ЌОСИЌ: Олимпискиот центар Јахорина е гордоста на Република Српска
Помладите генерации најверојатно не слушнале за градот Источно Сараево во БиХ, кој се наоѓа во ентитетот Република Српска. Општината Пале, која е во склоп на градот, е најблискиот град до скијачкиот центар „Јахорина“. Традиционално во Источно Сараево најатрактивна е зимската сезона, но има бројни понуди и за летниот период.
Како функционира овој град, дали има соработка со некоја македонска општина, какви инвестиции се случуваат во скијачкиот центар „Јахорина“, што прави градот за да привлече поголем број туристи, не само во зима, туку и во летниот период? На овие прашања првпат во интервју за нашиот медиум, одговара градоначалникот на Источно Сараево, Љубиша Ќосиќ.
Господине Ќосиќ, нагласувате дека сте првиот директно избран градоначалник на Источно Сараево. Што значи тоа, како се избираа претходно градоначалници?
За градоначалник на Источно Сараево бев избран на локалните избори на 15 ноември 2020 година, кога ја добив поддршката од 19.729 граѓани или 53,53 отсто од вкупно 36.859 важечки гласови. Тоа беше првпат градоначалник на Источно Сараево да се бира директно на избори за период од четири години. Претходно, градоначалниците беа избирани индиректно, во Градското собрание, со мнозинство гласови од советниците. Тоа практично значеше дека за градоначалник можеше да биде избран некој што немал доволно гласови да биде советник во собранието на една од општините во градот или, пак, бил кандидат за градоначалник на една од општините, а не бил избран.
Ова доведе до ситуација градоначалникот да биде некој што реално не уживаше доволна поддршка од граѓаните. Со префрлање на непосредни избори, жителите на Источно Сараево можеа да изберат личност на таа позиција што навистина ја поддржуваат, што му дава легитимитет на градоначалникот да ги спроведува политиките што ги застапува.
Дали сте Вие општина во Сараево или практично сте град во град?
Ништо од горенаведеното. Од крајот на војната во 1995 година, Босна и Херцеговина се состои од два ентитета (Република Српска и Федерацијата Босна и Херцеговина) и дистриктот Брчко, и три конститутивни нации – Срби, Бошњаци (поранешни Муслимани) и Хрвати.
Градот Источно Сараево е единица на локалната самоуправа во Република Српска и нема формално правен однос со Сараево што се наоѓа во Федерацијата Босна и Херцеговина.
На основа на одредбата на Уставот на Република Српска и Одлуката од конститутивната седница на Собранието на српскиот град Сараево, Советот на српскиот град Сараево на седницата одржана на 13 март 1993 година донесе одлука за организација на српски град Сараево за време на воена состојба или непосредна воена закана.
Градското подрачје тогаш го сочинуваа следните општини: Центар, Хаџиќи, Илиџа, Илијаш, Ново Сараево, Стари Град, Рајловац, Вогошќа и Трново.
По завршувањето на одбранбено-татковинската војна, односно со потпишувањето на Дејтонскиот мировен договор на кон крајот на 1995 година и територијалната поделба предизвикана со тој договор, нашиот град изгуби некои општини, кои припаѓаа на Федерацијата Босна и Херцеговина, додека некои општини од предвоено Сараево се поделени меѓу Република Српска и Федерацијата Босна и Херцеговина. Во февруари и март 1996 година, ова доведе до егзодус на повеќе од 120.000 Срби од Сараево, најголемиот регистриран мирновременски егзодус на еден народ во светот.
Голем број од тие луѓе се преселија во Република Српска, Србија, регионот и светот, а оние што останаа се населија на денешниот простор и почнаа да го создаваат овој град. На 2 април 1996 година, Народното собрание го донесе Законот за српскиот град Сараево, со кој името на градот се смени во Град Српско Сараево. Името на градот Српско Сараево, се користеше до септември 2004 година, кога Уставниот суд на БиХ, на барање на тогашниот висок претставник, донесе одлука со која ја укина придавката „српски“ од името на градот. Тогаш градот го добил сегашното име – Источно Сараево, а се состои од шест општини: Источно Ново Сараево, Источна Илиџа, Источен Стари Град, Трново, Пале и Соколац. Минатата година градот Источно Сараево одбележа значаен јубилеј – 30 години постоење, при што се разви во модерен град со 65.000 жители во споменатите шест градски општини. Источно Сараево е единствениот град во Република Српска што се состои од неколку општини и е најголем град во Републиката по површина. Зафаќа 1.425 квадратни километри и претставува економски, универзитетски, туристички, културен и спортски центар на источниот дел на Република Српска. Источно Сараево е еден од трите града во Република Српска кој бележи позитивно миграциско салдо и, по Бјелина и Бања Лука, има најголем број деловни субјекти и најголем број вработени. Тоа е место каде што луѓето сакаат да живеат, да работат и да подигаат семејство.
Љубиша Ќосиќ, градоначалник на Источно Сараево.
Неодамна беа отстранети таблите со натпис „Добредојдовте во Источно Сараево, градот со 157.000 Срби што мораа да го напуштат Сараево“. Дали ги вративте и на кого му пречат?
Се разбира, ги вративме таблите и тие ќе останат таму за потсетување дека по завршувањето на војната во Босна и Херцеговина, сараевските Срби мораа да напуштат делови од предвоено Сараево и самиот град Сараево, бидејќи таму не се чувствуваа безбедно. Градот Сараево, односно неговиот поголем дел, кој за време на војната беше под контрола на тогашната муслиманска влада, беше најголемото мачилиште на Србите во тие години во Босна и Херцеговина. Таму илјадници луѓе беа мачени, малтретирани и убиени само затоа што беа Срби, православни. Таблите им пречат на оние што ги извршиле тие злосторства и на оние што или ги поддржуваат или ги оправдуваат тие злосторства. Политички, Сараево се обидува да го задржи имиџот на жртва што беше изграден за време на војната во Босна и Херцеговина со помош на западните медиуми и секако ќе им пречи кога ќе ја претставиме вистината. Но, ние не обрнуваме внимание на тоа, вистината ја прикажуваме на секое место и во секоја можност, бидејќи тоа е единственото исправно нешто за доброто на идните генерации. Нашите деца не смеат да растат во лага, бидејќи ако се случи тоа, тогаш се создава основа за некои нови конфликти.
Дали имате соработка со градоначалничката на Сараево Бенјамина Кариќ?
Директна соработка меѓу мене како градоначалник во овој мандат и неа нема, но од тоа не бега Источно Сараево, само сакаме соработка што мора да биде на рамноправна основа. Источно Сараево никому не му пркоси, само ја брани својата позиција. Никој не може да очекува од нас да молчиме на речиси секојдневните негативни пораки кон Србите и кон Република Српска. Како што другата страна се бори за себе, така и ние се бориме за себе, и тоа е сосема легитимно. Но, злонамерни пораки како онаа дека граѓаните на источно Сараево преживуваат благодарение на Сараево и работите во Федерацијата Босна и Херцеговина не може да помине. Граѓаните на Источно Сараево кои работат во заеднички тела на Босна и Херцеговина, работат таму од квотата на Република Српска, а тоа нема апсолутно никаква врска со тоа што повеќето институции на Босна и Херцеговина се физички лоцирани во Сараево. Одредени институции на Босна и Херцеговина се наоѓаат во Мостар и во Бања Лука, па никој не вели дека Мостар или Бања Лука ги хранат нив. Оваа земја не може да биде земја на само еден народ: Кога политичко Сараево ќе го разбере тоа, тогаш можеме да продолжиме да живееме нормално. Соработката меѓу Источно Сараево и Сараево ќе биде диктирана од потребите на нашите граѓани. Ако е во интерес на граѓаните на Источно Сараево да реализираме некој заеднички проект, секако дека ќе го направиме тоа без никакви проблеми.
Македонската јавност многу малку знае како функционира локалната самоуправа во Босна и Херцеговина. Имате општини, кантони. Можете ли накратко да ни објасните?
Мислам дека објаснив во добра мера одговарајќи на претходните прашања. Босна и Херцеговина се состои од два ентитета, Република Српска и Федерацијата БиХ и Округот Брчко, кој има своја администрација, но во некоја смисла е во заедничка сопственост на Република Српска и Федерацијата БиХ. Република Српска има републиканско и градско/општинско ниво на власт, додека Федерацијата БиХ, покрај тие две нивоа, има и кантони како средно ниво на власт. Тоа е поради третата мнозинска нација во БиХ, односно Хрватите, кои се мнозинство во неколку кантони во Федерацијата БиХ и таму вршат власт која е сосема независна во однос на нивниот „чадор“. На ниво на Босна и Херцеговина, постојат таканаречени заеднички институции кои се пополнуваат од квотите на Република Српска и Федерацијата БиХ, односно луѓе „делегирани“ од Република Српска и Федерацијата БиХ. На пример, српскиот член на тричленото Претседателство на БиХ се избира на територијата на Република Српска и тој ја претставува Република Српска во Претседателството на БиХ. На територијата на Федерацијата БиХ се избираат хрватски и бошњачки членови на Претседателството на БиХ. Токму тука се јавуваат сериозни проблеми во практиката бидејќи мнозинството хрватски претставници се незадоволни од тоа што бошњачкиот електорат, поради поголем број гласачи, го избира „својот Хрват“ за хрватски член на Претседателството на БиХ. Затоа тие се согласуваат да го променат Изборниот закон на начин што ќе им гарантира на Хрватите дека мнозинскиот хрватски електорат го избира хрватскиот член на Претседателството, а не Бошњаците.
Љубиша Ќосиќ, градоначалник на Источно Сараево.
Неодамна беше Денот на Република Српска. Сметате ли дека Босна и Херцеговина може да опстане во оваа форма?
Да, секој 9 јануари го славиме Денот на Република Српска. Тоа е единствениот ден на Републиката што го посакуваме, го препознаваме и го поддржуваме. Босна и Херцеговина може да опстане само на оние конкретни принципи кои беа договорени во Дејтонскиот мировен договор и ние немаме проблем со тоа. Проблемот настанува затоа што бошњачките политички претставници сакаат Босна и Херцеговина да биде исклучиво под нивна контрола и прават се за тоа да се случи. На ова не се противат само Србите и Република Српска, туку и Хрватите и нивните политички претставници. Ако не се вратиме на првобитните принципи на Дејтонскиот мировен договор и ако бошњачките политички претставници продолжат со политиката на мајоризација на сите други, Босна и Херцеговина има сѐ помалку шанси да опстане.
Дали сте имале соработка со некоја општина од Македонија?
Како Град Источно Сараево, за жал, сè уште официјално немаме воспоставено соработка со ниту еден град или општина од Македонија. Секако, тоа не значи дека не сме расположени за тоа и дека таква соработка нема да се воспоставува во иднина, на обострано задоволство. Сакаме да ги прошириме нашите пријателства, особено во регионот, со цел да работиме заедно на проекти кои ќе бидат корисни за нашите локални заедници и граѓани.
Олимписки центар „Јахорина“. | Извор: Beogradski sajam
Минатата година беше потпишан договор меѓу скијачките центри „Маврово“ и „Јахорина“, кој е во ваша надлежност. Тоа значи дека со купениот ски-билет во „Маврово ресорт“ може да уживате и во убавината на „Олимпискиот центар Јахорина“. Дали го зголеми овој договор бројот на македонски туристи во Јахорина и обратно ?
Според некои мои информации – да, но за официјален одговор на ова прашање треба да се обратите до Олимпискиот центар „Јахорина“, кој не е во надлежност на градот. Негов мнозински сопственик е Владата на Република Српска. Ние и Олимпискиот центар „Јахорина“ имаме постојана и многу фер соработка што води кон истата цел, а тоа е развој на „Јахорина“ како најатрактивен скијачки центар во регионот и пошироко. Сигурен сум дека тоа ќе го препознаат и македонските туристи, на кои имаме што да им понудиме, а штом ќе дојдат кај нас, ќе дојдат уште многу пати повторно.
„Јахорина“ е препознатлива туристичка дестинација. Се зголемува ли бројот на туристи од година во година и што правите точно овој центар да биде интересен за туристите? Какви инвестиции се направени?
„Јахорина“ дефинитивно е туристичка дестинација број еден во Источно Сараево и многу се работи на подобрување на различните содржини на овој туристички центар. Владата на Република Српска издвојува значителни средства за развој на оваа дестинација, која секоја година привлекува сѐ поголем број луѓе. За зимската сезона 23/24 година има три нови скијачки патеки, што значи дека оваа олимписка убавица сега има околу 50 километри врвни скијачки патеки за алпско и за нордиско скијање. Има и нов парк за сноуборд, што е реткост во скијачките центри во Јужна Европа. Исто така, треба да се напомене дека огромен број скијачки патеки на Јахорина се осветлени, што го прави ноќното скијање сè попопуларно. Сепак, Јахорина не е само зимска туристичка дестинација. Оваа планина живее 365 дена во годината. Во летната сезона се истакнува планинскиот боб, т.н. „alpine coaster“, кој е еден од најдолгите во овој дел на Европа. Тука се и новите адреналински содржини, од парк на авантури до летна санкалница. Исто така, во 2023 година заедно со Здружението на хотелиери беше уредена пешачка патека во должина од 16 километри која минува низ најубавите делови на Јахорина и опфаќа планински отворени куќички, клупи за одмор, бројни погледи.
Што нуди овој центар, која е неговата предност во однос на другите зимски ски центри?
Јахорина се издвојува по добрата сообраќајна поврзаност, релативната близина на меѓународниот аеродром, туристичката понуда за сечиј вкус, луксузните хотели од светска класа, но и традиционалните сместувачки капацитети направени од трупци. Затоа, Јахорина е совршен спој на традиционалното и модерното – цена и квалитет. Овој ски-центар и понатаму е еден од најевтините во поширокиот регион, а неговата понуда и квалитет им парираат на светските ски-центри.
Олимписки центар „Јахорина“. | Извор: Beogradski sajam
Каква е летната туристичка понуда во Источно Сараево? Што можат да видат туристите во лето?
Источно Сараево е специфичен град, со огромна територија и бројни атракции. Иако овде традиционално најатрактивна е зимската сезона, ни летната сезона секако не е сиромашна. Бројните планини, од кои се издвојуваат Јахорина, Романија, Требевиќ, Равна планина и Трескавица, се вистински природни паркови полни со различни содржини. Имаме неколку сè попопуларни ферати (патеки за искачување), од кои најпозната е фератата Соколов пат на планината Романија, а неодамна помогнавме да се изгради и фератата на Трескавица. На Требевиќ има и помала виа-ферата, која ја заштитивме и ја прогласивме за парк на природата. Ова гарантира зачувување на нашата природа и заштита на ендемската флора и фауна. Бројни излетнички места, реки и извори, пешачки патеки и возење велосипеди, берење лековити растенија, лов, риболов. Сето тоа се активности кои источно Сараево ги нуди во лето. Покрај тоа, има бројни манифестации, концерти, урбани атракции, шеталишта, паркови, културни институции и споменици кои ја негуваат културата на традицијата и на меморијата.
Минатата година беше воспоставена авионската линија Скопје – Сараево. Колку придонесе оваа линија за заемно зголемување на бројот на туристите?
Источно Сараево е отворен град и како таков ја поддржува секоја нова форма на соработка, секое ново пријателство и секако, секој нов контакт. Воспоставувањето авиокомпании сигурно ќе биде заемно задоволително. Пристигнувањето им е олеснето на туристите, а тоа секако значи и поголем број туристи од двете страни.
Дали размислувате во иднина за поголема промоција на вашиот туристички потенцијал во Македонија, за да доаѓаат македонските туристи почесто кај вас?
Секако, да се настапува на нови пазари е еден од приоритетите и стратешките насоки кога станува збор за туризмот во Источно Сараево. Настапи на саеми за туризам, воспоставување врски со туристички агенции од Северна Македонија и насочени интернет и телевизиски кампањи на пазарот во Југоисточна Европа се нешто што решивме да го направиме. Имавме добри искуства во претходниот период. Постигната е добра соработка со речиси сите земји од регионот. Во источно Сараево забележително е зголемување на бројот на туристи кои доаѓаат од Србија, Хрватска, Унгарија, Црна Гора, а во последно време бележиме и зголемување на бројот на туристи од Романија, Грција и од Македонија. Се надевам дека оваа бројка во иднина ќе биде уште поголема и дека на наше заемно задоволство, ќе воспоставиме уште подобри односи.