Кејт Галего - градоначалничка која сака да им покаже на жените дека сѐ е возможно

Кејт Галего - градоначалничка на Феникс

Феникс е главен град на сојузната држава Аризона и петти најнаселен град во Соединетите Американски Држави. Токму овој град во последните години успешно се развива како резултат на добрите политики што ги спроведува младата градоначалничка Кејт Галего. Жена која има визија за градот и која е силен поборник за развој на паметни бизниси и инвестиции. Има за цел да го направи Феникс најодржлив пустински град во САД. Таа неодамна помогна да се постигне најголемиот договор за развој на бизнисот во градот досега, фабрика за производство на полупроводници од 40 милијарди долари, што ќе донесе значителен економски развој во децениите што доаѓаат.

Галего има 42 години. Таа е втората избрана жена-градоначалник во историјата на Феникс и една од најмладите градоначалнички на големите градови во САД. Во ноември 2020 година, таа беше реизбрана на функцијата со најголем број гласови дадени досега за кандидат за градоначалник во Феникс. Градоначалничката на Феникс има диплома од Харвард, ужива да пешачи, да чита, и е мајка на шестгодишниот син Мајкл. Сигурна во себе, одлучна и никогаш не дозволува да ја спречи каков било предизвик. Таа победи на своите први избори во 2018 година, откако штотуку се разведе и стана мајка. Но, лесно го освои својот втор мандат во 2020 година – со повеќе од 60 проценти од гласовите. 

„Кога ја донесов мојата одлука да се кандидирам, ниту еден од 15-те најголеми градови (во земјата) немаше жена-градоначалник“, вели таа за американскиот магазин „Гламур“.

„Морав да се запрашам зошто е тоа така. Кога ја носев одлуката, се погледнав во огледало и имав слика како мислам дека изгледа градоначалник“.

Под нејзино раководство градот Феникс беше домаќин на рекордната посетеност на познатото „Супер боул“ и шоуто на Ријана на полувремето. И додека е градот под нејзино раководство, во декември 2022 година таа изјавува:

„Претседателот Бајден и Тим Кук беа тука да објават дека мозокот на ајфоните ќе се произведува во Феникс. Ми се допаѓа што тоа е најсовремената технологија, одлична за американското производство и работните места со навистина високи плати“.

И покрај тоа што има дадено само неколку интервјуа, Галего во интервјуто за „Гламур“ реши да зборува за своите искуства и за тоа како нејзината приказна може да ги инспирира другите.

Поминувавте низ развод, на свет донесовте бебе и ги реализиравте амбициите за вашата кариера во исто време?

Беше многу голем предизвик да се балансира. Истата година го родив моето дете и се кандидирав за реизбор во градскиот совет, па се чувствував под притисок што побрзо да излезам во заедницата и да покажам дека сè уште сум на врвот. Имав многу емоции за релативно кратко време. Имав бебе, бракот заврши, а на мајка ми и беше дијагностициран рак на јајниците. Потребна е вистинска рамнотежа за да бидете сигурни дека не изложувате новороденче во сезоната на грип, додека во исто време ви недостигаат луѓето околу вас. Сакав поголема поддршка додека поминував низ најтешкиот период во мојот живот. И едноставно, имате многу време да седите дома и да размислувате, а тоа понекогаш е тешко.

Кејт Галего, градоначалничка на Феникс.

Кејт Галего, градоначалничка на Феникс.

Кој беше Вашиот најголем личен предизвик во Вашата кандидатура за градоначалник?

Бев во градскиот совет и тоа беше единствената работа што ја имав. Но, имаме закон во Аризона: треба да поднесете оставка на една владина позиција за да се кандидирате за нова, освен ако не сте во последната година од вашиот мандат, а јас не бев. Но, сега бев одговорна за мојот живот, мојот брак беше завршен и размислував дали да се откажам од приходите за нова работа. Немав резервен план. Да не бев градоначалник, што би работела? И затоа сакав да се уверам дека имам шанса да победам. Кога видов дека жените не беа особено успешни, ми се родија многу сомнежи. Дали беше возможно? Политиката не е за тоа што е фер, туку за тоа на кого гласачите му веруваат дека ќе го испорача ветеното. И затоа поминав премногу долго одлучувајќи. Првично им кажав на луѓето дека нема да се кандидирам со оглед на тоа дека бев среде развод и со бебе, што навистина ме врати назад. 

Што Ве спречи да верувате во себе?

Бев многу засрамена поради тоа што мојот брак заврши додека бев бремена. Веќе некое време се обидуваме да имаме бебе. Разводот се чувствуваше како неуспех, а потоа кога сфаќате и дека сте одговорен за нов живот, стануваше уште потешко. Поминав низ временски период кога навистина не сакав да бидам во јавност. Верувам дека како јавен службеник, важно е да бидете искрени и ранливи со луѓето на кои им служите. Може да биде тешко да се признае кога се мачите, но важно е да покажете дека сте човек и дека ги разбирате борбите на оние што ги претставувате. На крајот, научив дека е во ред да побараш помош и да се потпреш на другите кога ти треба. 

Дали сте се соочиле некогаш со прашања за кои мислевте дека луѓето никогаш нема да му ги постават на маж?

Бев во брак со конгресмен, имавме дете заедно, а потоа се разведовме. Сите ме прашуваа: „Ќе излезете ли од јавниот живот по ова? Ќе се фокусирате ли исклучиво на Вашето семејство?" Нему, никој не му го постави овие прашања. 

Градоначалничката на Феникс, Кејт Галего, со својот син.

Градоначалничката на Феникс, Кејт Галего, со својот син.

Како се снајдовте со мајчинството?

Моите родители беа во брак додека мајка ми не почина, па јас пораснав со идејата за стабилен брак како норма. Кога станав мајка, додека поминував низ развод, искрено беше малку шок. Дефинитивно не знаев што ме очекува. Но, тоа всушност за мене беше извор на сила. Како градоначалник, морам да донесам многу одлуки, а тоа што станав мајка во моментот ми даде непроценлива перспектива за предизвиците со кои се соочуваат многумина секој ден.

Како снајдовте во Вашата работа?

Состаноците ги правев од дома. Ќе се јавев, но одвреме-навреме го исклучував звукот на телефонот додека доев. Секогаш ќе го држам рекордот како првиот функционер избран во Градскиот совет на Феникс кој дои за време на состанок – а тоа беше пред времето на состаноците на Зум. Еднаш бебето ме касна додека се обидував да дојам и да одржам состанок на градскиот совет, па ми беше тешко да објаснам што се случува. Но, горда сум што ние, во градот Феникс, на 1 октомври 2022 година, започнавме многу дарежлива политика за платено отсуство. Тоа нѐ прави, мислам, еден од најконкурентните работодавци за родители во областа Феникс. Се надеваме дека ќе им олесниме на другите родители да ја изберат опцијата што најмногу им одговара.

Долго бевте во Градскиот совет. Дали се замислувавте отсекогаш во  градоначалничката функција или тоа беше нешто што се роди однатре?

На почетокот не изгледаше како нешто што е можно или достижно. И кога сте во Градскиот совет, или покрај градоначалникот на Феникс, или покрај другите градоначалници, почнувате да сфаќате, да, да, и јас би можел да го правам ова. Мислам дека е навистина добро луѓето, особено младите, да бидат околу избраните функционери и извршни директори за да видат дека сите сме нормални луѓе и дека се работи за ист тип луѓе кои се облекуваат на ист начин, јадат на ист начин како и сите нас. Тоа ви помага да видите дека е возможно и за вас.

Кејт Галего, градоначалничка на Феникс.

Кејт Галего, градоначалничка на Феникс.

На што најмногу се гордеете во однос на работата како градоначалничка?

Тука би сакала за момент да се вратам на мојата приказна. Ја купив мојата прва куќа на врвот на пазарот на недвижности во 2008 година во Феникс. Бев многу горда на себе и кога релативно млада, купив стан. Но, тогаш сведочев како огромен дел од она мало богатство што го имав испари кога пазарот крахира. Бевме многу силно погодени овде во Феникс и бевме многу зависни од индустријата за недвижнини. Она што се обидов да го направам во канцеларијата на градоначалникот е да изградам поразновидна економија со повисоки плати, за да не мора никој да помине низ она што поминаа толку многу луѓе, вклучително и јас, во Феникс, и за да бидеме поотпорни. Направив голем притисок за компаниите со чиста  технологија, а потоа и за технологијата со високи плати. Минатиот декември, претседателот Бајден и Тим Кук беа тука за да објават дека мозокот на ајфоните ќе се произведува во Феникс. Ми се допаѓа што тоа е најсовремената технологија, одлична за американското производство и што се работи за работни места со високи плати. Преку тој тип проекти се надевам дека ќе го направам Феникс многу посилен град.

Која е Вашата амбиција за во иднина? Кое е наследството што сакате да го оставите зад себе?

Убавата работа во тоа каде што сум сега е чувството дека сѐ повеќе и повеќе работи се возможни. Работи за кои никогаш не сум сонувала дека се достижни. Се надевам дека ќе завршам добра работа како градоначалничка и потоа можеби ќе имам можност да продолжам во јавна служба. Имав прекрасни примери, вклучувајќи го и гувернерот Наполитано, кој ми помогна да видам што е можно. Можеби само што почнувам токму сега.

Што би им порачале на младите жени што сонуваат за сопствената кариера или дури и да влезат во политиката?

Не чекајте вашиот личен живот да биде беспрекорен бидејќи никогаш нема да биде совршен. Реализирајте ја вашата цел, следете ги вашите соништа дури и ако не е штиклирана секоја точка, и тогаш кога не е разработен секој детаљ. Многу ми е мило што тргнав по моите соништа. Тоа беше апсолутно вистинската одлука, но си ја отежнав себеси со двоумења и мислејќи дека не можам да ги остварам.

извор Glamour.com

Image
Newsletter