Во ексклузивно интервју за Магазинот за туризам и менаџмент, Ками изјави дека Париз има договори за збратимување со 72 града од Европа. На македонските локални власти им порача да ги користат парите од фондовите на ЕУ за проекти и за инвестиции во општините. Во интервјуто, тој зборува и за јавниот превоз во европските метрополи и за проблемите со кои се соочуваат европските градоначалници.
Загадувањето на воздухот е главен проблем на сите држави и градови низ светот. Сите главни градови ветуваат решенија за проблемот што ги засега граѓаните, но резултатите доаѓаат многу бавно. Париз е еден од метрополите чии локални власти се обидуваат да најдат решение за да се подобри квалитетот на воздухот за граѓаните. Вие сте Специјален советник во Одделението за надворешни работи на Градот Париз, каде што за Градоначалник е реизбрана Ана Идалго во 2020 година. Дали може да ни откриете кои мерки ги преземате како локална власт за овој проблем?
Справувањето со загадувањето на воздухот е врвен приоритет за нашата локална администрација, но акцијата во овој домен треба да го вклучи целото урбано подрачје, не само Париз, бидејќи загадувачките честички се движат. Токму затоа, кога се случува врвот на загадувањето, државните органи носат мерки со кои се воведува наизменично движење на сообраќајот. Општината презеде чекори за да го промовира користењето на јавниот превоз и на велосипеди наместо автомобили. Инвестиравме 150 милиони евра во проширување на мрежата на велосипедските патеки, така што во градот има повеќе од 1000 километри велосипедски ленти. Една интересна работа е дека пандемијата со Ковид-19 ја поттикна употребата на велосипеди бидејќи луѓето сакаа да избегнат користење на преполн јавен превоз. Направени се 52 километри велосипедски патеки за време на рестрикциите, патеки што ќе останат и сега иако здравствените ограничувања се завршени. Друга многу значајна мерка е затворањето на бреговите на Сена за автомобилски сообраќај: ова неверојатно прекрасно место, кое е заштитено како светско наследство на УНЕСКО, сега е наменето само за пешачење, велосипедизам и други рекреативни активности. Но, ние сме заинтересирани да размениме идеи и искуства на оваа тема и со други странски земји, за да научиме или да го размениме нашето знаење со нив.
Депониите се поврзани со загадувањето и се еден од клучните причини за токсичните честички во воздухот. Земјите членки на Европската Унија бараат начин да ги намалат и да ги исчистат особено оние со хемиски и со медицински отпад. Како го решава Париз овој проблем?
Во Париз, управувањето со отпадот е во рацете на јавното тело наречено „Syctom“, кое работи во целата метропола. Секоја година „Syctom“ се грижи за 2 до 3 милиони тони отпад, кој се согорува на 3 различни локации. Претходно, на 6 различни локации, различните видови отпад се издвојуваат и се обработуваат. Со овие погони стопанисуваат приватни компании, кои се избрани преку тендерска процедура. И ништо од тоа не се прави на отворено. Фабриката во Иси ле Мулино е сместена под земја. Друг интересен факт е дека во Париз, само 7% од отпадот се складира под земја откако ќе се обработи, во споредба со просечните 30% на национално ниво. Сакаме да го користиме отпадот за производство на енергија и да го избегнеме долгорочното негативно влијание на подземните залихи. Патем, ,,Syctom“ е вклучен во меѓународна соработка. Што се однесува до хемискиот или до медицинскиот отпад, тие припаѓаат во категоријата „опасен отпад“ во согласност со одредбите на специфичното државно законодавство усвоено во 2008 година. Со нив се занимаваат специфични јавни агенции под надзор на регионот Ил де Франс (медицински отпад) или државата (радиоактивен отпад). ,,Syctom“ се грижи за хемискиот отпад што го користеле приватни лица, како што се искористени батерии, бои, домашен гас, градинарски производи. Хемискиот отпад што се користи од страна на професионалци и компании, се обработува според специфична легислатива, на специфични локации што не се под надзор на градот.
Syctom
Какво влијание имаше панедимајат со Ковид-19 врз Париз? Дали мислите дека може да се врати животот во нормала за брзо време?
Животот во моментов е нормален. Од 16 мај, носењето маска во јавниот превоз не е задолжително. Туристите се враќаат. Оние од Азија се враќаат со побавно темпо бидејќи некои земји сè уште имаат ограничувања за патување во странство, но состојбата со туристите од Северна и од Јужна Америка, како и од Европа, дефинитивно се враќа во нормалата. Тоа не значи дека пандемијата е завршена. Сѐ уште дозволуваме луѓето да работат од дома преку компјутер барем неколку дена во неделата. Работењето на растојание е веројатно најголемата промена што се случи во текот на пандемијата. Оваа навика веројатно ќе продолжи и ќе стане општоприфатен начин на работа.
Метро во Париз | извор:descubriparis.com
Јавниот превоз во Скопје е сериозен проблем. Во градот има премногу коли, а недоволно јавен превоз. Според Ваше мислење, кој би бил најбрзниот начин да се најде решение за овој проблем?
Не би сакал јас да бидам тој што ви кажува што да правите, но од моето секојдневно искуство во Париз, клучот е добра мрежа на јавен превоз. Ние имаме метро, автобуси и трамваи што се движат по кружни линии низ целиот град. Многу работодавци на својот персонал му покриваат половина од трошоците за месечен билет за јавен превоз, па така луѓето немаат голем интерес секојдневно да ги користат автомобилите. Имаме брзи ленти за автобуси и за такси, што исто така поттикнува да се користи јавниот превоз. Се разбира, неопходно е да се има и добра мрежа на станици за изнајмување „слободни“ велосипеди.
Престојувавте во Скопје неколку дена. Кое е Вашето мислење за Скопје и каква оценка би дале за градот?
Во Скопје во еден наврат останав една ноќ во времето на комунизмот. Денес заслужува да биде на туристичкиот пазар. Летот преку Загреб е доста едноставен, но, сепак, колку повеќе директни летови имате до европските метрополи, толку повеќе туристи ќе добиете. Ова е убав град со многу добри хотели и ресторани што ги исполнуваат највисоките стандарди и одлично место да се почне одморот во Македонија пред да се тргне во откривање на Охрид и на други места во земјата. Луѓето се многу пријателски расположени, и ако успеете да работите на подобро брендирање, сигурен сум дека ќе наидете на интерес кај туристите во Западна Европа, кои се уморни од преполните дестинации и бараат нови откритија.
Дали може да споменете некоја стретегија која Македонија треба да ја спроведе за да привлече што повеќе туристи?
Направете сѐ што ќе им олесни на туристите да ја лоцираат Македонија на картата на Европа. Истакнете го фактот дека постојат посебен македонски идентитет, историја и јазик. Вие не сте само „земја на Балканот“. Недостигаат кратки (и поголеми) книги на англиски јазик посветени на историјата на Македонија. Многу туристи сакаат да прочитаат за земјата пред да се упатат кон неа.
Големо браво за ефикасната организација на Форумот и великодушната гостопримливост на целиот персонал, од ректорот до преведувачите. Ѝ благодарам и на вашата градоначалничка, Данела Арсовска, што издвои време за кратка приватна работна средба. Сите вие сте многу љубезни кон вашите гости, па со нетрпение очекувам да присуствувам на следната конференција.
Каква порака упативте на Форумот што го организираше УТМС?
Мојата порака е браво за ефикасната организација на Форумот и великодушната гостопримливост на целиот персонал, од ректорот до преведувачите. Ѝ благодарам и на вашата градоначалничка, Данела Арсовска, што издвои време за кратка приватна работна средба. Сите вие сте многу љубезни кон вашите гости, па со нетрпение очекувам да присуствувам на следната конференција.
Колку е тешко да се биде специјален советник во Одделението за надворешни работи во Градот Париз?
Не е тешко, тоа е прекрасна, исполнета работа. Редовно организираме средби со градоначалници, па дури и со шефови на држави, така што има многу предности оваа работа. Средби со луѓе што ја создаваат историјата на својот град или земја. Воедно, горд сум што ги бранам вредностите на европската интеграција, човековите права, владеењето на правото и прогресивната визија на општеството.
Париз, домаќин на Олимписките игри во 2014 година | извор: descuriparis.com
Кои се главните задачи на кои работите сега во локалната власт?
Имаме еден врвен приоритет: Олимпијадата во 2024 година. Тоа е искуство што се доживува само еднаш во животот и е личен предизвик за мене бидејќи мојот татко е најстариот жив член на француската делегација од Олимписките игри во 1952 и во 1956 година, па затоа сакам да дадам сѐ од себе да придонесам ова да биде одличен настан. Да се спроведе во сигурни услови за сите што ќе присуствуваат и да им се даде можност, дури и на „помалите“ земји, да ја искористат приликата на игрите да привлечат внимание.
Дали претходно сте работеле во администрација или ова е Ваше прво искуство?
Поголемиот дел од мојата кариера ја поминав во јавната администрација. Претходно работев 10 години во приватниот сектор за развој на недвижности и земјиште, потоа 3 години како раководител за комуникации, односи со јавноста и финансирање во Централното тело на француската еврејска заедница, кое имаше 1.000 вработени.
Колку часови поминувате на Вашето работно место?
Мојот типичен работен ден почнува во 9 часот а завршува во 19 часот, но меѓународната агенда и неочекуваните настани секогаш го менуваат мојот распоред, што ја прави работата и напорна и многу благородна.
Како го поминувате Вашето слободно време? Дали сте често дома за време на викендите?
Поголемиот дел од моето слободно време го поминувам во градови далеку од Париз или во странство, а тоа е кога сум поканет да подучувам или да држам предавања во мојот „друг живот“ како академик од областа на политичките науки. Пишувам и академски статии и книги.