Интервју со Стевчо Јакимовски, Градоначалник на Општина Карпош

Интервју со Стевчо Јакимовски, Градоначалник на Општина Карпош

Поништени се сите урбанистички планови, општината е во застој, но ќе се врати во нормала.

„Имаме блокада на сметката од 2 милиони евра, кои во овие три месеци успеавме да ги намалиме за 850 илјади евра. Ако ги додадеме другите обврски и платите, за сето останато практично ни остануваат околу 350.000 евра. Тоа никогаш не се случило во Карпош. Зошто е тоа така? Затоа што сега буџетот се подготвува врз основа на просекот од изминатите три години, а изминатите три години биле најслаби во историјата на Карпош“, вели градоначалникот на општина Карпош Стевчо Јакомовски во интервју за Магазинот за туризам и менаџмент. Тој објаснува дека општинскиот буџет е драстично намален, и тешко е да се реализираат проекти. Но, како што вели, нема да се жали туку ќе работи. Тој меѓу другото појаснува дека претходниот градоначалник стартувал само еден проект, што е сериозен проблем за реализација на идни проекти. Јакимовски посочи дека централната власт ги стопира вработувањата во градинките каде што има слободни места, а деца чекаат да бидат згрижени.

Одново ја добивте довербата на карпошани на последните локални избори, кои се клучните проекти во првите три месеци кон кои сте насочени?

Во овие три месеци приоритет ни беше што е можно побрзо финансиски да ја стабилизираме општината, односно да ја одблокираме сметката за да можеме нормално да функционираме. Во меѓувреме работевме на изработка на нови проекти. За жал, кога дојдов на функцијата, прашав какви проекти се изработуваат и кои се изработени, за да распишеме тендери и да ги реализираме. Добив одговор дека се прави само еден крак од улица во Карпош 1 и дека немаме ниту еден подготвен проект.

Во меѓувреме, распишавме тендер и избравме фирма што ќе ги работи проектите. Нарачани се повеќе од 25. Овие шест месеци ќе ни требаат да се изработат проектите, за да може потоа да преминеме на нивна реализација, зашто законот не дозволува што било да се работи на терен без проект.

Од самиот почеток, исклучително важно ни беше да ја вратиме на високо ниво и хигиената во општината, како што и заслужуваат карпошани. Како што може да се види, работите тука веќе се ставени под контрола.

Еден од главните приоритети ни е обезбедување нови места и соодветни услови за нашите најмлади сограѓани во градинките, но морам да кажам дека за овој проблем од неразбирливи причини не наидуваме на соработка и поддршка од централната власт. Попрецизно, од Министерството за финансии и од Министерството за труд и социјална политика со месеци чекаме одобрување за пополнување на испразнетите места. Има околу дваесетина места испразнети од вработени што заминале во пензија, починале или од кои од разноразни други причини повеќе не работат во градинките. И замислете, во време на пандемија, кога има потреба од поголем број вработени и организирање помали групи деца, ние имаме сосема спротивна ситуација. Во вакви услови е невозможно да се згрижат децата, а камоли да се обезбеди квалитетен образовно-едукативен процес. Веќе во неколку наврати апелирав, ја користам и оваа прилика да ги повикам надлежните министерства во најбрзо време да дадат одобренија за пополнување на овие испразнети места.

Наидовте на тешка ситуација со многу долгови во општината, а од друга страна, и намален буџет. Како планирате да ја реализирате ветената програма пред граѓаните?

Како што знаете, за разлика од некои мои колеги, јас не излегов да се жалам и да кукам за проблемите што ги наследив на градоначалничката функција. Најголемата штета е направена со тоа што се драстично паднати приходите од 650 милиони денари на 340 милиони денари годишно. Тоа значи речиси пет милиони евра годишно помалку пари во буџетот, кои се трошеле во минатото за проекти. За четири години, тоа се 20 милиони евра. Огромна ненадоместлива штета направена на буџетот на Општина Карпош. Како резултат на тоа, имаме блокада на сметката од 2 милиони евра, кои во овие три месеци успеавме да ги намалиме за 850 илјади евра. Ако ги додадеме другите обврски и платите, за сето останато практично ни остануваат околу 350.000 евра. Тоа никогаш не се случило во Карпош. Зошто е тоа така? Затоа што сега буџетот се подготвува врз основа на просекот од изминатите три години. А изминатите три години биле најслаби во историјата на Карпош.

Но, моите напори се насочени прво да ја деблокираме сметката. Сакам до крајот на март да успееме во намерата. Во исто време се трудиме да ги подигнеме приходите. Успеваме во тоа во првите три месеци. Важно е да ги сервисираме обврските на време. Да ги испорачаме обврските кон граѓаните, пред сѐ кон младите – за полагање возачки испит.

Со најавата на изградба на нови градинки во општината наведени во програмата, се забележува дека се враќате на идејата за зголемување на наталитетот и задржување на младите во државата. На кои локации ќе бидат изградени и дали ќе успеете да ги реализирате овие проекти, особено со минусното салдо на општинската каса?

Да, како што веќе напоменав, финансиската состојба во општината во моментот е лоша. Но, ние нема да се жалиме туку ќе бараме решенија за да ги исполниме ветувањата што ги дадовме пред изборите. Нашиот план е да нема ниту едно незгрижено дете во општината, па врз основа на тоа ќе биде проектиран и планот за изградба на нови капацитети и за проширување на постојните со по две до три нови занимални. Во предвид е изградба на нови градинки во Влае, Средно Нерези, Злокуќани и Тафталиџе. Се разгледуваат архитектонски решенија врз основа на кои потоа ќе се пресметуваат и трошоците на чинење.

Во меѓувреме, проблемот со недостигот од места ќе го решаваме со враќање на сила на одлуката со која се забранува запишување деца што не се од оваа општина. Дозволивме овие деца да останат до јуни годинава, а потоа родителите ќе мора да им најдат нови места за згрижување, за да се ослободат места за децата од Карпош.

Стевчо Јакимовски, Градоначалник на Општина Карпош

Стевчо Јакимовски, Градоначалник на Општина Карпош

Скопје постојано се наоѓа на врвот на листите на најзагадени градови во светот. Фокус во програмата е екологијата. Како ќе придонесете за намалување на загаденоста како градоначалник на општина Карпош?

Проблемот е многу сложен. Стимулирањето купување инвертори во замена за греење на дрва се усложнува со порастот на цената на електричната енергија. Мора да бараме нови решенија, како на пример субвенционирање за замена на стари шпорети со нови еколошки. Сите потрошувачи што користат мазут да се преориентираат на гас или на друго гориво. Државата исто така треба да се ангажира за да се намали бројот на возила што користат дизел. Треба да се зголеми и ангажманот на институциите околу проекти за садење дрва, подигање зелени површини, како и да се работи на подигање на свеста за чиста околина од најмала возраст.

Градежниот сектор, кој беше главен двигател на македонската економија, во изминатите години стагнира. Дали планира општината да издаде нови дозволи за градба и на кои локации?

За жал, поништени се речиси сите урбанистички планови и сега сме во комплетен застој. Голем проблем имаат граѓаните во индивидуално домување. Не можат ниту да градат ниту да доградуваат. Се обидуваме барем неколку урбанистички планови да донесеме. Да го деблокираме работењето во Козле, Влае 1 и 2, Тафталиџе 1 и 2, а во исто време да донесеме нови урбанистички планови за Влае кај дирекцијата на поранешно „Маврово“. Во моментов во фаза на изработка се 39 урбанистички планови.

На Македонија ѝ се случи енергетска криза. Зголемена цена на струјата, одредени рестрикции на уличното осветлување. Се намали и капацитетот на парното греење, па граѓаните се жалат дека за редовно платени сметки, добиваат речиси ладни радијаторите. Кој е вашиот став за ситуацијата во енергетиката и дали има општината надлежност да преземе чекори со кои може да се заштитат граѓаните на општината?

Во овој дел, за жал немам ингеренции како градоначалник. На север од нас имаме убав пример. Во Србија немаат енергетска криза. Но, таму некој водел сметка навреме. Се сеќавате на изјавата на Вучиќ „док сам ја претседник, Колубара се нече затворити“, дадена во периодот кога беше под голем притисок да ја затвори термоелектраната? Аналогно на тоа, ако некој водел сметка да обезбеди јаглен за РЕК Битола, немаше да бидеме во оваа состојба, а во исто време ќе се градеа и нови капацитети. Јас во 2004 година како министер за економија ставив камен-темелник на ХЕЦ Св. Петка, и оттогаш не се гради ништо. Што е најстрашно, нема ни најава за нови капацитети. Постапката за фотоволтаични централи во кои може да инвестираат граѓани и фирми е многу сложена, концесиите тешко се добиваат, па не е многу сложено да се утврди кој е виновен за ваквата криза.

Дали планирате средби со градоначалници на други земји со цел зацврстување на соработката или можеби отпочнување нови заеднички проекти?

Да секако. Како и во минатото, така и сега имам намера да соработувам со градоначалниците од општините во земјава, но и од надвор.

Стевчо Јакимовски, Градоначалник на Општина Карпош

Стевчо Јакимовски, Градоначалник на Општина Карпош

Во вашата општина жителите на три населени места имаат сериозен проблем со јавниот превоз. Вие најавивте бесплатен автобуски превоз за Трнодол, Жданец и с. Нерези. Од кога стратува проектот?

Еден мал куриозитет околу ова прашање. Овој проект го реализирав уште пред повторно да ја добијам довербата на граѓаните на локалните избори. Имено, во текот на предизборната кампања, објавив видеопорака во која ветив дека ќе воведам автобуска линија од овие населени места до Сити мол. Ден-два подоцна, ЈСП Скопје, кое е под надлежност на Град Скопје, објави дека воведува автобуска линија на истата релација од следниот ден. Веројатно им се допаднала мојата идеја, па решија да ја искористат во предизборието. Но од нејасни причини, веднаш по вториот круг од изборите, кога опозициските кандидати победија и во Карпош и во Град Скопје, автобусите престанаа на сообраќаат. Штом дознав, веднаш интервенирав кај директорот на ЈСП Скопје, при што добив образложение дека прекинот се должел на дефект на автобусот. Но, за среќа, дефектот го поправија уште истиот ден, така што линијата повторно профункционира. Како и да е, граѓаните од овие населени места сега може да ги користат услугите на ЈСП како сите останати жители на Скопје.

Во програмата ветувате нови паркови, поубави патеки. Дали ќе поттикнете и кај спортистите поголем ентузијазам со подобри услови за спортување?

Јас сум поранешен спортист, па поради тоа спортистите секогаш имале поддршка од мене. Мојата врата и во претходните мои мандати била секогаш отворена за нив, така што и сега сум подготвен да помогнам во рамките на можностите, се разбира.

Планирате бесплатна возачка обука за сите млади штом ќе наполнат 18 години. Како планирате да ја реализирате идејата? Од кога ќе може младите да почнат да се пријавуваат?

Овој проект е еден од првите што ќе биде реализиран. За многу кратко време ќе биде распишан јавен оглас. За жал, за сега, поради лошата финансиска состојба, нема да бидеме во можност да ја покриеме целата сума. Но, планот е да почнеме со субвенционирање од околу 50 проценти од вкупната сума. Ако успееме со ребаланс да обезбедиме дополнителни средства, ќе биде покриена целата сума. Како и да е, ако евентуално не успееме во оваа година, во следната би им ги рефундирале овие средства на нашите млади од Карпош за да си го исполниме ветувањето.

Што го исполнува Јакимовски во приватниот живот? Како го поминувате вашето слободно време?

Реално имам многу малку слободно време. Но, кога го имам, најголемо задоволство ми е причинува да бидам во моето родно село.

Image
Newsletter