Интервју со градоначалникот на општина Свети Николе, Дејан Владев

Интервју со градоначалникот на општина Свети Николе, Дејан Владев

Владев: Да го спречиме иселувањето од Македонија!

Свети Николе некогаш беше полн град, со младешки џагор по улиците. Денес белата чума и иселувањето не го одминуваат овој крај во Овчеполието. Од општината со која раководи Дејан Владев најавуваат квалитетни услови за живот на новите генерации. За зголемување на вработеноста, идните планови, подобрување на инфраструктурата и за инвестирањето во младите генерации, зборува градоначалникот во интервју за Магазинот за туризам и менаџмент.

Невработеноста во центарот на Истокот ги исели младите луѓе. Градот е празен, а сиромаштијата ги мачи жителите на Свети Николе. Со кои мерки може да се подобри локалниот развој на оваа општина?

Постојано се трудиме да ја подигнеме информираноста за можностите за вработување, како и можностите за отворање нови работни места. За да се стимулира вработувањето на најзагрозени категории на невработени лица, се предвидува нивно ангажирање во организирани работни активности во рамките на Годишната програма за јавни работи, како и вклучување на невработени лица во програмата за општинско-корисна работа и во мерката јавни работи преку Агенцијата за вработување. Исто така, се планира оваа година да се организира настан „Форум на работодавачи“ во Општина Свети Николе, кој има за цел да ја зголеми вработеноста и да овозможи отворање нови работни места. Идејата е да се усогласат понудата и побарувачката на работната сила согласно со потребите на пазарот на трудот и да ја поттикнеме соработка помеѓу Општината и Центарот за вработување. Со овие активности ќе се зголеми информираноста на невработените за отворени позиции, како и на самите работодавачи за новите мерки за ангажирање невработени лица. Воедно се врши и постојано информирање на малите и на средните претпријатија за сите повици што им овозможуваат пристап до нови начини на финансирање и инвестиции.

Ќе се градат ли нови индустриски зони, се работи ли на привлекување странски инвеститори?

Засега не. Во моментот располагаме со индустриската зона „Свети Николе“, индустриската зона „Овче Поле“ и со индустриската зона „Мало стопанство“. Општината во наредниот период ќе се фокусира врз изградба на основна инфраструктура на постојаните индустриски зони, како и на нивна промоција пред потенцијалните инвеститори. Воедно, на веб-страницата на општината е поставен и прашалник за потенцијалните инвеститори со кој тие може да изразат интерес во поглед на нивните потреби за инвестирање.

Свети Николе некогаш беше полн град, со младешки џагор по улиците. Денес белата чума и иселувањето не го одминуваат овој крај во Овчеполието. Колку нуди општината со која вие раководите  квалитетни услови за живот на новите генерации?

Белата смрт односно миграцијата на народ е еден сериозен предизвик и проблем што стои пред сите нас и чие надминување е меѓу врвните приоритети. Незадоволството поттикнато од разни побуди како што се корупцијата, нечесност, систем на локална самоуправа што не функционира, е нешто што продуцира бесперспективност кај младите и буди желба за иселување. Како локалана самоуправа имаме само моќ да дејствуваме локално на оваа проблематика, односно да го подигнеме квалитетот на живот во општината, со што ќе ги намалиме диспаритетите во самата општина помеѓу населените места, како и диспаритетите што постојат помеѓу нашата општина и општините што нѐ опкружуваат, но и да создадеме стабилна основа за почеток на економски развој, кој ќе продуцира нови работни места и искористување на човечкиот потенцијал од општината. Целта ни е да реализираме проекти со кои што ќе придонесеме да има нови и модерни содржини во Свети Николе, со кои би се подобрил квалитетот на живот на самите граѓани. Токму поради тоа и го зголемивме износот на додатокот за новороденче, а предвидовме и еднократна парична помош за секое првооделенче, како и за секој ученик од Свети Николе што ќе се запише во средно училиште на територијата на општината од следната година. Зголемен е дијалогот со ресорното министерство во поглед на намалување на невработеноста. Ќе се отвори градинка во рурална населба Ерџелија. Се градат детски игралишта и спортски сали и терени на места каде што досега немало. Како одговорна општина, континуирано спроведуваме младински политики на дело, со што покажуваме и грижа за младите.

Панорама на Свети Николе.

Панорама на Свети Николе. | Извор: svetinikolemakedonija

Каква е состојбата со инфраструктурата во градот. Успеа ли Свети Николе да го реши проблемот со водата за пиење?

Проблемот со водата за пиење е одамна решен. Свети Николе е првата општина што користи вода за пиење од страна на Јавното претпријатие за извршување на водостопански дејности „Хидросистем Злетовица“, а воедно го разработува и алтернативното решение со дупчења над село Кнежје. Во натамошниот период ќе се изврши реконструкција на станицата за прочистување на водата Сивиртепе, со што ќе се изврши зголемување на капацитетот на филтерната станица, а со тоа ќе се овозможи и реализација на проектот за кој веќе имаме обезбедено техничка документација за изградба на водовод од пречистителна станица до повеќе локации.

Уште во предизборната кампања најавивте дека ваш приоритет ќе биде решавањето на реалните проблеми со кои секојдневно се соочуваат граѓаните на Свети Николе. Успеавте ли да понудите новини за земјоделците, пензионерите и за другите жители на градот?

Кога станува збор за земјоделците, пензионерите и граѓаните воопшто, постојано сме во комуникација со здруженијата што ги претставуваат соодветно, за да бидеме во тек со нивните реални потреби и предизвици. На овој начин, всушност, и се гради буџетот во Општината, при што се води сметка да му се даде приоритет на она што вистински е потребно за секој граѓанин.

Црква Света Лидија.

Црква Света Лидија.

Енергетската криза и понатаму е сериозен проблем во нашата земја. Сметките за струја и понатаму се многу високи. Дали успеавте да ја намалите потрошувачката на електрична енергија во институциите и во училиштата кои се под ингеренции на општината?

Добро се носиме со самиот предизвик и успеваме да направиме заштеди од претходната година во сите институции под локално ниво. Заштедата на месечно ниво, во споредбено со претходната година, се движи во просек од 15 до 30%, а во одделни институции, забележани се и заштеди над 50%.

Дали има Владата слух за помош и реализација на некои клучни проекти за општина Свети Николе?

За да добиете одговор на ова прашање, Ве молам обратете се до оној до кого е упатено самото прашање, Владата.

Како градоначалник, остварувате средби со граѓаните и на терен ги воочувате нивните проблеми. Колку успевате да најдете решение?

Доколку постои и најмала шанса за институционално решавање на некој проблем согласно ингеренциите и законските надлежности на Општината, тие проблеми тековно ги решаваме, со што покажуваме дека сме навремен сервис на граѓаните и на бизнис-секторот.

Кои новини ги планира општината во наредниот период?

Пред сѐ, се работи за инфраструктурни зафати, со кои ќе успееме да го направиме Свети Николе пристојно место за живеење. Во план се изградба на ново детско игралиште во населбата, нов парк, затворено спортско игралиште во училиштето „Кочо Рацин“, изградба на канализациска мрежа во Мустафино, улици во Сопотски пат, реконструкција на дел од речниот кеј и реконструкција на улицата „Орце Николов“.

Image
Newsletter