Интервју со Александар Стојкоски, градоначалник на Општина Ѓорче Петров

Александар Стојкоски, градоначалник на Општина Ѓорче Петров

Штедиме на струја за да ги намалиме трошоците во  општината

„Со домаќинска и планска работа, значително го стабилизиравме буџетот и во голем процент ги затвораме долговите што ги наследивме. Касата не е имуна воопшто на кризата, бидејќи плаќаме високи сметки за струја во моментов. Но, веќе активно преземаме мерки со кои гледаме да се амортизира ударот од енергетската криза“, вели градоначалникот на Ѓорче Петров, Александар Стојкоски, во интервју за Магазинот за туризам и менаџмент. Се жали на тешката соработка со власта, но може да се пофали со голем број проекти успешно завршени за време на своето управување со општината.

Доктор радиолог, хуманист, поранешен пратеник, претседател на Советот на општината Ѓорче Петров. Александар Стојкоски, веќе една година сте градоначалник на општината Ѓорче Петров. Велите дека се водите од принципите на својата професија: хуманост, неселективност и еднаков пристап кон проблемите на секој поединец. Успеавте ли од Ѓорче Петров да направите организирана и модерна урбана општина во која жителите водат достоинствен, пристоен и просперитетен живот?

Дефинитивно – да. За мене секој жител е еднаков. При јавна работа каква што е оваа професија, важно е да имате неселективен пристап. Нашето мото е „модерно, урбано, хумано“. Така и постапуваме. Транспарентно и отчетно се залагавме и ќе се залагаме сите проекти да добијат својата рамка и завршница. Ги отворивме вратите на општината за сите граѓани. Достапни сме постојано, јас и мојата администрација, и неуморно работиме на решавање на проблемите на жителите на Ѓорче Петров. Целосно го сменивме пристапот. Домаќински се управува со буџетот. Со посветеност и со визија. Куќа се гради од темел, а не од покрив. И покрај сите пречки, предизвикот и волјата се мотивот што е главниот двигател. Новата животна улога беше голем предизвик, но влегов со волја да ги променам работите. Комуникацијата на терен со граѓаните, анализите на состојбите, нивните идеи и предлози се мое секојдневие. Уште во предизборната кампања порачав дека ќе работам чесно и според законските регулативи, како што сум правел отсекогаш во животот. Работам секојдневно од првиот ден од мојот мандат што ми го доверија граѓаните и веќе се познаваат позитивните исчекори во сите сфери. На ѓорчепетровци им се потребни проекти што ќе им го олеснат секојдневието – асфалтирани се улици во урбаниот и во руралниот дел, донесовме вода за пиење во Кучково, зеленило, нови детски катчиња и нова урбана опрема, подобри услови за образование, нови капацитети на градинките. За тоа дадов и ветување и стојам зад секој збор. На добар пат сме целосно да го модернизираме Ѓорче Петров.

Во Вашата изборна програма ветивте модерно и современо образование, како и здрава животна средина низ целата општина Ѓорче Петров. Ги подобривте ли ефикасноста на услугите и квалитетот на живеење на граѓаните?

Верувам дека ефикасноста е подобрена. Со оглед на тоа што со напорно темпо и преку разни проекти особено се фокусиравме на подобрување на состојбите во образованието, уверен сум дека промените се на добар пат. Речиси целосно го реконструиравме ООУ „Димитар Поп Георгиев Беровски“, го променивме покривот на салата во ООУ „Страшо Пинџур“, го доградивме училиштето „Тихомир Милошевски“ и во истиот образовен објект го сменивме системот на греење. Ова училиште по долги години конечно ќе биде загреано, а учениците наместо во три, веќе го посетуваат во две смени. Не запоставуваме ниту еден сегмент од образовната алка. Отворивме и сензорна соба во ООУ „Ѓорче Петров“, со најава за отворање на уште една во друг образовен објект. Ова се само дел од проектите што ги сработивме во изминатата година, а се однесуваат на создавање добри услови за настава. Исто така, набавивме и нова спортска опрема и реквизити во сите училишта и градинки. Нема веќе недостиг од опрема во воспитно-образовните институции. Како директни мерки за заштита на животната средина, би ги издвоил проектот „За поубаво Ѓорче“, проект за подигнување нови зелени површини, и секако оној за конечно затворање на депонијата во Ново Село и зазеленување на таа површина. Секако дека се тука и тековни активности што се однесуваат на постојано зазеленување на Ѓорче Петров, но и на одржување на постојното зеленило.

Зошто е добро да се живее во општина Ѓорче Петров? Што ја прави оваа општина посебна, а кои се недостатоците?

Самата местоположба на Ѓорче Петров е примамлива. Се наоѓаме меѓу две големи реки, опкружени со преубава природа, блиску до урбаното, а сепак далеку од градскиот метеж. Ѓорче Петров е едно од најубавите и најпосакуваните места за живеење од аспект на здрава животна средина, што е добра поволност за оние што живеат тука, но и оние што планираат да се доселат.

Во овој контекст, а во однос на инвестициите и на развојот, би сакал да истакнам неколку од позначајните поволности, а тоа се значително пониската комунална такса за изградба на нови производствени капацитети, брзи постапки за издавање на потребната документација, добрата местоположба и блиската поврзаност со обиколницата, со што се овозможува брз транспорт и пристап. Во соработка со тимот од локален економски развој, им излегуваме пресрет на малите и на средните претпријатија во делот на подобра информираност за аплицирање за проекти. Потенцијалните инвеститори имаат можност да ги искористат средствата од грантови за развој на мали и на средни претпријатија од ЕУ-фондовите. Недостатоците, ако може така да ги наречеме, најчесто се однесуваат на нерешени урбанистички прашања, но и тоа полека го менуваме. Новиот тим во секторот урбанизам се ентузијасти и многу вредни работници, и верувам дека заеднички ќе успееме да ги сведеме тие недостатоци на минимум. Ѓорче Петров сѐ уште има рурален дел што се соочува со недостиг од одредени работи клучни за нормално движење или сообраќање. Но, и тоа го надминавме. Се фокусиравме на асфалтирање и на решавање на атмосферската мрежа на улиците во руралниот дел. Ете, на тоа напорно работиме. И фекалната мрежа ја подобруваме. Во изминатиот период реконструиравме над 25 улици во овој дел од Ѓорче Петров, со што покажавме дека ветувањата не се само празни зборови. Концептот „Ѓорче без кал“ полека се остварува. Граѓаните заслужуваат добар живот и чесна работа со визија и со енергија за големи работи.

Александар Стојкоски, градоначалник на Општина Ѓорче Петров

Александар Стојкоски, градоначалник на Општина Ѓорче Петров

Потребни се проекти, но и инвестиции за нивна реализација. Како се финансира буџетската каса во моментот и колку е имуна на притисоците од економската криза, чиј удар набрзо ќе го почувствуваме и преку струјата во зимскиот период што следува?

Буџетската каса во моментов е зависна од даноците на имот, приходи од легализацијата, надоместок за уредување градежно земјиште, кој е сведен на минимум, комунална такса за јавно осветлување и дотација за ДДВ. Тоа се во главно начините за обезбедување приходи. Но, сакам да истакнам дека со домаќинска и планска работа во изминатата година, значително го стабилизиравме буџетот и во голем процент ги затвораме долговите што ги наследивме. Касата не е имуна воопшто на кризата бидејќи плаќаме високи сметки за струја во моментов. Но, веќе активно преземаме мерки со кои гледаме да се амортизира ударот од енергетската криза, со акцент на одредени активности во поглед на штедење електрична енергија. Недомаќинското управување со локалната самоуправа во Ѓорче Петров е минато. Наметнавме тренд на динамична работа и на штедење. Ред мора да постои, а гласот добиен од народот мора да биде оправдан. И покрај стекнатата финансиска состојба од претходно раководство, успешно реализираме капитални чекори што се од значење за нашите сограѓани.

Какви мерки преземавте Вие како градоначалник да се ублажи „ударот“ за граѓаните? Дали имате процена колку од жителите ги загреваат домовите на струја, со дрва? Колку од правните лица бараат помош во однос на сметките за електрична енергија, дали постои интерес кај граѓаните и кај фирмите за вложување во фотоволтаици и каква е процедурата?

Она што е најважно во моментов е што обезбедивме комплетна проектна документација за модернизација на системот и на енергенсот за греење во училиштата. Во финална фаза на апликација сме во однос на модернизирање на системите за греење со инсталирање топлински пумпи и фотоволтаици на сите општински објекти, со што значително ќе се намалат сметките за енергија и ќе се овозможи нормално одржување на трошоците во текот на целата година. Обезбедувањето одржлив економски развој и конкурентни инвестициски можности, унапредувањето на квалитетот на живот, енергетската ефикасност, грижата за животната средина, инфраструктурното уредување и планирање, како и развојот на туризмот, се основни стратешки цели на Општина Ѓорче Петров. Во однос на енергетската ефикасност, во 2019 година во соработка со „Хабитат Македонија“, изработен е регистар на станбени згради, во кој се внесени податоци и за типот на загревање на станбените единици. Од тој регистар е евидентно дека 95 отсто од жителите што живеат во згради, се загреваат на електрична енергија. Според постари податоци, околу 60 проценти од жителите што живеат во куќи како енергенс за загревање го користат огревното дрво.

Каква е соработката со централната власт во однос на економската криза, но и за реализација на зацртаните проекти до крајот на оваа и на следната година?

Искрено, не може да се пофалиме на добра соработка со централната власт. Поддршката од Владата што треба да се однесува на заеднички проекти или проекти што се реализираат во нашата општина е на ниско ниво. Тоа придонесе за закочување на процесите за завршување на доградбите на училиштата „Тихомир Милошевски“ и „Димитар Поп Георгиев Беровски“ (подрачно), кои се под директни ингеренции на министерството за образование, и на градинката „Сонце“ во Волково, која е проект на Министерството за труд и социјална политика, но е на наша територија, и во која учествуваме и ние со одредени средства. Токму ненавременото обезбедување согласности за вработување кадар во оваа градинка придонесе на подолг рок да се одложи отворањето на овој објект. Но, општината беше упорна да обезбеди зголемување на капацитетите на градинките. За таа намена, со наши средства обезбедивме воспитно-образовен кадар во објектот „Детелинка“ на градинката „Росица“, каде што ги проширивме капацитетите за 100 нови дечиња. Иако и тука имавме кочница, со максимални финансиски напори им излеговме пресрет на родителите. Ако се подобри комуникацијата, уверен сум дека ќе се зголеми и бројот на завршени капитални проекти во Општина Ѓорче Петров.

Последен реализиран проект е водоснабдување на Кучково, со што е решен еден децениски проблем. Велите дека следен чекор е приклучок кон главниот цевковод. Кога ќе се затвори целосно овој проект?

Со гордост можам да кажам дека е конечно затворен овој горлив децениски проблем на жителите на Кучково. Веќе е ископан бунар од кој добиваме 4,8 литри во секунда, што е двојно повеќе од потребите на селото. Со засилена динамика работиме на целосна реализација на проектот и очекувам наскоро вклучување на цевководот. Генерално, помагаме ова место да се развие во туристичка локација, со што ќе помогнеме за подигнување на економскиот статус на жителите. Со уредувањето на локалитетот „Крст“, новата велосипедска и пешачка патека, како и новата урбана опрема, Кучково станува вистинска атракција за скопјани. Така се работи, со дела.

Александар Стојкоски, градоначалник на Општина Ѓорче Петров

Александар Стојкоски, градоначалник на Општина Ѓорче Петров

Најавивте дека Ѓорче Петров е првата општина во Скопје што ќе добие мегапарк. До каде е реализацијата на овој проект?

Реализацијата на овој проект е во тек. Општина Ѓорче Петров добива парковна површина од 31.000 м2, која ќе изобилува со зеленило, уредени патеки, спортски и забавни содржини и осветлување. Ова е прв капитален проект што се реализира во општината од ваков тип. На место на поранешна депонија, ние подигнуваме зеленило. Ова беше еден од најгорливите проблеми на жителите на Ново Село и на околината, а локалната власт му даде приоритет уште во првите денови од мандатот. Верувам во Советот и во мојот тим. Она што следува ќе биде круна на сработеното.

Како се справувате со дивите депонии? Зошто е свеста на граѓаните на толку ниско ниво, се фрла отпад на неозначени локации?

Затоа што веројатно недостигаат засилени парични казни и построга законска регулатива. За жал, без тоа, граѓаните се сѐ помалку дисциплинирани во однос на дивото депонирање или фрлање отпад на неозначени локации. Со сите ресурси и со цела механизација со која располагаме се трудиме да постигнеме навремено чистење на означените и на неозначените места. Постојано апелираме за подигнување на свеста на граѓаните, но малку тешко ни оди со зборови. Се обидуваме да бидеме трпеливи и да не „удриме“ – што би се рекло народски – по џебот на граѓаните, но и тоа е една од опциите, доколку не се подобрат состојбите. Не знам што е причината за несовесното одлагање отпад и не сакам да верувам дека се тие чекори мотивирани од нешто, но повторно би сакал да апелирам да бидеме внимателни во овој дел, затоа што чистата животна средина за сите нас значи живеење во здрава околина.

Иако сте посветен градоначалник, Вие сте семеен човек, татко на две деца. Колку оваа функција дозволува време за вашето семејство. Вие сте и љубител на спортот, планинарењето и велосипедизмот, останува ли слободно време и за себе?

Сѐ повеќе се зголемуваат обврските, а сѐ помалку е времето за семејството. Но, секој слободен миг го користам да го поминам со него. Без нивното разбирање за мојата позиција, работите нема да се движат лесно. Оваа функција е многу одговорна и напорна и не ми дозволува често да спортувам како порано, но и тука сум упорен. Наоѓам моменти и за тоа, и тоа најчесто го правам со моите вработени. Веќе организиравме неколку пешачки тури. И тие, како и јас, го обожаваат спортот, и мило ми е што заеднички реализираме такви чекори. Го користиме времето за развој на здрави навики, но и да поразговараме во однос на работата, иако сме во слободно време. Моја пасија се трчањето и планинарењето. Тоа е честа борба сам со себе. Да се надминеме себеси и да бидеме подобри личности од претходниот ден е најважното нешто, без разлика дали во умствената или во физичката подготвеност. За секој подвиг не е доволна само желбата. Важна е вербата во себе и поставувањето високи цели. Само така се постигнуваат резултати што ги надминуваат очекувањата.

Image
Newsletter