Општината Кисела Вода го менува својот лик во модерно и урбано место за живеење. Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски најавува изградба на мегапарк и две нови технолошко-индустриски зони во општината, кои ќе донесат нови работни места. Во интервју за Магазинот за туризам и менаџмент, Ѓоргиевски објавува дека ќе се гради и нова населба за млади – Чупино Брдо, со каде што ќе се обезбеди станбен простор за млади брачни парови.
Ѓорѓиевски, најавивте изградба на нова населба за млади брачни парови во време кога младите сѐ повеќе се иселуваат од Македонија. Конкретни мерки на државно ниво нема. Со какви мерки планирате да ја запрете миграцијата од вашата општина?
Миграцијата на нашиот народ е сериозен предизвик што стои пред сите политичари и чие надминување треба да е меѓу врвните приоритети за дејствување. Незадоволството поттикнато од корупцијата, од нечесните политичари, од лошата внатрешна и надворешна политика на политичките структури што се на власт, од системот што не функционира, тоа е најголемата болка на Македонија што продуцира бесперспективност кај младите и ризик преку континуирано иселување да останеме без народ.
Како градоначалници ја имаме моќта да дејствуваме локално. Да го подигнеме квалитетот на живот во општината со која раководиме и да создадеме стабилно тло за економски развој, такво што ќе продуцира нови работни места и искористување на човечкиот потенцијал. Тоа е нашето оружје со кое може да ја вратиме перспективноста кај младите и мотивот да го продолжат тука своето образование и професионално надградување. Од првиот мој ден како градоначалник, се зафатив со силна борба со корупцијата, со почитување и спроведување на законите, со развивање на сите капацитети што ги поседува овој дел од градот. За десет месеци веќе имаме видливи резултати во секоја сфера, што е прв показател на правецот во кој ќе се движиме во овие четири години. Сметам дека комплетното менување на ликот и на имиџот на Кисела Вода ќе привлече компании што ќе инвестираат, а ова, пак, ќе значи подигнување на стандардот, а со тоа и на мотивот на младиот интелектуален потенцијал дома да ја реализира можноста за професионален развој.
Ова е едно од клучните нешта што им го понудив на моите сограѓани во предизборната програма, каде што најавив и формирање на две нови технолошко-развојни зони, Зона Драчево и Зона Чупријан, во кои ќе се вработат голем број наши сограѓани. Предвидена е и нова населба за млади, Чупино Брдо, каде што ќе се обезбеди станбен простор за млади брачни парови.
Заеднички ќе ја создадеме иднината на нашата Кисела Вода, како наш дом и дом за идните поколенија.
Во каква кондиција е буџетот на општината и колку Ви остави претходното раководство недовршени проекти?
Наследивме буџет со огромна финансиска дупка. Претходниот градоначалник ја остави општината со долг од преку 3 милиони евра, чие надминување бара многу сериозен пристап и длабока економска анализа. Програмата што ја понудивме беше амбициозна, но целосно реална и остварлива, а предизвикот со кој се соочивме кога ги отворивме заклучените фиоки и празната општинска каса, за мене, како човек и како градоначалник е само мотив плус. Со одговорно и со чесно работење, со целосно транспарентен пристап, што е нов начин на работење во Кисела Вода, успешно ги реализираме проектите што ги ветивме, а воедно ги решаваме и новонастанатите проблеми. Нашите жители веќе чувствуваат голема разлика бидејќи за само десет месеци гледаат реализација на проекти, гледаат дека со правилно менаџирање на нивните средства и во услови на голема економска криза, се решаваат децениски проблеми за кои ниедно претходно раководство немало слух. Во поглед на недовршените проекти од мојот претходник, моравме да ангажираме и надворешна компанија за ревизија. Беа утврдени многу неправилности, многу градби без документи, требаше да стопираме, на пример, донесување ДУП што предвидуваше изградба на 99 згради во Расадник, да спречиме изградба на висококатници во зеленилото во Балаклија. Главно, недовршените проекти на Темелковски ги сопревме, а со тоа спречивме неодговорното однесување во Кисела Вода да продолжи да создава урбан хаос.
Градежништвото, кое во минатото беше движечка гранка во македонската економија, сега едвај издржува. Дали има Општината план и идеи како да помогне да се зајакне овој сектор во иднина?
Во поглед на градежништвото и урбанизмот, наш најголем интерес е транспарентноста, хуманото живеење, потребите на жителите на Кисела Вода, како и развојот на компаниите од овој сектор. Во таа насока, ние можеме да дејствуваме со креирање услови за развој на градежништвото, но притоа внимавајќи на хуманото живеење, животната околина, зеленилото и на нормалниот развој на општината. Завршена е практиката од минатите четири години, кога не беше донесен ниту еден ДУП, а оние што се подготвувале зад затворени врати, биле криени во фиоки. Ние, како ново раководство работиме транспарентно и сите ДУП-ови ги објавуваме јавно, а за евентуални измени се консултираме со граѓаните од кои ја имаме довербата. Во таа насока, сакам да нагласам дека градежништвото има простор за развој, но исклучиво во рамки на законските норми, кои предвидуваат задолжително зеленило покрај останатата инфраструктура. Така што, во нашата општина се добредојдени сите инвеститори што се согласни да го развиваат својот бизнис во овие рамки. Што се однесува до ДУП-овите, задолжително ќе се спроведуваат јавни анкети и ќе се почитува целата постапка во согласност со законите, а би сакал да нагласам дека отидовме и чекор подалеку. Првпат по 1965 година, кога била носена одлука за ликот на Скопје, Општина Кисела Вода распиша Меѓународен конкурс за идејно решение за ДУП за Расадник. Во процесот на неговото креирање беше вклучена целокупната експертска јавност од Македонија: Архитектонскиот факултет во Скопје, Комората на овластени архитекти и инженери и Асоцијацијата на архитекти на Македонија, како и граѓаните, кои даваа свои забелешки и сугестии и кои имаат свои претставници и во партиципативното тело. Конкурсот трае до 11 ноември, кога ќе се знае бројот на пријавени трудови и ќе започне процесот на евалуација, кој треба да заврши заклучно со крајот на декември оваа година. За наградите, кои се парични, одлучува 9-члена жири-комисија, во која има и врвен меѓународен експерт од областа на архитектурата и на урбанистичкото планирање.
Градинките се еден горлив проблем на секоја општина во државата. Како се справувате со големиот број барања за упис и дали очекува општината нова градинка во иднина?
Интензивно работиме на намалување на бројот на дечиња што чекаат упис во градинките во Кисела Вода. Сметам дека со отворањето на новите градинки и со проширувањето на капацитетите, овој проблем ќе биде надминат. За првпат ќе отвориме градинка во Усје за околу 100 дечиња, пред сѐ, од овој дел на општината. Ја подготвуваме техничката документација и за уште една нова градинка, додека во Драчево, профункционираа јаслите во претходно изградената градинка. За поголемите дечиња, во овој објект чекаме на одобрение за вработувања од Министерството за финансии за да можеме истиот целосно да го искористиме. Паралелно, го проширивме капацитетот на објектот „Синоличка“ од ЈДГ „Весели Цветови“, а дополнителни 150 дечиња ќе може да прими и објектот „Кокиче“.
Неодамна најавивте одлична идеја, изградба на затворен пазар во вашата општина. До каде е неговата реализација?
Во процес сме на распишување на тендерска постапка за изградба на модерен затворен пазар, прв од ваков тип во Општина Кисела Вода. Ќе се гради на местото каде што функционираше див пазар со супстандардни услови, без водоводна и санитарна инфраструктура, кој не задоволуваше никакви услови за продажба и купување земјоделски производи. Новиот објект ќе зафаќа површина од 250 метри квадратни и ќе ги исполнува сите стандарди. Покрај тоа, ќе биде и квалитетно естетско решение за овој дел од Кисела Вода, каде што во непосредна близна се паркот Македонија и Домот на културата „Билјана Беличанец“. Договорот за финансиско партнерство со Министерството за локална самоуправа е веќе потпишан и по завршувањето на тендерската процедура, ќе започнеме со изградба. Она што сакам да го најавам е дека покрај овој пазар, затворен модерен пазар во периодот што следува ќе добие и Драчево.
Реализирани се голем број од ветените проекти а во тек се и нови проекти
Кои клучни проекти успеавте да ги завршите досега?
Многубројни се проектите што ги реализиравме во изминатите десет месеци, но ќе се обидам да издвојам дел од нив. Како еден од поголемите зафати беше проектот за асфалтирање на сите улици во Пржино, како и на голем дел од улиците во Црниче. Претходно, ја асфалтиравме улицата Пушкинова, со краците. Работејќи да постигнеме рамномерен регионален развој на сите месни и урбани заедници низ Општина Кисела Вода, со ваков градежен зафат го опфативме и Драчево, каде што освен 2.500 квадратни метри улици поплочени со павер елементи, во минатиот месец беа санирани петнаесетина локални улици, но и повеќе клучни сообраќајници како „Иван Хаџиниколов“, „Румена Хаџипанзова“, „Речиште“ и „Јанко Мишиќ“. Во моментов, во соработка со Град Скопје се одвива еден поголем проект што опфаќа темелна реконструкција на улицата „Славка Динкова“, со изградба на атмосферска канализација и со поставување ново штедливо осветлување. Се работи за клучна сообраќајница во должина од околу 1 км, која никој не ја санирал децении наназад. Паралелно, се работи и на продолжувањето на булеварот „Борис Трајковски“ до Драчево и на реконструкција на улицата „Живко Фирфов“. Впрочем, поголемиот дел од проектите што ги набројав претставуваат решенија на проблеми стари понекогаш и по половина век. Притоа, говориме за фреквентни улици, кои се клучни сообраќајни артерии и за кои е несфатливо како биле оставени на милост и немилост на времето. Со ваков редослед и со сериозен пристап ќе преминеме кон решавање на проблемите во сите останати месни и урбани заедници во Општина Кисела Вода. Добрата комунална инфраструктура е неопходна за сите можни инвестиции, кои пак, го условуваат понатамошниот развој на овој дел од градот. Ова секако ја опфаќа и изградбата на подземна инфраструктура, ќе ги спомнам и проектите што се во тек, како изградба на нова водоводна мрежа долга 1.450 метри на ул. „Илија Ристевски“ со краците во с. Драчево, довршувањето на фекалната канализација во населбата Градинар и изградбата на фекална канализациона мрежа во 11 Октомври Бараки.
Кога зборуваме за реализирани поголеми проекти, морам да ги споменам основните училишта, во кои реализиравме проекти како „Компјутер за секој наставник“ и „Ранче за секое прваче“. За децата со оштетен вид ја опремивме библиотеката на ДУРДМОВ „Димитар Влахов“ со лектирни изданија напишани со Брајово писмо. Инвестираме и во инфраструктурна обнова на образовните објекти. Во две училишта ги обновивме од темел спортските сали, а реконструкцијата на ООУ „Кузман Јосифовски Питу“ е во финална фаза, по што ова ќе биде првото целосно инклузивно училиште во Скопје. Во две училишта, изградивме сензорни соби, а обезбедивме и поголем број паметни табли, кои ги распоредивме низ сите училишни објекти. Работиме на отворање нови градинки. Следејќи ги тековите и потребите на современото живеење, изградивме и градиме паркинзи на повеќе локации низ целата општина, на три локации во Расадник, во населбата Драчево, во населбата Цветан Димов и на улицата Ѓорѓи Димитров, до училиштето за слепи лица, чија изградба е во тек. На местото од депонијата кај кружниот тек во Кисела Вода, го изградивме модерниот самоодржлив парк „Иднина“, а во напредна фаза е и изградбата на паркот во месноста Дупки. Инвестираме и во подигнувањето на културата на локално ниво. Културното лето што се одвиваше под насловот „67 години моја Кисела Вода“ понуди квалитетна музичко-забавна програма, која ја проследија околу 30.000 посетители. Ја возобновивме традицијата за фрлање на крстот за Водици, а овој август за сите наши жители овозможивме цела седмица кино на отворено.
За урбанизмот веќе темелно зборував претходно. Работиме и на други проекти, како на пример, на проектот „Моја земја, мој дом“ за откуп на државно земјиште под легализирани објекти и дворно место, на проектот „Стоп за урбаната мафија“ за стопирањето на сите штетни урбанистички планови, како и на проект за вклучувањето на јавноста во креирањето на новиот лик на Општина Кисела Вода, ослободена од лошиот имиџ кој, за жал, долги години беше нејзин заштитен знак.
Спортот е од голема важност за младината - Ѓорѓиевски со својот син на спортски натпревар
Колку вложува општината во спортот и дали планирате да создадете подобри услови во секојдневието за спортистите?
Инвестирањето во спортот, обновата и изградбата на спортската инфраструктура и поддршката на спортистите се наш влог во остварувањето на подобри спортски резултати и успеси, кои пак значат најголема афирмација на Македонија во светот. Во таа насока, досега реализиравме низа проекти за поддршка на спортот. Ќе ја издвојам целосната обнова на училишната спортска сала во ООУ „Невена Георгиева Дуња“, како проект што чинеше четири милиони денари. Во завршна фаза на подготовка на документација сме за изградба на уште една спортска училишна сала. Би ја споменал и помошта за клубовите и за учениците што се талентирани во спортот, која за разлика од минатото, кога одредени спортски таленти биле дискриминирани при доделувањето, сега се дава рамномерно според постигнатите спортски успеси. Голем број од дечињата што добиле финансиска поддршка од Општина Кисела Вода, веќе се вратиле со нови медали и нови успеси, што е наша цел и најголема радост. Поддршката секако ќе продолжи, а јас би сакал да најавам и изградба на два поголеми спортски центри со домашни и со странски инвеститори, но не би изнесувал детали во моментов, сѐ додека не финишира постапката.
Граѓаните секојдневно се соочуваат со различни проблеми. Колку има општината слух за своите жители?
Транспарентното работење и отворените врати на Општина Кисела Вода се клучните нешта по кои сме препознаени во цел овој десетмесечен период. Моите средби со граѓаните се секојдневни. Дел се на терен, дел во Општината, каде што често одржувам приемни денови и за време на викендите, со цел што поголем број од жителите што сакаат да остварат средба да не бидат спречени поради обврски во нивното работно време. Комуницирам со нив и преку социјалните мрежи, секогаш сум достапен за граѓаните. Добрата комуникација со нив значи добра информираност за сѐ што се случува, за сите новонастанати проблеми, што претставува можност побрзо да се решат. Денес, граѓаните се партнер на општината при креирањето на приоритетите и при носењето на одлуките. Сметам дека тоа е единствениот правилен пат да создадеме општина во која сите ќе сакаат да живеат.
Ранче за секое дете: „Израдувавме 625 првачиња“
Учебната година првачињата ја стартуваа со бесплатен ранец и со училиштен прибор доделен од Општината. Што содржеше и колку ја чинеше општинската каса?
Со проектот насловен „Ранче за секое прваче“ израдувавме 625 првачиња од сите основни училишта во општина Кисела Вода. Покрај ранецот, добија и бесплатен училиштен прибор и тетратки, кои им се неопходни за наставниот процес. Им обезбедивме и ранче за спортска опрема за часот по физичко воспитување. Сметам дека ова е солидна помош од нас, како локална самоуправа, за сите семејства што годинава за првпат испраќаат ученик во училиште, со оглед на тоа дека цените на училишниот прибор рапидно растат и годинава се повисоки за дури 50 отсто. За мене, како градоначалник, ова чинеше дел од средствата предвидени за моја репрезентација, кои ги пренаменив токму за вакви цели. Значеше искористување во вистински цели на дел од финансиите што остануваат во општинската каса бидејќи не користам службено возило и гориво. „Ранче за секое прваче“ е само една од мерките со кои се трудиме да им го олесниме секојдневието на нашите жители. Ќе потсетам дека преку донација обезбедивме субвенции за покривање на дел од сметките за електрична енергија за граѓаните од социјално ранливите категории, а го продолжуваме и проектот „Храна за сите“, преку кој обезбедуваме хуманитарни пакети за економски загрозени семејства. Во периодот што следува ќе излеземе и со нови мерки со кои ќе го олесниме живеењето на нашите жители, со што ќе се обидеме да ги ублажиме ефектите од огромната финансиска криза во која се наоѓа Македонија.
Колку Ве исполнува функцијата градоначалник на Кисела Вода? Успевате ли да одвоите доволно слободно време за себе и за семејството?
Не можеш да бидеш успешен ако од срце не си ја сакаш работата, посебно ако таа не предвидува работно време и работно место. Работниот ден не завршува никогаш, бидејќи моја канцеларија не е само кабинетот туку секое место каде што се среќавам со моите сограѓани. И на улица, и во маркет, и на пазар, и на прослава. Моќта да создадеш подобри услови за живеење, да ја развиваш средината во која живееш, да дадеш свој потпис на менувањето на имиџот на Општина Кисела Вода е благослов и привилегија дадена од граѓаните. Се трудам максимално да ја оправдам довербата и да им ја вратам вербата дека сѐ може да биде поинаку од претходно. Тоа секако подразбира добро менаџирање на сите сфери од живеењето, вклучително и на времето. Како сопруг и татко, се трудам да му се посветам максимално на семејството, а времето кое го поминуваме заедно да биде квалитетно и исполнето со содржина. А мојата ангажираност кон работата значи дека создаваме на долги патеки подобро место за живеење за сите, вклучително и за моето семејство.