Берово - рај за туристите

Беровско Езеро

Кога ќе прашате некого каде може да се одмори на лето на планина, прва асоцијација се секогаш Берово и Малешевијата. Македонските „бели дробови“ се синоним за чист воздух и недопрена природа, а Беровското Езеро за разладување во тропските горештини секое лето. Ова симбиоза на природни убавини со кои е обдарен овој крај е вистинска мета на туристите од сите краишта, а особено оние кои сакаат да се занимаваат со активен туризам и да доживеат едно поинакво автентично искуство. Ако сакате вистински одмор и релаксација далеку од градската врева, во прекрасна и во недопрена природа, со чист планински воздух и со богата гастрономска сцена, тогаш повелете во Берово.

Културните манифестации - лов на туристи

Лете, а особено во месец август, Берово и тоа како игра на картата на културниот туризам. Во овј месец се одржуваат најважните културни манифестации во градот за кои се заинтересирани не само мештаните, туку и туристите. 

Производителите на традиционални гастрономски специјалитети, Општината ги промовира најчесто преку Саемот на локални производи „Малешевијата на дланка“, кој традиционално се одржува секоја година на крајот на месец август.

„Во централното градско подрачје, се наоѓа туристички информативен центар, каде што можат да се купат сувенири и ракотворби, а и да се најдат летоци и брошури за богатата туристичка и гастрономска понуда. Во летниот период, во непосредна близина на пунктот, по барање на производителите, општината одобрува користење на јавната површина за поставување штандови, каде што можете да ги најдете нивните локални производи“, велат од Општина Берово.

Фестивалот „Етно плоштад“ е најголема манифестација и подвижен музеј на она најубавото, исконското, непроценливо, фолклорно богатство. Убаво дополнување на настанот дава и Саемот на традиционални производи „Малешевијата на дланка“, кој се одржува во склоп на фестивалот, а каде што може да се најдат ракотворби, сувенири и резби изработени на традиционален начин. 

На 14-тиот „Етно плоштад“ ќе има богата музичка програма, а како главна ѕвезда е најавена хрватската пејачка Јелена Розга. 

Јелена Розга - главна ѕвезда на Етно Плоштад Фестивал.

Јелена Розга - главна ѕвезда на Етно Плоштад Фестивал.

„Оваа година одбележуваме 80 години од ослободувањето на Берово. Ќе почнеме со денот на општината, на кој ќе гостува познатиот музичар Влатко Терзиски, кој исто така потекнува од Малешевијата. Центалната прослава продолжува во центарот на градот, на плоштадот „Димитар Беровски“, каде што ќе продефилираат сите културно-уметнички друштва“, вели Билјана Марковска, раководител на Одделението за јавни дејности.

Организаторите ветуваат добра забава и се надеваат дека вкусната храна и музичкиот спектакл ќе им приредат незаборавно доживување на посетителите кои ќе сакаат повторно да се вратат во Берово. 

Истовремено, еднодневен фестивал ќе се одржи и во Градскиот парк во Берово. Голем интерес и поддршка има за второто издание на електронската журка под отворено небо, која ќе се се случи на 27 август. Како и во минатата година, со одличната организација која остави впечаток кај сите, овој пат организаторите ветуваат уште подобра забава и дружење со звуците на електронската музика.

Од Општината велат дека градот особено живнува лете кога го посетуваат не само домашни, туку и туристи од соседството, но и од подалечните дестинации. Туризмот за градската администрација е главен стратешки приоритет.

Подобрување на инфраструктурата до туристичките населби

Подобрување на инфраструктурата до туристичките населби

Областа околу Беровското Езеро, населбата Абланица и викенд-населбата Суви Лаки се трите реони каде што има најголем дел на викендички што се издаваат, како и неколку хотели од висока категорија кои се магнет за поимотните туристи. Во последниве десетина години, евидентен е напредокот – нови сместувачки капацитети „никнуваат“ како печурки по дожд, па Берово и околината може да угостат поголем број туристи.

Сепак, за да се направи регионот уште поатрактивен, неопходно е многу да се работи на нови сместувачки капацитети, инфраструктура, нови ДУП-ови, инвестиции во туристичкиот и во угостителскиот сектор. Потенцијалите се огромни, но само делумно искористени. Вистинска штета е што во последниве години го нема џагорот од детското одморалиште, кое со години во минатото ги збираше на екскурзии и на настава во природа децата од училиштата од целата држава. Навистина боде очи глетката на урнисаните објекти, пропаднати и обраснати со трева, во околината на езерото и на месноста Суви Лаки, односно на поранешните детски одморалишта „Малешево“ и „Суви Лаки“.

Малешевијата е позната пред сѐ поради густата борова, дабова и букова шума, па нормално се поставува прашањето дали може Македонија да добие една поширока и поатрактивна крајезерска туристичка дестинација по примерот на развиените држави. Општините од Малешевијата да инкасираат повеќе од туристичка такса од посетителите, а населението да добие повеќе можности за работа во градовите и во селата од овој регион, кој предничи по масовното иселување.

Патеката Абланица - Равна Река. | Извор: berovoadventure

Патеката Абланица - Равна Река. | Извор: berovoadventure

Туристичката населба Абланица

Туристичката населба Абланица, оддалечена 2 километри од градот и распространета на двете страни од реката Брегалница, содржи најмногу и најатрактивни археолошки локалитети во општината. Таму може да се посети црквата „Св. Петка“ со фрескопис и иконостас изработени од локални уметници. Во моментот во Абланица се изградени над 150 викендици. Абланица е поврзана и со туристичката населба Равна Река во Општината Пехчево со пешачка патека во должина од 4 километри, преку која минува и пешачката патека Берово – Абланица – Беровско Езеро. 

На почетокот на август беше избран и најповолниот понудувач за изградба на локалниот пат Берово – Црвен Брег – Абланица. Градоначалникот на Берово, Звонко Пекевски, вели дека беровчани и сите други корисници на тој дел ќе добијат нов пат за завршување на своите обврски, а туристите нова патека за шетање и нова побрза дестинација до популарната Абланица.

„Оваа недела во законска постапка е избран најповолен понудувач за изградба на локалниот пат Берово – Црвен Брег – Абланица. Тоа е компанијата „СД Транс“. Според договорот, работните активности треба да почнат за 15 дена, а рокот на изведба е 3 месеци. Сумата од 15.424.000,00 денари за патот е обезбеден од Министерството за транспорт и врски со одлука на Владата од 14.12.2023 год.“, вели Пекевски.

Суви Лаки

Туристичката населба Суви Лаки на 25 километри од Берово на патот кон Струмица, е урбанизирана во 1978 година. Содржи 500 викендици, а има можност за изградба на уште стотина викенд-куќи и деловни објекти. Овде најчесто одмараат луѓето од струмичкиот крај, кои викендиците ги користат за свои потреби, а поретко ги издаваат под закуп на туристите. Сепак, во последно време се забележува и овој тренд. Туристичките населби Беровско Езеро и Суви Лаки се урбанизирани, имаат детални урбанистички планови, па заинтересираните инвеститори добиваат дозволи за градба, најчесто на викенд-куќи, кои ги користат за сопствени потреби, но и за издавање. Од кабинетот на градоначалникот Звонко Пекевски велат дека туристичката населба Абланица е во процес на подготовка на документација за изработка на урбанистички план, па во најскоро време се очекува и таа да се прошири со нови атрактивни објекти за сместување. Градската власт уверува дека упорно работи на проекти што се од интерес за граѓаните, но и за подобрување на имиџот на Берово како туристичка дестинација.

„Општина Берово постојано инвестира и вложува, особено во делот на комуналната инфраструктура, по приоритети истакнати од граѓаните, секако, според можностите во буџетот. Вложувањата во двете туристички населби, најчесто се сведуваат на подобрување на комуналната инфраструктура и хигиена, како и на урбанизација и подобрување на условите за рекреативен туризам“, вели првиот човек на градот Берово, Звонко Пекевски.

Манастир „Св. Пресвета Богородица“. | Извор: Малеш.нет

Манастир „Св. Пресвета Богородица“. | Извор: Малеш.нет

Манастирот „Св. Пресвета Богородица“ (Источен Петок) – Берово

Од сите цркви и манастири кои ги има во беровскиот регион, се чини токму манастирот „Св. Пресвета Богородица“ има најголемо значење за луѓето од овој крај. Токму таму секоја година се прославува Голема Богородица, па по повод овој празник доаѓаат и луѓе од целата држава.

Црквата „Пресвета Богородица“ се наоѓа на патот Берово – Беровско Езеро, во грлото на брегалничката Абланечка Клисура. Започнала да се гради во 1972, а била завршена во 1975 година, изградена во стилот на византиско-македонските цркви од средниот век. Манастирот е машки. На 28 август правослевниот христијански народ го прославува празникот Успение на Пресвета Богородица. По тој повод, на тој ден, секоја година Берово е домаќин на црковно=народниот собир кој се организира во манастирот „Пресвета Богородица“ (Источен Петок). На 28 август во Берово доаѓаат луѓе од сите краеви на Македонија и пошироко, а нивниот број достигнува до 15.000. Во манастирот жителите на градот-домаќин организираат масовна прослава во чест на празникот, при што секој од посетителите-поклоници ѝ оддава почит на Богородица и учествува на свечената трпеза. На тој начин се продолжува традицијата, која трае веќе десетина векови.

Автентични малешевски производи.

Автентични малешевски производи.

Култот кон дедо Иљо Малешевски

Беровчани се особено горди на својот великан дедо Иљо Малешевски, еден од најистакнатите револуционери од беровскиот крај, учесник во две востанија против Турците. Токму во Музејот на Берово, во историските поставки се вбројуваат и документите на Дедо Иљо Малешевски. Сепак, беровчани очекуваат великанот Дедо Иљо Малешевски да добие достојно одбележување во неговото родно Берово во вид на некакво спомен-обележје, како што е тоа со другите борци за слобода на Македонија. Сметаат дека тоа дополнително ќе ја збогати историско-музејската понуда на градот.

„Во иницијативата предложивме да се постави спомен-обележје, да се осветли местото каде што била неговата куќа и да се постави дигитална рамка на која ќе бидат презентирани информации за ликот и делото на Дедо Иљо Малешевски, со што ќе се збогати туристичката понуда на Берово и ќе се остави и долготраен спомен за идните генерации“, велат иницијаторите, порталот Малеш.нет.

Советот на Општина Берово ја поддржа оваа иницијатива.

Визијата на Општина Берово е да биде водечка туристичка дестинација, привлечна за инвестиции и посакувано место за живеење, со развиена инфраструктура, дрвна индустрија, земјоделство и сточарство, алтернативни и рурални форми на туризам. Силни страни на Општината Берово се eколошки чистан езагадена општина, поволните услови за земјоделско производство, долгата традиција, квалитетните локални производи – беровско сирење, компир, мед, слива, јагне, поволни услови за развој на туризмот со богато природно, културно и историско наследство, поволни услови за развој на алтернативен и рурален туризам и поволни услови за искористување на обновливи извори на енергија.

Засега, според официјалните податоци, Берово секоја година пречекува од 20.000 до 30.000 посетители што преноќуваат и има голем број категоризирани објекти, од кои во општинската каса се инкасираат, просечно за последните 3 години, по 800.000 денари. 

Image
Newsletter