Прогресивна Струмица – пример за планско и за систематско работење, подеднакво за сите граѓани
Образованието е од исклучителна важност за секоја една индивидуа, а особено за младите луѓе кои се идните столбови на заедницата. Како градоначалник на Општина Струмица, цврсто стојам на ставот дека учењето е мајка на знаењето и верувам дека инвестирањето во образованието е сериозна одговорност со која се поставуваат темелите за просперитетна и одржлива иднина. Во оваа насока, како Општина се залагаме за поддршка на учениците и на студентите преку различни иницијативи и признанија“, вели во интервју за Магазинот за туризам и менаџмент градоначалникот на општина Струмица, Костадин Костадинов. Тој ја потенцира и соработката со Универзитетот Скопје, партнерство што во практиката значи проширување на образовните можности за младите, бидејќи без учење, нема знаење, а без знаење, не може да зборуваме за прогрес.
Кога станавте градоначалник, најавивте програма во која акцентот го ставивте на тековните проблеми, но најавивте и нови проекти. Дали сте задоволни од сработеното? Колку пандемијата, која ја наметна и економската криза, беше „камен на сопнување“ за реализација на замисленото на половината од вашиот мандат?
На локалните избори ја добив мнозинската поддршка од граѓанките и од граѓаните на Општина Струмица, доминантно поради програмата со која се кандидирав за градоначалник. Тој стратешки документ го изработив во соработка со сериозна група луѓе, професионалци и соработници, врз реална основа и со конкретни активности, сѐ во правец на потребите на струмичани. Секако, земајќи ги предвид околностите, условите и кондицијата на Општина Струмица и секако, потенцијалите за развој кои ги увидов.
Денес, слободно можам да потенцирам дека планираните активности се реализираат согласно утврдената динамика и приоритети. Тука многу е важно да се потенцира фактот дека локалната самоуправа е жива материја и умешноста на секој градоначалник како менаџер е да се справува со сите предизвици и потреби, како за граѓаните, така и за целосната општинска инфраструктура.
На тој пат има многу отворени прашања, дилеми и секако проблеми кои треба да бидат решени, и тука нема дилема – мора да се борите за да ги постигнете зацртани планови од една страна и да успеете да ги задоволите потребите и барањата на жителите на Општина Струмица, од друга страна.
Силно верувам во постигнување рамнотежа помеѓу планираните, долгорочни, како и тековните, краткорочни активности за да се обезбеди одржлив раст и просперитет на локално ниво. Во таа смисла, сметам дека од суштинска важност е согледувањето на ад-хок барањата и потребите на жителите, како и решавање на тековните ситуации. Динамичната природа на работата бара брзо приспособување на акутните состојби и предизвици, непредвидени околности или итните работи што ги засегаат струмичани. Без разлика дали се работи за одговор на непогоди од природен карактер, како дождови или топлотен бран, економски флуктуации или социјални прашања, сметам дека е најважно да се биде агилен и да се реагира.
Исто така, за мене е важно да се гледа и надвор од општинските граници и затоа, важна е соработката и поддршката од меѓународните партнери на Општина Струмица. Преку воспоставување силни и долготрајни врски со колегите градоначалници и други претставници од различни земји, креираме можност за споделување знаење, иновативни идеи и заемна поддршка. Колаборативните иницијативи со меѓународен карактер ги отвораат вратите за можности за финансирање, за инвестирање и културни размени кои ја збогатуваат Општина Струмица. Плод на ова се и големиот број успешно реализирани проекти, меѓу кои „Струмица – паметен вело град“ проект со кој Струмица е првата македонска Општина која воведува нов и современ вид сообраќај со изградени велосипедски патеки по примерите на најразвиените градови во ЕУ, а обезбедуваме и субвенции за купување нови велосипеди. Изграден е првиот булеварски мост во историјата на Струмица „Обединување“ на реката Водочница. Овој мост е основата за реализација на уште поголем проект, изградбата на новиот булевар „Братство – единство“ со кој се добива ново грло во градот и нов пазар. Проектот е вреден 30 милиони денари, средства обезбедени од општинскиот буџет. Струмица доби нова детска градинка, младински центар, повеќенаменски спортски игралишта, првиот скејт-парк, реконструирани улици и патишта, инфраструктурно дополнување во градот и во населените места. Дел сме од глобалната заедница која се соочува со идентични предизвици – климатски промени, урбанизација, технолошки напредок. Размената на практиките и на научените лекции за мене се покажале како одличен начин, добро информиран да донесувам одлуки за стабилно чекорење на Струмица кон прогрес.
Костадинов помеѓу граѓаните.
Во Струмица сите сме исти, рековте на отворањето на првиот клуб за лица со Даунов синдром во земјава. Порака за поздравување со оглед на фактот дека малкумина имаат слух за лицата со посебни потреби. Како дојдовте до идејата и кои се првите реакции на вашите сограѓани?
Потенцирав дека работам плански и со реално подготвена програма која е фокусирана кон различни општествени целни групи. Второ, социјалната одговорност и инклузијата се вредности кои задолжително мора да бидат земени предвид кога станува збор за креирање политики, не само општински, туку и национални.
Лицата со атипичен развој се еднакви граѓанки и граѓани, кои во ниеден случај не може и не смее да бидат изолирани и ставени во друга категорија. Сите ние имаме еден живот и мора да го живееме максимално и во соодветни услови кои треба да одговараат на секој еден од нас. Токму во тој правец подготвивме проект за отворање клуб наменет за лицата со Даунов синдром. На овој начин, преку нивната интеграција низ различни активности кои ќе се реализираат во клубот, пред сѐ ќе поттикнеме зголемена социјализација и дружење и преку заедничка вклученост на лицата со и без пречки во развојот, ќе стимулираме инклузија, истовремено поттикнувајќи поголем развој и инволвираност на лицата со Даунов синдром во секојдневните активности, во различни сфери.
Проблемот со бездомните кучиња го има речиси секоја општина во земјава, но никако да се најде решение. Вие сте единствени кои работевте системски на проблемот. На кој начин Ви успеа да дојдете до финалното решение и да отворите стационар за нив?
Бездомните животни се отворено прашање во речиси сите урбани средни во нашата држава. Сведоци сме на децениски напори и усилби за решавање на нивниот статус, секако, со имплементација на хумани методи, како од национални органи и тела, така и од голем број активисти и доброволци.
Анализата на акутната состојба во Струмица ме натера да размислувам во правец на локално решение преку изградба на стационар за третман и згрижување бездомни животни. Во максимално брз рок, во соработка со група експерти и секако, врз основа мандатот кој го имам, денес со задоволство можам да кажам дека Струмица има модерен и високо функционален стационар во кој месечно се заловуваат и се третираат меѓу 70 и 80 животни.
Практиката во управувањето и од функционирањето на ЈП Стационар за бездомни кучиња „Лана“ покажа дека имплементацијата на ваквата методологија има сериозен успех во редуцирањето на бездомните животни. Само како илустрација и потврда на кажаното е фактот дека од стационарот услуги бараат голем број македонски општини, нешто што дополнително ме прави задоволен од одлуката да се направи ваков еден центар.
Костадинов со поддршка за невладините организации.
Преку програма на Владата за капитални дотации обезбедивте средства за изградба на Домот на културата во село Куклиш. Вашите колеги од опозицијата би констатирале дека е привилегија да се биде на местото градоначалник од партијата на власт. Што би им реплицирале?
Ја поздравувам одлуката на Министерството за култура што препозна сериозност и стратешки пристап во повеќето кандидирани проекти од Општините кои имаат национално значење. Дополнително, за пофалба е распределбата на буџетските средства според квалитет, а не според партиска припадност. Како што видов на заедничката средба при доделувањето на дотациите, на една иста маса седевме градоначалници од сите партии, факт кој укажува дека социјалдемократијата во практика мери квалитет, а не партиска определба.
Соработувате со повеќе невладини организации, а градот одвои средства за поддршка на нивните проекти. Кои проекти се од големо значење за вас и се приоритет за финансирање?
Изборот на проекти за финансирање се мери по два елементарни критериуми: реална потреба и квалитет. Во таа смисла, секогаш и без исклучок одлуките се носат врз основа на елементи во корелација со овие два параметри. Тука, сакам да потенцирам дека како општина сме отворени за соработка, но истовремено сакаме да овозможиме квалитет и вистински решенија за нашите жители.
Конкретно, интенцијата за интегрирање на граѓанскиот сектор во активностите на локално ниво резултираше со одвојување на околу 6 милиони денари од буџетот на Општината за 2023 година за вкупно 26 проектни иницијативи колку што беа пријавени по распишаните јавни повици. Сите проекти на невладините организации ги исполнуваа условите и се поддржани од општина Струмица. Тоа се проекти од трите програми за локален економски развој и туризам, социјална заштита и еднакви можности меѓу жените и мажите, кои се вклопуваат во општинските приоритети за оваа година и се во интерес на граѓаните.
Во оваа насока, верувам дека соработката со невладиниот сектор ќе продолжи и понатаму, а ги охрабрувам оние организации кои имаат проект од реален интерес за жителите на општина Струмица да изготват квалитетни проектни решенија и детални, конкретизирани предлози кои може да се имплементираат. Секако, ова не значи дека секој од проектите доаѓа во фаза на реализација, туку напротив, поминува низ процес на соодветна селекција.
Костадинов на терен.
Општина Струмица крена многу прав во јавноста со исфрлувањето на терминот родова еднаквост од документите со ваша поддршка, по што бевте жестоко нападнати од организациите што промовираат родови политики. Каков е вашиот став сега, очекувате ли и други општини да го следат потегот на Општина Струмица, како што веќе има најави?
Личниот став го потенцирав во неколку наврати и тој е непроменет. Јас сум градоначалник на сите жители на Општина Струмица, така е и така ќе биде сѐ додека ја имам довербата од моите сограѓани.
Ве осудија дека сте недемократ со тоа што ја забранивте соработката со оние организации кои јавно Ве нападнаа. Се сметате ли за недемократ?
Оценката за мојата работа, како за начинот на управувањето, така и за политиките кои ги креирам се проверуваат на два начина: на избори и тековно, со анкети. Свесен сум за предизвиците со кои се соочувам секојдневно, секако и за осудите и за нападите. Всушност, тоа вистинската демократија – кога е дозволено и постои можност јавно да се каже што се мисли и што се чувствува. Тоа право го има секој еден човек во системот во кој управувам со Општина Струмица. Инаку, сѐ спротивно би било диктатура и режим.
Кој е вашиот став за отворањето рудници во Струмичката Котлина? Граѓаните не сакаат рудници, но сѐ уште има обиди тие да бидат отворени. Што ќе направите за да им помогнете на граѓаните да го заштитат своето право на живот во чиста и здрава околина, за што, впрочем, имате и програма, а Вие истакнавте дека ви е многу битен сегмент?
Јас, како градоначалник на Општина Струмица, за жал, не можам да дадам никаква поддршка ниту да донесам каква било одлука во врска со проблематиката на концесиите на двата рудника кои гравитираат на територии на други локални самоуправи. Секако, во ваква една ситуација ја земам предвид народната поговорка дека „кога во туѓ двор мечка оро игра....“, и состојбата секако дека ја следам со должно внимание. Оттука, сакам да ги охрабрам сите инволвирани да го изнајдат оптималното решение со кое ќе бидат опфатени сите засегнати страни, секако, имајќи го предвид општото, јавно добро.
Задоволни ли сте од инфраструктурната поврзаност на Струмица? Што најмногу му недостига на градот?
Задоволен – да, со иницијативи и идеи за уште поинтензивен развој и прогрес на целата општина. Кога зборуваме за Струмица, на картата подеднакво ги гледам градот и населените места, без исклучок. Тоа е еден длабоко поврзан систем, како во дневно миграциска смисла, така и во социо-економска. Токму затоа, планирањето на Општината е интегрален процес каде што задолжително треба и мора да се внимава на секоја една населба.
Поврзаноста е клучен фактор и токму затоа сериозен дел од општинскиот буџет е наменет за развој и унапредување на оваа инфраструктура. Изградена е спортска сала во селото Муртино, се гради нов дом на културата во Куклиш, рехабилитирани се локални патни правци, асфалтирани се улици во неколку населени места, тампонирани се полски патишта, зголемен е опфатот во уредувањето на фекалната и на атмосферската канализација. Во моментов се реконструираат детските и спортските игралишта и парковите со средства од 10 милиони денари од општинскиот буџет во населените места.
Секако, планот и програмата се во редовна фаза на реализација, а во среднорочниот план акцентот е ставен на проектот за јавен екопревоз, прв од ваков вид во регионот. Со овој чекор, преку воведување целосно електричен јавен превоз, покрај планот за олеснување на секојдневното транзитирање во рамки на општината, размислуваме и долгорочно за позелена, еколошка Струмица.
Костадинов во поддршка на спортот во Струмица.
Што би сакале да направите за градот кога буџетот на општината би дозволувал, односно, кога Општината би имала доволно пари?
Желби имам многу, а онаа која доминира е Струмица да е прва општина во државата со целосно електричен јавен превоз и целосна реализација на досега најголемиот проект во општина Струмица за изградба на станбена населба со објекти за сместување на социјално загрозени семејства над градот во месноста „Чамлк“. На проектен опфат од 3,34 хектари ќе бидат изградени 100 типски куќи и ќе бидат создадени квалитетни услови за живот за жителите од долното и горното Турско Маало, со што никој нема да остане без покрив над главата. Секако, кога се има визија, целта полесно е достижна.
Универзитетот Скопје интензивно соработува со општините во Македонија. Колку стипендиите од Универзитетот се мотив за младите и талентирани ученици од Струмица да стекнат знаење и да се образуваат на оваа високообразовна институција?
Образованието е од исклучителна важност за секоја една индивидуа, а особено за младите луѓе кои се идните столбови на заедницата. Како градоначалник на Општина Струмица цврсто стојам на ставот дека учењето е мајка на знаењето и верувам дека инвестирањето во образованието е сериозна одговорност со која се поставуваат темелите за просперитетна и одржлива иднина. Во оваа насока, како Општина се залагаме за поддршка на учениците и студентите преку различни иницијативи и признанија.
Свесни сме за финансиските оптоварувања кои се често придружен фактор во изборот на високото образование и како резултат на тоа, преземаме активности кои ќе го направат образованието подостапно за заслужните и мотивирани студенти, без оглед на нивната економска заднина. На наше задоволство, соработуваме со образовни институции меѓу кои и Универзитетот Скопје. Во практиката, со ваквите партнерства ги проширивме образовните можности за нашата младина, обезбедувајќи пристап до поголем опсег на академски програми и специјализирани области на студии.
Преку имплементација на стратегијата која е фокусирана кон поддршка на образованието и третман на талентираните и надарени ученици, посветени сме да ги негуваме и да инвестираме во идните лидери на Струмица. Верувам во безграничниот потенцијал и способностите на младината и токму затоа, наша должност е да им ги обезбедиме алатките и можностите кои им се потребни за да процветаат. Затоа што без учење, нема знаење, а без знаење, не може да зборуваме за прогрес.
Струмица е град на Карневалот, Горан Пандев, Гоце Арнаудув. На многу музички и спортски таленти. Колку сте подготвени да издвојувате средства за нив и да ги поддржувате во кариерата?
Ако ме прашате лично, да, за мене културата и спортот се основниот мотор и главниот двигател во правец на промоција на секое едно општество. Само ако се запрашаме кои 10 имиња ви се први на ум, со голема сигурност тоа ќе бидат културни или спортисти работници. Ова треба да нѐ охрабри сите нас кои имаме мандат за управување, независно дали е тоа извршна или неизвршна власт, централна или локална. Спортот и посебно културата задолжително треба да имаат примат во распределбата на финансиите.
Ова е моја и девиза на Советот на Општина Струмица и токму затоа во рамки на приоритетите во корелација со можностите се издвојуваат материјални средства и се изнаоѓаат начини за нематеријална поддршка за сите струмички амбасадори кои под личниот потпис ја потпишуваат и Струмица.