Во политичкиот контекст на локалната самоуправа, се појавуваат лидери кои не само што ветуваат, туку и покажуваат подготвеност и капацитет за конкретна и одговорна реализација на проекти. Една од нив е градоначалничката на Општина Кисела Вода од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Бети Стаменкоска Трајкоска (48), магистер по менаџмент на човечки ресурси, поранешна пратеничка и активна општествена фигура, со силна образовна и семејна заднина.
Стаменкоска Трајкоска на градоначалничките избори не настапи само како политичар со план, туку и како жителка, мајка на две деца која го разбира секојдневието на луѓето што живеат во оваа општина. Презентираше јасно дефинирани цели, проектни приоритети и временска рамка, со акцент на првите 100 дена од мандатот.
Занаетчиската комора на Македонија презема активности за подобрување на состојбата, низ неколку правци: образование и обуки – рамка на ЗКРСМ која опфаќа курикулуми и практични обуки во пекарството и правењето пици, заварувањето, електро, водоинсталации, плочки, фризерство/козметика, автосервис; партнерство со Словенечката амбасада: проекти за економско осилување на жените и на младите (практични модули + менторство + поврзување со работодавачи); соработка со средни стручни училишта (практикуми, гостин-предавачи, посети на мајсторски работилници). ‘Јас сум мајсторот’ – едукативна и мотивациска кампања/поткаст за угледот на занаетите; финансиска поддршка: упатства и поддршка за пристап до Развојна банка (линиии со поволни камати); иницијативи за трајни субвенции (особено за стари занаети и за практикантски програми); улога во кризно време: 9 минимални плати за самостојни занаетчии за време на ковид-периодот (пример за добра практика); правно-институционално: промоција и толкување на Законот за занаетчиство: регистрација, права и обврски, мајсторски испит, лиценцирање; работа со инспекторати за сузбивање на сивата економија и нелегалната продажба на интернет; меморандуми со општини и институции за локални програми: стипендии, работни практиканти, локални ваучери за алат; видливост и вредност: организира саеми, работилници, отворени денови, промоција на старите занаети како културно наследство; сертификација/квалификации и јавно истакнување на примери на ‘добра мајсторска практика’.
Што ве мотивираше да се кандидирате за градоначалник на Кисела Вода? Има ли некој личен момент што влијаеше на таа одлука?
„Мотивот да се кандидирам за градоначалник на Општина Кисела Вода произлегува од спојот на моето професионално искуство и личната приврзаност кон оваа општина. Како професор по географија секогаш сум се трудела на младите да им објаснам колку е важно просторното планирање, уредувањето на средината и одговорното управување со ресурсите. Подоцна, како пратеник, добив поширока слика за тоа како функционира државата и кои се предизвиците во локалната самоуправа. Но, она што најмногу ме поттикна е фактот дека овде, во Кисела Вода, е мојот дом, местото каде што живее моето семејство и каде што сакам моите деца да растат во подобри услови. Тоа лично чувство на одговорност беше клучниот момент да ја донесам оваа одлука. Свесна сум дека да се биде градоначалник значи голема пожртвуваност, фокус, енергија и посветеност. Но, подготвена сум! Од друга страна, добивам уште поголема сила и храброст поради тоа што зад мене стои одлична партија и одличен тим. Сигурна сум дека со заедничка поддршка одлично ќе ја завршиме работата.“
Имате искуство во Собранието, но ова е извршна функција. Како ќе го пренесете вашето законодавно искуство во конкретни резултати на локално ниво?
„Искуството во Собранието ми даде јасна претстава за тоа како се носат законите, како се обезбедуваат средства и колку е важна соработката меѓу институциите. Како пратеничка, активно се борев за проекти што директно ја засегаат Општина Кисела Вода и тука научив дека без добра координација меѓу пратениците и локалната власт, тешко може да има конкретни резултати. Како градоначалничка, ќе го пренесам тоа искуство – веќе знам како да ги отвориме вратите кон државните институции, како да обезбедиме поддршка и средства за проекти, но и како да го организираме тимот на локално ниво, за тие средства да се претворат во видливи проекти за граѓаните. Во Собранието, преку Комисијата за образование, наука и спорт, активно се залагав за унапредување на условите во образованието и за поголема поддршка на моите колеги – наставниците. Работев на анализи и законски решенија поврзани со образовните програми, статусот на наставниот кадар, дигитализацијата на наставата и создавање подобри можности за учениците и за студентите. Тоа искуство ми покажа дека системските промени се важни, но дека тие треба да се почувствуваат и на локално ниво – во училиштата, во спортските сали, во секојдневието на младите. Посебно сум горда што успеавме да обезбедиме средства за нова детска градинка и ново училиште во мојата Кисела Вода, нешто што жителите го бараа со години. Секогаш иницирав и поддржував проекти кои значат раст и развој со напредок на мојата општина. Тука би ги издвоила средствата за 22 капитални проекти кои ги обезбедивме за Кисела Вода, а кои значат директна инвестиција во здравствениот, образовниот, социјалниот, културниот и инфраструктурниот развој на општината. Соработката помеѓу локалната и централната власт треба да биде вистински пример за тоа дека сите заедно мораме да работиме за иднината на општините, а преку тоа и на државата. И понатаму продолжувам со сите сили да работам на реализација на големи проекти кои ја менуваат сликата на Кисела Вода. Како градоначалничка на Кисела Вода ќе го пренесам сето досегашно знаење и ќе се фокусирам на уште подобри услови во училиштата и во детските градинки, на поддршка на спортот и младите, затоа што токму тие се иднината на нашата општина.“

Трајкоска: „Во програмата имаме Проект за пошумување, со кој е планирано да засадуваме 1000 садници годишно, што значи 4000 дрвја во еден мандат.“
Претходниот градоначалник од ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски, остави позитивно наследство во Кисела Вода. Кои проекти или иницијативи од неговиот мандат ќе ги задржите или надградите?
„Орце Ѓорѓиевски е човек кој со посветеност, енергија и транспарентна работа направи видливи и конкретни промени и кој е најзаслужен за тоа што Кисела Вода доби сосема нов лик од претходно. Му благодарам од срце затоа што постави високи критериуми кои ќе ги задржам и надградам и, секако, ќе продолжам по истата патека – да бидам достапна за сите, а истовремено и фокусирана на резултати. Со еден збор, градоначалникот Орце Ѓорѓиевски направи многу, но не застануваме тука! Нова поликлиника, канализација Бабин Дол, реконструкција на објектите на месните заедници во Драчево и Пинтија, доградба на спортска сала во основното училиште ‘Кузман Шапкарев’, јавно улично осветлување на патот кон манастирот ‘Пеленица’, атмосферски канализациски мрежи, реконструкции на улици, линиски објекти, речни корита, пешачки патеки, спортска сала (затворено спортско игралиште) во подрачното основно училиште ‘Круме Кепески’, доградба на основното училиште ,’Невена Георгиева – Дуња’ итн. Ова се проекти кои значат директни инвестиции во квалитетот на живот на граѓаните. Ова се проекти кои покажуваат рамномерен развој на дело, нешто што ретко се памети во минатото, но претставува цврста основа за стабилен и траен прогрес, како и силен поттик за понатамошна работа и реализација на големи дела. Сметам дека секоја добра работа направена за граѓаните треба да продолжи. Во мандатот на мојот претходник беа започнати проекти за инфраструктура и уредување на јавни површини кои заслужуваат да бидат завршени и надградени. На пример, уредувањето на парковите и детските игралишта ќе го продолжам со уште повеќе содржини за младите и семејствата, а инвестициите во патната инфраструктура ќе ги насочам кон решавање на најкритичните улици и сообраќајни точки. Мој приоритет ќе биде уште поголем фокус на училиштата, градинките и спортските капацитети, затоа што знам дека токму вложувањето во образованието, младите и во семејствата е темелот врз кој ќе ја изградиме посилна, помодерна и поуспешна Кисела Вода, а со тоа и Македонија.“
Сепак, како кандидат понудивте програма која е одраз на вашата автентичност, зрелост и познавање на проблемите на граѓаните. Кои се трите главни цели што сакате да ги постигнете во првите 100 дена?
„Мојата програма е практична и остварлива затоа што е одраз на соработката со граѓаните и произлегува од нивните реални потреби. Заедно со граѓаните, преку дијалог и идеи создадовме програма која е наша заедничка визија – сигурна општина со многу можности. Во првите 100 дена ќе се фокусирам на три јасни цели. Прво, воспоставување системска програма за урбана хигиена и чиста животна средина, со редовно чистење, одржување и поефикасно управување со отпадот. Второ, пошумување и зелен развој преку нови паркови и училишни мини шуми каде што децата ќе растат во поздрава средина и трето, отворање младински центар кој ќе биде простор за co-working, спорт и култура – место каде што младите ќе можат да учат, да создаваат и активно да придонесуваат за заедницата. Сакам граѓаните уште од самиот почеток да почувствуваат доследност од кажаното и, секако, да ја оправдам добиената доверба.“

Трајкоска: „Мојата програма е практична и остварлива затоа што е одраз на соработката со граѓаните и произлегува од нивните реални потреби.“
Многу скопски населби се соочуваат со загадувањето, а Кисела Вода не е исклучок. Како ќе се справите со тоа? Планирате ли конкретни екопроекти, како нови паркови, велосипедски патеки или подобрување на јавниот превоз?
„Најголемата награда за мене е да остварувам резултати, да гледам среќни и задоволни луѓе, а Општина Кисела Вода да биде пристојно место за живеење. Затоа, во мојата програма, врвен приоритет е чиста и уредна Кисела Вода. Ќе ја подигнеме урбаната хигиена на високо ниво, а тоа подразбира редовно чистење, нови корпи за отпадоци, акции за отстранување диви депонии и создавање мрежа на пунктови за рециклажа. Ова е работа на сите нас и во работата ќе ги вклучам граѓаните. учениците, училиштата, семејствата, зашто само заедно можеме да го смениме ликот на нашите улици и плоштади. Во програмата имаме Проект за пошумување, со кој е планирано да засадуваме 1000 садници годишно, што значи 4000 дрвја во еден мандат! Ќе создадеме нови паркови, нови зелени зони, училишни мини шуми. Ова е мојот завет кон генерациите што доаѓаат – да им оставиме здрава животна средина и чист воздух. Паркирањето и редот во сообраќајот се исто така врвен приоритет. Ќе обезбедиме над 500 нови паркинг-места преку монтажни гаражи и уредени јавни површини. Време е да ставиме крај на хаосот, загадувањето и небезбедните улици. За мене екологијата и уредувањето на просторот се главен и водечка цел. Во програмата предвидувам естетско уредување на целата општина – нови паркови, уредени патеки и тротоари. Ќе изградиме пешачко-велосипедска патека ‘Обиколка на Кисела Вода’ и нова пешачка патека вдолж реката Мала Рада, кои ќе го поттикнат здравиот и активен живот. Во сите спортски сали ќе поставиме фотоволтаици за користење чиста енергија, а ќе формираме и екопатроли и инспекциска служба за поголема контрола и грижа за животната средина. Дополнително, ќе воспоставиме хуман и одржлив систем за справување со бездомните кучиња. Верувам дека со овие проекти Кисела Вода ќе стане пример за чиста, зелена и безбедна урбана средина.
Кои се вашите приоритети во однос на инфраструктурата: улици, канализација, осветлување?
„Инфраструктурата е темелот на секоја општина и токму затоа мојот приоритет ќе биде одржување, санација и реконструкција на целата подземна и патна инфраструктура во Кисела Вода. Тоа значи подобра канализација, нови и реконструирани улици, подобро улично осветлување и обнова на сообраќајната сигнализација, особено околу училиштата и градинките, каде безбедноста на децата е најважна. Планираме темелна реконструкција на патот ‘Теферич’ со атмосферска канализација и создавање рекреативна зона, изградба на фекална канализација во населби како Припор и делови од Томе Арсовски, како и обнова на клучни улици: ‘Михаил Чаков’, ‘Драчево – Охис’, ‘Киро Фетак’ со мостот, ‘Фредерик Шопен’, ‘Жил Верн’, улиците во населба Пинтија, како и ‘Герника’ и ‘Речиште’ во Драчево. Посебен акцент ќе ставиме и на пристапни рампи за лица со попреченост и нови паркинг-простори. Со ова сакаме да создадеме уредена, функционална и безбедна инфраструктура која ќе им служи на сите граѓани.“
Што планирате да направите со дотраените згради и јавни површини?
„Дотраените згради и јавните површини мора да добијат нов лик, затоа што токму тие најмногу влијаат врз квалитетот на живот на граѓаните. Планирам целосно естетско уредување на општината – нови паркови, уредени патеки и тротоари, како и партерно уредување на училишните дворови и градинките со обновени детски катчиња за најмладите. Кај објектите, акцент ќе ставиме на безбедноста и енергетската ефикасност – реконструкции што ќе ја подобрат стабилноста, ќе овозможат топлинска заштеда и значително ќе ги намалат трошоците.“ Дополнително, ќе воведеме субвенции за енергетски ефикасни фасади и лифтови во згради со цел да ги намалиме трошоците за граѓаните и да создадеме одржлив и модерен урбан простор. Во таа насока, ќе обезбедиме поддршка за колективни згради при замена на фасади, покриви и стари лифтови со нови, енергетски ефикасни решенија со цел намалување на трошоците за енергија и зголемена вредност на објектите. Ќе изградиме нова, функционална општинска зграда, која ќе биде достапна и отворена за сите жители. Овие мерки ќе ѝ дадат на Кисела Вода поуредна, побезбедна и посовремена иднина.“
Како ќе обезбедите урамнотежен развој меѓу урбаните и руралните делови на општината?
„За мене, урамнотежениот развој значи дека секој жител на Кисела Вода ќе има исти можности за квалитетен живот, без разлика дали живее во урбан или во рурален дел. Во урбаните средини ќе продолжиме со инфраструктурни проекти, уредување на паркови, патеки и јавни површини, додека во руралните делови ќе инвестираме во патна инфраструктура, канализација, осветлување и зачувување на зелените површини и други услуги кои го подобруваат секојдневието. Сакам целата општина да напредува рамномерно, со почит кон традицијата и грижа за иднината на сите заедници.“
На кој начин ќе ги поддржите ранливите категории граѓани: стари лица, лица со попреченост, самохрани родители?
„Наша обврска е сите граѓани да се чувствуваат поддржано и ценето. Затоа, пред сè, на барање од граѓаните ќе изградиме модерен пензионерски дом со сместувачки капацитети за повозрасни лица кои имаат потреба од грижа, надзор и социјализација. Домот ќе биде опремен со удобни соби, заеднички простории, медицинска и психосоцијална поддршка, нудејќи достоинствени услови за живот и нега на пензионерите. Исто така, ќе обезбедиме еднократна или редовна финансиска поддршка за пензионери со најниски примања, со цел подобрување на нивниот животен стандард, а ќе ги реконструираме и уредиме постојните пензионерски клубови во Кисела Вода, со фокус на создавање пријатни, безбедни и функционални простори за дружење, одмор и активности на повозрасните граѓани. Со обновени простории, пензионерите ќе добијат достоинствено место за квалитетно поминување на слободното време и активно вклучување во заедницата. Децата со аутизам ќе добијат ресурсен центар за ран детски развој, односно формирање современ центар за рана дијагноза, интервенција и поддршка на деца со аутизам (1–7 години), со соодветен терапевтски, сместувачки и надворешен простор. Центарот ќе нуди стручна помош, времен престој за семејства од други региони и сензорно-терапевтски активности, со цел подобрување на развојот, инклузијата и квалитетот на живот на децата и нивните семејства.“

Трајкоска: „Најголемата награда за мене е да остварувам резултати, да гледам среќни и задоволни луѓе, а Општина Кисела Вода да биде пристојно место за живеење.“
Како ќе обезбедите транспарентна комуникација со жителите на општината?
„Сакам граѓаните да знаат дека нивниот глас се слуша и дека се вистински партнери во развојот на Кисела Вода. За таа цел, планираме редовни јавни средби и форуми каде што граѓаните ќе можат директно да ги искажат своите идеи и проблеми, ќе користиме и дигитални платформи за известување и следење проекти, а сите одлуки и планови ќе бидат јавно достапни. Јас сум човек што континуирано е во контакт со граѓаните преку теренски средби и таа практика ќе продолжи и понатаму. Продолжуваме со политиката за најтранспарентна општина преку соработката со урбаните и месни заедници, здруженија на граѓани и невладиниот сектор. Со редовна работа на терен и постојаната комуникација со сите луѓе ме увери дека граѓаните тоа го препознаваат и го ценат. Нормално е секоја година да имаме и редовна отчетност пред жителите на општината, зашто, пак, тоа значи и одговорност за сработеното. Секој граѓанин ни е неопходен и добредојден. Планирани се редовни средби во мојот кабинет со раководителите на секторите и граѓаните секој месец. Нивните идеи за мене се многу важни, затоа ќе ги прифатиме сите граѓани кои сакаат да го дадат својот придонес за нашата општина. Свесна сум дека без работа на терен и без присуство меѓу народот – нема напредок. Политиката е алатка за подобрување на секојдневниот живот. Ако не се вклучиме сите, не можеме да очекуваме промени. Затоа, постојано ќе контактирам со моите сограѓани, за да дознаам што мислат, да знам што е исправно и потребно и да знам дали одам по вистинскиот пат. Здружено, заеднички, отворено и искрено ќе ги поставуваме прашањата и заеднички ќе ги бараме решенијата. Направивме многу, но уште многу нè очекува. Периодот што следува значи работа, работа и само работа. Проблеми имало, има и секогаш ќе ги има, но најважно е тие да се решаваат заеднички.“
Со што би сакале граѓаните да ве паметат на крајот од мандатот?
„Би сакала граѓаните да ме паметат како градоначалник кој не само што донесе ред и зелени паркови, туку и како оној што успеа да направи да се сакаат пешачките патеки и велосипедските патеки – па дури и возачите понекогаш да се насмевнат кога ќе најдат паркинг.
Убедена сум дека на крајот од мандатот граѓаните ќе ме паметат како градоначалничка која секогаш беше доследна на своите ветувања и која направи видлива разлика во секојдневието на луѓето. Верувам дека оние што ми дадоа поддршка ќе бидат горди и среќни што го направиле тоа, а оние што нема да ми дадат поддршка, ќе ми се приклучат во деновите низ мојот мандат. Сакам сите да знаат дека секој проект, секоја улица и секоја јавна површина ќе бидат направени со срце и со грижа за секој граѓанин на Кисела Вода.“
Како успевавте да ги балансирате семејниот и политичкиот живот, особено во периодот на изборната кампања?
„Искрено, нема универзална формула. Политиката е динамична, особено во период на изборна кампања, кога секојдневно има непредвидливи ситуации, но се трудам да поставам јасни приоритети. Кога сум на работа или на терен, целосно сум фокусирана на професионалните обврски, а кога сум со семејството, се обидувам да бидам присутна со целото внимание.
Понекогаш не е лесно, но верувам дека балансот се постигнува само со добра организација, поддршка од блиските и дисциплина.“
Дали имате поддршка од семејството во вашата политичка кариера и колку тоа ви значи?
„Да се биде активна жена во политиката, а во исто време и сопруга и мајка, е голем предизвик, но и привилегија. Велат дека зад секој успешен маж стои успешна жена, но јас би рекла – зад секој успех стои поддршката од семејството. И, верувам дека предизвикот е ист, без оглед дали станува збор за маж или за жена.
Политиката бара многу време, енергија и посветеност, а семејството ми е извор на сила и мотивација. Научив дека вистинскиот баланс е да бидеш целосно присутна таму каде што си во моментот. Оваа двојна улога ми помага подобро да ги разберам реалноста и потребите на граѓаните, особено на жените и на семејствата. За мене, тоа не е товар, туку причина повеќе да бидам посветена и упорна. Со поддршката од сопругот и од семејството – секој успех е достижен. Што и да бидеш во животот, ако на крајот од денот имаш среќно семејство – си успеал. Во спротивно сè е залудно.“

Трајкоска: „Кога сум на работа или на терен, целосно сум фокусирана на професионалните обврски, а кога сум со семејството, се обидувам да бидам присутна со целото внимание.“
Кои се вашите лични вредности што ги пренесувате и во политичкото дејствување?
„Како семејна жена, моите лични вредности се грижа, одговорност и посветеност – истите тие вредности ги внесувам и во моето политичко дејствување. Секое мое решение го носам со мисла на тоа како ќе влијае врз семејствата, децата и иднината на нашата заедница, затоа што кога семејствата се сигурни и среќни, целата општина напредува. Моите лични вредности се темелот врз кој се гради сè што правам – чесност, храброст и посветеност кон луѓето. Тоа се вредности кои се водилка на секој мој чекор. Верувам дека вистинската моќ на политиката е во тоа како допираме во животот на луѓето околу нас, како го менуваме животот на обичниот човек, како ги чуваме соништата на младите и како го штитиме достоинството на секој граѓанин. Секој мој потег и секое мое решение се водени од желбата да оставам свет подобар отколку што најдов, да изградам заедница каде што секој се чувствува слушнат, почитуван и поддржан. Со политичкото дејствување се трудам да ја пренесам вербата дека политиката не е борба за моќ, туку борба за можност – можност да создадеме општество во кое никој не се чувствува заборавен, каде што секој глас има тежина, а секоја надеж може да се претвори во реалност.“
