Со домаќинско работење и неселективен пристап кон сите граѓани и населени места, успеавме да оствариме солидни резултати во локалниот економски развој и другите сфери на општественото живеење
Реализацијата на капитални проекти од областа на комуналната инфраструктура е една од стратешките цели и приоритетите на локалната самоуправа како ѝ подобрувањето на квалитетот на живот на граѓаните, а зачувувањето на животната средина е од огромно значење за локалниот економски развој. Во тие рамки во 2023 година продолживме со изградба на канализациски системи, препумпни уреди, како и приклучување на домаќинствата и стопанските објекти на фекална канализација.
Александар Георгиевски е градоначалник на Општина Илинден избран на локалните избори во 2021 од страна на ВМРО-ДПМНЕ.
Тој е роден во јули, 1984 година, во Скопје. Дипломирал на Правниот факултет „Јустинијан Први” при Универзитет „Св. Кирил и Методиј” во Скопје и се стекнал со звање Дипломиран политиколог. Магистрирал на Факултетот за политички науки при Универзитет „ФОН” во Скопје во 2013 година, на насока Европска и меѓународна политика и дипломарија.
На крајот од секоја година се прават анализи од повеќе аспекти на секојдневното битисување. Во вашиот случај како градоначалник на скопската општина Илинден, приоритет се ветувањата кон граѓаните и нивната реализација. Колку сте задовони од сработеното во 2023 година?
- Искрено задоволен сум од сработеното во изминатата година, затоа што зад нас е уште една година во која успеавме да реализираме голем дел од планираните проекти со единствена цел подобрување на квалитетот на живот на сите граѓани. Посебно радува податокот дека најголемиот дел од реализираните проекти беа посочени токму од граѓаните, како приоритетни, што за нас беше обврска во рамки на можностите да ги реализираме во најбрз можен рок. Со домаќинско работење и неселективен пристап кон сите граѓани и населени места, успеавме да оствариме солидни резултати во локалниот економски развој, во патната, комуналната и енергетската инфраструктура, образованието, во детската заштита, урбанизмот, екологијата, културата, спортот и другите сфери на општественото живеење. Сепак, сето ова ни оддалеку не значи дека има простор за комоција, туку напротив мотив и поттик да продолжиме по истиот пат и во иднина.
Акцентот го ставивте на комуналната инфраструктура, а тоа е делот на фекалните канализации и колектори, Што се направивте за општината во тој сегмент, кој е од голема важност за животот на граѓанинот?
-Реализацијата на капитални проекти од областа на комуналната инфраструктура е една од стратешките цели и приоритетите на локалната самоуправа како ѝ подобрувањето на квалитетот на живот на граѓаните, а зачувувањето на животната средина е од огромно значење за локалниот економски развој. Во тие рамки во 2023 година продолживме со изградба на канализациски системи, препумпни уреди, како и приклучување на домаќинствата и стопанските објекти на фекална канализација. Изградени се двата крака на колекторскиот систем за фекална канализација за Илинден и Марино во вкупна должина од 4.700 метри кој е веќе предаден на управување на ЈКП „Водовод“. Изработена е нова комплетна техничка документација така што почнавме со изградба на нов колекторски систем во должина од 4.200 метри, при што се опфаќаат повеќе од 400 домаќинства во месноста викана Плац во населба Илинден. Од октомври досега изградена е канализациска мрежа во должина од околу 1.520 метри. Овој дел од населбата е еден од најниските делови и досега воопшто не беше третиран за работа, поради сложеноста за изведба и проблематичноста во реализација на фекалната канализација. Потоа, изградена е нова линија за одведување на отпадни фекални води, на крак од улица „9“ во населба Илинден со должина од 200 метри. Изградивме фекална канализација во локалитетот „Јака“ со која се опфатени околу 500 домаќинства на која досега се приклучени 130 домаќинства. Канализациски линии на повеќе делови во Илинден и Марино. Подготвивме проектна документација за изградба на колекторски систем за дел од фекалната канализација во Кадино, со која се предвидува изградба на примарна и секундарна колекторска мрежа во вкупна должина од 11.000 метри. Исто така во изминатиот период пуштени се во употреба две пречистителни станици во Илинден и Кадино со вкупен капацитет за 2.500 еквивалент жители.
Препознатливиот симбол на Општина Илинден.
Видливо е дека општината изминативе две години, наликува на урбана, чиста средина, а за тоа придонесувааат патната инфраструктура, но и пешачките патеки. Ќе издвојам само еден пример, првпат на улицата 11 сите 9 краци се асфалтираа. Зошто, досега се чекало, а вам толку брзо ви успеа и што се направивте во тој сегмент?
-Зошто досега се чекало, не би можел да одговорам, но факт е дека откако сум јас на функцијата како градоначалник, интензивно работиме на подобрување на безбедноста во сообраќајот и секојдневната комуникација на луѓето. Само во текот на минатата година извршена е изградба, реконструкција, санација и рехабилитација на околу 80 локални улици, патишта, пешачки патеки во должина од околу 19.800 метри. Во насока на зголемување на безбедноста во сообраќајот изградивме и нов кружен тек на влезот во општината, со што се реши сообраќајниот метеж во овој фрекфентен дел. Би ја издвоил и реконструкцијата на локалниот пат Илинден-Хиподром, кој е од големо значење за жителите, затоа што ја поврзува Општина Илинден со Градот Скопје, со локалната економска зона ѝ е главна артерија за јавниот превоз. Значителен дел од капиталните инвестиции беа насочени кон изградба на пешачки и велосипедски патеки, пришто изградени се 7.000 метри. Во овој дел би ја издвоил пешачката патека на влезот во општината преку надвозникот во должина од над 350 метри. За прв пат во Општина Илинден изградена е и трим патека која се протега од Ајватовци до Бучинци. На патеката се поставени информативни табли, летниковци за одмор на граѓаните, клупи, корпи за отпадоци и наменета е за пешачење, рекреација, како и планински велосипедизам. Со цел граѓаните почесто да ги користат велосипедите и заеднички да придонесеме за поздрава животна средина, Општината за прв пат додели субвенции за купување на велосипеди. Како показател за нашата посветеност во овој тип на инфраструктура е ѝ добиената награда за „Рурална општина со најголем исчекор во велосипедската инфраструктура“, која ни беше доделена од Здружението на граѓани „Центар за одржливи иницијативи заедно со групата ентузијасти со цел подобро велосипедско Скопје-На Точак“.
Кои се вашите проекти реализирани во образованието? Што ви е во план во иднина?
-Континуирано работиме на создавање модерни и квалитетни услови во образованието за успешно реализирање на образовниот процес. Капиталните инвестиции во образованието се од огромно значење за иднината на една општина, па затоа реконструкцијата и модернизацијата на трите општински основни училишта, како и Средното општинско стручно училиште „Илинден“ е од голема важност за нас како локална самоуправа. Во таа насока е набавката на најсовремена опрема со цел да се стимулираат учениците, да ги имаат сите неопходни услови за модерно образование. Дел од поголемите проекти за изминатата година кои би можел да ги издвојам се: фотоволтаичната централа во ООУ „Гоце Делчев“ во Илинден, изградбата на целосно нов покрив на ООУ „Ристо Крле“ во Кадино, (каде првата фаза е веќе завршена, а втората фаза ќе следува во наредниот период), воедно во ПООУ „Бунарџик“ направивме партерно и хортикултурно уредување на училишниот двор. Набавени се нови смарт табли и останата опрема во сите основни училишта на подрачјето на Општината.
Еден од клучните проблеми во ООУ „Гоце Делчев“ беше паркирањето кое оваа година го решивме со изградба на паркинг на површина од 600м2. За прв пат минатата година беше обезбеден продолжен престој за учениците од прво и второ одделение во ПООУ „Гоце Делчев“. Исто така, за прв пат оваа година Општина Илинден организираше училишен летен камп, за најуспешните 50-тина ученици од општинските основни училишта. Како и минатите години така и сега пред новогодишните и божиќните празници доделив 50 смарт таблети кои беа наменети за ученици од социјално ранливи семејства. Опремен е нов кабинет за програмирање во СОСУ „Илинден“, како и уште многу други реализирани проекти. Според мене, квалитетното образование е услов за просперитетна иднина на целокупната заедница.
Во делот на детската заштита и грижата за најмладите Општина Илинден изминатата година започна со изградба на целосно нов дел на градинката „Гоце Делчев“, во кој треба да бидат згрижени најмалите дечиња (јаслени групи).
Тежнеете Вашата функција уште повеќе да ве зближи со народот. Ги повикувате заедно да го креирате буџетот на општината, им помагате на социјално загрозените лица, ги стимулирате домаќинствата за употреба на високоефикасни инвертер клима уреди за затоплување на своите домови, а вашата финансиска помош изнесува 50 отсто од сумата на вредноста. Со оглед на различната партиска, етничка структура на населението во општината, наидувате ли на соработка со сите. Имате ли опструкции?
Како градоначалник на оваа Општина и сите жители кои живеат во неа, не правам поделба на партиска, политичка и етничка припадност. Моја цел е сите ние, заеднички да создаваме модерни и квалитетни услови за живеење и за работа, во чиста и здрава животна средина. Само на тој начин можеме да изградиме подобри услови за сите, во една модерна и урбана Општина Илинден. Во таа насока се отворените денови што ги имаме со граѓаните, кои ги одржуваме континуирано, а посебен акцент беше ставен во периодот кога се креираше буџетот на општината, кадешто многу граѓани директно придонесоа со свои предлози и идеи за креирање на буџетот за 2024 година. Во однос на стимулирањето на граѓаните за употреба на уреди за затоплување на своите домови, кои се поекономични, енергетски ефикасни и поеколошки прифатливи за околината, доделивме субвенции за набавка на ваков тип на уреди, при што 60 домаќинства ја искористија оваа можност за набавка на инвертер клими. Општина Илинден секогаш води грижа за социјалната сигурност на нашите граѓани и во таа насока по повод големиот празник Велигден ја организиравме хуманитарната акција „Подај рака-хумана општина Илинден“, кадешто беа доделени околу 200 социјални пакети на социјално ранливите категории.
Често истакнувате дека за многу проекти актуелната власт немала слух, ниту ви давала поддршка. Иако наследивте општина со долг од 4 милиони евра, како успеавте да реализрате толку многу проекти и истовремено да го намалите долгот?
- Изминатиот период беше навистина предизвикувачки ако се земе предвид дека наследивме многу тешка финансиска состојба, на која дополнително се надоврза и една од најтешките економско-енергетски кризи во последниве неколку декади. Затоа се насочив кон консолидација на општината и јавните комунални претпријатија и со заеднички сили со мојот тим во администрацијата, менаџментот на јавните претпријатија и јавните институции како и со успешната соработка со советот на општината, но највеќе со поддршка и разбирање од нашите граѓани, успеавме Општина Илинден да ја застанеме и стабилизираме, како и да продолжиме со цврсти чекори напред кон нови инвестиции и нови успеси.
Климатски промени, здрава животна средина, теми кои се во фокусот на политичарите на светско ниво. Скопје е еден од најзагадените градови во светот, но иронијата е уште поголема што се сечат дрва, се уништуваат зеленила за бетонизација. Со засадените 11.000 садници на Ајватовски рид почнавте да ја реализрате програмата во рамките на проектот „Зелена општина Илинден“. Како ќе се надоргадува оваа идеја?
-Заштитата и унапредувањето на животната средина како еден од најголемите предизвици на денешницата како во светот, така и кај нас, останува во приоритетите на нашето работење. Со цел да придонесеме во подобрувањето на квалитетот на воздух, здрава и чиста животна средина го реализиравме проектот „Зелена Општина Илинден“ во чии рамки засадивме 30.000 садници на повеќе локации во Општината. Грижата за екологијата и здравата животна средина е обврска на сите нас, па затоа одржувањето на озеленетите површини и садници е обврска на секој поединец во локалната заедница. Покрај засадените садници исчистивме над 20 диви депонии на територијата на Општината, а уредивме и повеќе помали паркови низ населените места.
„Денови на културата“ во Општина Илинден.
Кои се размислувањата во насока на културните и забавните настани во општината?
-Општина Илинден е добро позната по поетските вечери кои се одржуваат во рамки на традиционалната манифестација „Денови на културата“ која секогаш се одржува во месец мај. Централен настан на оваа манифестација е поетската вечер „Нашинска татковинска“, посветена на современата македонска родољубива поезија, на која настапуваат повеќе реномирани македонски и странски поети. Во рамки на манифестацијата, на големо задоволство на учениците се одржува и Литературно матине за деца насловено како „Пролетно поетско будење на Илинден“, на кое учествуваа истакнатите македонски писатели за деца и млади. По повод Литературната манифестација „Илинден“, Општината најпрво распишува литературен конкурс на тема „Творам за Илинден“ за учениците од општинските основни училишта, при што на Литературното матине за деца наградените ученици имаат можност да ги прочитаат своите творби.
Исто така, како поголем културен настан е и одбележувањето на патрониот празник „Илинден 2-ри Август“ каде настапуваат специјални музички гости од забавната и народната музика. Во домот на културата се одржуваат ликовни изложби на наши познати ликовни уметници како и концерти на културно уметнички друштва. За новогодишните празници имавме и новогодишен базар и целонеделна програма која понуди интересна содржина за сите возрасти.
Вашиот брат Гоце Георгиевски е ракометар на Вардар и поранешен репрезентативец. Причина плус да имате посебен респект кон спортистите, но и кон важноста на влијанието на спортот особено врз младите. Создадовте ли услови за спортување?
Инвестирањето во спортот и спортските терени е еден од главните предуслови за создавање на здрава младина, како и за изградба на нови идни спортисти кои ќе бидат идните идоли на новите генерации, како што е и мојот брат на што сум особено горд. Во таа насока изминатата година успеавме да ги реконструираме спортскиот терен за мал фудбал во Кадино, како и повеќенаменските игралишта во Миладиновци, Ајватовци и Мршевци, баскет терени во Мршевци, Мралино, Марино и Бујковци. Воедно започнавме со изградба на мултуфункционално игралиште во населба Илинден кое ќе биде со специјална подлога наменето за фудбал, кошарка, ракомет и одбојка. Во делот на спортските манифестации ја организиравме спортската манифестација „Денови за младинскиот спорт во Општина Илинден“ на кој учествуваа многу млади од основните и средното училиште, а се одиграа натпревари во футсал, ракомет и одбојка во машка и женска категорија, турнир во баскет за учениците од СОСУ „Илинден“, елементарни штафетни игри за ученици од одделенска настава. Ја организиравме професионалната велосипедска трка „Трофеј Илинден 2023“ која е дел од календарот на велосипедската федерација на Македонија, Општината даде поддршка на првата организирана велосипедска тура „Експедиција низ срцето на Илинден 2023“. Бевме домаќини на два меѓународни турнири во делот на боречките спортови: Џиу џица турнир и Џудо турнир „Скопје Опен 2023“. Овде морам да го споменам меѓународниот фудбалски турнир „Илинден куп 2023“ каде во организација на фудбалската школа Гроздановски, а под покровителство на Општина Илинден, на спортските фудбалски терени во Марино и Кадино учествуваа над 120 европски, балкански и македонски клубови со околу 1000 фудбалерчиња на возраст од 8 до 12 години. Општина Илинден и годинава обезбеди поддршка за традиционалните и меморијалните турнири кои се одржуваат во нашата општина. Покрај сето ова би сакал да издвојам дека за прв пат во Општина Илинден доделивме директна финансиска поддршка за 30-тина истакнати и млади спортисти кои оствариле успеси во делот на спортот во изминатиот период.
Георгиевски со Архиепископ Охридски – Македонски г.г. Стефан.
Неодамна, при осветувањето на храмот “Св.Цар Константин и Царица Елена” во Илинден Неговото блаженство Архиепископот Охридски и Македонски господин господин Стефан ви додели високото одличие на МПЦ “АРХИЕПИСКОП ДОСИТЕЈ”. Потекнувате ли од религиозно семејство кое верува и го почитува Бога и божјите правила?
-Потекнувам од традиционално православно семејство во кое редовно се почитуваат традиционалните и верските обичаи. Ми претставува особено задоволство што бев дел од осветувањето на новоизградениот црковен храм „Св. Константин и Елена“, а ми претставуваше особена чест што токму нашиот
Архиепископ Охридски – Македонски г.г. Стефан на овој светол чин ме удостои и ми го врачи ова Одличие, што за мене претставува голема сатисфакција.
Георгиевски со ќерката Михаела.
Георгиевски со семејството.
Најголемото богатство што може да им го оставиме на децата е доброто воспитание? Каков сте како татко, што ја советувате ќерката? Колку новата функција ви дозволува дружба со семејството?
-Самата функција и одговорностите што ги носи одзема многу време и бара често отсуство од дома. Најголем дел од обврските околу ќерката Михаела, училишни и дополнитени активности кои ги има, ги презема сопругата. Јас се трудам секој слободен момент кој го имам да го посветам на семејството и да имаме некои наши заеднички активности, без ралика дали е тоа надвор од домот или пак во домашни услови. Детето е сликата на своите родители и затоа секогаш се трудам да бидам добар татко и добар пример и да ја насочам кон вистинските вредности во животот. Нашата цел е да ја воспитаме правилно и да и овозможиме убаво безгрижно детство.