Охрид ќе стане европски град во кој секој ден ќе има туристи
Плажи уредени според препораките на УНЕСКО. Чист град со нови атрактивни локации за туристите. Градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков, најавува амбициозни планови за следниот период. Во ексклузивно интервју за Магазинот за туризам и менаџмент, тој зборува за новите правила во градот за кои се очекува да привлечат повеќе туристи. Пецаков за годинава планира атрактивна понуда за спортистите и развој на руралниот туризам. Галичица, Косел и Студенчишкото блато се атрактивните локации што може да привлечат многу туристи.
Привлекување нови домашни и странски туристи, издигнување на Охрид како атрактивен европски град. Најавивте инвестиции и проекти во повеќе сектори, но сепак вашата цел е 365 дена туризам односно привлекување на туристи во Охрид во текот на целата година. Како ќе ја реализирате оваа идеја?
Сметам дека Охрид има капацитет и знаење да го спроведе ова. Првично мојата замисла е да обезбедам финансиска поддршка за приватните издавачи на станови и угостители преку субвенции за сместувачките капацитети што ќе нудат услуги за гости пред и по туристичка сезона.
Спортскиот туризам е еден од вашите приоритети. Тоа може да се забележи и во програмата што ја претставивте во трката за локалните избори, а која Ве донесе на градоначалничката фотелја. Кои се првите чекори што ги преземате за да ги реализирате вашите идеи?
Охрид има огромен потенцијал за спортски туризам. Првично, спортската инфраструктура треба да се подобри и да се надгради. Во таа насока, во изминатиов период организиравме акција за расчистување на настанатите диви депонии и за подигање секаков вид отпад од СРЦ „Билјанини извори“. Наредно што треба да го направиме е промоција на Охрид за активен спортски туризам. Размислуваме за изработка на публикација што ќе служи за оваа намена. Иако досега на моите средби постојано потенцирам и го презентирам Охрид како идеално место за спортски подготовки, сметам дека со квалитетна публикација презентирањето ќе биде поавтентично.
Голема цел поставивте пред себе, да ги задржите младите во своите родни места. Руралниот туризам го внесовте како посебна гранка со цел заживување на овие средини. Дали ќе биде тешко да успеете во Вашата цел?
Несомнено е дека големите цели се тешки за достигнување, но не се неостварливи. Инвестициите и реставрациите што ги планираме во руралните средини, односно во сместувачките капацитети, ресторани, пензионерски домови, спортско-рекреативни центри, планинарски домови и слично, се надевам дека ќе претставуваат поттик за младите да останат во своите родни места и да развиваат бизнис. Тоа ќе донесе раст во економскиот и во општествениот развој на руралните средини, а следствено на тоа ќе се намали миграцијата на младите.
Најавивте екотуризам и заштитени зони. За кои локации станува збор?
Охрид изобилува со локации каде може да се развива екотуризам. Доста од угостителите веќе го препознаваат тоа и инвестираат токму во ваквите места. Мојата замисла е за почеток како еколокации да ги промовираме Галичица, вулканот кај Косел и Студенчишкото блато.
За да се реализираат сите Ваши идеи потребни се туристи, како домашни така и странски. Дали имате соработка со туристички агенции и авиокомпании, и планирате ли засилено рекламирање на Охрид во некоја друга земја?
За жал, поради пандемијата, голем дел од воспоставените соработки се во мирување. Се надевам дека во периодот што следува, состојбата полека ќе се нормализира и дека повторно ќе можеме да функционираме нормално. Во моментов, постепено се враќаат директните и чартер авионски линии од и кон Охридскиот аеродром. Наша определба е во зависност од ситуацијата, да разговараме со туроператорите и со авиопревозниците за отворање нови пазари за привлекување гости во Охрид. По две години, Охрид повторно беше промовиран на Саемот за туризам во Белград. Разработуваме и некои нови идеи во насока на промоција на градот. Дополнително на ова, секоја моја работна посета надвор од Македонија ја користам за промоција на градот и за остварување контакти со тамошните туристички работници.
Кирил Пецаков - Градоначалник на Охрид
Се наближува лето. Најавивте дека ќе го заштитите Охридското Езеро, а како прва од мерките се плажите. Рековте дека Охрид ќе има уредно направени плажи за туристи, според препораките на УНЕСКО, но од оваа година ќе бидат под наем, нема повеќе концесија. Дали сметате дека со ваквата одлука туристите ќе добијат поквалитетна услуга?
Уредени плажи секако дека значат и поквалитетна услуга за туристите. Наша замисла е Охрид да добие уредени плажи според план за уредување на крајбрежјето на Охридското Езеро, а во согласност со Препораките на УНЕСКО. Планот треба да ги утврди локациите на кои ќе се уредуваат плажи, а останатиот дел ќе бидат слободни плажи. Плажите ќе бидат уредени со природни материјали и без платформи во езерото. На дел од просторот ќе бидат поставени лежалки, додека останатиот дел ќе биде слободен. На овој начин, на крајбрежјето на Охридското Езеро ќе има простор за сечиј вкус. Замислата е плажите да не се издаваат како досега под концесија, туку тоа да се прави со краткорочни закупи од една година.
Наследивте судски спорови од поранешни концесионери на плажи што бараат отштета од стотина илјади евра. До каде се постапките?
Во моментов се водат неколку судски постапки. За дел од нив се дадени завршни зборови, а за другите се чека закажување на рочишта за завршни зборови.
Еден од горливите проблеми на Охрид е отпадот што секојдневно се влева во езерото. Какви планови имате за спас на езерото?
Превенција по дефиниција значи спречување. Во таа насока се движи и нашата активност за спас од отпадот што се влева во Охридското Езеро. За таа цел на сливовите од реките што се влеваат во него поставивме метални прегради што спречуваат цврстиот отпад да се влева во езерото. Понатаму, постојано работиме на мапирање на дивите депонии, кои се потенцијални загадувачи на езерото, и организираме големи акции за нивно расчистување. Активно сме вклучени и во процесот за изградба на регионалната депонија за југозападниот плански регион, што ќе значи и конечно решение на депонијата „Буково“.
Колку ви помага централната власт во реализација на вашите проекти? Дали сте побарале помош и дали сте добиле?
Во овој релативно краток период преку Заедницата на локални самоуправи, имаме побарано од Владата да се изнајде решение за подмирување на електричната енергија во моменталнава енергетската криза во државата. Меѓутоа, за жал, Владата не ни излезе во пресрет за решавање на овој горлив проблем со кој се соочуваат сите општини во Македонија.
Дали се вклучени и граѓаните во реализацијата на вашите проекти и колку има локалната власт слух за проблемите на жителите на Охрид?
Голем дел од идеите за проектите ги црпиме од граѓаните. Преку средбите со нив, кои до овој момент изнесуваат повеќе од 600 лични средби, ги слушаме нивните проблеми, но и идеи за одредени проекти. Потоа, во координација со општинските јавни претпријатија изнаоѓаме решенија и утврдуваме динамика за решавањето на секојдневните проблеми. Тука мора да нагласам дека тоа воопшто не е лесно знаејќи ја незавидната финансиска состојба во која се наоѓа Општина Охрид.
Еден од големите проблеми на Охрид е паркингот во центарот на градот, особено во летниот период. Дали ќе има измени оваа година и дали туристите ќе имаат полесен пристап со автомобил до центарот?
Се надевам дека со завршувањето на реконструкцијата на Булеварот „Македонски просветители“ во голема мера ќе се подобри пристапот. Проблемот со просторот за паркинг во Охрид е од многу одамна. Во моментов сме во поодмината фаза на проектот за изградба на катна гаража, за која верувам дека речиси целосно ќе го реши проблемот со паркирањето во централното градско подрачје.
Каква слика имате пред себе за Охрид по 4 години? Како замислувате дека ќе изгледа градот на крајот од Вашиот прв мандат?
За четири години имам визија дека Охрид ќе биде многу попозитивен и поатрактивен град за живеење. Го замислувам како еден уреден и чист град. Еснафски и пријателски.
Колку Ви останува слободно време и како го поминувате со Вашето семејство?
За жал обврските како градоначалник се големи, а активностите ги имам многу. Меѓутоа, гледам секојдневно барем 2-3 часа да одвојам за моето семејство. Најчесто тоа може да биде заедничка прошетка, гледање некоја детска емисија или филм.