Кратово – симбол на монетите, златото, мостовите и кулите

Кратово – симбол на монетите, златото, мостовите и кулите

Кратово е најстариот град на Балканот сместен во подножијето на Осоговските Планини, во стар вулкански кратер. Градот датира уште од 4-тиот век пред нашата ера. Кратискара, Кратис или Коритон – сите овие антички, римски и византиски називи посочуваат на малото рударско гратче кое денешното име го добило токму според местоположбата на градот во кратер на изгаснат вулкан. Стрмната местоположба ги натерала луѓето да бидат навистина креативни во градењето на своите куќи, па ова место може да се пофали со уникатна кратовска архитектура. Градот е познат по своите кули и мостови, кои се симбол на едно далеку подобро време во кое живееле жителите на Кратово. Тие зборуваат за богатото минато на градот бидејќи Кратово претставувал еден од главните рударски центри на Балканот во 17. век. Поради изобилството од рудни богатства и минерали, генерации и генерации во минатото тргувале со злато, сребро и со бакар. Во околината на Кратово и кратовско се пронајдени повеќе монети од времето на пајонскиот крал Адалјон (315 – 285 п.н.е.). Прославената кратовска пастрмајлија, пак, зборува и за гастрономското уживање што ве очекува во Кратово. Регионот околу градот е особено интересен поради подземните тунели, археолошките локалитети, манастирите, водопадите. Тоа е и тоа како плодна почва за туризмот за оние што сакаат од ова место да направат неизбежна дестинација за туристите.

Кулите во Кратово

Од сите средновековни кули во Кратово што ја раскажуваат историјата на градот, денеска се зачувани едвај шест кули. Кулите на прв поглед прилегаат на темни зандани, ѕидани од камен и малтер. Често биле напаѓани бидејќи во нив се ковало и се чувало злато и друга руда. Во нивната внатрешност можело да се издржи да се живее и неколку месеци под опсада. Долниот дел бил магацин за храна и облека, а по скалите нагоре, широките сводести простории биле со камини и клупи за седење.

За кулите е утврдено дека се градени во средниот век од тогашниот владетел на регионот, Костадин Дејановиќ. По битката на Марица во 1371 година, свесен за опасноста од Турците, сметал дека со изградба на еден одбранбен бедем од кули ќе може да го заштити населението, да даде достоен отпор и да го спаси самиот град. Според едни се верува дека биле подигнати 16, а според други 13 кули, една со друга поврзани во полукруг.

Саат-кулата во Кратово

Саат-кулата во Кратово се наоѓа на источниот агол од плоштадот во централното градско подрачје. Се претпоставува дека е изградена во доцниот среден век (веројатно во 1372 година), а во текот на османлискиот период, таму живееле богати турски бегови. Во рамките на кулата се наоѓа мала музејска поставка која го прикажува Кратово низ вековите. Покрај оваа изложба, тука е и поставката за Карпошовото востание. Часовникот на кулата одамна не е во функција и не постои никаков механизам за часовник внатре во кулата. Сепак, поради тоа што некогаш постоел механизам со часовник во самата кула, таа го добила и своето име. Кулата е ѕидана од клесан камен, кој што се вадел од околината на градот, а покривот е од камени плочи. Внатрешноста на кулите е поделена на 3 ката, од кои горните се со по еден балкон и одделенија за живеење.

Кулата на Емин-бег

Кулата на Емин-бег е висока 12,74 метри, а основата и е правоаголна со ширина од 6,10 метри. Вратата се наоѓа на јужната страна и е изведена од делкан камен. На кулата се забележуваат остатоци од проширувањата на страничните ѕидови. Може да се претпостави дека оваа кула можеби била споена со друг објект, кој подоцна бил срушен. На истиот ѕид десно од влезот на кулата во вид на рог е издадена пирамида, која преставува самостоен објект. Тоа било бања со тоалет. Кулата има три ката. Скалите се доста стрмни и се дрвени, а само на третиот кат се камени.

Златковата кула.

Златковата кула.

Златковата кула е најстара и најбогата

Оваа кула е изградена во 1365 година. Името го добила според нејзиниот последен сопственик, Ѓорги Златков. Тој ја купил ова кула од Асан Ефендија, според чие име дотогаш се нарекувала. Основата на кулата е правоаголна, изградена е од дебели камени ѕидови, висока е 5,90 и 6,35 метри. Кулата има три ката. Во неа се влегува со помош на подвижни скали. Под самиот праг на вратите се гледаат остатоци од камени греди и проширен ѕид на кој се поставувале подвижните скали. На југоисточниот ѕид се наоѓа длабнатина, која била бања со санитарен јазол. Кон последниот најгорен кат водат дрвени скали, каде што се влегува преку дрвена врата, која се затвора хоризонтално. Се претпоставува дека оваа кула е една од најстарите кратовски кули.

Подземни премини во Кратово. | Извор: Патувања низ Македонија

Подземни премини во Кратово. | Извор: Патувања низ Македонија

Тунелите во Кратово

Сите кули на двата брега од градот со тајни влезови биле подземно поврзани. Нивните жители можеле слободно, а незабележано да се движат. Најголемиот број од нив се уништени од забот на времето. До уништување дошло и кога голем број кратовски куќи во меѓувреме биле подигнати на нивните темели, но и врз тунелите. Имено, кога копале за да се изгради некоја куќа, се наидувало на тунел, но за да продолжи градбата, отворот се затрупувал, а со тоа и можноста да се истражи овој интересен дел од историјата на градот.

Подземните тунели во Кратово се едни од најголемите туристички атракции во Источна Македонија. Од нив, само два се отворени за посетителите. Едниот се наоѓа во склоп на ресторанот Александрија, а другиот е под Музејот на Кратово. Овие тунели се изградени во времето на Османлиите, со намена за полесно движење од една кула до друга, но и да се кријат монетите што биле ковани во кулите. Тунелот во кој може да се влезе од ресторанот Александрија е осветлен со сијалички откако сопственикот на ресторанот при реновирањето допрел до тунелите. Низ другиот отворен тунел тече вода и преминот лошо мириса, поради што ретко кој влегува во него. Се смета дека тунелската мрежа ги поврзувала не само кулите, туку овозможувала и таен излез кон Кратовска Река.

Чаршискиот мост.

Чаршискиот мост.

Мостовите во Кратово

Камените мостови се уште еден од симболите на Кратово. Некогаш биле 14, а денеска останале пет. Чаршиски бил оној што водел кон дуќаните, кои во времето на процутот на Кратово биле дури 350 на број. Овој мост стои на грбот на градот Кратово. Се нарекува и царски мост бидејќи според една легенда, кога султанот со придружбата бил во посета на Кратово, една старица побарала од него наместо нестабилниот гредоред, да изгради нов мост, па тој ѝ ја исполнил желбата.

Грофчанскиот мост, пак, е изграден во почетокот на 18. век од кратовската фамилија Грофчански, која се доселила од Мала Азија и била доста богата. Таа изградила и сарај до кој се стигнувало преку овој мост. Должината на мостот изнесува триесет, ширината четири, а висината осум метри. Тој водел кон најубавиот амам во Турската Империја, од кој денес жално ѕиркаат само неговите контури.

Тука е и Свински или Јоркширски мост наречен така во турското време бидејќи каурите само преку него ги терале свињите.

Убедливо најпознат мост во Кратово е Радин мост или Мостот на Хавзи-паша. Нема шанси да заминете од градот без да го видите и да ја чуете легендата за прочуениот Радин мост, кој отскокнува по својата импозантност, убавина и градителска умешност. Иако постојат повеќе легенди, најтрогателна е онаа за младата мајка Рада, најмалата невеста од деветмината тукашни браќа-каменоресци. Приказната раскажува дека сѐ што денски граделе, ноќе се уривало, па решиле да дадат жртва. Браќата се договориле чија невеста утредента прва ќе дојде да им донесе ручек, да ја соѕидаат во темелите. Со своето чедо на градите, Рада прва итала кон бедемите и била соѕидана во една од кулите, со молба што ѝ ја услишале браќата-мајстори, да остават отвор во ѕидот за да може да го дои своето чедо. Тој отвор, тврдат кратовчани, ако се загледа повнимателно, и денес е нем доказ дека е легендата вистина.

Кратовска архитектура.

Кратовска архитектура.

Староградска кратовска архитектура

Од секоја улица во Кратово ѕирка минатото, кое останало и кое никогаш нема намера да си замине. Кратово е изградено со типична староградска македонска архитектура. Во градбите се истакнува употребата на каменот и дрвото. Стреите и таваните биле украсувани со декоративни штички. Чардаците на секоја куќа се посебно обележје на кратовската куќа. Од чардакот зависел и обликот на куќата. Вратите на куќите се еден од најубавите и најобработени детали. Тие се еднокрилни или, пак, двокрилни. Во минатото секоја кратовска куќа имала бања за капење. Посебна просторија во куќата имала огниште, кое служело за загревање на просториите и за готвење храна.

Музејот на градот Кратово. | Извор: Хотел Кратис

Музејот на градот Кратово. | Извор: Хотел Кратис

Обновената Сарај-куќа во центарот на градот претставува еден од највпечатливите примери за староградската архитектура на куќа во Кратово и е прогласена за споменик на културата. Во неа се сместени Музејот на градот Кратово и Домот на култура „Лазар Софијанов“. Меѓу другите најпознати кратовски куќи со типична староградска архитектура се Бидиковата куќа (во руинирана состојба), куќата на „Гичев сокак“, куќата на Манасови, Шанчева (преуредена за туристички цели и издавање), куќата на Павел Шатев и други. Спомен-куќи кои се ставени во туристички цели, за жал нема. Постојат неколку куќи на кои се истакнати табли со натписи посветени на оние личности што живееле таму, а пред сѐ револуционери како Тошо Куковски, Јове Гичев, Царка и Иван Андреевски и други. Во овие куќи сѐ уште живеат луѓе, нивните потомци.

Чешмите во Кратово

Карактеристично за кратовскиот регион се средновековните чешми кои се среќаваат многу често. Тие го надополнуваат средновековниот амбиент во кој живее Кратово. Во минатото, од овие чешми сите граѓани и сите селани се снабдувале со вода за пиење и вода за останатите потреби во домаќинството. Овие чешми биле забележани и од страна на голем број патеписци во историјата. Овие чешми ги имало во сите маала и најчесто тие места ги претставувале, условно кажано, центрите на маалата.

Црква „Св. Јован“

Кратовчаните ја нарекуваат и женска црква. Се наоѓа недалеку од Радиниот мост и претставува прекрасна градба од левата страна на улицата „Јосиф Даскалов“. За црквата постојат податоци дека е спалена за време на Карпошовото востание, а подоцна обновена во 1836 година. Црквата „Св. Јован Претеча“ во Кратово ѝ припаѓа на групата авторски дела на градителската тајфа на Андреја Дамјанов. Дополнителна вредност ѝ дава и иконата на св. Ѓеоргиј Кратовски, кој е претставен во природна големина. Сребрените раце и ореоли се направени од кратовските ковачи и се верува дека имаат исцелителна моќ.

Некогашниот затвор. | Извор: Гладијатор Травел

Некогашниот затвор. | Извор: Гладијатор Травел

Шишперов ан – Турски затвор

Овој објект кој служел како ан, подоцна ја има функцијата на турски затвор. Се наоѓа веднаш на левиот брег на Табачка Река пред нејзиното спојување со Сарајска Река. Веднаш над затворот се наоѓа платото на Домот на културата и Музејот на градот Кратово. Оваа градба е реновирана и осветлена, но сѐ уште ѝ се нема дадено значење и туристички предзнак.

Вековните борови.

Вековните борови.

Двата бора во „Карши бавча“

Како доказ за природните елементи кои ја збогатуваат туристичката понуда на кратовскиот регион, во центарот на градот векуваат борови кои даваат импресивна глетка. Овие борови поточно се наоѓаат во природниот парк „Карши бавча“. Од вкупно 4 кои некогаш постоеле, денес се останати само два. Двата бора кои опстојуваат на ова тло повеќе од 6 века, претставуваат природна реткост во овој регион. Нивната височина е околу дваесетина метри, а обемот им е околу 140 сантиметри.

Вулканските бомби, Село Горно Кратово.

Вулканските бомби, Село Горно Кратово.

Вулканските бомби

Кратовската област е позната и по вулканските бомби, односно т.н. „лапили“ со вулканско потекло, кои биле исфрлани преку лавата на активните вулкани што постоеле во кратовско-злетовската област пред околу 20-30 милиони години. Тежината на овие бомби достигнува дури до 200 килограми. Всушност, вулканските бомби се камени топки со речиси совршена топчеста форма, кои се наоѓаат претежно во с. Горно Кратово на 4,5 километри од самиот градски центар.

Цоцев Камен. | Извор: Хотел Кратис

Цоцев Камен. | Извор: Хотел Кратис

Цоцев Камен

Цоцев Камен се наоѓа во атарот на селото Шопско Рударе. Денешниот облик, карпата го добила во последните неколку илјади години, главно со природна ерозија, а во одредена мерка и под директно или индиректно влијание на човекот. Самата карпа претставувала духовно светилиште, што е забележливо од многуте остатоци видливи и денес. Локалитетот Цоцев Камен (со напоредни називи Трон или Пешта) е вулканска карпа која во праисторијата се користела како мегалитска опсерваторија.

На стотина метри источно од Цоцев Камен, се наоѓаат мегалити кои служеле како сончеви и месечеви нишани. На врвот на карпата се наоѓа престол свртен на исток кон нишаните, од каде што може да се следи во која точка изгреваат Сонцето и Месечината и според тоа да се формира сончев календар.

Камените кукли.

Камените кукли.

Камени кукли – Куклици

На осум километри северозападно од градот Кратово, се наоѓа една од најубавите природни реткости во Северна Македонија, Куклици – уметничко дело на природата старо над 50 илјади години кое настанало од ерозија на меките вулкански карпи. Наречени се уште и земјени пирамиди. По завршувањето на вулканските ерупции и по повлекувањето на Славишкото и на Кумановското  Езеро, а токму на подрачјето на денешни Куклици, на дното на исушените басени почнала да се всекува Крива Река, која до висината на куклите се спуштила пред околу 20.000-10.000 години. Тогаш или малку подоцна, се создале поголеми наклони, се сменила вегетацијата, а поради влијанието на човекот, се зголемила ерозивноста, што условило постепено оголување на теренот и појавување на првите форми. Станува збор за околу 150 поединечни форми, „кукли“ вградени во вулкански карпи и високи од 4 до 10 метри. Пресметките покажуваат дека куклите ќе егзистираат уште неколку векови (500 – 700 години), а секое преземање на несоодветни зафати и активности, ќе го скрати овој период двојно или тројно.

Легендата за Куклици

За овој локалитет е поврзана и народна легенда која вели дека еднаш многу одамна некое момче требало да се ожени со една девојка, но наместо со неа тоа се оженило со друга. Кога несреќната девојка ги видела сватовите, кумот, невестата, младоженецот и останатите свадбари, фрлила клетва сите да се скаменат. Во тој момент сите се скамениле и до ден денес стојат скаменети. Од најголемо значење се куклите што се наоѓаат во средината и ги претставуваат младоженецот и невестата во прегратка со кумот и старосватот од страните.

Во геолошкиот резерват Куклици, најдени се фосилни остатоци од дендро-флора односно скаменети дрва. Ова му дава тежина на резерватот затоа што го прави еден од единствените три резервати во целиот свет (останатите два се во Кемниц и Лезбос во Грција).

Со цел да се зачуваат шопските обичаи во кратовското, село Куклица, секоја година се организира манифестација позната како „Шопска свадба“, која се одвива точно на локалитетот „Камени кукли“, позната уште како и „Весела свадба“. Оваа манифестација ги зачувува шопските традиции поврзани со свадбите.

Транупара.

Транупара.

Транупара – Големо Градиште, с. Коњух

Многу познато археолошко наоѓалиште во близина на Кратово е Транупара – Големо Градиште во селото Коњух. Овој археолошки локалитет, исто така, познат како „Големо Градиште“, бил основан кон крајот на V век или почетокот на VI век во провинцијата Дарданија во Источното Римско Царство.

Големо Градиште е најголемиот и досега најдобро истражен град од VI век од новата ера во североисточниот дел на Македонија. На овој интересен локалитет, има остатоци од уникатна црква наречена Ротонда.

Термоминалните води – потенцијал за бањски туризам

Во Кратовско постојат и поголем број извори на кисела и друга минерална вода. Така, на пример, во с. Живалево и во с. Тополовиќ оваа вода се експлоатира и пакувана се продава под брендот „Добра вода“. Фабриката за полнење се наоѓа во с. Вакуф.

Кај с. Тополовиќ, Кратовско, има појава на термоминерален извор наречен Вруќа Вода од кој излегува топла вода со температура од 48°C. Изворот има издашност од 12 литри во секунда. Водата потекнува од длабочина од 360 метри, има голема тврдина и значително количество на железо, сулфур и хидрокарбонат. Тоа нуди одлични можности за лекување на ревматски, кожни и други болести, рехабилитација, капење, превентивни третмани и друго. Во регионот има можности за откривање и на други термоминерални води со помош на дупчење, при што температурата на водата би зависела од длабочината на зафатот на вода.

Планината Плавица

Планината Плавица се наоѓа во непосредна близина на Кратово. Се протега во правец исток-запад и претставува краен западен дел на големиот планински масив Осогово. Оваа планина е богата со руда и има многубројни остатоци од стари рударски јами и окна. Во една од нив, според кажувањето на мештаните, имало фреска на која се нацртани свети Константин и Елена. Приказната е поврзана со подземните тунели што излегувале од Краличната кула – кулата на цар Константин и царицата Елена. Кулата денес не постои. Цар Константин и царица Елена имале ќерка Сара. Кога дошле Турците и ги притиснале, Сара ги фрлила клучевите и низ подземните ходници избегала со торбите злато. И денеска кружи приказната и се верува дека златниците на Сара се сè уште во подземните ходници и би можеле да се пронајдат. Така барем пишува во Стратегијата на Општина Кратово за привлекување туристи во овие краишта.

Image
Newsletter