„Власта во последните две години нема слух за проектите на Општина Чаир. Министрите треба да размислуваат повеќе за локалните власти бидејќи ние сме, како локална власт, првата врата на народот. Ни требаат повеќе инвестиции од нивна страна, почнувајќи од најважното – капиталните инвестиции, инфраструктура, образование, екологија“, вели градоначалникот на општина Чаир Висар Ганиу. Тој во интервју за Магазинот за туризам и менаџмент открива дека во моментов се гради градинка за 350 дечиња, која ќе биде најголема во Македонија. Ганиу најавува и решение за еден од најгорливите проблеми во општината, недостигот од паркинг-место.
Заврши една стара година, тешка на економски план за сите граѓани. Дојде нова година, со нов оптимизам и нови предизвици за подобри случувања. Како ја стартувавте 2023 година?
Секако дека минатата година беше една од тие што не беа воопшто лесни, пред сѐ тука би сакал да ги напоменам последиците од пандемијата со Ковид-19, кои ги почувствуваме и на локално ниво. Но, тоа што уште повеќе ја отежна работата се економската и енергетската криза. Превисоките сметки за потрошена електрична енергија дополнително нѐ спречија да инвестираме во развој на нашата општина. Сепак, и покрај сите тешкотии, ги реализиравме предвидените инвестиции. Новата година ја почнуваме со повеќе предвидени проекти и инвестиции, од кои дел се реализираат преку нашиот буџет, а дел со странска помош.
Кои ќе бидат клучни проекти оваа година и каде ќе бидат вложени најмногу пари?
Клучните проекти секогаш имаат единствена цел, тоа е добробитта на нашите сограѓани. Токму затоа ќе се фокусираме на повеќе проекти, за дел од нив веќе се обезбедени средства. Со забрзано темпо се одвиваат работите околу завршувањето на изградбата на најголемата градинка во Македонија „Бамби“ со капацитет од 350 деца, продолжуваат процедурите за проширување на една од најголемите сообраќајни артерии „Цветан Димов“ во соработка со Град Скопје, a работиме и на мегапаркот. Во план се изградба и на две катни гаражи, како и санација на една од најфреквентните улици во Старата чаршија, за што се обезбедени средства преку Скопскиот плански регион. Во оваа фаза завршуваме со поставување на фотоволтаични панели во три образовни објекти, а во нашиот буџет веќе има прилив на средства за изградба на Салата Партизан, како и на училиштен базен во вредност од 75 милиони денари. Но, не застануваме тука, продолжуваме со санација, модернизација и асфалтирање на патната инфраструктура, онаму каде што е потребно. Најважно од сѐ е да го зачуваме зеленилото, па токму затоа планираме да креираме и нови зелени површини.
Колку често остварувате средби со граѓаните и колку успеавте во оваа економска криза да им помогнете на жителите на вашата општина што бараат работа да ја најдат?
Секој ден остваруваме средба со граѓаните на нашата општина. И кога го добив вториот мандат, го кажав истото што и за време на првиот, дека јас ќе им бидам на располагање на моите сограѓани 24/7, и навистина е така. Кај мене нема посебни денови за граѓаните, туку секој ден, дури и во сабота и во недела, јас сум тука за нив, да ги слушам нивните маки, нивните идеи. И токму затоа мислам дека сме на еден убав пат за развојот на нашата општина бидејќи најдобрите партнери во реализација на сите проекти и видувања за нашата општина се токму нашите сограѓани. На крајот од краиштата, ние сме таа прва и вистинска врата на која тропнуваат луѓето кога нешто им треба. Но, морам да напоменам дека во нашата земја заглави процесот на префрлување на ингеренциите од централно на локално ниво, односно дека бавната децентрализација нѐ кочи во голема мера да ги решаваме маките на граѓаните.
Висар Ганиу, меѓу граѓаните
„Секој ден остваруваме средба со граѓаните на нашата општина. На располагање на моите сограѓани сум 24/7. Кај мене нема посебни денови за граѓаните, туку секој ден, дури и во сабота и во недела, јас сум тука за нив да ги слушам нивните маки, нивните идеи. И токму затоа мислам дека сме на добар пат за развој на нашата општина, бидејќи најдобрите партнери во реализација на сите проекти и видувања за нашата општина се токму нашите сограѓани. На крај на краиштата, ние сме првата и вистинската врата на која тропнуваат луѓето кога нешто им треба“, вели Висар Ганиу, градоначалник на Општина Чаир.
Образованието е од особено значење за граѓаните, тоа го истакнавте неодамна со потпишувањето на Меморандумот за соработка со Универзитетот за туризам и менаџмент за доделување стипендии преку Фондацијата за стипендирање „Проф. д-р Љубе Миленковски“. Колкав е интересот за продолжување на образованието на Универзитетот?
Многу често користам една изрека: „Светлината на знаењето е најубавата светлина“, и тоа е навистина така. Интересот за продолжување на образованието е на многу задоволително ниво. Тоа го докажува и фактот дека голем беше интересот за продолжување на студиите и преку стипендиите што ни беа доделени од Универзитетот за туризам и менаџмент. Откако беше објавена веста, веднаш почнаа да нѐ контактираат млади лица. Повторувам дека ние сме меѓу општините со најмладо население во Македонија, па и бројот на младите што се заинтересирани за студирање расте со многу забрзано темпо во сите универзитети.
Еден од најгорливите проблеми на граѓаните се лошите услови во училиштата и недоволниот број места во градинките за сместување на децата. Што ќе направите за образованието во вашата општина?
Како што спомнав претходно, во моментов со забрзано темпо во Општина Чаир се гради најголемата градинка во Македонија, која е со капацитет од 350 деца. Ако поминувате низ Чаир, може да го видите објектот, во кој во моментот се поставуваат и вратите и прозорците. Со изградбата на оваа градинка, убеден сум дека ќе имаме доволно место за сите наши деца. Да бидам искрен, не можам да кажам дека има лоши услови во училиштата во Општина Чаир затоа што постојано инвестираме во нив. Помош имаме и од приватни компании, кои имаат многу инвестиции во училиштата.
Движењето низ општината, но и паркинг-местата се голем проблем со кој се соочуваат граѓаните неколку години наназад. Дали имате идеја како да го олесните движењето и да го намалите метежот, особено низ главните улици?
Токму така, затоа и интензивно работиме на проширување на една од главните сообраќајни артерии не само за Чаир, туку и за сите општини околу нас, улицата „Цветан Димов“. Таа ќе биде модерен булевар со шест ленти, со зеленило во средината. Убеден сум дека со оваа инвестиција ќе го растовариме сообраќајот во општината. Во однос на проблемот со паркинг, досега требаше да стартува изградбата на 13 катни гаражи, но инвестицијата е стопирана поради законот за стратешки инвестиции, кој сѐ уште не е изгласан во Собранието. Но, потенцирам, нема да седиме со скрстени раце. Најдовме начин преку меѓуопштинска соработка со Град Скопје, па наскоро очекуваме да започне изградбата на две катни гаражи, една кај Чаирчанка, а другата кај Пластичарската улица. Се надеваме дека плановите ќе ни поминат и дека ќе продолжиме да ги градиме сите други планирани катни или подземни гаражи.
Висар Ганиу, на терен со своите соработници
Загадувањето е на сериозно високо ниво. Скопје и натаму останува еден од градовите со највисок степен на концентрација на штетни честички во воздухот. Дали успевате вие како градоначалник да преземете мерки со цел да помогнете да се намали загадувањето во општината?
Ние како Oпштина преземаме мерки во континуитет, во таа насока е и поставувањето соларни панели во шест објекти, а во следниот период ќе бидат поставени дополнително уште во шест објекти. Со тоа очекуваме дека ќе се намали емисијата на штетни гасови, а ќе придонесеме за зачувување на животната средина. Исто така, преку различни проекти финансирани од ЕУ преку програмата Еразмус, се обидуваме да ја подигнеме свеста на граѓаните за зачувување на животната средина. Тука би споменал дека направиме повеќе од сто илјади квадратни метри зеленило, засадивме 2.000 илјади нови садници дрвја.
Велосипедите се средство за движење на голем дел од жителите, да ги завршат своите обврски или за да стигнат до своето работно место. Дали имате план во вашата програма како да се олесните нивното движење?
Ние веќе имаме велосипедски патеки, а во план ни е да има нови на улицата Ферид Мурат. Истовремено, оваа година, во знак на зајакнување на свеста на децата за користење на велосипедите како средство и за спортување и за патување до нивните училишта, во пролет ќе ја реализираме и Европската недела на велосипедизмот, каде што семејствата заедно со нивните деца ќе се движат со велосипеди и секако целиот процес е подdржан од нашите партнери, Европската Унија, преку „Еразмус спорт“.
Колку често остварувате средби со градоначалниците од други општини во Македонија и надвор од нашата држава? Дали имате заеднички проекти?
Често остваруваме средби или директно со општините или преку ЗЕЛС. Се обидуваме секогаш да соработуваме, да имаме заеднички идеи и со тие идеи дури да настапиме пред релевантни институции надвор од земјата. Секако соработка имаме и со повеќе општини надвор од државата од разни земји како што се САД, Австрија, Италија, Шпанија, Португалија, Албанија, Косово, Бугарија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Турција, со кои веќе имаме и конкретни проекти, па и резултати од тие проекти.
Колку има власта слух за проектите на општината?
Власта, слободно можам да кажам, во последните две години има слаб слух за проекти на Општина Чаир. Министрите треба да размислуваат повеќе за локалните власти, оти кажав дека ние како локална власт сме првата врата на народот. Ни требаат повеќе инвестиции од нивна страна, почнувајќи од најважното – капиталните инвестиции, инфраструктурата, образованието, екологијата.
Дали е тешко да се биде градоначалник во време на голема економска и енергетска криза?
Јас веќе сум во вториот мандат како градоначалник. Да, задоволен сум од сработеното, иако секогаш има простор за повеќе, но не е лесно да си домаќин на една општина во која живеат 62 илјади жители посебно при економска и енергетска криза, но сепак со тимска работа и со нашиот главен партнер граѓаните, успеваме да бидеме успешни.
Вие сте сопруг и татко на 3 деца. Колку успевате да одвоите време за вашите најмили?
Децата и сопругата се мојата вистинска инспирација за сета работа што ја правам. Секако дека успевам да најдам време, но морам да напоменам дека сопругата ми е најголема помош, особено кога сум со премногу работни обврски таа ги презема сите работи околу децата и домот.