Mакедонија од новиот претседавач со ЕУ очекува... Ова се најчестите наслови во медиумите секои јануари и јули веќе 20 години. Македонија во 2005 година доби кандидатски статус за членство во ЕУ. Оттогаш поминаа многу претседавачи со Унијата, некои повеќе, некои помалку наклонети кон нас.
Македонија имаше и неколку препораки од Европската комисија, која во извештаите препорачуваше дека земјата е подготвена за почеток на преговорите и топката ја префрлаше на Советот. И така две децении.
Европскиот совет, во кој членуваат претседателите и премиерите на земјите членки и кои одлучуваат со целосно мнозинство, речиси секојпат потврдуваа дека Македонија е подготвена за преговори, но оти мора да се најде решение за билатералниот спор.
Најпрво беше Грција, а сега е Бугарија. Да, две децении Македонија е блокирана поради прашања кои немаат врска со Копенхашките критериуми.
Копенхашките критериуми се основните услови утврдени на Европскиот совет во Копенхаген во 1993 година, кои земјите кандидати мора да ги исполнат за членство во Европската Унија. Тие вклучуваат стабилни демократски институции, владеење на правото, човекови права, функционална пазарна економија и способност за преземање на обврските од членството. Овие правила би требало да гарантираат стабилност и подготвеност за интеграција
Потоа, дојде Бугарија, која преку францускиот предлог кој стана европски, издејствува почеток на преговорите со уставни измени и внесување на Бугарите во Уставот. И тука кој било претседавач со ЕУ нема голема улога. Тоа е случајот и со актуелниот претседавач со ЕУ – Кипар.
Македонија и Кипар имаат скромни дипломатски односи. Кипар дури и нема дипломатско претставништво во земјава и нѐ покрива преку амбасадата во Србија.
Андреас Фотиу, амбасадор на Кипар во Македонија, за време на претставувањето на приоритетите на кипарското претседателство со Советот на Европската Унија истакна дека Македонија останува дел од процесот на проширување со Унијата.
Во своето обраќање истакна дека Западниот Балкан останува регион од стратешко значење за Европската Унија, но, сепак, посвети мал дел на интеграцијата на земјава во ЕУ.

Две децении Македонија е блокирана поради прашања кои немаат врска со копенхагенските критериуми.
„Вклученоста со Македонија ќе продолжи во рамките на една кредибилна, предвидлива и политика на проширување заснована на заслуги. Ќе гледаме кон продолжување на дијалогот и соработката со Македонија, да ги поддржуваме реформите, стабилноста и заедничката европска перспектива“, рече амбасадорот.
За време на претседавањето со Советот на Европската Унија од 1 јануари до 30 јуни 2026, Кипар постави повеќе стратешки приоритети со цел да ја зајакне улогата на ЕУ во безбедноста, економијата и глобалната политика.
Проширувањето со нови членки е на дното на приоритетите на кипарското претседателство. Кипар ќе се фокусира на автономија преку безбедност и одбрана, автономија преку конкурентност, отвореност кон светот, споделени вредности и преговори за буџетот за следната финансиска рамка на ЕУ.
Главни приоритети на кипарското претседавање се зајакнување на безбедноста и одбранбената подготвеност на ЕУ, поголема отпорност на кризи и закани, подобра координација во управувањето со миграцијата и цивилната заштита, јакнење на европската индустрија и внатрешниот пазар, развој на нови технологии, подобрување на енергетските мрежи, инвестиции во чиста енергија и нови технологии, справување со климатските промени, напредок во процесот на проширување со земјите кандидати, поддршка за Украина и за земјите од Западен Балкан, напредување на преговорите со кандидатите врз основа на нивните реформи.

Фотиу од Собранието- Западен Балкан останува од стратешко значење за ЕУ.
Најисточната членка на ЕУ претседава под слоганот „Автономна Европа, отворена кон светот“, што ја одразува целта ЕУ да биде посамостојна, но истовремено активна во глобалната политика.
„Автономна Унија е онаа што е силна одвнатре, способна, пред сè, да ги заштити своите граѓани, своите граници и своите интереси. Унија што е способна да создава партнерства и сојузи од позиција на сила, целосно свесна дека колку што е посилна, толку повредна станува за своите партнери. Унија што е свртена кон надвор и отворена кон светот“, рече кипарскиот претседател Христодулидес при презентирањето на програмата на претседателството.
Инаку, Република Кипар првпат го презеде претседателството со Советот во 2012 година, а тогаш Европската Унија се бореше да ги ограничи последиците од финансиската криза.

Кипар претседава под слоганот „Автономна Европа, отворена кон светот“.
Што знаеме за Кипар
Кипар е единствената поделена земја во Европската Унија чија меѓународно призната влада не ја контролира целата територија. На север, на една третина од островот, во 1974 година беше прогласена Турската Република Северен Кипар, која ја признава само Турција, чии војници сè уште се стационирани таму денес. Кипар е република со претседателски систем во кој претседателот на државата е и шеф на извршната власт.
Што значи земја претседавач на ЕУ
Тоа значи дека држава членка во период од шест месеци одреден период раководи со работата на Советот на ЕУ. Во превод, организира и координира состаноци на работа меѓу земјите членки, но и меѓу кандидатите за членство. Земјата претседавач ја претставува позицијата на Советот во разговори со Европскиот парламент и Европската комисија.
Македонија досега поминала многу земји што претседавале со Унијата. За најнаклонети кон Македонија можеме да ги сметаме Германија, Полска, Словенија и Хрватска. За време на претседавањето на Хрватска во 2020 година беше донесена одлука дека Македонија е подготвена да ги почне преговорите за членство, кое не се случи поради блокадата од Грција.
Мора да се знае дека претседавањето со Советот на ЕУ не гарантира решавање на проблемите на некоја членка со земја кандидат како Македонија со Грција, или сега со Бугарија, но многу помага да се одржува дијалогот и да се иницираат почести средби меѓу двете страни.
По Кипар – Ирска
По Кипар, кој претседава со Советот на Европската Унија до 30 јуни 2026, следната држава што ќе ја преземе ротирачката функција е Ирска.
Ирска традиционално е поддржувач на проширувањето, особено кон земјите од Западен Балкан. Некои аналитичари сметаат дека претседавањето на Ирска со Советот на Европската Унија во втората половина на 2026 година може да биде важно за евроинтеграцискиот процес на Македонија, затоа што Ирска е меѓу земјите членки што генерално имаат позитивен став кон проширувањето на ЕУ. Таа често нагласува дека интеграцијата на Западен Балкан е важна за стабилноста и за безбедноста на Европа.

