 20 век, кога се засилува научниот интерес за теориските проблеми на јазикот. Дотогаш, јазикот се проучувал, пред сѐ, како средство на културата, во рамките на филологијата.
Денеска во центарот на лингвистичките проучувања е јазикот како средство за комуникација, а во неговите рамки, одделно и јазичните нивоа, нивната интеракција и различните јазични стилови и изрази во различни социјални контексти. Јазикот сфатен како структура во која секој елемент е причинско-последично врзан со другите, отвора нови и нови полиња за истражување врзани со неговата знаковна, општествената и психолошка природа.
Фердинант де Сосир, швајцарски лингвист, татко на лингвистиката.
Почетоци на лингвистиката се сврзани со името на Фердинанд де Сосир (Женева, 26.11.1857 – 22.02.1913). Тој е меѓу првите кои за јазикот зборуваат како за сложена знакова структура, како за систем не еднаш даден и затворен, туку како еден жив и отворен процес, постојано подложен на влијанија и на промени. Неговиот современик, Иван (Јан) Александрович Бодуен де Куртене (1.3.1845 – 4.11.1929), полски и руски лингвист, универзитетски професор во Русија и во Полска и основач на Казанската (подоцна Петербуршка) лингвистичка школа, во рамките на јужнословенските дијалекти, ги истражувал и „македонските говори“, кои ги изделил како посебна словенска гранка.
За помалку запознаените, ќе нагласиме дека Бодуен де Куртене, паралелно со Фердинант де Сосир, ја поставил теоријата за знаковата природа на јазикот во фонологијата (лингвистичка гранка што се занимава со гласот како основна единица на говорот), а неговата работа има големо влијание врз лингвистичката теорија на 20 век. Тој е првенец на синхроната лингвистика, односно на проучувањето на современите говорни јазици. Инспириран од својата научна работа, Бодуен де Куртне бил и силен поддржувач на националното заживување на различните национални малцинства и етнички групи. Не толку многу познат факт за пошироката јавност е и дека токму нашиот Мисирков бил негов студент од 1901 до 1905 година и негов пријател.
Иван (Јан) Александрович Бодуен де Куртене, полски и руски лингвист.
За тоа дека македонскиот јазик е предмет на интерес на светската лингвистика од самите нејзини почетоци, потврда е и докторската дисертација на естонско-гермaнски славист Леонард Мазинг (1845-1936), со наслов „За јазичната определба на македонските Словени“ („Zur sprachlichen Beurteilung der Macedonischen Slaven"), која ја одбранил во 1890 година. Отпечатена е во Санкт Петербург (Buchdruckerei der Kaiserlichen Akademie der Wissenschaften), а една година подоцна, во 1891-та, исто во Санкт Петербуг, тој го преобјавил својот докторат, вклучувајќи ја кон него и студијата „Кон теоријата на гласовите и акцентот во македонско-словенските дијалекти“ („Zur Laut-und Akzentlehre der Macedoslavischen Dialekte").
Да нагласиме дека ниту Мазинг не случаен минувач во лингвистиката. Студирал теологија и филологија на универзитетите во Лајпциг, Гетинген и Дорпат, а неговиот најголем придонес е во основањето на германските славистички студии. Сиот академски век го поминал на универзитетот во Дорпат (денешен Тарту, Естонија), каде што од 1902-1925 предавал најнапред како доцент, а потоа и како вонреден и редовен професор по споредбена славистика.
Насловна страница на докторската дисертација на Мазинг.
За Мисирков и за македонските работи
„Јазикот јет средство, со које није познааме шчо мислит, шчо осек’ат и шчо сакат нашиот собеседник. Во јазикот се имаат оддел’ни гласовни знакои или зборои за сите мисли, осеќајн’а на једен чоек, за то јазикот на једен народ јет негоо духовно богатство и наследство, со које се закл’учуваат, отпечатани во гласовни знакои или зборои, сите народни мисли, осеќајн’а и сакајн’а, со који имат живено и живит једен народ и који се предаваат, како нешчо свето од једно поколен’е на друго. Да сочуат некој својот народен јазик, и да го бранит како светин’а, значит да останит он верен на дуот на својите предедовци и да уважаат сѐ, шчо имаат они напраено за својето потомство.“
Крсте Петков-Мисирков.
Овој цитат од книгата „За македонцките работи“ (Софија, 1903) од Крсте Петков-Мисирков покажува дека ниту тој не е случајна историска личност, ниту пак дека неговото дело е обичен романтичарски вознес на македонскиот 19 век. Во овој кус пасус, но и низ целата книга, Мисирков, дипломец на филолошко-историските студии на Петроградскиот универзитет, јасно се препознава како образуван човек со научно поставени тези. Студент и близок пријател на Бодуин де Куртене, во неговиот пристап кон македонскиот јазик јасно се оцртуваат новите лингвистички теории од времето во кое живее за општествената, комуникациската и знаковата природа на јазикот.
Насловната страница на „За македонцките работи“.
Освен како средство за комуникација во кој се врежани историјата и културата на неговите говорители, во оваа книга од околу 120 страници, Мисирков го гледа јазикот и како средство за национално обединување и последично за заштита на македонските народни интереси од српската, бугарската и грчката пропаганда, која во голема мера се одвивала преку српските, бугарските и грчките училишта на територијата на етничка Македонија, како и преку религијата, односно јазикот на богослужбата во црквите во времето на Мисирков. За ова тој ќе напише:
„Народните интереси ни налагаат за да ѝ зашчитиме ниф, да браниме нашијот јазик от пропагандите. Тоа бранејн’е ке бидит успешно и ке размрсит сите планои на пропагандите, ако бидит задружно и обшчо. А за да бидит такво, требит со обшчо согласије да се изберит једно наречије за обшч македонцки литературен јазик. […] Периферијцките наречија, да отстапат место на централното. […] Около централното наречије требит дa ce групираат сите наши научни и литературни сили, за да го очистат и обогатат со сокроишча од друзите македонцки наречија и да создадат од него једен убав литературен јазик. На него требит да се создадит једна богата сколијцка, научна и убаа литература, за да можит преко ниф да се раширит низ цела Македонија во вид на литературен јазик, кој шчо ке изместит од неја пропагандцките јазици. А заједно со изместуајн’ето на пропагандцките јазици и со создаајн’ето наш литературен јазик, се изместуваат од Македонија и интересите на балканцките држаици и нивното место ке го застапат создадените со јазикот македонцки интереси.“
За дијалектната основа врз која ќе се кодифицира и ќе се гради македонскиот литературен јазик, тој го избира централното наречје, не само затоа што се во центарот на македонската јазична територија, туку и поради тоа што „сет по оддалечени и от србцкијот и бугарцкијот јазикои центрои, состауајки от себе македонцки јазиков центр. И вистина диалектот Велешко – Прилепцко – Битол’цко Оридцки јет јатката на македонцкијот јазик“ (Мисирков, 1903). Овие ставови на Мисирков се совпаѓаат со тие на Мазинг, според кого македонските говори се наоѓаат помалку или повеќе подеднакво оддалечени и од српскиот и од бугарскиот. Тоа, пак, ја потврдува издржаноста на предлогот Мисирков за јадрото на македонското јазично подрачје врз кое треба да се обликува литературниот македонски јазик, кој би бил во „еквидистанца“ и кон српскиот и кон бугарскиот јазик, како автентично македонски.
За јазикот и за националниот идентитет
На цитираното дотука од големиот Мисирков, ќе се надоврземе со уште еден цитат од таткото на модерната лингвистика, Фердинанд де Сосир: „Обичаите на една нација имаат влијание врз нејзиниот јазик, а за возврат, јазикот е она што во голема мера ја прави нацијата“. Навистина и нашиот Мисирков го дели мислењето со него дека јазикот е духовно наследство на еден народ во кој е врежана историјата на неговиот културен и општествен развој, но и дека литературниот јазик е неопходен за афирмација на македонската национална засебност.
Социолингвистиката и социологијата на јазикот дека се сложни околу тезата дека јазикот и националниот идентитет споделуваат длабока и сложена врска. Јазикот делува како моќна алатка за изразување на културните вредности, зачувување на наследството и негување колективно чувство на припадност. Преку својот вокабулар, граматика и идиоматски изрази, јазикот ги опфаќа уникатните вредности, обичаи и верувања на одредена заедница. Јазичните структури, метафорите и нијансите вградени во јазикот ги рефлектираат историските и културните искуства на неговите говорници, обезбедувајќи медиум преку кој може да се пренесе националниот идентитет. Јазикот дејствува и како обединувачка сила во една нација, обединувајќи различни поединци под заеднички јазичен покрив. Заедничкиот јазик овозможува ефективна комуникација, овозможувајќи им на граѓаните да се поврзат, да соработуваат и да формираат социјални врски. Кога одреден јазик станува широко користен и признат во рамките на една нација, тој го зајакнува колективниот идентитет и негува чувство на единство меѓу неговите говорници. Јазикот игра клучна улога и во зачувувањето на наследството на една нација. Ги носи приказните, традициите и мудроста пренесени низ генерации. Со зачувување на јазикот, нацијата го обезбедува континуитетот на своето културно наследство зајакнувајќи го својот единствен идентитет. Јазикот овозможува пренос на традиционални практики, литература, народни приказни и историски извештаи, одржувајќи ги живи и релевантни за идните генерации. Јазикот служи и како извор на гордост и идентитет за поединците во една нација. Совладувањето на националниот јазик често се смета за суштинска компонента на националниот идентитет, дозволувајќи им на поединците целосно да учествуваат во културниот, социјалниот и економскиот живот на својата земја. Познавањето на националниот јазик го зголемува чувството на припадност и промовира инклузивност во рамките на националната заедница.
Блаже Конески, портрет на Димитар Кондовски.
И на крајот, зошто да зборуваме македонски?
Блаже Коневски, во духот на Крсте Петков-Мисирков, околу 83 години по издавањето на книгата „За македонцките работи“, во својот напис „Слово за јазикот“ (1986) ќе констатира:
„За нас повеќе отколку за многу други во светот јазикот претставува со сѐ што е на него создадено, како говорен и пишуван текст, најголемото приближување до идеалната татковина, тој е заправо единствената наша комплетна татковина. […] Затоа и во моменти на ломења, раслојувања и колебања, последно што треба да ни паѓа на ум е да ги поставиме под прашање придобивките на нашата самостојна акција на јазичен план.“
И ако се вратиме тука на насловот на оваа колумна, се надевам дека многуслојните одговори на прашањето зошто да зборуваме македонски можете да ги најдете во неа. Ќе оставиме секој од вас да го најде одговорот што најмногу му лежи.