Дојран е убав во текот на целата година

Анго Ангов, градоначалник на Општина Дојран.

Дојран е отворен за туристи и со поплиток и со подлабок џеб. Локалните власти очекуваат одлична летна сезона. Во интервју за Магазинот за туризам и менаџмент, Анго Ангов вели дека Дојран не е само езерото, и историјата е дел од понудата за домашните и странски туристи.

Каква туристичка сезона очекувате во Дојран ? 

Како и секоја година очекуваме туристичка сезона со многу посетители и туристи. Секоја година има тенденција на зголемување на бројот на туристи пропорционално со зголемувањето на сместувачкиот капацитет, како и зголемувањето на туристичките содржини во Дојран. На тој начин очекуваме дека ќе имаме зголемување на бројот на туристи во споредба со минатата година, но да не го заборавиме и фактот дека Дојран не се стреми само кон летна туристичка сезона, туку и сезона во текот на целата година, а во последните години токму тоа и го постигнавме.  

 Како сте задоволни до сега од туризмот, се зголемува ли бројот на туристи? 

Како и во претходното прашање што напоменав, со зголемувањето на туристичките капацитети се зголемува и бројот на туристи, но напоменав и пак ќе напоменам дека не зборувам само за туристи само за летната туристичка сезона, туку за сите посетители кои што доаѓаат во текот на целата година, а посебно за време на викендите. Овој број постојано расте, се бара место повеќе за време на викендите надвор од летната сезона, затоа што Дојран е убав во текот на целата година и има потенцијал за развој на многу видови на туризам, како езерскиот, така и здравствениот, спортскиот, културно-историскиот, рибарскиот и уште многу други видови на туризам коишто му даваат потенцијал на Дојран. 

Дали важи Дојран за туристички центар за туристи со поплиток џеб, односно дали повеќе доаѓаат туристи само за викенд, за празник или има такви кои што остануваат минимум една недела? 

Во Дојран има секаков вид на посетители и секако дека ние не ги делиме луѓето, односно туристите, со поплиток или подлабок џеб, ние сме туристичка дестинација отворена за секого и секој е добредојден. Во последно време се градат доста нови и модерни капацитети, се подобрува и квалитетот во рестораните и угостителските објекти, а секако тоа повлекува и зголемување на цената. Голем е бројот и на транзитните туристи кои порано остануваа по една вечер, а сега остануваат подолго и секако овде се нашите домашни туристи коишто за време на летната сезона остануваат на подолг период.

Ангов: „Очекуваме туристичка сезона со многу посетители и туристи.“

Ангов: „Очекуваме туристичка сезона со многу посетители и туристи.“

Српските туристи се жалат дека кога поминуваат кон граниниот премин патот е лош. Правите ли нешто за ова и дали имате некаква стратегија овие туристи да ги задржите повеќе денови и да не бидат само транзит туристи? 

Во 2020 година регионалниот пат кон граничниот премин е целосно рехабилитиран од страна на ЈП за државни патишта и Министерство за транспорт и врски коишто се надлежни за истиот. Постојано вложуваме во зголемување на капацитетот на плажи и правиме засилена промоција на Дојран како туристичка дестинација во регионот, исто така имаме и голем број на културно-забавни содржини, урбанизирани се парковите и изградени се пристапни патеки до реконструираните културно-историски споменици се со цел да се задржат странските туристи во Дојран повеќе денови. 

Какви содржина нуди Дојран, како туристичка дестинација и дали работите на воведување нови во насока на привлекување туристи? 

Дојран пред се го има Дојранското Езеро и неговите лековити својства, прекрасните плажи кои што од година на година се зголемуваат, ги имаме прекрасните рекреативни патеки и можностите за рекреација покрај езерото. Историјата е неизоставен дел од нашата туристичка понуда, Дојран низ историјата има претрпено многу, бил разрушуван и возобновуван, ги имаме културно-историските споменици како што се Саат Кулата, Црквата Св. Илија, Турската Бања (Амам), Фронтовата линија со многубројните бункери и остатоци од Првата Светска Војна... Да не го заборавиме уникатниот начин на ловење риба со мандри. 

Дојран е туристичка дестинација која е позната и привлечна на туристите по мирната атмосфера, чистиот воздух, медитеранската клима и убавината која ја нуди, но покрај тоа со разубавувањето, односно урбанизирањето на централното подрачје Дојран нуди и нови содржини со урбана опрема како нови детски игралишта, игралиште за миленици, летниковци, места за спортување и релаксација, културно-историски знаменитости и слично за чие одржување и обновување работиме секојдневно како би можеле да привлечеме поголем број на нови туристи.

Ангов: „Постојано вложуваме во зголемување на капацитетот на плажите.“

Ангов: „Постојано вложуваме во зголемување на капацитетот на плажите.“

Честопати за викенди или празници Дојран е полн со туристи, но она што го забележуваат туристите е дека нема доволно паркинг места за возилата, а истовремено има ѓубре на сите страни (што дел е поради несовесноста на граѓаните кои фрлаат). Дали имате некакво решение за овие проблеми? 

За да им се овозможи на граѓаните на општина Дојран, како и на посетителите да се справат со растечката потреба од паркинг, Општина Дојран формираше ново Јавно претпријатие за стопанисување со јавен, деловен и паркинг простор „Тауријан“ и на тој начин го решава проблемот со паркинг места за возилата и сообраќајниот метеж, а кој воедно има и цел да се заштити животната средина. Покрај тоа, обезбедени се средства за изградба на катна гаража со коишто постепено го решаваме проблемот со паркинг местата.

Во врска со ѓубрето, ЈПКД „Полин“ целосно е посветено, особено во летната сезона, да го чисти редовно и да ја одржува животната средина чиста, така што апелираме до граѓаните совесно да се однесуваат и да го фрлаат ѓубрето во кантите коишто ги има во доволен број низ целата општина. За таа цел набавени се нови возила и опрема за полесно и поефикасно справување со овој проблем.

Дали е водата безбедна за капење и дали е езерото спасено долгорочно затоа што во средината на деведесеттите беше речиси „исчезнато“?

Постојано се прават анализи за квалитетот на водата во Дојранското Езеро и според последните испитувања спроведени страна на Центарот за јавно здравје, Велес, водата на Дојранското Езеро е во одлична состојба и е безбедна за капење и рекреација на луѓето. Според неодамнешните извештаи од тестирањата на здравствената безбедност на водата од Дојранското Езеро направени на 06.06.2024 година, примероци се земени од Градската плажа, плажата кај хотелот „Полин“ и плажата „Гранико“ од страна на Центарот за јавно здравје, институција со докажан квалитет која успешно работи години наназад, и докажа дека водата кај трите споменати плажи е во одлична состојба и не постои пречка луѓето слободно да се капат и да уживаат во рекреативни активности во водата. Меѓутоа ние како локална самоуправа имаме одлична соработка со „Милиеуконтакт“, невладина организација во која има експерти од областа на заштита на животната средина и водите, заеднички имаме реализирано многу проекти за заштита на Дојранското Езеро, а во моментов работиме и на решавање на деценискиот проблем за реконструкција на колекторскиот систем и изградба на нова пречистителна станица за кои обезбедивме над 4,5 милиони евра од Влада на РСМ и Словенска Амбасада.

Ангов: „Водата во Дојранското Езеро е во одлична состојба и е безбедна за капење.“

Ангов: „Водата во Дојранското Езеро е во одлична состојба и е безбедна за капење.“

Имате ли проекти за меѓугранична соработка и ако имате, за што се тие проекти? 

Во општина Дојран се реализирани повеќе прекугранични проекти во соработка со Р. Грција и Р. Бугарија како што се проектите Зефирос, План Д и Невестино. Посебно интересен е проектот со Р. Бугарија, кој е од областа на туризмот. По долги години извршена е конзервација на Турската бања (Амам) и е ставена во функција за посета, а исто така со овој проект по 100 и повеќе години беше целосно реконструирана Саат-кулата, како и пристапните патеки до нив. Со ова се збогати туристичката понуда и туристичките содржини со коишто се овозможи туристичка понуда и надвор од летната сезона. Исто така, значаен е и фактот дека Општина Дојран во последните 6-7 години многу успешно и вешто ги користи сите ЕУ и останати фондови, а со тоа ги подобруваме условите како туристичка дестинација од секој можен аспект. Со новиот повик за ЕУ прекугранична соработка со Р. Грција, општина Дојран има аплицирано за три проекти од различни сфери меѓу кои и туризмот. 

На кој начин може државата да му помогне на Дојран? Согласно најавите, секторот туризам ќе биде дел од Министерството за култура. Очекувате ли некои проекти за дополнителен развој на туризмот кај вас?

Туризмот како гранка во нашата држава според мое мислење е запоставена и треба да се обрне поголемо внимание од страна на државата поради тоа што може да биде една од носечките дејности во остварување на надворешни приходи коишто се бенефит не само за државата, туку и за локалното население во туристичките дестинации. Државата пред сѐ треба да се погрижи сегашните, односно постојните туристички дестинации да ги воздигне како со поголеми инвестиции и содржини, така и со поголема промоција на домашниот и странскиот пазар. Се надеваме дека новото Министерство за туризам ќе биде поангажирано во развојот на долгорочна стратегија за развој на туризмот и ќе почне постепено да го движи туризмот во нашата држава во права насока.

Саат-кулата во Дојран.

Саат-кулата во Дојран.

Дали има недостиг од туристичко угостителски објекти и дали правите нешто во однос на привлекување инвеститори во овој дел? 

 Во последните четири години Дојран се развива со забрзано темпо и има се поголем интерес како од домашни, така и од странски инвеститори коишто инвестираат во нови капацитети, а исто така забележано е и во огромната купопродажба на старите и запоставени хотелски комплекси, кои не биле во функција изминатите 20-30 години и истите се ставаат во употреба. На тој начин растат сместувачките капацитети, се подобрува туристичката инфраструктура и Дојран почнува да прераснува во поголема туристичка дестинација која е атрактивна за домашните и за странските туристи. Во последно време се создаваат и нови туристички содржини со кои Дојран е атрактивен и надвор од летната сезона, а токму тоа е и целта да имаме туризам 12 месеци во годината.

Ангов: „Парковите во Дојран се урбанизирани.“

Ангов: „Парковите во Дојран се урбанизирани.“

Кое е решението за долгорочен успех на туристичка сезона?  

Пред сѐ поголема промоција на она што го имаме, повеќе настапи на туристичките саеми, промотивни видеа... Воедно, исто така, како локалната самоуправа, така и централната власт заеднички да прават поголеми инвестиции во патна и туристичка инфраструктура, поголема грижа посебно од Министерството за животна средина, како за Дојранското Езеро, така и за сите останати езера во нашата држава. Клучно е пред се оние туристички дестинации кои се отпочнати и се поразвиени да ги средиме онака како што доликува за туристичка дестинација, а со тоа и да има што да се пофалиме и понудиме на странските туристи и посетители. Треба да подготвиме на некој начин една државна понуда кон странските тур-оператори и туристички агенции со која ќе го привлечеме вниманието и ќе бидеме атрактивни како држава. Нашата држава е мала и навистина може да се подготви десетдневна туристичка тура со која би се посетиле најатрактивните места во неа.

Кој е најпознатиот специјалитет во Дојран што туристите задолжително треба да го пробаат? 

Најпознати специјалитети во Дојран се крап-тава и риба на трска, кои го отсликуваат традиционалниот и најуникатниот начин на приготвување на риба, но покрај тие специјалитети препорачуваме да се пробаат и лангида од икра, млечка, рибја чорба, тава со перкија-костреж, фригана риба, крашник со крап, алва со гриз, слатко од диви смокви и уште многу други. Сите овие специјалитети се дел од „Дојран Гурман Фест“ кој се одржува секоја година во јуни и во нашите локални угостителски објекти.

Image
Newsletter