„Граѓаните се тие што одлучуваат како и каде ќе се трошат парите од буџетот бидејќи се тоа пари на граѓаните. Секое населено место го посетив лично и можам да кажам дека идеите на граѓаните се добредојдени и ќе бидат реализирани“, вели градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски, во интервју за Магазинот за туризам и менаџмент. Како поранешен член на Советот на Општината, тој лесно ги детектира проблемите на жителите со кои се соочуваат секојдневно. Стефковски од првиот ден откако седна на градоначалничката фотелја, посочи дека има план и визија како заедно со граѓаните да ја направи општината подобро место за живеење.
Гази Баба ќе стане подобро место за живеење
Помина повеќе од една година откако сте градоначалник на Општина Гази Баба. Ова е ваш прв мандат, но работата за вас не е непозната бидејќи во минатото бевте дел од Советот на Општината. Исто така, вие сте израснат во Гази Баба и добро ги познавате проблемите на Општината. Колку сте задоволни Вие, како нејзин прв човек, од сработеното досега?
За мене како човек што е роден и кој е израснат во општината, беше голема чест, но уште поголема одговорноста кога ја добив довербата од граѓаните да ја водам Гази Баба. Денес, по една година од мојот мандат, можам слободно да кажам дека сум задоволен од она што го сработивме. Доказ за сработеното е отчетот на 80 страници што го дадов пред граѓаните. Реализиравме 210 нови проекти, Општината ја отворивме за граѓаните и на сите злоупотреби вршени во минатото им ставивме крај.
Во екот на економска криза, ветивте дека чесно ќе ги трошите парите на Општината. Неодамна ги повикавте граѓаните да дадат свои предлози и со тоа директно да учествуваат во кроењето на буџетот за идната година. Дали можеби веќе добивте конкретни идеи за 2023 година?
Кога ја побарав довербата од граѓаните за да бидам градоначалник на Општина Гази Баба, ветив отчетно и транспарентно работење. И тоа денес во општината е реалност. Граѓаните се тие што одлучуваат како и каде ќе се трошат парите од буџетот бидејќи се тоа пари на граѓаните. Во насока на подготовка на буџетот за 2023 година, спроведовме еден сеопфатен граѓански дијалог со директни средби со граѓани во месните и во урбаните заедници во целата општина. Секое населено место го посетив лично, заедно со тим од општинската администрација. И можам да кажам дека сум задоволен бидејќи граѓаните масовно присуствуваа на средбите и ги даваа своите идеи. Конципиравме развоен буџет за 2023 година, во рамки на кој се обезбедуваат средства за нови детски градинки, нови асфалтирани улици, детски катчиња, спортски игралишта, фекални канализации и голем број други проекти што ќе ја направат Општина Гази Баба подобро место за живеење.
Кои ќе бидат приоритетни проекти во идната 2023 година и колку од нив не се предвидени во Вашата предизборна програма, туку се дополнителни идеи што планирате да ги реализирате?
Со моето доаѓање за градоначалник на Општина Гази Баба, изборната програма ја преточив во програма за работа на Општината бидејќи граѓаните ги поддржаа програмата и ветувањата дадени во неа. Јас ниту едно свое ветување што сум го дал пред граѓаните го немам заборавено. Напротив, работиме посветено на реализација на секое од нив. Во буџетот за 2023 година предвидуваме реализација на голем број проекти. Секако најголем дел од нив се дел од изборната програма, бидејќи имам обврска пред граѓаните да ја реализирам, но предвидени се и проекти што ги немав ветено во изборната програма. Кога би требало да посочам еден таков проект, со гордост би го истакнал проектот 5.000 денари за секое новородено дете во Општина Гази Баба, проект што во изборната програма беше ветен како еднократна парична помош за секое прво родено дете, но по доаѓањето во Општината, проектот го изменив и за првпат во историјата, Општината доделува 5.000 денари за секое новородено дете на нашата територија.
Бобан Стефковски, градоначалник на Општина Гази Баба
Кои се најголемите проблеми со кои се соочува Општината?
Гази Баба е составена од урбан и од рурален дел, а проблемите со кои се соочуваат граѓаните во урбаниот и во руралниот дел не се исти. Најголемиот проблем за Општина Гази Баба е недостигот од фекална канализација во поголем дел од населените места во руралниот дел на општината. Во насока на решавање на овој проблем, во изминатата година изградивме 9 километри нова мрежа на фекална канализација во повеќето населени места.
Дали имате соработка со власта и колку има таа слух за идеите што ги презентирате, а за кои Ви е потребна нивна поддршка?
Со жалење можам да констатирам дека централната власт нема слух за реализација на проекти што Општината не е во можност со сопствени средства да ги финансира, од типот на училишни згради, нови детски градинки и слично. Кога дојдов за градоначалник, испратив писмо до министерството за образование и наука, каде што во тоа време беше министер Мила Царовска. Во писмото побарав информација за тоа кога е во план Владата да определи средства за изградба на нова училишна зграда на ООУ „Крсте Мисирков“ во Ченто, за која е подготвен проект, а издадено е и одобрение за градење. На ова мое писмо, добив одговор дека во 2022 година ќе се обезбедат средства за изградба на училиштето. Со одлука Владата се определија само 1.200.000 денари за изградба на ова училиште, а вредноста на проектот е околу 72.000.000 денари. Висината на определените средства зборуваат за тоа дека Владата нема намера да го изгради училиштето. Неколку пати имам кажано, но ќе повторам и сега, Владата не ги казнува градоначалниците со нереализација на проекти бидејќи тие проекти не се за градоначалниците, туку се за граѓаните. Функциите се менливи, остануваат само реализираните проекти да зборуваат за секој што ја добил довербата да раководи со една институција.
Колку често остварувате контакти со градоначалници од други општини и дали имате проекти што ги реализирате заеднички?
До неодамна бев претседател на Советот за развој на Скопскиот плански регион, во кој членуваат градоначалниците на општините од Скопскиот регион и од градот Скопје. Самото тоа бараше постојана координација и комуникација со колегите градоначалници, без разлика на политичката припадност, па можам да истакнам дека имав со сите нив коректна соработка во насока на изнаоѓање различни фондови и средства за реализација на нови проекти во која било општина од Скопскиот регион. Таа комуникација продолжува и сега, секако дека комуницирам со колеги од општини низ државата, но и надвор од неа, сѐ со цел да размениме искуства по однос на определени проблеми и прашања.
Градоначалникот Стефковски на терен
Во ек на енергетска криза, кога ги повика Владата општините да штедат, вие јавно порачавте дека сте против онлајн настава за учениците. Дали и како успева Општината да менаџира и да ги намали сметките за електрична енергија оваа зима?
Апсолутно ќе потврдам и сега. Категорично сум против воведување онлајн настава во училиштата. Има многу други работи на кои може да се скратат средства, но во ниту еден случај тоа не треба да биде на штета на децата и на младите. Сметките за електрична енергија се двојно зголемени, ние како општина спроведовме интерни мерки за штедење во насока на целосно укинување на непродуктивните трошоци. Така, во 2022 година имаме потрошено нула денари за репрезентација, воведовме систем за надзор над движењето на службените возила и со тоа се воведе ред на користење на службените возила единствено за службени цели. Јас како градоначалник не користам службено возило, обврските ги реализирам со приватното возило и комплетните трошоци околу тоа ги покривам од личните примања. Ако работиме чесно и домаќински со буџетот, тогаш пари ќе има за сѐ.
Велите дека „Инвестирањето во образованието е инвестирање во иднината“. Кои инфраструктурни проекти може да ги наведете како завршени или како такви што се во тек?
Тоа што го велам и го мислам. Да се инвестира во образованието, значи да се инвестира во иднината. Во годината зад нас ги реконструиравме училишните спортски сали во ООУ „Григор Прличев“ во Железара и ООУ „Дане Крапчев“ во Ченто, отворивме сензорна соба во ООУ „Дане Крапчев“, како и катче за учење и дружење во ООУ „Стив Наумов“ во Автокоманда. Опремивме кабинети за практична настава по природни науки во повеќе основни училишта. Ја продолживме изградбата на новата училишна сала во ООУ „Кирил и Методиј“ во Стајковци, а наскоро ќе почне и изградбата на новата училишна сала во ООУ „Наум Охридски“ во Булачани. Претходно, го споменав и проектот за нова училишна зграда за ООУ „Крсте Мисирков“, за која ако не обезбеди Владата средства за изградба во 2023 година, како градоначалник преземам обврска Општината преку најразлични начини да обезбеди финансии и самостојно да ја изгради.
Загадувањето е еден од најголемите проблеми на граѓаните на Македонија. Дали преземате Вие, како градоначалник, определени мерки што може да помогнат за намалување на штетните честички?
Заштитата на животната средина е на врвот на приоритетите на мојот мандат. И првата година од мандатот можам слободно да кажам дека е година на животната средина во Општина Гази Баба. Засадивме над 5.000 нови садници, воведовме субвенции за граѓаните за набавка на велосипеди, електрични тротинети, чистење на оџаци, како и за вградување уреди за течен нафтен гас на возилата, додека средствата за субвенции за инвертер-клима, уреди и за печки на пелети двојно ги зголемивме. Исчистивме над 70 диви депонии од јавните површини, изградивме нови зелени паркови на површина од над 12.000 метри квадратни. Граѓаните паметат дека минатото раководство на Општината имаше започнато постапка за отворање нов хемиски отпад во делот над индустриската зона Железара. Оваа постапка, онака како што ветив во првата недела од мандатот, со решение ја поништив. Едноставно, додека сум јас градоначалник на Општината, граѓаните може да бидат спокојни дека нема да дозволам на ниту еден метар квадратен отворање нова загадувачка индустрија.
Бобан Стефковски, градоначалник на Општина Гази Баба
Новогодишните празници се радост за сите граѓани, но украсувањето секоја општина ја чини многу пари. Колку потрошивте Вие годинава за украсување?
Имајќи ги предвид економската и енергетската криза во која се наоѓаме, одлучивме оваа година да не спроведуваме постапка за новогодишно украсување, а средствата да ги насочиме кон реализација на нови проекти.
Може ли да ни кажете како поминува еден ваш работен ден како градоначалник?
Мојот работен ден најчесто е поделен на два дела. По доаѓање во Општината, најчесто некаде околу 8:30 часот, сѐ до 11:00 часот, одржувам секторски колегиум со сектори од општинската администрација, на кои го разгледуваме степенот на реализација на започнатите проекти, како и на оние проекти што треба да се започнат. Во вториот дел од денот практикувам работа на терен со увид во градежните активности, средби со граѓаните и слично, бидејќи работата на градоначалникот не е во својата канцеларија, туку на терен. Работниот ден ми завршува попладне, околу 18:00 часот, со состанок со личните соработници со кои ги координираме и ги планираме теренските активности, како и разговори за определени проекти на чија реализација се појавил некој проблем.
Вашата функција бара многу време и внимание посветени на работните обврски. Вие сте сопруг и татко, колку Ви дозволува работата да имате слободно време за да му се посветите на семејството?
По изборите и по добивањето на довербата од граѓаните, она што најмногу се промени во мојот живот е намаленото слободно време за семејството поради обврските бидејќи позицијата градоначалник не познава работно време. Многу често се случува по доаѓање во домот, да се појави определен проблем, па да морам да излезам и лично на терен. И јас сум им благодарен и на сопругата и на моите Марио и Матео за разбирањето и за поддршката што ми ги даваат, бидејќи тие се мојот мотив, тие ми ја даваат најсилната енергија. Но, и покрај тоа, во попладневните часови знам да го придружувам поголемиот син Марио на тренинзите по фудбал, а со помалиот син Матео е резервирано следењето на фудбалските натпревари во овој период кога се одржува светското првенство.