„Го менуваме Ѓорче на подобро. Резултатите преточени во дела, нас нѐ разликуваат од другите. Како градоначалник на нашата општина, не можам да го сокријам своето задоволство од постигнатото“, вели градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, д-р Александар Стојкоски. „Депониите ги претвораме во мега парк за деца. Ригорозни сме во однос на казните за сѐ што е надвор од законските рамки и во ниту еден момент тоа нема да се промени. Построгата регулатива веќе ги донесе првите позитивни резултати“, вели Стојкоски.
Поминаа речиси три години од Вашиот мандат како градоначалник на Ѓорче Петров? Како ја оценувате досегашната работа?
Верувам дека граѓаните се задоволни од работата на општинската администрација, како и од завршените проекти кои успеавме да ги реализираме во изминатите три години. Вистина работевме чесно и домаќински, но пред сѐ успеавме да ја донесеме општинската каса во одлична кондиција, по што стартувавме со реализација на сериозни проекти. Веќе сме препознатливи по динамиката на работа и знам дека сме на добар пат Ѓорче Петров да го направиме подобро место за живеење. Решававме и решаваме децениски проблеми, особено во делот на инфраструктурата, образованието, животната средина и детската заштита, кои ни одзедоа доста време, но тоа не значи дека не бевме фокусирани и на сите други сфери. Ѓорче дефинитивно е променето, и тој импулс веќе се чувствува.
Кои се вашите идни планови за Општината?
Сигурно е дека тоа се нови капитални проекти кои ќе ја трансформираат општината: модерна и функционална инфраструктура, подобрени јавни услуги кои ќе ги задоволат потребите на секој жител, развој на зелени површини и паркови за чист и здрав живот, како и поддршка за образованието, детската заштита, социјалната заштита, културата и спортот. Фокусот уште во стартот на мојот мандат ми е целокупно уредување на Ѓорче Петров и тоа не се промени воопшто, напротив. Се движиме напред со планот за развојни програми за 2024-2026 година, со вкупен буџет од 90 милиони денари. Програмата вклучува изградба и реконструкција на сервисни и станбени улици, водоводни мрежи во руралните области, фекална канализација и нова пречистителна станица. Нашата цел е да го менуваме Ѓорче Петров на подобро и да го подобриме животниот стандард на сите наши граѓани.
Работиме со целосна посветеност, и ова е само почеток на многуте проекти кои ќе ги реализираме. Резултатите се тука и зборуваат за себе – со поддршка од граѓаните продолжуваме да го развиваме нашиот град и да го правиме Ѓорче Петров квалитетно место за живеење.
Дали успеавте да завршите капитални проекти, без разлика дали Ви беа во предизборна програма, а кои се од суштинско значење за жителите на Ѓорче Петров?
Го менуваме Ѓорче на подобро. Резултатите преточени во дела, нас нѐ
разликуваат од останатите. Како градоначалник на нашата општина, не можам да го сокријам своето задоволство од постигнатото.
Прекрасно е да видиш како новата градинка „Сонце“ во Волково добива свој живот. Ова е само еден од многуте чекори кон целосното елиминирање на списоците за упис на деца во градинките. И не завршивме тука – работиме на нова детска градинка во Стопански Двор.
Образованието е наш приоритет. Завршена е доградбата со по нови 6 училници, во две основни училишта. Особено е важно да напоменам дека полека просториите во училиштата ги приспособуваме за лицата со посебни потреби. Ова е значителен напредок во решавањето на проблемот со недостигот од простории за наставата. Интервениравме генерално во сите училишта, како и во училишните спортски сали.
Горд сум и на проектот „Првиот центар за ресоцијализација на деца кои го победиле карциномот“, кој се реализира во Кучково. Како лекар, ова е од особена важност за мене и за нашата заедница. Овој центар претставува светлина на крајот на тунелот за многу деца и за нивните семејства.
Една од најзначајните инвестиции е изградбата на станицата за третман на отпадни води и фекален колектор во селото Орман. Со оваа инвестиција, веќе имаме поставена примарна и секундарна фекална канализација. Ова е голем чекор кон обезбедување здрава животна средина.
Реконструиравме стотина улици, ја отворивме новата општинска зграда, ја доградивме градинката „Детелинка“, Кучково доби нов систем за водоснабдување, а на ова место целосно партерно го уредивме „Крстот“, реконструиравме детски игралишта, го подобруваме спортот и спортскиот живот.
Но, особено внимание посветуваме на дивите депонии. Една од нив е во Ново Село, која од огромна депонија е претворена во мега-паркот „Даме Груев“. Овој парк не само што ја подобрува естетиката на нашиот град, туку и создава нов простор за уживање и рекреација на нашите граѓани.
Стојкоски: „Нашата цел е да го менуваме Ѓорче Петров на подобро и да го подобриме животниот стандард на сите наши граѓани.“ | Извор: курир.мк
Каква е Вашата соработката со централната власт?
Одлична. Владата предводена од премиерот Христијан Мицкоски е силен и посветен партнер кој значително се залага за подобрување на состојбите на локално ниво. Со меѓусебна соработка во периодот што следува, уверен сум дека ќе успееме да го подобриме квалитетот на живеење во Ѓорче Петров.
Преку унгарски заем до поголеми проекти од особено значење за граѓаните. Дали учествувате на повикот на Владата за реализација на големи проекти?
Наша обврска беше навремено да ги подготвиме сите документи и предлози и верувам дека Владата ќе го препознае нашиот ентузијазам за урбано и модерно Ѓорче. Аплициравме до Министерството за локална самоуправа за добивање средства со проекти од суштинско значење за жителите на Ѓорче, како што се проект за изградба на нова детска градинка во Дексион, локален пат-клучка на обиколница Волково-Орман, пробивање на ул. „Социјалистичка Зора“ со Сремски Фронт, реконструкција на пат до школото во с. Кучково,
како и реконструкција на ул. „Николај Островски“. Сите овие проекти се исклучиво за да го подобриме квалитетот на живот на локалните жители. На добар пат сме да изградиме подобро утре за нас, нашите деца и за сите идни генерации.
Ги споменавте дивите депонии. Градот Скопје во изминатиот период имаше сериозен проблем со нехигиената. Како се справувате со нечистотата во вашата општина?
Чистотата и здравата животна средина ми се приоритет, но за жал, тешко е да се одржи едно задоволително ниво. Многу беше важно да ја засилиме контролата, и тоа и го направивме. Во однос на дивите депонии, секојдневно сме на терен и реагираме веднаш на секоја неправилност. Ригорозни сме во однос на казните за сѐ што е надвор од законските рамки и во ниту еден момент тоа нема да се промени. Така и ќе продолжиме. Построгата регулатива веќе ги донесе првите позитивни резултати во однос на неовластеното депонирање, но имаме уште работа во тој правец.
Жално е што лошата корелација со Град Скопје носи негативни епитети за Ѓорче Петров во однос на чистотата, бидејќи голем дел од територијата на нашата општина ја чисти градското претпријатие, кое е недоволно функционално во моментов. И покрај недоволниот наш капацитет, со сите свои ресурси и механизација, даваме натчовечки напори да ги покриеме сите недостатоци на Градот. Вистина се обидуваме максимално да ја одржуваме хигиената на добро ниво во општината и во таа насока, се повеќе размислуваме за оформување и на сопствено претпријатие, кое сум уверен дека добро ќе функционира и ќе донесе значително подобрување, континуитет и квалитет во однос на животната средина.
Стојкоски: „Горд сум и на проектот Првиот центар за ресоцијализација на деца кои го победиле карциномот.“
Работната обврска на градоначалник често не завршува со работно време од осум часа. Колку Ви дозволува Вашата функција време за Вашето семејство?
Искрен да бидам, голем предизвик ми е градоначалничката позиција, но ми недостига семејството. Јас сум им многу посветен на децата и на сопругата, традиционален и фамилијарен, сопруг и татко, и оддалеченоста од семејството ми прави немир. Но, за жал, генерално, времето е динамично и тоа влијае врз семејните односи, особено врз воспитувањето на деца, и затоа мора секоја слободна секунда да ја користиме да бидеме сите заедно. Децата ми се веќе поголеми и сфаќаат дека мојата работа бара доста посветеност, но морам да истакнам, мојата сопруга е вистински борец за традиционални вредности во ова модерно време, доста посветена, и токму таа е моја најголема поддршка. Навистина се труди максимално нашето отсуство поради работни обврски воопшто да не се одрази брз децата, и многу сум ѝ благодарен за тоа. Семејството дефинитивно се мојата најголема поддршка и мојот „мотор“, и јас сум навистина горд на сите нив.
Идната година нѐ очекуваат нови локални избори. Какви се Вашите амбиции за уште еден мандат во општина Ѓорче Петров или имате друга амбиција?
Мојот план е Ѓорче Петров да биде една урбана и чиста средина и од тоа не отстапувам. Друго засега не би можел да прејудицирам и не би било благодарно кон моите граѓани да зборувам нешто за кое не сум сигурен. Сѐ уште има време до наредните локални избори. Мој фокус останува она што нам ни е предвидено за работа. Имаме уште многу квалитетни проекти да завршиме и тоа сѐ во интерес на јавното добро. Како ќе се одвиваат работите понатаму, времето ќе покаже. Мене ми е во моментов најважно моите сограѓани генерално да се задоволни, и тоа останува моја и тенденција на општинската администрација и во периодот што следува.