M-р Иван Јорданов на локалните избори во 2021 година во прв изборен круг е избран за градоначалник на Општина Штип како кандидат на ВМРО-ДПМНЕ.
Живеејќи во Штип во континуитет, добро ги запознал своите сограѓани, нивниот менталитет, нивните проблеми и потреби. Поаѓајќи од своите демохристијански убедувања, тој се води според високи морални и етички норми и го гради концептот на своето живеење и работење токму врз високи морални принципи. Својата визија за подобро уреден, чист и зелен град, кој ќе биде подобро место за живеење, ја пренесува во својата програма за градоначалник.
На локалните избори во 2021 година ја добивте довербата на граѓаните на Штип во првиот изборен круг. Најавивте планови за градот, сите со една цел – подобрување на секојдневното живеење на сите граѓани. Колку сте задоволни од сработеното? Ја исполнивте ли зацртаната цел за овој период?
Граѓаните на последните локални избори испорачаа потреба од промени, се надевам дека тие промени веќе се видливи. Секако дека секогаш може подобро, но со оглед на околностите и разликите со централната власт, се чувствувам исполнет со самата помисла дека даваме сѐ од себе да најдеме решение за проблемите со кои се соочуваат граѓаните секојдневно и воедно да генерираме развој на градот со реализација на проекти од суштинско значење.
Јорданов: „Многу проекти што денес се реализираат биле потреба на граѓаните во минатото“.
Иако сте релативно млад, не заборавивте на децениските проблеми на вашите сограѓани. Влезовите на неколку станбени згради по пауза од 45 години добија нов асфалт. По 50 години во Штип ќе ја промените водоводната линија. Дали ги сметате овие проекти за најголем пораз на вашите претходници, а ваш најголем успех досега, пред сѐ како жител на градот?
Многу проекти кои денес се реализираат биле потреба на граѓаните во минатото. Ова се само дел од тие што се реална потреба на граѓаните. Во секој случај, граѓаните на Штип заслужуваат многу повеќе.
Градежната офанзива Ви е приоритет во наредниов период. Кои се планираните проекти поврзани и со функционалната сообраќајна целина и со решавање на метежот во центарот на градот?
Решавањето на проблемот со сообраќајниот метеж во централното градско подрачје е наш приоритет. Затоа започнавме со проширување на главните сообраќајници преку изградба на конзоли на река Отиња, како и создавање повеќе места за паркирање со изградба на две катни гаражи. Во насока на решавање на овој проблем, изградивме нов мост на реката Отиња, набавивме нови автобуси и конечно по неколку децении, воспоставивме јавен градски превоз.
Истакнавте дека ваша цел е да се грижите за сите категории на граѓани. Тоа и го потврдивте. Го отворивте зоолошкиот парк „Бриони“ за најмладите, направивте повеќенаменски центар за сите генерации, го вративте имиџот на Домот на младите. Не ги заборавивте ниту љубителите на спортот, па до крајот на годината градот ќе добие модерен и репрезентативен стадион со категоризација за натпревари и од највисок ранг. Се добива впечаток дека сте преполни со идеи за во иднина. Како Ви успева, на кој начин доаѓате до средства?
Градот Штип отсекогаш имал голем потенцијал, проектите кои ги споменавте и кои се во фаза на спроведување и планирање многу одамна требало да бидат реализирани. Желбата и мотивот да се направи Штип подобро место за живеење се причина за промените и за реализацијата на буџетот.
Јорданов: „Го отворивме зоолошкиот парк ,Бриони‘ за најмладите“.
Каква е соработката со централната власт со оглед на тоа дека сте градоначалник од опозицијата? Има ли слух за вашите идеи или проблеми?
Граѓаните на Штип се казнети од централната власт затоа што на последните избори гласаа против владејачката партија. Средствата од централната власт кои им следуваат штипјани наменски се задржуваат во централниот буџет со цел да му се наштети на општинскиот буџет. Првата општинска обврзница наменета за капитални инвестиции втора година е закочена и заглавена во Владата.
Штип е град на текстилот, а гласот на текстилниот работник често одекнува во јавноста. Најдовте ли начин да се создаде силен текстилен сектор со квалитетни и иновативни продукти, кои ќе привлечат нови инвестиции и кои ќе бидат препознаени во глобалниот текстилен сектор?
Во рамките на нашите надлежности како локална самоуправа, секогаш се трудиме да му излеземе пресрет на текстилниот сектор. Соработуваме и со невладиниот сектор кој се занимава со оваа проблематика, и главно проблемот кој го има овој сектор е со работната сила. Од разговорите кои ги имаме и со текстилниот и со невладиниот сектор, детектирано е дека младите сѐ помалку се препознаваат во овој сектор, па следствено на тоа и се намалува продуктивноста на конфекциите.
Повторно ќе напоменам дека, согласно со моите надлежности, секогаш ќе настојувам да им бидам поддршка на текстилните работници и сум расположен да соработуваме со цел овој сектор непречено да функционира.
Вредни сте, прагматични и цврсто се држите до бизнис-стратегијата. Има ли тука место за емоции?
Функцијата која ја извршувам е доста динамична, па во текот на денот јас и мојот тим се соочуваме со разни предизвици. И покрај посветеноста, потребно е трпение и мудрост да се донесат вистинските одлуки. Емоциите кон мојот град се мој двигател секојдневно да го давам максимумот од себе, но кога се работи за праведност и работа, не постои место за емоции.
Јорданов: „Младите сè помалку се препознаваат во текстилниот сектор“.
Колку сте врзани за музиката и за Макфест? Дали беа емоциите причина да направите уште едно гламурозно издание иако добивте минимална поддршка од Министерството за култура?
Штипјани се емотивно приврзани за фестивалот Макфест бидејќи покрај штипската пастрмајлија, нашиот град е препознатлив и по брендот и традицијата што ја има Макфест. Покрај тоа што не добиваме поддршка од Министерството за култура, решивме да го ребрендираме фестивалот и да му дадеме нов, урбан и модерен изглед. По реакциите кои ги добиваме за последните 2 изданија, мислам дека успеавме во намерата.
Јорданов: „Штипјани се емотивно приврзани за фестивалот Макфест“. Моја
Да се биде на чело на еден од најзначајните градови во земјата е навистина голема одговорност? Како се ослободувате од стресот?
Се трудам секое слободно време што ми го дозволува работата да му го посветам на семејството и да изгледам некој спортски натпревар со пријателите. Тоа најмногу ме релаксира пред да им се вратам на работните обврски.
Пастрмалијада е симбол на градот од повеќе аспекти. Дали сте присутен на настанот од најмала возраст? Знаете ли сами да приготвувате пастрмајлии?
Со текот на времето, штипската Пастрмалијада стана препознатлива во државата, но и во регионот, и од самите почетоци, како и повеќето штипјани, присутен сум на оваа манифестација. Што се однесува до приготвувањето на пастрмајлија, не сум пробал самиот да направам, а мислам дека таа работа треба да им ја оставиме на штипските мајстори.
Јорданов: „Се трудам секое слободно време кое ми го дозволува работата да му го посветам на семејството“.
Ве промени ли новата функција? Кој е Јорданов надвор од градоначалничката фотелја. Што Ве прави среќен, имате ли хоби?
Веројатно ќе бидам субјективен во одговорот, се надевам и посакувам да нема промена во мојот карактер. Среќен и исполнет се чувствувам секогаш кога сум опкружен со позитивна енергија.