Градот во кој уште во минатото се вкрстувале културите, во денешно време е познат по вински туризам и гастрономија. Велес, кој се наоѓа во центарот на нашата земја, за туристите нуди голем број значајни вредности, како автентична архитектура, планински и езерски туризам, голем број цркви и манастири стари уште од 14 век. Овој град се наоѓа на одлична локација за одмор за гостите кои се движат кон соседна Грција, особено во летниот период. Градоначалник на Велес е Марко Колев, кој во интервју за Магазинот за туризам и менаџмент вели дека градот покрај одличната местоположба, го поседува и најголемото богатство, длабоката историја, од која потекнуваат бројни историски знаменитости. Во Велес може да се види спомен куќата на Рацин, Главинов, Народниот Музеј, Куќата на Касапови и Спомен-костурницата кои нудат навистина едно поинакво доживување.
За жал, со години сето ова било запоставено и не привлекувало многу посетители. Но, ние го привлековме вниманието кон овие објекти преку организирање фестивали, настани и колонии, а дополнително и со промената на раководството се трудиме да креираме стратегија и активности за зголемување на атрактивноста. Но, проблем е недостигот од кадар што ќе се грижи за објектите, а тоа е прашање кое се провлекува години наназад поради тоа што надлежните министерства не даваат согласност, за што искрено се надевам дека ќе ја увидат важноста и ќе го променат ставот.
Велес, градот кој е сместен во средиштето на Македонија, со богата историја, се смета за значаен во културниот туризам, град каде што може да се види автентична староградска инфраструктура. Овој град се смета дека има потенцијал за транзитен туризам, особено за оние туристи кои се движат од и кон нашиот јужен сосед Грција. Се ближи летната сезона, каде што бројот на туристи, особено од Србија ќе биде огромен. Дали имате стратегија како да ги привлечете, за време на транзитот, да направат краток или евентуално подолг одмор во вашиот град?
Токму така, Велес со својата историја и местоположба има огромен потенцијал за културен туризам. За жал, години наназад бил запоставен во оваа смисла на зборот и наша задача е да го направиме атрактивен. Во минатата година започнавме со обновување на згаснатите културни и спортски манифестации, но и со создавање нови, кои ќе привлечат публика од другите градови во Македонија и држави. Морам да признам дека ова беше навистина одлично прифатено од јавноста. Дополнително, изработуваме стратегија и дополнителни алатки кои на среден и на долг рок ќе придонесат Велес да биде навистина пример за транзитен туризам.
Езерото Младост е одлична можност за пауза, но нуди можност и за ручек или, пак, пикник. Колку ја користите оваа атрактивна локација за привлекување странски туристи?
Езерото Младост само по себе веќе е туристичка атракција, за што сведочат големата посетеност и полните локали, посебно за време на викенд. Гледајќи го потенцијалот, континуирано се инвестира во подобрување на условите, на патната инфраструктура и додавање нови содржини за оплеменување на просторот, кои ќе привлечат дополнително туристи.
Велес може да се пофали и со својата винска и гастрономска култура. Колку ги поттикнувате младите претприемачи да инвестираат и да донесат новини во овие гранки на стопанството?
Она што Велес како Општина и јас како градоначалник можеме да придонесеме во однос на ова прашање е инвестирање за развој на Општината и функционалност на општинските услуги со цел создавање подобри услови за претприемништво. Дополнително, во овој контекст е и обновувањето на Фестивалот на велешката пита и вино „Питијада“, каде што заинтересираните претприемачи од овие дејности може да се претстават пред бројните посетители.
Велес е градот каде што може да се види спомен куќата на Рацин, Главинов, Народниот музеј. Колку е историјата атрактивна и колку придонесува за зголемен број посетители?
Богатството на Велес се состои токму во многубројните историски знаменитости. Покрај наброените, тука се и Куќата на Касапови и Спомен-костурницата, кои нудат навистина едно поинакво доживување. За жал, со години сето ова било запоставено и не привлекувало многу посетители. Во изминатата година во повеќе наврати го привлековме вниманието кон овие објекти преку организирање фестивали, настани и колонии, а дополнително и со промената на раководството се трудиме да креираме стратегија и активности за зголемување на атрактивноста. Во оваа смисла, проблем е недостигот од кадар што ќе се грижи за објектите, а тоа е прашање што се провлекува години наназад поради тоа што надлежните министерства не даваат согласност. Искрено се надевам дека ќе ја увидат важноста и дека ќе го променат ставот.
Марко Колев, градоначалник на Општина Велес.
Инфраструктурата е клучна за привлекување странски туристи. Дали општинскиот буџет има доволно средства за трошење на предвидените проекти и кои се на вашата приоритетна листа?
Подобрувањето на патната инфраструктура е еден од клучните приоритети од почетокот на мојот мандат. За оваа година Општина Велес во својот буџет има издвоено 41 милиони денари за реконструкција на улици во урбаните, руралните и во сателитски населби, а постојано ги следиме и аплицираме на повиците од државните институции. Во изминатата година реконструиравме околу дваесетина улици, оваа година веќе на неколку се во тек градежни активности или, пак, се чекаат соодветни временски услови за да се започне, така што можам слободно да кажам дека активно и посветено се работи на подобрување на инфраструктурата.
Енергетската криза и понатаму е сериозен проблем во нашата земја. Дали успеавте да ја намалите потрошувачката на електрична енергија во институциите и во училиштата кои се под ингеренции на општината?
Енергетската криза силно ја погоди Општина Велес. Уште од првиот ден на мојот мандат, ова беше проблем кој остави сериозни импликации и направивме сѐ што можевме за да го олесниме ударот. Во оваа насока преку општествено одговорна компанија, обезбедивме проекти за речиси сите училишта во градот за поставување фотоволтаични панели за производство на електрична енергија за сопствени потреби, кои ги набавивме и ги поставивме во текот на минатата година.
Образованието е клучен столб на една држава. Но, условите во дел од училиштата се на ниско ниво, особено по малите населени места. Колку успевате да инвестирате во подобри услови во образовните институции?
Од почетокот на мојот мандат, направени се сериозни инвестиции во повеќе училишта. Обновена фасада, реконструиран кров, реновирани тоалети и училници, заменета столарија, реконструкција на спортски сали и терени, сето тоа е само дел од реализираните проекти низ училиштата со средства обезбедени од сопствен буџет, блок-дотации или аплицирани проекти.
Вие бевте претседател на советот на Вардарскиот плански регион, мандат кој трае една година. Во рамките на оваа организација се одржува и регионален саем за социјално претприемништво. Колку и каква помош и поддршка добиваат компаниите?
Целта на Центарот за развој на Вардарски плански регион, меѓу другото, е и поддршка на претпријатијата и помош при презентирање на нивните услуги. Еден од начините е одржувањето на регионалниот саем за социјално претприемништво и логистичка поддршка на компаниите, каде што социјалните претпријатија имаат можност да ги претстават своите производи или услуги, да се запознаат со потенцијални партнери, соработници, клиенти и поддржувачи со цел проширување на својот пласман и обезбедување дополнителна поддршка за раст и развој на своите претпријатија.
Загадувањето е голема грижа за секоја општина. Дали вршите инспекциски надзори за да се најдат евентуалните загадувачи на воздухот?
Општинските служби, како и останатите инспекциски служби, редовно излегуваат на терен на увид и понатаму постапуваат согласно своите надлежности, или алармираат до соодветните институции. Дополнително, преку донација обезбедивме 10 сензори за квалитет на воздух, кои ќе придонесат за истражување на градот, мапирање и дизајнирање, креирање план и имплементирање на сензорите за генерирање податоци и споделување на наодите.
Колев во својата работна канцеларија.
Дивоградбите се честа слика во нашата држава. Колку и како ги поттикнувате граѓаните да ги легализираат своите објекти и домови?
Од почетокот на мојот мандат, преку реорганизација и искористување на расположливиот човечки капитал во општината, сериозен акцент се стави на решавање на сите заостанати предмети за легализација на бесправно изградени објекти, кои со години биле запоставени. Во однос на актуелните предмети, има редовни контроли на терен со цел спречување вакви појави.
Како градоначалник, досега неколку пати споменавте дека остварувате средби со граѓаните и на терен ги согледувате нивните проблеми. Колку успевате да најдете решение?
Непосредната комуникација со граѓаните е од исклучителна важност за градење на општина по мерка на сите. Токму затоа, како практика воведовме отворен ден и речиси секоја среда граѓаните имаат можност да дојдат и да ги споделат своите проблеми и предлози. Меѓутоа, и секое излегување на терен е можност за средба и за разговор. Секое прашање адресирано до мене, а кое е во надлежност на општината, е решено од страна на општинската администрација. Меѓутоа, често пати кај мене доаѓаат граѓани со барања кои не се во моја надлежност и, за жал, не можам да им помогнам.
Маратоните и трките се повеќе од интересни за голем број граѓани. Воспоставивте Ноќна атлетска трка, која се одржуваше на 9 Ноември. Колку е оваа трка атрактивна за странски учесници и колку придонесува за развој на туризмот?
Токму така, оваа атлетска трка беше предвидена и првично организирана во рамки на одбележување на 9 Ноември. Меѓутоа, во консултација со организаторите и луѓе од областа, одлучивме дека е подобро да се премести поради временските услови, па така од минатата година, атлетската трка се одржува во рамки на Рациновите средби и е насловена како „Трчаме за Рацин“. Интересот беше огромен, и од возрасните професионалци и рекреативци, но и од најмалите, бидејќи за нив се организираше детска трка. Минатата година, покрај учесници од Македонија, атлетската трка привлече и учесници од соседна Србија.
Покрај атлетската трка, колку вложува општината во спортот и колку ги поттикнува граѓаните да спортуваат?
Мојот став е дека спортот е здравје, а инвестицијата во спортот значи инвестиција во здравјето. Покрај атлетската трка, ги поддржавме и првите Велешки спортски игри, кои четири дена беа вистински спортски спектакл во Велес, со многубројни учесници што се натпреваруваа во баскет, мал фудбал, одбојка на песок и тенис. Игрите предизвикаа масовна посетеност. Ја обновивме и Вардарската регата, го поддржавме Велешкиот пливачки маратон, одржавме и повеќе турнири, поддржавме спортски клубови и поединци, но најважно, инвестиравме во реконструкција на повеќе спортски терени и детски игралишта во Општината, со најсовремени подлоги и реквизити. Оваа практика ќе продолжи и оваа година, за што веќе се почнати административни процедури или градежни активности.