Скопје за 4 години ќе биде Град на културата, благодарение на проектот „Скопје 2014“ кој му ја донесе номинацијата.
Се изградија театри, музеи, булевари, концертна сала за филхармонијата, споменици на наши историски личности. Се водеше посебна грижа за нашето богато културно наследство .Во тој период се имаше чувство на припадност, почит кон историските и културните вредности, желба да се инвестира, да се негува сето она што го поседуваме како држава, се со цел промоција на Република Македонија.
Но, сѐ што се градеше во изминативе седум години, се урниса.
Наидуваме на оштетени градби и споменици, на валкани улици. Забележителна е тотална негрижа за хигиената и изгледот на градот.
Се поставуваат прашањата зошто и кој дозволи метрополата да се запусти последниве години? Ќе успееме ли да го вратиме сјајот на градот?
Скопје има огромен потенцијал да блесне како град на културата и да го заземе заслуженото место на културната мапа на Европа. За жал, сведоци сме на запоставеноста и негрижата од страна на актуелната градоначалничка на Скопје, Арсовска, кои доведоа до катастрофалната состојба во која сега се наоѓа нашиот главен град – урнисани споменици, валкани улици, хаос во хигиената и изгледот на градот. Ова е резултат на неработење во сите сфери, па и во културата. Скопје заслужува многу повеќе.
Културата во Кисела Вода, во минатото беше занемарена, како мисловна именка за многумина, но денес, таа е еден од столбовите на нашата работа.
Како градоначалник на една од најуспешните скопски општини, јас можам со гордост да кажам дека ако се има волја, визија и добри менаџерски способности, ништо не е невозможно. Кога ја презедов општината Кисела Вода, наследив долг од три милиони евра, но со решителност и добро управување, ја позициониравме како најуспешна во градот.
Културата во Кисела Вода, во минатото беше занемарена, како мисловна именка за многумина, но денес, таа е еден од столбовите на нашата работа. Отворивме нови сцени за културните работници, по 30 години отворивме кино, нова библиотека, ги реновиравме домовите на културата, со што го подигнавме нивото на културната понуда во општината на едно високо ниво. Овие проекти се доказ дека со правилно водство и посветена работа, може да се постигнат големи резултати, дури и во најтешки околности. Јас верувам дека и Скопје ќе го врати својот сјај и ќе стане одличен град на културата. Говорејќи во прво лице, можам да кажам дека имам идеи, визии и желба за тоа каков град сакам да видам и во каков град сакам да живеам – град кој ќе биде синоним за културен развој и урбана преродба. Она што е потребно е љубов кон градот, енергија и посветеност за секојдневно подобрување на сите негови аспекти, а културата мора да биде во сржта на таа трансформација.
Ане Лашкоска, заменик-министер за животна средина и просторно планирање: „Ќе го вратиме сјајот на нашата метропола!“
Скопје заслужено ја доби номинацијата град на културата за 2028 година со оглед на богатото културно наследство кое го поседуваме како држава, како метропола, како и на големиот број инвестиции кои беа реализирани и од областа на културата во периодот на владеење ВМРО-ДПМНЕ. Тоа е непобитен факт. Вложувањето и инвестирањето во културата секогаш дава позитивен бенефит за промоција на државата.
Се изградија театри, музеи, булевари, концертна сала за филхармонијата, споменици на наши историски личности. Се водеше посебна грижа за нашето богато културно наследство. Во тој период се имаше чувство на припадност, почит кон историските и културните вредности, желба да се инвестира, да се негува сето она што го поседуваме како држава, сѐ со цел промоција на Република Македонија.
За да Скопје биде номиниран за град на културата за 2028 година, секако дека придонес има и вложувањето во животната средина и повторно во истиот тој период во сите скопски општини беа изградени голем број паркови, кои за жал поради негрижа на локални власти, беа уништени.
Во периодот на владеење на СДСМ, можевме да видиме дека, и покрај тоа што не се инвестира, не се води воопшто грижа, ниту пак се одржува и негува сето она што некој претходно го создал и изградил. За жал затекнавме таква ситуација.
Мораме да се однесуваме одговорно и посветено, посебно институциите кои раководат и се надлежни кога станува збор за угледот на нашата метропола.
Тука ќе ставам акцент на Градот Скопје, општините, директорите на институциите, сите имаат, т.е. имаме подеднаква одговорност за изгледот на нашиот главен град Скопје.
Наредната година имаме локални избори и верувам дека на чело на град Скопје ќе дојде одговорен и вреден човек кој за кратко време ќе ги реализира обврските на градот
Одговорноста е огромна за сите нас, и предизвикот, се разбира. И да, ќе успееме!
ВМРО-ДПМНЕ покажа и докажа дека секогаш кога е на власт, работи посветено во интерес на граѓаните и државата, сето она што ќе го вети го реализира, инвестира многу во сите сфери на нашето живеење.
Јас сум убедена дека повторно ќе светне сјајот на нашата метропола, повторно ќе се врати довербата кај сите нас, државотворноста, довербата во институциите на системот, почитта кон нашето вредно историско и културно наследство и на доследен начин ќе го промовираме градот Скопје како европски град на културата во 2028 година.
Во наредната година имаме локални избори и верувам дека на чело на град Скопје ќе дојде одговорен и вреден човек кој за кратко време ќе ги реализира обврските на градот. Ќе ја подобри инфраструктурата и ќе ги изгради парковите кои ни се на сите неопходни.
Мораме да се трудиме да го негуваме и да го одржуваме сето она што го поседуваме како држава од претходните генерации, бидејќи сегашните генерации имаат одговорност истото тоа да го остават во аманет на идните генерации.
Роберт Вељановски актер и директор на Драмски театар - Скопје: „Владејачката структура во изминатите 7 години, одбиваше да покаже каква било грижа за објектите!“
Во Македонија ретко кога сме имале проблем да изградиме или да создадеме нешто. Обично проблемите секогаш се појавуваат кога треба истите создадени дела или објекти да ги одржуваме. Едноставно, како да сметаме дека она што е еднаш создадено, направено по примопредавањето и пуштањето во употреба има обврска самото да се одржува. Во овој контекст, многу нешта зависат од односот на луѓето кои ги користат објектите, а особено од односот на првите луѓе во тие институции. Кога односот на оние кои го користат делото, објектот е како кон нешто што е „мое“, тогаш и приказната за неговата состојба е сосема поинаква и попозитивна. Во случаите кога односот е како кон нешто што е „туѓо“ (читај државно, што и да значи тоа), тогаш приказните се апсолутно тажни – брзо пропаѓање на создаденото од буквална негрижа. Ова не се однесува само за изградените објекти (театар, музеј, зграда на министерство), туку и за наједноставните предмети кои се именуваат како урбана опрема (клупа, пепелник), како и за уредувањето на просторот околу објектите – тревник или плочник.
Проблемите секогаш се појавуваат кога треба истите создадени дела или објекти да ги одржуваме
Во овој контекст и проектот „Скопје – европски град на културата“ ќе биде само одраз на нашите погледи кон тоа што мислиме дека треба да упатиме како порака до Европа како наш културен поглед на светот, но, во крајната инстанција, ќе ја презентира и отсликува нашата култура, она што сме и она какви сме. И тогаш, кога ќе нѐ проценат и оценат и ќе ни речат „вие сте вакви и вакви“, ќе немаме право да спориме и да изнаоѓаме изговори дека ние сме поинакви од она што сме го понудиле како европски град на културата.
Одговорот на ова прашање е длабоко политички. Притоа, мислам и на локално и на централно ниво. Едноставно, владејачката структура во изминатите 7 години, одбивајќи да го прифати проектот „Скопје 2014“, едноставно одбиваше да покаже каква било грижа за објектите и/или спомениците кои беа создадени со овој проект. Притоа, се „фатија“ за некаков историски контекст на проектот со кој тие не се согласуваат, особено во делот со спомениците, притоа заборавајќи дека сериозно голем број на државни институции, по 25 години од осамостојувањето, се „вдомија“ во објектите изградени со проектот „Скопје 2014“, престанаа да бидат нечии „кираџии“, што беше и е непроценлива придобивка од овој проект. Згора на тоа, тезата дека ова се „вмровски“ градби, затоа што беа изградени во време на Владата кој беше предводена од ВМРО-ДПМНЕ, не држи, затоа што и објектите и спомениците се изградени од буџетот на Република Македонија кој го полнат сите граѓани на државата, без разлика на нивната партиска, верска, национална или каква било друга определба.
Значи, да се вратиме на односот „мое“ и „туѓо“. Ако не разбереме дека секое општествено добро создадено со парите на граѓаните е мое, т.е. наше, постојано ќе влегуваме во циклуси на негрижа и јавашлук и никогаш нема да ја подобриме ситуацијата. Ако Скопје или делови од Скопје не почнеме да ги гледаме како наши, тогаш ќе ја имаме денешната ситуацијата до недоглед. Така нема да стасаме никаде, а најмалку напред. Простете, но мој е и Карпош, и Чаир, и Ѓорче Петров, и Старата скопска чаршија, и Македонската филхармонија, и Домот на култура во Драчево.
Само знам дека тоа останува на нас. Верувам дека умееме, но не знам дали сакаме. Ако сакаме ќе го вратиме. А за да го вратиме, ќе треба поинаку да се однесуваме кон она што сме го создале. Но, ако продолжиме да се однесуваме вака како што се однесуваме, ниту илјада номинации за европски град на културата нема да ја променат денешната ситуација.
Да, можеби нешто ќе треба да се промени, нешто да се преобмисли, нешто да се доправи или преправи, но ако немаме волја и намера тоа да го направиме, нема да мрднеме од место. Се разбира, најголема одговорност за секоја позитивна промена ќе има кај и локалните и кај централната власт, но, не смееме и не треба да го амнестираме секој еден жител на градот.
Да резимирам. Ако не тргнеме во промена на нашиот однос кон нашиот град, притоа мислам на сите општествени чинители, но и на секој од нас поединечно, со магично стапче нема да се случи никаква промена на подобро.
Бојана Скендеровски изведувач: Скопје го запусте некој кој не беше спремен ниту имаше капацитет да води таков град
Скопје е мој роден град, и не би го менувала за ниеден на светот. Го сакам со сите свои мани и предности. Скопје го запусти некој кој не беше спремен ниту имаше капацитет да води таков град.
Скопје е град со 600.000 жители, а тоа значи дека одговарате за функционирањето на огромна бројка граѓани, кои имаат нормални потреби како што се хигиена, паркови, концертна универзална сала, почист воздух, забавен парк, што значи дека скопјани бараат сосема нормални нешта, а не ги добиваат.
Не можете да ја сфаќате својата функција како господар кој може што сака да прави, и ако денес не е расположен и е лут на сите, ќе ги казнува граѓаните.
На Скопје му недостига зрела личност која навистина ќе сака да работи за градот затоа што нашата метропола е нашиот репрезент како држава.
Скопје може да блесне ако се сака. Скопје има и душа и историја, само треба да се има волја, и да се засукаат ракави, со его и себичност ништо нема да се промени.