„Како локална самоуправа, оставени сме во услови на енергетска криза, сами да се справуваме со проблемите што се појавуваат. Не можам да се пофалам со некоја добра соработка со централната власт, затоа што пред сѐ, клучните проекти за кои работните активности треба да почнат од централната власт, не се случуваат. Таков е примерот со гасификацијата. Од страна на општината е завршена целата процедура и подготвени сме во секој момент да издвоиме средства од буџетот за оваа намена, но од страна на Владата, во чија надлежност е овој проект, сѐ уште нема конкретен чекор“, вели градоначалникот на Битола, Тони Коњановски во интервју за Магазинот за туризам и менаџмент.
Економската и енергетската криза и натаму косат. Високите сметки за греење се сериозен проблем како за граѓаните, така и за општините и за јавните претпријатија. Како успевате како градоначалник да ги менаџирате големите трошоци?
Затекнавме општина во која трошоците за електрична енергија беа навистина големи. Успеавме тој проблем да го надминеме, а дополнително со пренесувањето на уличното осветлување на ЈП Жабени, овозможивме заштеда на средства, за да може тие да се планираат и да се инвестираат во нови проекти за граѓаните, за подобра инфраструктура во Битола. Сепак, во овој дел ќе видиме како ќе се одвиваат понатаму работите и дали владината одлука ќе ги промени ваквите можности, што секако не би било од полза за Битола, но и за другите општини што функционираат на овој принцип.
Економската криза е навистина голем предизвик за сите нас, затоа што истовремено, треба да овозможиме подобри услови за граѓаните во сите области кои се во надлежност на локалната самоуправа, но и успешно да ги решаваме проблемите кои се појавуваат со зголемувањето на цените, а кои влијаат и врз набавките на општината и јавните претпријатија. Сепак, во вакви услови со добро менаџирање, успеваме да реализираме голем дел од нашите зацртани проекти, да овозможиме континуитет, но и да подготвиме проектна документација за реализација на нови проекти.
Така, минатата година ја завршивме со реконструирани дваесет улици од проектот за „Реконструкција, рехабилитација и изградба на 23 улици“, три се во постапка, а комплетно ги завршивме и отпочнатите пет улици што ги затекнавме со доаѓањето како нова локална самоуправа. Заедно со нашите соработници, уредивме повеќе детски паркови и спортски игралишта, субвенциониравме проекти за енергетска ефикасност на колективни згради, изработивме катастар на загадувачи, зелен катастар.
Конечно, по 23 години, општината започна со изработка на нов генерален урбанистички план, кој ќе одговори на современите потреби на градот, а во делот на економскиот развој на општината, во постапка сме на изготвување стратегија за локален економски развој, што е особено значајно при аплицирање за средства за реализација на проекти со поддршка од меѓународни фондови. Истовремено, работиме и на привлекување нови инвеститори во градот, што е посебно значајно за локалната економија и за подобрувањето на можностите за работа на нашите граѓани.
Неодамна најавивте дека индустриската зона Жабени е во големи долгови. Оваа индустриска зона е значајна како за Пелагонискиот Регион, така и за целата економија во државата. Каква е состојбата во моментов со индустриската зона?
Тука морам да напоменам дека, единствено општина Битола има индустриска зона со која управува локалната самоуправа, односно јавното претпријатие формирано за таа цел. Точно е дека, кога започнавме со работа, јавното претпријатие „Жабени“ беше во една состојба која ја загрозуваше неговата ликвидност. Сепак, со една добра деловна политика, успеавме да овозможиме функционалност на претпријатието и повторно да овозможиме продажба на дванаесет парцели во зоната на инвеститори од Германија и од Турција, за разлика од претходно, односно во изминатите четири години, кога не само што редовно не се сервисирале обврските, туку и не се работело на привлекување нови инвестиции. Општината, продолжува да овозможува поддршка на претпријатието, со цел негова непречена работа и постигнување високи резултати.
Колку компании има во моментов во индустриската зона ,,Жабени“ и колку работни места се отворени за жителите?
Во моментот, во индустриската зона „Жабени“, успешно работи германската фабрика „Кромберг и Шуберт“, која започна со работа во 2013 година, а денес вработува 5.300 граѓани. Соработката што ја имаме со фабриката е на многу високо ниво, а истата е значаен бенефит, како за Битола, така и за дел од општините од Пелагонискиот Регион. Покрај оваа компанија од автомобилската индустрија, во зоната работат уште две претпријатија, Спринг ДООЕЛ – домашна компанија за производство на пелети и преработка на дрво, и Конкрит солушнс – индустрија со бетон, која ангажира работници во одреден период, согласно потребите на процесот на работа. Верувам дека, во овој мандат, како локална самоуправа, ќе успееме да привлечеме и нови компании, кои ќе значат и нови работни места за нашите граѓани.
Како го оценувате работењето на институциите кои се под ингеренција на централната власт? Дали има Владата слух за помош и за реализација на некои клучни проекти за општина Битола?
Како локална самоуправа, оставени сме во услови на енергетска криза, сами да се справуваме со проблемите што се очекуваат или се појавуваат. Не можам да се пофалам со некоја добра соработка со централната власт, затоа што пред сѐ, клучните проекти за кои работните активности треба да почнат од централната власт, не се случуваат. Таков е примерот со гасификацијата. Од страна на општината е завршена целата процедура и подготвени сме во секој момент да издвоиме средства од буџетот за оваа намена, но од страна на Владата, во чија надлежност е овој проект, сѐ уште нема конкретен чекор. Во делот на образованието исто така, има недостиг од блок-дотациите.
Во врска со изградбата на детските градинки, очекувам дека министерството за труд и социјална политика, ќе ги испочитува одредбите согласно договорот за адаптација на детската градинка во просториите на Домот за доенчиња и мали деца, додека за другата градинка, во поранешната касарна, проблемите се надминати и во 2023 година, продолжуваме со изградба.
Во делот на соработката на локално ниво, немаме некои значајни проблеми, затоа што пред сѐ, како локална самоуправа, нашиот пристап, секогаш е насочен кон успешна реализација на потребите и на приоритетите, наспроти селективноста на „наши“ и на „ваши“ проекти. Не секогаш исто таков е и пристапот на централната власт, што дополнително влијае на одолговлекување на процесите.
На почеток на вашиот мандат, кога дојдовте на градоначалничката функција, се пожаливте на многу заостанати обврски од претходното раководство. Дали успеавте да ги завршите сите започнати проекти?
Тоа што секогаш го напоменувам, а е од особено значење за да може една општина да напредува, е нејзината отвореност за граѓаните и континуитетот и односот кон проектите како проекти на граѓаните и за граѓаните.
Во оваа насока, започнавме со работа од првиот ден, соочувајќи се и со бројни ситуации што не биле предвидени од претходното раководство, незавршени проекти и обврски од околу 209 милиони денари.
Но, за една година, задоволен сум што нашиот пристап ни овозможи да ги реализираме проектите за кои беше подготвена проектна документација, да ги исплатиме обврските, а тоа што ми потврдува дека се движиме во вистински правец е што успеавме да подготвивме 65 нови проекти во вредност од една милијарда денари. Ако кога дојдовме како ново раководство, имавме повеќе изготвени проектни документации, сигурен сум дека ќе имавме и многу поголема реализација. За оваа година, веќе воведуваме една нова динамика, од која резултатите, ќе бидат многу брзо видливи.
Општината, која некогаш беше затворена за граѓаните, сега има постојано достапни служби и градоначалник, како и отпочнат процес на дигитализација на услугите.
Во делот на инфраструктурата, согласно со програмите за комунални дејности и уредување на градежно земјиште и со развојната програма, во 2023 година, опфатени се 28 објекти, со кои се планирани изградба и реконструкција на улици, нови паркинг-простори и објекти од капитално значење во вкупна вредност од 7.2 милиони евра.
Имаме многу реконструирани улици и објекти, изградено паркови, но покрај овие проекти, и оваа година, продолжуваме со поддршка на културата, спортот, младите, меѓународната соработка и со реализацијата на проекти од програмите за прекугранична соработка.
Тони Коњановски во својата канцеларија.
Колку често остварувате средби со амбасадори од други земји и дали имате воспоставено соработка за заеднички проекти?
Амбасадорите се чести посетители на општина Битола, токму од причина што Битола навистина има што да понуди од повеќе аспекти. Исто така, Битола има 15 збратимени градови со кои ја одржува својата долгогодишна соработка. Во изминатата година, Битола ја посетија амбасадорот на Франција, со кој ја продлабочивме културната соработка и обезбедивме донација за противпожарната единица, амбасадорот на Јапонија, кој преку јапонската амбасада овозможи грант за клиничката болница во Битола, потоа разговаравме и договаравме идни активности и реализиравме заеднички настани и со амбасадорите на Германија, Шведска, Словенија, Романија, Кина, Турција, Унгарија, Полска, Хрватска. Со Грција и со Албанија, веќе имаме воспоставено прекугранична соработка и од соработката со Грција, во завршна фаза на реализација се проектите „Бенефит“ и „Зелен транспорт“, а од соработката со Албанија, започнавме со реализација на новиот проект „Smart4you2“. Во соработка со УСАИД, го започнавме проектот „Зајакнување на капацитетите за искористување на ресурсите“, во чии рамки ја изготвуваме и стратегијата за локален економски развој, за што разговаравме и со амбасадорката на Америка во земјава, која ја запознавме и со приоритетните проекти за кои изготвуваме документација. Во соработка со УНДП, го реализираме проектот „Reload 2“, со кој се зајакнува транспарентноста на општината при овозможувањето финансиска поддршка за реализација на проекти од страна на невладиниот сектор. Со амбасадорот Дејвид Гир, разговаравме за континуитетот на проектите што веќе се реализираат во општината со поддршка од европските фондови, како и за нашата идна соработка во делот на реализација на проекти од областа на енергетската ефикасност, животната средина и на други проекти. Очекувам дека, наскоро, ќе се реализира и она што го разгледувавме како можност за отворање на „Куќа на Европа“ во Битола. Секако, дека во целиот овој процес особено е важно и обезбедувањето одржливост на веќе реализираните инвестиции со поддршка од нашите европски и меѓународни соработници.
Битола може да се пофали со својата историја и култура. Тие се нејзиниот најпознат белег. Колку сте задоволни од бројот на туристи што го посетуваат градот?
Битола има големо културно историско наследство, кое во исто време претставува туристичка атракција, како и можност за одржување на различни културни настани, што пак е особено значајно и за економски напредок на општината. Токму затоа, изминатата година, воведовме повеќе нови концепти на организација на културни настани, а постојните ги надградивме, ги поддржавме и ги збогативме содржински. Така, со „Зимска приказна“, овозможивме предновогодишно раздвижување на три локации низ музичко-сценски настапи на повеќе изведувачи, низ 62 проекти, преку 300 часови активна програма, што привлече голем број гости на програмските активности, не само од Битола, туку и од соседните градови.
Битолското културно лето, изминатата година, беше уште еден пример како со добра културна понуда може да се постигне значаен ефект во економијата, туризмот, угостителството, особено по кризата со Корона-19. Офицерскиот дом во Битола беше центарот на случувањата на културните настани во Битола заедно со античкиот локалитет Хераклеја, и уште еднаш се потврди дека битолчани и Битола има со што да се покажат, да се пофалат и да се претстават пред домашната и пред странската публика. „Бит-фест 2022“ годинава привлече над 40.000 посетители, а се реализираа 140 настани од официјалната програма, меѓу кои девет фестивали, 64 музички концерти на класична, поп, рок, џез-музика, како и музика низ која се слушаше народниот мелос, 10 изложби, 25 филмски проекции, 20 театарски претстави, уметнички перформанси и други настани низ кои се промовираа културното наследство и традицијата на Битола.
Како град на првите сниматели на Балканот, локалната самоуправа, продолжува и со поддршка на Фестивалот „Браќа Манаки“, а во текот на годината, тука се и „Фестивалот на музика од светот“, програмата „Интерфест“ што ја организираме по повод одбележувањето на Денот на ослободувањето на градот. Сите овие настани, посебно за време на летните месеци, ги исполнуваат сместувачките капацитети и создаваат вистинска туристичка раздвиженост во Битола. Нашата тенденција е, преку организирана културна понуда, да ги привлечеме туристите да дојдат во Битола, но да создадеме и причини поради кои ќе останат во Битола на подолг престој.
Во оваа насока веќе постигнуваме резултати, што се потврдува и со зголемениот број туристи, но тоа значи дека ваквиот пристап континуирано треба да се збогатува и да се надградува, да се креира нова туристичка понуда, од која секако дека ефектите нема да изостанат.
Иселувањето е еден сериозен проблем со кој се соочува Македонија, а не е поштедена ниту една општина. Дали имате Вие како градоначалник стратегија како да ги задржите младите да останат и да работат во својот град или да се вратат во него?
Убаво уредена општина, со добра инфраструктура, која нуди добри можности за економски, културен, спортски и туристички развој, секако дека е најдобрата визија во која младите ќе можат да го пронајдат својот интерес, да останат и тука да работат и да ја градат својата иднина. Секако, дека и Битола, како и другите општини, се соочува со тој проблем на иселување на младите луѓе, но со сите активности кои ги преземаме, активно вклучувајќи ги младите во процесот на донесување одлуки и реализација на активности, насочени сме кон постигнување на главната цел: младите од Битола да продолжат да создаваат во својот град.
Бездомните кучиња се нерешлив проблем кој трае со години низ целата држава. Како се обидува вашата општина да најде решение?
Проблемот со бездомните животни е долгогодишен проблем, за кој за жал, ако се постапувало навремено, денес и последиците немаше да бидат од толкави размери, како во однос на граѓаните, опасноста од каснување, незгриженоста на бездомните животни, така и во однос на дополнителните реперкусии за општинскиот буџет.
Како локална самоуправа, првпат започнавме со преземање конкретни краткорочни и долгорочни мерки, кои сигурно ќе дадат резултати, но тука е и неопходната соработка со граѓаните, а секако и потребата од дополнителни финансиски средства, кои се обидуваме да ги обезбедиме за да може конечното решение да се заврши што поскоро. Го изготвивме проектот за прифатилиште за бездомни животни, кој е одобрен и од оваа година започнуваме со адаптација на постојниот објект и изградба на дополнителни содржини во функција на објектот, согласно проектната документација.
Но, до целосна изградба на прифатилиштето, спроведовме постапка за јавна набавка и согласно склучениот договор со економскиот оператор, во моментот се врши стручен третман на кучиња скитници и на нерегистрирани кучиња на територијата на општина Битола, со заловување на повеќе локации. Податоците за секое заловено куче се внесуваат во ветеринарно-информативниот систем, и на овој начин, се врши соодветен хуман третман на кучињата, но и заштита на населението, како од каснувања, така и од можноста за создавање средина што е потенцијален извор за пренесување одредени зоонози и паразитни заболувања. Отворивме телефонска линија, на која граѓаните можат да пријавуваат недозволено пуштање кучиња, за што интервенираат надлежните служби. Сето ова ќе доведе до решавање на проблемот што го имаме, но потребно е да помине време додека да ги завршиме сите овие активности, што верувам дека оваа година и ќе го направиме.
Како општина сте вклучени во проектот “Интеграција на зелен транспорт во градовите“. Со него се предвидува обезбедување на електрични комбиња и автомобили за четирите општини во регионот, меѓу кои е и Битола. Кажете ни колку ја чини општината овој проект?
Проектот „Интеграција на зелен транспорт во градовите” кој се имплементира преку ИПА прекуграничната програма со Република Грција 2014- 2020 е аплициран во 2016 година и истиот е класичен пример како треба во континуитет да се работи за успешно да се заврши една добра проектна идеја.
Резултатите од реализацијата се промоција на целите на проектот, обезбедување електрични комбиња и автомобили за четирите општини во регионот, изведба на фотоволтаични инсталации и станици за полнење електрични возила во четирите општини, комуникациски систем, одредување на оптимален распоред на рути итн.
Со реализацијата на проектните активности, Општина Битола, набави две електрични возила: едно комбе со 8+1 седиште и едно возило со 5 седишта како и соодветна комуникациска опрема со адекватен софтвер. Последната фаза од проектот вклучува пилот употреба и ставање во функција на комплетниот систем. Поставени се фотонапонски панели на кровот на Спортската сала „Боро Чурлевски“, и станица за полнење на електрични возила.
Вкупниот буџет на проектот вклучувајќи ги сите партнери изнесува 1.017.627,40 евра, од кои буџетот за општина Битола е 196.330 евра.
Општините Битола и Тетово очекуваат во најскоро време да започне изградбата на пречистителните станици за отпадни води и да се овозможи пречистување на фекалиите во овие два големи града. Колку ќе чини оваа инвестиција и што ќе значи таа за граѓаните?
По неуспешното спроведување во 2020 година, повторно се обновува постапката за проектот „Изградба на пречистителна станица и реконструкција и надградба на канализационата мрежа во Општина Битола“, со кој Битола треба да добие пречистителна станица со која е предвидено собирање и третирање на отпадните води во градот и во околината.
Вкупната вредност на овој проект кој е финансиран од Програмата ИПА 2, преку Секторот за заштита на животната средина и климатски промени изнесува 27,8 милиони евра. Со реализацијата на проектот ќе се реши проблемот со отпадните води кои во моментот се испуштаат во реката Драгор и Петтиот канал, како и излевањето на канализацијата на повеќе локации во градот.
Колку одвојувате време за проблемите на граѓаните? И колку често сте на терен да ги видите проблемите на само место?
Отворена и транспарентна општина, која секогаш ќе работи во интерес на граѓаните, беше нашето мото со кое започнавме да работиме. Така, во изминатата година, општината е целосно отворена за граѓаните, а јас како градоначалник, секојдневно имам средби со жители од урбаниот и руралниот дел од општината, кои се обраќаат за разни прашања и проблеми со кои се соочуваат, потоа со спортисти, културни работници, невладин сектор, бизнис сектор итн. Исто така, квартално, организираме отворени денови, со цел да овозможиме сите граѓани да дојдат, заеднички да побараме решение на одредени прашања или да иницираат проекти, кои во соработка со нашите служби ќе бидат разгледани или предвидени за реализација во општинските програми ако се определат како приоритети.
Дополнително, за да ги вклучиме граѓаните директно во сето она што го работиме и го преземаме, организираме буџетски форуми, јавни анкети и презентации, преку кои точно и прецизно се одредуваат приоритетните проекти.
Спортот е главна преокупација на голем дел од граѓаните во нашата држава, најмногу на младите. Колку вложувате во вашата општина во инфраструктура, за да им олесните на граѓаните да спортуваат?
Општина Битола, во согласност со програмата за спорт и млади, обезбедува финансиска поддршка за спортските клубови и здруженија, како и за индивидуалните спортисти, професионалниот спорт, женски спортски здруженија, училиштен спорт, универзитетскиот спорт, како и организација на спортски манифестации преку кои се промовира спортот и се поттикнува спортскиот дух кај младите. Согласно со оваа програма, годинава издвоивме 40.100.000,00 денари.
За прв пат, со оваа програма ќе се организира Спортско лето, циклус на рекреативни настани што ќе се одржуваат на отворено, и сите заинтересирани ќе имаат можност бесплатно да тренираат и да посетуваат школи за фудбал, кошарка, одбојка, ракомет, боречки спортови и друго, а ќе се реализираат и обуки за деца со попреченост. Целта на Спортското лето е преку рекреативниот спорт да му се овозможи на секој граѓанин согласно неговите потреби и можности активно да се вклучи во спортскиот живот на општината.
Општината, исто така, оваа година за првпат дава поддршка и за програмите, проектите и активностите со млади, како што е Локалниот младински совет, студентската практика итн., а започнуваме и со финансирање на Центарот за млади, место каде што ќе се подготвуваат и ќе се спроведуваат програми за подобрување на благосостојбата на младите, како и за развој на личниот, социјалниот и на професионален живот на младите. Во делот на спортските објекти и опрема, континуирано се работи на подобрување на условите за тренинг на спортистите.